Денот кој „гори како печка“
„Ете, ќе настапи ден, кој гори како печка“ (МАЛАХИЈА 4:1).
1. Кои прашања се појавуваат во врска со Малахија 4:1?
ВО ТЕКОТ на овие последни денови, среќни се оние чиишто имиња ги одбира Јехова за да ги запише во својата книга на сеќавање. Но, што ќе се случи со оние кои пропуштаат да ги исполнат условите за таа предност? Без оглед дали се владетели или обични луѓе, како ќе поминат ако со пораката за Божјето Царство и со нејзините објавители постапуваат со презир? Малахија зборува за денот на пресметка. Во 4. поглавје, 1. стих, читаме: „Зашто, ете, ќе настапи ден, кој гори како печка; тогаш сите горди и оние, кои постапуваат нечесно, ќе бидат како слама, и ќе ги изгори денот што иде, вели Господ Саваот; и така, нема да остане од нив ни корен, ниту гранчиња“.
2. Каков сликовит опис на Јеховиното судење дал Језекиил?
2 И други пророци го споредуваат Јеховиното судење на нациите со нескротливата жештина на една печка. Колку само соодветно се применува Језекиил 22:19-22 на Божјето судење на сектите на отпадничкиот христијански свет! Таму читаме: „Така вели Господ Бог: ‚Бидејќи сите вие станавте згура, затоа, еве, Јас ќе ве соберам . . . Како што во печка ги ставаат заедно среброто, бакарот, железото, оловото и калајот, за да раздуваат врз нив оган и да ги растопат, така во гневот Свој и во јароста Своја ќе ве кутнам, ќе ве ставам и ќе ве растопам. Ќе ве соберам и ќе дувнам врз вас оган од Моето негодување и ќе се растопите во него; како среброто што се топи во печката, така ќе се растопите и вие и ќе познаете, дека Јас сум Господ, Кој ја излева јароста Своја врз вас‘“.
3, 4. а) Какви лицемерни изјави дало свештенството? б) Која е валканата биографија на религијата?
3 Силна илустрација, нема што! Свештенството, кое пронашло начини да не го употребува Јеховиното име, па дури и хули на тоа свето име, мора да се соочи со денот на пресметка. Истото тоа дрско свештенство тврди дека со своите политички сојузници ќе го воспостави Царството на Бог на Земјата или барем ќе ја направи Земјата едно прикладно место за него.
4 Отпадничкиот христијански свет им се придружил на политичките владетели во водењето на ужасни војни. Историјата ги забележала Крстоносните војни од средниот век, принудните преобраќања од страна на Шпанската инквизиција, Триесетгодишната војна која ја десеткувала Европа во XVII век, како и Шпанската граѓанска војна од 1930-тите, која се водеше за да се заштити католицизмот во Шпанија. Но, најголемото крвопролевање настапи во овој век, со двете светски војни, кога католици и протестанти се впуштија во неограничено, беспоштедно колење на верници од својата, како и од другите религии. Во поново време, водени се убиствени борби меѓу католиците и протестантите во Ирска, меѓу религиозните фракции во Индија, како и меѓу религиозните групи во поранешна Југославија. Страниците на религиозната историја се исто така испрскани со крв од маченичката смрт на илјадници верни сведоци на Јехова (Откровение 6:9, 10).
5. Каква пресуда ја чека лажната религија?
5 Без многу мислење можеме да ја сфатиме праведноста на Јеховиното претстојно погубување на Големиот Вавилон, светското царство на лажната религија, сосе неговите поддржувачи. Ова погубување е опишано во Откровение 18:21, 24: „Тогаш еден силен ангел подигна еден камен, голем како воденички, па го фрли во морето и рече: ‚Со такво бучење ќе биде сринат Вавилон, големиот град, и ќе го нема веќе!‘ И во него се најде крв на пророци и светии, а и на сите што беа избиени на земјата“.
6. а) Кој мора да стане како слама, и зошто? б) Каква гаранција имаат оние што се плашат од Јехова?
