Јеховиниот страшен ден е близу
„Пред него почна да се пишува книга на сеќавање за оние кои се плашат од Јехова и за оние кои размислуваат за неговото име“ (МАЛАХИЈА 3:16, НС).
1, 2. На каков страшен ден однапред предупредил Малахија?
СТРАШНО! В зори на 6 август 1945, еден голем град беше срушен за миг. Околу 80.000 мртви! Десетици илјади смртно ранети! Насекаде оган! Нуклеарната бомба го направи своето. Како поминале Јеховините сведоци во таа катастрофа? Во Хирошима имало само еден Сведок — окружен со заштитните ѕидови на затворот поради својата христијанска беспрекорност. Затворот се претворил во куп камења, но нашиот брат останал неповреден. Како што рекол самиот, атомската бомба го ослободила од затворот — веројатно единствениот добар учинок што го имала.
2 Колку и да била застрашувачка таа експлозија, нејзиното значење избледува кога ќе се спореди со „големиот и страшен ден Јеховин“, кој лежи непосредно пред нас (Малахија 4:5, НС). О да, во минатото имало страшни денови, но овој ден Јеховин ќе ги надмине сите нив (Марко 13:19).
3. Каква разлика, која довела до Потопот, може да се забележи меѓу „секоја плот“ и Ноевото семејство?
3 Во деновите на Ное, „секоја плот . . . се отклонила од својот пат на земјата“, па Бог изјавил: „Се исполни земјата со неправда од нив; и, еве, Јас ќе ги истребам нив од земјата“ (1. Мојсеева 6:12, 13). Како што е забележано во Матеј 24:39, Исус рекол дека луѓето ‚не узнале, додека не дошол потопот и истребил сѐ‘. Но, верниот Ное, „проповедникот на правдата“, го преживеал тој потоп, заедно со своето богобојазливо семејство (2. Петрово 2:5).
4. Каков предупредувачки пример станале Содом и Гомор?
4 Во Јуда 7 се вели: „Како што Содом и Гомор и околните градови, што блудствуваа и . . . налетуваа и на друга плот, станаа [предупредувачки, НС] пример со тоа што беа накажани со вечен оган“. Тие безбожни луѓе погинале поради својот одвратно бесрамен начин на живот. Со тоа нека бидат предупредени и општествата на овој модерен свет ориентирани кон секс! Меѓутоа, забележи дека богобојазливиот Лот и неговите ќерки биле зачувани во живот за време на таа катастрофа, исто како што ќе бидат заштитени Јеховините обожаватели за време на големата неволја која брзо се приближува (2. Петрово 2:6-9).
5. Што можеме да научиме од пресудата извршена над Ерусалим?
5 А сега разгледај ги предупредувачките примери што се оставени кога Јехова употребил освојувачки војски за да го збришат Ерусалим, славниот град кој некогаш бил „радост на целата земја“ (Псалм 47:2). Овие трагични настани се одиграле, прво во 607 пр.н.е., а потоа во 70 н.е., поради тоа што Божјиот признат народ го напуштил вистинското обожавање. За среќа, лојалните слуги на Јехова преживеале. Несреќата од 70 н.е. (насликана подолу) е опишана како „мака, каква не била досега од почетокот на светов, што го создаде Бог“. Еднаш засекогаш го отстранила отпадничкиот еврејски систем на ствари, и сигурно како таква „нема да биде“ повторно (Марко 13:19). Но дури и ова извршување на божествената пресуда било само сенка на ‚големата неволја‘ која му се заканува на сиот светски систем на ствари (Откровение 7:14, НС).
6. Зошто Јехова допушта несреќи?
6 Зошто би допуштил Бог такви ужасни несреќи во кои се загубени толку многу животи? Во случаите со Ное, со Содом и Гомор и со Ерусалим, Јехова извршил пресуда врз оние кои се отклониле од својот пат на Земјата, кои ја оцрниле оваа прекрасна планета со дословно загадување и со морална деградација, и кои се одметнале, односно го отфрлиле вистинското обожавање. Денес стоиме непосредно пред сеопфатното извршување на пресуда, кое ќе го зафати целиот свет (2. Солунјаните 1:6-9).
„Во последните дни“
7. а) Што прорекувале древните божествени пресуди? б) Каква славна иднина лежи пред нас?
