Јеховиниот благослов збогатува
„Благословот Господов — збогатува, и не донесува со себеси тага во срцето“ (СОЛОМОНОВИ ИЗРЕКИ 10:22).
1-3. Кој факт во врска со материјалното богатство треба сите да го признаат, иако многумина се загрижени за материјалните работи?
НЕКОИ луѓе непрестајно зборуваат за пари — или за тоа дека ги немаат. За жал, во поново време имале и за што да зборуваат. Во 1992 дури и богатиот Запад доживеа рецесија, така што и директорите, како и другите работници, останаа без работа. Многумина се прашуваа дали некогаш повторно ќе доживеат време на стабилен напредок.
2 Дали е погрешно да се грижиме за нашето материјално добро? Не, до извесен степен тоа е природно. Истовремено, постои една основна вистина во врска со богатството која мораме да ја признаеме. Конечно, сите материјални работи доаѓаат од Творецот. Тој е „Господ Бог [вистинскиот Бог, Јехова, NW], . . . Кој ја раширил земјата со нејзините производи, Кој му дава здив на народот што е на неа, и дух на оние што одат по неа“ (Исаија 42:5).
3 Иако Јехова не одредеува однапред кој ќе биде богат, а кој сиромав, за начинот како ќе го употребуваме она што го имаме од „земјата со нејзините производи“ одговорни сме сите ние. Ако го употребуваме своето богатство за да господариме над другите, Јехова ќе нѐ смета за одговорни. А оние кои му робуваат на богатството, наместо на Јехова, ќе откријат дека „кој се надева на богатството свое, ќе падне“ (Соломонови изреки 11:28; Матеј 6:24; 1. Тимотеј 6:9). Ако не е придружена со срце подложно на Јехова, материјалната благосостојба на крајот нема никаква вредност (Проповедник 2:3-11, 18, 19; Лука 16:9).
Најважната благосостојба
4. Зошто духовната благосостојба е подобра од материјалното изобилство?
4 Покрај материјалната благосостојба, Библијата зборува за духовна благосостојба. Јасно дека овој вид е подобар (Матеј 6:19-21). Духовната благосостојба со себе повлекува задоволувачки однос со Јехова кој може вечно да трае (Проповедник 7:12). Освен тоа, духовно богатите Божји слуги не пропуштаат добри материјални благослови. Во новиот свет, духовното богатство ќе биде поврзано со материјалната благосостојба. Верните ќе уживаат материјална сигурност која не се стекнува преку горка конкуренција или преку жртвување на здравјето и среќата, како што е тоа чест случај денес (Псалми 71:16; Соломонови изреки 10:28; Исаија 25:6-8). Тие ќе откријат дека во секој поглед „благословот Господов — збогатува, и не донесува со себеси тага во срцето“ (Соломонови изреки 10:22).
5. Какво ветување дал Исус во врска со материјалните работи?
5 Денес, дури и оние кои ги ценат духовните работи, чувствуваат одредена смиреност што се однесува до материјалните работи. Вистина, тие работат за да ги надоместат своите трошоци и за да ги прехранат своите семејства. А некои може дури и да ги изгубат своите работни места во време на рецесија. Но тие не се совладани од таквите грижи, напротив, веруваат во Исусовото ветување кое гласи: „Не грижете се и не говорете: што да јадеме, или што да пиеме, или во што да се облечеме . . . вашиот Отец небесен знае дека за сето ова имате потреба. Но барајте го најнапред царството на Бога и Неговата правда, и сѐ ова ќе ви се придаде“ (Матеј 6:31-33).
Духовно богатство денес
6, 7. а) Опиши некои аспекти на духовната благосостојба на Божјиот народ. б) Кое пророштво се исполнува денес, и какви прашања тоа двигнува?
6 Според тоа, Јеховиниот народ избрал на прво место во својот живот да го стави Царството, и колку е благословен! Тие се радуваат на богатиот успех во своето дело на правење ученици (Исаија 60:22). Поучени се од Јехова и се радуваат на непрестајниот проток на добри духовни работи, дадени преку „верниот и разумен роб“ (Матеј 24:45-47, NW; Исаија 54:13). Покрај тоа, над нив е Јеховиниот дух и тој ги обликува во прекрасно меѓународно братство (Псалми 132:1; Марко 10:29, 30).