6 Со текот на времето, сите непријатели на праведноста, заедно со своите приврзаници, мора да станат „како слама“. Јеховиниот ден ќе гори меѓу нив како печка. „Нема да остане од нив ни корен, ниту гранчиња.“ Во тој ден на пресметка, со малите деца, односно со гранчињата, со полно право ќе се постапува според Божјата проценка на нивните корени, односно нивните родители кои ги одгледуваат. Злите родители нема да имаат потомство кое ќе го одржи нивниот зол начин на живот. Но оние кои покажуваат вера во ветувањата на Божјето Царство нема да бидат повредени. Затоа, Евреите 12:28, 29 предупредува: „Да ја пазиме благодатта, со која ќе Му служиме на Бога благоугодно со почит и во страв, бидејќи нашиот Бог е оган, што изгорува“.
Дали е Јехова суров Бог?
7. Како е вклучена Јеховината љубов во неговото судење?
7 Значи ли ова дека Јехова е суров, осветољубив Бог? Далеку од тоа! Во 1. Јованово 4:8, апостолот наведува една суштествена вистина: „Бог е љубов“. Потоа, во 16. стих става додатен нагласок, велејќи: „Бог [е] љубов, и . . . оној, кој пребива во љубовта, пребива во Бога, и Бог — во него“. Токму поради својата љубов кон човештвото Јехова има намера да ја очисти Земјата од сето зло. Нашиот полн со љубов, милосрден Бог изјавува: „Жив сум Јас . . . Јас не ја сакам смртта на грешникот, туку грешникот да се одврати од својот пат и да остане жив. Вратете се, вратете се од вашите лоши патишта; зошто да умирате?“ (Језекиил 33:11).
8. Како ја нагласил Јован љубовта, иако самиот тој е опишан како син на громот?
8 На агапе́, односно на начелната љубов, Јован се осврнува многу почесто отколку писателите на трите евангелија заедно, иако во Марко 3:17 самиот Јован е опишан како ‚син на громот‘. Под Јеховина инспирација, овој син на громот ги запишал апокалиптичните пораки на последната библиска книга, Откровение, која го опишува Јехова како Бог кој спроведува правда. Оваа книга е полна со изрази на судење, како што се „големата каца на Божјиот гнев“, „седумте чаши со гневот Божји“ и „гневот на Бога Седржителот“ (Откровение 14:19; 16:1; 19:15).
9. Како ги изразил Исус Јеховините пресуди и како биле исполнети неговите пророштва?
9 Нашиот Господ Исус Христос, „Кој е образ на невидливиот Бог“, храбро ги објавил Јеховините пресуди кога бил на Земјата (Колосјаните 1:15). На пример, во Матеј 23. поглавје е запишано дека на религиозните лицемери од негово време отворено им рекол тешко вам, и тоа седумпати. Својата неповолна пресуда ја завршил со зборовите: „Ерусалиме, Ерусалиме, што ги убиваш пророците и со камења ги засипуваш испратените при тебе! Колкупати сакав да ги соберам чедата твои, како кокошка што ги собира пилињата свои под крилја, а вие нејќевте. Ете, ви се остава вашиот дом пуст“. Триесет и седум години подоцна, пресудата била извршена преку римските војски под водство на генерал Тит. Тоа било страшен ден, пророчка претслика за она што ќе биде најстрашниот ден во целокупното искуство на човештвото — Јеховиниот ден, кој наскоро ќе избувне.
„Сонцето“ свети
10. Како го радува Божјиот народ „сонцето на правдата“?
10 Јехова става на знаење дека ќе има преживеани во неговиот ден. На нив се осврнува во Малахија 4:2, кога вели: „А за вас, кои се боите од името Мое, ќе изгрее сонцето на правдата, и исцеление ќе има во зраците негови“. Тоа сонце на правдата не е ништо друго освен самиот Исус Христос. Тој е духовната „Светлина на светот“ (Јован 8:12). Како свети тој? Со тоа што се подига со исцеление во зраците свои — прво, духовно исцеление, кое можеме да го доживееме уште денес, а потоа, во новиот свет што доаѓа, физичко исцелување на луѓе од сите народи (Матеј 4:23; Откровение 22:1, 2). Во преносна смисла, како што рекол Малахија, исцелените поединци ‚ќе излезат и ќе се разиграат како нахранети теленца‘ штотуку пуштени од штала. Каква само радост ќе доживеат и воскреснатите поединци, подигнати со изглед да постигнат човечка совршеност!
11, 12. а) Што ги чека злите? б) На кој начин Божјиот народ ‚ќе ги гази нечестивите‘?