7 Тие уништувања во древни времиња биле пророштва за страшната голема неволја што е опишана во 2. Петрово 3:3-13. Апостолот вели: „Најнапред знајте го тоа дека во последните дни ќе се јават подигрувачи, кои ќе живеат според своите желби“. Потоа, сосредоточувајќи се на Ноевите денови, Петар пишува: „Тогашниот свет загина, потопен од вода. А сегашните небеса и земјата, пазени од истото слово, се чуваат за оган во денот на судот и погибелта на нечестивите луѓе“. По најголемата од сите неволји, долгоочекуваната Месиина влада на Царството ќе поприми нови димензии — „ново небо и нова земја, на кои ќе се настани правда“. Каква радосна иднина!
8. Како се движат кон кулминација настаните во светот?
8 Во текот на овој XX век, настаните во светот постојано се движат кон кулминација. Иако не било Божје дело, уништувањето на Хирошима може да се вклучи меѓу ‚стравотиите‘ кои Исус ги прорекол за времето на крајот (Лука 21:11). Тоа лансираше нуклеарна закана која сѐ уште надвиснува над човештвото како црн облак. Затоа еден наслов во The New York Times од 29 ноември 1993, гласеше: „Пушките можат малку и да за’рѓаат, но нуклеарното оружје сѐ уште е светнато“. Во меѓувреме, меѓународните, меѓурасните и меѓуплеменските војни продолжија да жнеат ужасна жетва. Порано имаше повеќе жртви меѓу војниците. Денес, според извештаите, 80 проценти од воените жртви се цивили, не споменувајќи ги милионите бегалци кои ги напуштиле своите земји.
9. Како покажуваат пријателство со светот религиозните водачи?
9 Религиозните водачи честопати покажале, како што покажуваат и сега, ‚пријателство со светот‘ со тоа што активно се вклучуваат во војни и во крвави револуции (Јаков 4:4, НС). Некои имаат соработувано со алчните барони на комерцијалниот свет додека овие масовно произведувале смртоносни оружја и граделе империи на дрогата. На пример, во извештајот за убиството на еден јужноамерикански господар на дрогата, The New York Times вели: „Криејќи ја својата трговија со дрога зад тврдењата дека богатството го стекнал со законски бизнис, како и зад имиџот на добротвор, тој имаше свое радио шоу и често беше во друштво на римокатолички свештеници“. The Wall Street Journal известува дека, покрај тоа што ги уништувал животите на милиони луѓе кои станале зависници од дрога, овој господар на дрогата лично наредил да се убијат илјадници. The Times од Лондон, забележал: „Убијците честопати плаќаат специјална Миса на благодарност . . . додека во исто време, на друго место се одвива погребна миса за жртвата“. Каква злоба!
10. Како треба да гледаме на влошувањето на ситуацијата во светот?
10 Кој знае уште какво опустошување би можеле да ѝ нанесат на оваа Земја вакви демонски инспирирани луѓе? Како што вели 1. Јованово 5:19 (НС), „целиот свет лежи во власта на злобниот“, Сатана Ѓаволот. Денес е „тешко вам, кои живеете на земјата и морето, зашто ѓаволот слегнал при вас со голем гнев, оти знае дека му останува малку време“ (Откровение 12:12). За среќа, сепак, Римјаните 10:13 нѐ уверува дека „секој, кој го призове името Господово, ќе се спаси“.
Наскоро Бог ќе изврши пресуда
11. Кои прилики во Израел биле причина за Малахииното пророштво?
11 Што се однесува до непосредната иднина на човештвото, пророштвото на Малахија фрла светло на она што набргу ќе се случи. Малахија бил последниот во долгата низа древни еврејски пророци. Израел го доживеал уништувањето на Ерусалим во 607 пр.н.е. Но, 70 години подоцна, Јехова милосрдно покажал срдечна доброта со тоа што ја вратил нацијата во нејзината земја. Меѓутоа, за сто години, Израел повторно заталкал во отпадништво и злоба. Луѓето го срамотеле Јеховиното име, занемарувајќи ги неговите закони и осквернувајќи го неговиот храм со тоа што за жртва носеле слепи, куци и болни животни. Тие исто така се разведувале од жените на својата младост за да се оженат со туѓинки (Малахија 1:6-8; 2:13-16).
12, 13. а) Какво чистење било неопходно за помазаната свештеничка класа? б) Како извлекува корист од чистењето и големото мноштво?