7 Тоа е навистина духовна благосостојба, нешто што не може да се купи со пари. Претставува извонредно исполнување на Јеховиното ветување: „Донесете ги сите десетоци пред вратите, па да има храна во Мојот дом, и барем во тоа испитајте Ме, вели Господ Саваот; зар нема да ги отворам отворите небески за да излијам благослов на вас, па да имате и на претек?“ (Малахија 3:10). Ние, денес гледаме како се исполнува ова ветување. Но, зошто Јехова, Изворот на сето богатство, бара неговите слуги да донесат десетти дел, или десеток? Кој извлекува корист од десетоците? За да одговориме на овие прашања разгледај зошто Јехова ги изговорил тие зборови преку Малахија, во петтиот век пр. н. е.
Десетоци и жртви
8. Според сојузот на Законот, од што зависела материјалната благосостојба на Израел?
8 Во времето на Малахија, Божјиот народ не бил во благосостојба. А зошто не? Делумно тоа било поврзано со жртвите и десетоците. Во тоа време Израел бил под сојузот на Мозаитскиот закон. Кога Јехова го склучил тој сојуз ветил дека, ако Израел го даде својот дел, тој ќе ги благослови и духовно и материјално. Всушност, благосостојбата на Израел зависела од нивната верност (5. Мојсеева 28:1-19).
9. Зошто во времето на древниот Израел Јехова барал Израел да плаќа десетоци и да донесува жртви?
9 Дел од обврската на Израел што ја имал пред Законот била донесување жртви во храмот и плаќање десетоци. Некои од жртвите биле целосно изгорувани на Јеховиниот олтар, додека другите биле поделени помеѓу свештениците и оние кои ја давале жртвата, а посебни делови му биле жртвувани на Јехова (3. Мојсеева 1:3-9; 7:1-15). Во врска со десетоците, Мојсеј им рекол на Израелците: „Секоја десетина од земјата, од земните семиња и од плодовите на дрвјата Му припаѓаат на Господа: тоа се светиња Господова“ (3. Мојсеева 27:30). Десетокот им бил даван на левитските работници во шаторот за обожавање, а подоцна во храмот. А несвештеничките левити, пак, од она што примале им давале десетина на Аронските свештеници (4. Мојсеева 18:21-29). Зошто Јехова барал од Израелците да плаќаат десетоци? Прво, за да го покажат на еден опиплив начин нивното ценење за Јеховината доброта. И второ, за да можеле да приложуваат за издршката на левитите, кои потоа можеле да се концентрираат на своите обврски, вклучувајќи го и поучувањето за Законот (2. Летописи 17:7-9). На тој начин се поддржувало и чистото обожавање и сите имале корист.
10. Што се случувало кога Израел пропуштал да принесува десетоци и жртви?
10 Иако десетоците и жртвите подоцна ги користеле левитите, тие всушност биле дарови за Јехова и затоа требало да бидат од добар квалитет, достојни за него (3. Мојсеева 22:21-25). Што се случило кога Израелците пропуштале да ги принесат своите десетоци или кога принесувале жртви од помала вредност? Немало казни пропишани по Законот, но имало последици. Јехова го воздржувал својот благослов, а левитите, лишени од материјалната поддршка, ги оставале своите храмски должности за самите да се издржуваат. На тој начин страдал целиот Израел.
„Свртете го срцето ваше врз вашите патишта“
11, 12. а) До што доведувало занемарувањето на Израелците да го држат Законот? б) Каков налог му дал Јехова на Израел кога го вратил во Вавилон назад?
11 Во текот на историјата на Израел, некои биле примерни во настојувањето да го држат Законот, вклучувајќи го и плаќањето на десетоци (2. Летописи 31:2-16). Но во целина, нацијата била немарна. Секогаш одново го кршеле сојузот со Јехова додека на крајот тој не допуштил да бидат поробени и, во 607 пр. н. е., да бидат прогонети во Вавилон (2. Летописи 36:15-21).