11 Меѓутоа, што ќе се случи со злите? Во Малахија 4:3, читаме: „Ќе ги газите нечестивите, оти тие ќе бидат прав под стапалата на нозете ваши во оној ден, што Јас ќе го приготвам, вели Господ Саваот“. Додека ги штити оние што го сакаат, нашиот Бог-Воин ќе ја очисти Земјата од тиранските непријатели, уништувајќи ги. Сатана и неговите демони ќе бидат врзани (Псалм 144:20; Откровение 20:1-3).
12 Божјиот народ нема да учествува во уништувањето на злите. Тогаш, како ‚ќе ги газат нечестивите‘? Го прават тоа симболично, учествувајќи во големата победничка прослава. Во 2. Мојсеева 15:1-21 е опишана една таква прослава, која уследила по уништувањето на фараонот и на неговите војски во Црвеното Море. Во исполнување на Исаија 25:3-9, отстранувањето на „угнетувачите“ треба да биде проследено со победнички банкет поврзан со Божјето ветување: „Смртта ќе биде проголтана засекогаш, ќе ги избрише Господ Бог солзите од сите лица, и ќе го симне срамот од Својот народ во целата земја, зашто така вели Господ. И ќе речат во тој ден: ‚Ете, Он е нашиот Бог! . . . Он е Господ [Јехова, НС]; Него Го чекавме; да се возрадуваме и развеселиме за спасението од Него!‘“ Во оваа радост нема осветољубивост ниту ситење на туѓа мака, туку ликување поради тоа што се видело како Јеховиното име е посветено и како Земјата е очистена за да биде мирољубиво населена од обединетото човештво.
Една голема образовна програма
13. Каков вид поучување ќе се спроведува на ‚новата земја‘?
13 Во Малахија 4:4, Евреите биле советувани да ‚го помнат законот на Мојсеја‘. Така, и ние денес треба да го следиме „законот Христов“, како што е спомнато во Галатјаните 6:2. На преживеаните во Армагедон, без сомнение, ќе им бидат дадени натамошни упатства темелени на законот Христов, а тие, пак, можеби ќе бидат напишани во ‚книгите‘ спомнати во Откровение 20:12, што ќе бидат отворени за време на воскресението. Колку само величествен ден ќе биде тоа, кога оние што ќе бидат подигнати од смртта ќе бидат поучени да го прифатат начинот на живот на ‚новата земја‘! (Откровение 21:1).
14, 15. а) Како е идентификуван современиот Илија? б) Која одговорност ја исполнува класата на Илија?
14 Тоа ќе биде продолжување на образовното дело на кое се осврнал Јехова, а запишано е во Малахија 4:5: „Ете, Јас ќе го пратам при вас пророкот Илија, пред да настапи денот Господен — големиот и страшниот“. Тогаш, кој е тој современ Илија? Како што е покажано во Матеј 16:27, 28, Исус се осврнал на своето ‚одење во царството Свое‘ кога рекол: „Синот Човечки ќе дојде во славата на Својот Отец, со ангелите Свои, и тогаш ќе му даде на секој според делата негови“. Шест дена подоцна, кога отишол на гората заедно со Петар, Јаков и Јован, ‚се преобразил пред нив; и лицето Негово светнало како сонце, а алиштата Му станале бели како светлина‘. Дали бил сам во оваа визија? Не, зашто ‚им се јавиле Мојсеј и Илија, кои разговарале со Него‘ (Матеј 17:2, 3).
15 Што можело да значи ова? Тоа укажувало на Исус, како проречен Поголем Мојсеј, во времето на своето доаѓање за суд (5. Мојсеева 18:18, 19; Дела 3:19-23). Тогаш, тој ќе биде поврзан со современиот Илија за да исполни едно животоважно дело, односно проповедањето на добрата вест за Царството по сета Земја, пред да букне големиот и страшен Јеховин ден. Опишувајќи го делото на овој „Илија“, Малахија 4:6 вели: „И тој ќе ги обрне срцата на татковците — кон децата нивни, и срцата на децата кон татковците нивни, па кога ќе дојдам, за да не ја поразам земјата со проклетство“. Оттука, „Илија“ е идентификуван како класата на верниот и разумен роб од помазани христијани на Земјата, на која Господарот, Исус, ѝ го доверил целиот Свој имот. Во тоа е вклучено снабдувањето на верното домаќинство со потребната духовна ‚навремена храна‘ (Матеј 24:45, 46).
16. Кои радосни резултати се постигнуваат со работата на класата на Илија?