12 Било потребно чистење. Тоа е опишано во Малахија 3:1-4. Како древниот Израел така и денешните Јеховини Сведоци исто така треба да бидат очистени, па затоа чистењето што го опишал Малахија може да се примени на нив. Додека Првата светска војна се приближувала кон својот крај, некои од Истражувачите на Библијата, како што тогаш биле познати Сведоците, не задржале строга неутралност спрема настаните во светот. Во 1918, Јехова го испратил Својот ‚гласник на сојузот‘ (НС), Исус Христос, во Своето уредување во облик на духовен храм за да ја исчисти малата група обожаватели од световни дамки. Јехова пророчки прашал: „Кој ќе го издржи денот на [гласниковото] доаѓање, и кој ќе устои, кога ќе се јави Он? Зашто Он е како оган, што растопува, и пепелница што чисти, па ќе седне Он да претопува и да чисти сребро, и ќе ги очисти синовите на Левија [помазаната свештеничка група] и ќе ги претопи како злато и како сребро, за да Му принесат жртва со правда“. Како очистен народ, тие го сториле токму тоа!
13 Таа помазана свештеничка група брои само 144.000 лица (Откровение 7:4-8; 14:1, 3). Сепак, што е со другите предадени христијани денес? Тие сочинуваат едно „големо мноштво“ што сега пораснало на милиони, кои исто така мораат да бидат исчистени од световните работи со тоа што ќе ‚ги исперат своите облеки и ќе ги избелат со крвта на Агнецот‘ (Откровение 7:9, 14). Искажувајќи вера во откупната жртва на Јагнето, Христос Исус, тие можат да задржат чиста положба пред Јехова. Ним им е ветено преживување низ целата голема неволја, односно Јеховиниот страшен ден (Софонија 2:2, 3).
14. Кон кои зборови треба да се придржува Божјиот народ денес за да ја негува и понатаму новата личност?
14 Заедно со свештеничкиот остаток, ова големо мноштво мора да ги држи Божјите натамошни зборови: „Ќе дојдам при вас, луѓе, на суд, и ќе бидам брз сведок против маѓесниците, и против прељубниците, и против оние кои се колнат лажно, и против оние кои му ја кратат надницата на надничарот и постапуваат измамнички со вдовицата и со момчето без татко, и кои не прифаќаат странски доселеник, и не се плашат од мене . . . Оти јас сум Јехова; јас не сум се променил“ (Малахија 3:5, 6, НС). Не, Јеховините мерила не се менуваат. Затоа, во страв од Јехова, неговиот народ денес мора да ги отфрли сите видови идолопоклонство и да биде вистинољубив, чесен и дарежлив додека продолжува да ја негува христијанската личност (Колосјаните 3:9-14).
15. а) Каков милосрден повик разгласува Јехова? б) На кој начин нема да „крадеме“ од Јехова?
15 Јехова го проширува повикот за секој што можеби скршнал од неговите праведни патишта, велејќи: „Обрнете [Вратете, НС] се кон Мене, и Јас ќе се обрнам кон вас“. Ако прашаат тие: „Како да се обрнеме?“, тој ќе им одговори: „Вие крадете од Мене“. А како одговор на следното прашање: „Што крадеме од Тебе?“, Јехова вели дека краделе од него со тоа што не го донесувале најдоброто како принос за службата во храмот (Малахија 3:7, 8). Како дел од Јеховиниот народ, треба навистина да сакаме да го посветиме на службата за Јехова најдобриот дел од својата енергија, способности и материјални средства. Така, наместо да крадеме од Бог, ќе ‚го бараме најнапред царството на Бога и Неговата правда‘ (Матеј 6:33).
16. Какво охрабрување наоѓаме во Малахија 3:10-12?
16 Има голема награда за сите оние кои ги отфрлаат себичните, материјалистички патишта на светот, како што укажува Малахија 3:10-12: „Во тоа испитајте Ме, вели Господ Саваот: зар нема да ги отворам отворите небески за да излијам благослов на вас, па да имате и на претек?“ За сите кои имаат ценење, Јехова ветува духовен напредок и плодност. Тој додава: „И блажени ќе ве наречуваат сите народи, оти ќе бидете земја пожелувана“. Зарем не се покажало тоа вистинито меѓу денешните милиони благодарни припадници на Божјиот народ по целата Земја?
Чуварите на беспрекорноста во книгата на животот
17-19. а) Како се одразил метежот во Руанда врз нашите тамошни браќа? б) Со какво уверување продолжуваат напред сите тие верни поединци?
17 Тука можеме да коментираме за беспрекорноста на нашите браќа и сестри во Руанда. Тие секогаш ги носеле најдобрите духовни приноси во Јеховиниот духовен дом на обожавање. На пример, на својот Обласен конгрес „Божествена поука“, што се одржа во декември 1993, 2.080-те објавители на Царството пожнеаја вкупен број од 4.075 присутни. Имаше 230 новокрстени Сведоци, а од нив скоро 150 се пријавија во помошна пионерска служба следниот месец.
18 Кога пламна етничката омраза во април 1994, најмалку 180 Сведоци, меѓу кои и надгледникот на Кигали, главниот град, и целото негово семејство беа убиени. Шесте преведувачи во канцеларијата на Друштвото Стражарска кула во Кигали, од кои четворица Хуту и двајца Тутси, продолжија да работат уште неколку седмици под големи опасности, сѐ додека Тутсите не мораа да побегнат, само за да бидат убиени при една контрола. На крајот, носејќи сѐ што беше преостанато од компјутерската опрема, останатите четворица побегнаа за Гома, во Заир, каде што продолжија лојално да ја преведуваат Стражарска кула на јазикот кинјаруанда (Исаија 54:17).
19 Овие Сведоци што избегаа, иако во ужасна ситуација, секогаш бараа прво духовна храна, наместо материјални работи. Полни со љубов, браќата од неколку земји успеаја да им достават неопходни работи по цена на големи жртви. Со зборови и со својата уредност под притисок, овие бегалци дадоа прекрасно сведоштво. Навистина, продолжуваа да го даваат најдоброто за Јеховиното обожавање. Тие покажаа уверување слично на она што го изразил Павле во Римјаните 14:8: „Живееме ли — за Господа живееме, умираме ли — за Господа умираме; според тоа — живееме ли, умираме ли — Господови сме“.
20, 21. а) Чии имиња нема да бидат запишани во Јеховината книга на сеќавање? б) Чии имиња се појавуваат во книгата, и зошто?
20 Јехова ги бележи сите кои му служат во беспрекорност. Малахииното пророштво продолжува: „Оние кои се плашеа од Јехова, зборуваа меѓу себе, секој со својот другар, и Јехова постојано внимаваше и слушаше. И пред него почна да се пишува книга на сеќавање за оние кои се плашат од Јехова и за оние кои размислуваат за неговото име“ (Малахија 3:16, НС).
21 Колку само е важно денес што покажуваме божествен страв додека му оддаваме чест на Јеховиното име! Со таквото постапување нема да добиеме негативна пресуда, како што ќе добијат оние кои со восхит ги поддржуваат системите на овој свет. Откровение 17:8 вели дека нивните „имиња не се запишани во книгата на животот“. Логично е дека најистакнатото име запишано во Јеховината книга на животот е името на Главниот Посредник на животот, Божјиот сопствен Син, Исус Христос. Матеј 12:21 објавува: „И во Неговото име народите ќе се надеваат“. Исусовата откупна жртва им гарантира вечен живот на сите кои покажуваат вера во неа. Колкава само предност е и нашите лични имиња да бидат додадени во таа книга покрај Исусовото!
22. Која разлика ќе биде очигледна кога Јехова ќе ја изврши пресудата?
22 Како ќе поминат Божјите слуги при тој суд? Во Малахија 3:17, 18, Јехова одговара: „Ќе ги милувам како што татко го милува синот свој, кој му служи. И тогаш повторно ќе ја видите разликата меѓу праведник и безбожник, меѓу оној кој Му служи на Бога и оној кој не Му служи“. Разликата ќе им биде очигледна на сите: злите, одвоени за вечно уништување, и праведниците, признати за вечен живот во подрачјето каде што ќе владее Царството (Матеј 25:31-46). Така, големото мноштво од лица слични на овци ќе го преживее големиот и страшен Јеховин ден.
Се сеќаваш ли?
◻ Какви пресуди извршил Јехова во библиски времиња?
◻ Како може да се повлече паралела меѓу денешниве услови и условите во древни времиња?
◻ Какво чистење се одиграло во исполнување на Малахииното пророштво?
◻ Чии имиња се запишани во Божјата книга на сеќавање?