16 Денес, низ целиот свет можеме да ги видиме радосните резултати од таа програма на хранење. Списанието Стражарска кула, со тираж од 16.100.000 примероци на 120 јазици, од кои на 97 излегува симултано, ја поплавува Земјата со „ова Евангелие за царството“ (Матеј 24:14). Други публикации на многу јазици се користат во различните аспекти на проповедничкото и образовно дело на Јеховините сведоци. Класата на Илија, верниот и разумен роб, е спремна изобилно да ги снабдува сите „оние кои се свесни за своите духовни потреби“ (Матеј 5:3, НС). Освен тоа, оние кои ја прифаќаат надежта за Царството и кои постапуваат според неа, поврзани се во едно чудесно единство низ целиот свет. Тоа го опфаќа големото мноштво „од сите племиња и колена, народи и јазици“ (Откровение 7:9). Кога ова дело ќе го достигне обемот што го бара Јехова, тогаш ќе дојде крајот, во големиот и страшен Јеховин ден.
17. Кога ќе настапи Јеховиниот страшен ден?
17 Само, кога ќе настапи тој страшен ден? Апостол Павле одговара: „Денот Господов ќе дојде така, како крадец во ноќно време. Оти, кога ќе речат [можеби на посебен начин]: ‚Мир и безопасност!‘, тогаш ненадејно ќе ги стигне погибел, како што ја напаѓаат родилни маки секоја непразна жена, и нема да избегнат“ (1. Солунјаните 5:2, 3).
18, 19. а) Како се објавува „мир и безопасност“? б) Кога ќе најде утеха Јеховиниот народ?
18 Според ова пророштво, кои се тие што „ќе речат“? Тоа се политичките лидери кои тврдат дека можат да изградат обединет нов поредок од расцепканите елементи на овој насилен свет. Нивните грандиозни продукти, Лигата на Народите и Обединетите Нации, не успеале да ја постигнат таа цел. Како што прорекол Јеховиниот пророк, тие и денес „велат: ‚мир, мир,‘ а мир нема“ (Јеремија 6:14; 8:11; 14:13-16).
19 Во меѓувреме, Јеховиниот народ ги поднесува притисоците и прогонствата од страна на овој безбожен свет. Но наскоро, како што е наведено во 2. Солунјаните 1:7, 8, тој ќе најде утеха „кога Господ Исус ќе се јави од небото со ангелите на Својата сила, во пламенен оган да им се одмаздува на оние, кои не Го познаваат Бога, кои не се покоруваат на Благовестието на нашиот Господ Исус Христос“.
20. а) Што пророкуваат Софонија и Авакум за денот кој „гори како печка“? б) Каков совет и охрабрување даваат овие пророштва?
20 Колку скоро ќе биде тоа? Многумина од нас чекаат веќе долго. Во меѓувреме, голем број кротки кои ќе преживеат, се одѕиваат на повикот од Софонија 2:2, 3: „Побарајте го Господа [Јехова, НС] . . . побарајте ја правдата, побарајте го смирението; можеби ќе се сокриете во денот на гневот Господен“. Потоа, Софонија 3:8 го содржи предупредувањето: „И така, чекајте Ме, вели Господ, до оној ден кога ќе се кренам на опустошување; зашто Јас одлучив да ги соберам народите, да ги свикам царствата, за да го излијам врз нив Моето негодување, сета јарост на Мојот гнев; зашто од огнот на јароста Моја ќе биде уништена целата земја“. Крајот е близу! Јехова го знае денот и часот и нема да го промени својот временски распоред. Да истраеме трпеливо. „Зашто видението се однесува до определеното време; тоа зборува за свршетокот и нема да излаже; па, и ако се забави, чекај го, оти ќе наиде и нема да се забави“ (Авакум 2:3). Јеховиниот страшен ден е сѐ поблизу. Запомнете, тој ден нема да се забави!
Повторување:
◻ Како ќе поминат владетелите и обичните луѓе во Јеховиниот страшен ден?
◻ Каков Бог е Јехова?
◻ Какво образовно дело е опишано за Божјиот народ?
◻ Како нѐ предупредуваат Божјите пророци во врска со близината на крајот?
[Слика на страница 21]
За време на Шпанската инквизиција, многумина биле присилени да се преобратат на католицизмот
[Извор на слика]
The Complete Encyclopedia of Illustration/J. G. Heck