12 Тоа била тешка лекција, но, по 70 години, Јехова повторно го вратил својот народ во неговата татковина. Повеќето пророштва за Рајот од Исаија требало да имаат првобитно исполнување после тоа враќање (Исаија 35:1, 2; 52:1-9; 65:17-19). Сепак, главната причина зошто Јехова го вратил својот народ назад, не била за да изградат земски рај, туку повторно да го изградат храмот и да го обноват чистото обожавање (1. Ездра 1:2, 3). Кога Израел би го слушал Јехова, би следеле материјални користи, а Јеховиниот благослов би ги направил богати и духовно и материјално. Според тоа, веднаш штом стигнале во својата татковина во 573. пр. н. е., Евреите изградиле олтар во Ерусалим и почнале со работа на храмот. Меѓутоа, се соочиле со жесток отпор и прекинале (1. Ездра 4:1-4, 23). Како резултат на тоа, Израел не уживал Јеховини благослов.
13, 14. а) Што следело кога Израел не успеал повторно да го изгради храмот? б) Како храмот конечно бил повторно изграден, но за кои понатамошни пропусти на Израел се известува?
13 Во 520 пр. н. е., Јехова ги подигнал пророците Агеј и Захарија да го поттикнат Израел да се врати на работата за изградба на храмот. Агеј покажал дека нацијата трпела материјални потешкотии и тоа го поврзал со нивниот недостиг на ревност за Јеховиниот дом. Тој рекол: „Вака вели Господ Саваот: ‚Свртете го срцето ваше врз вашите патишта. Вие сеете многу, а собирате малку; јадете, а не се заситувате; пиете, а не се напивате; се облекувате, но не се стоплувате; оној што печали пари, ги става во дупнато ќесе‘. Така вели Господ Саваот: ‚Свртете го срцето ваше кон патиштата свои. Качете се на планината, донесете дрва и градете го храмот, и тоа ќе Ми биде угодно, па ќе се прославувам‘“ (Агеј 1:5-8).
14 Охрабрени од Агеј и Захарија, Израелците ги свртиле срцата на своите патишта, и храмот бил изграден. Меѓутоа, околу 60 години подоцна, Неемија го посетил Ерусалим и открил дека Израел повторно го запоставил Јеховиниот Закон. Го поправил тоа, но при една друга посета, отрил дека работите пак се влошиле. Тој известува: „Дознав уште, дека на левитите не им биле давани деловите, и дека левитите и певците, што ја вршеа службата своја, се разбегале секој на нивата своја“ (Неемија 13:10). И овој проблем бил исправен и „сите Јудејци почнаа одново да принесуваат десеток од житото, виното и зејтинот во одделите“ (Неемија 13:12).
Крадење од Јехова
15, 16. За кои пропусти Јехова го укорува Израел преку Малахија?
15 Пророкувањето преку Малахија веројатно било во истиот тој општ временски период, па пророкот ни кажува повеќе за Израеловата неверност. Тој ги забележува Јеховините зборови до Израел: „Ако сум Јас татко, тогаш каде е почитта кон Мене? И ако сум Јас Господ, тогаш каде е стравот пред Мене — вели Господ Саваот; вие свештениците, кои го презирате името Мое“. Што не било во ред? Јехова објаснува: „Кога како жртва принесувате слеп добиток — не ли е тоа лошо, или кога принесувате хромо и болно, зар и тоа не е лошо?“ (Малахија 1:6-8).
16 На овој сликовит начин, Малахија покажува дека иако Израелците принесувале жртви, нивниот лош квалитет го издавал нивното големо непочитување. Малахија исто така напишал: „Уште од деновите на вашите татковци отстапивте од наредбите Мои и не ги запазивте; обрнете се кон Мене, и Јас ќе се обрнам кон вас, вели Господ Саваот“. Израелците се прашувале што точно треба да направат, па затоа прашале: „Како да се обрнеме?“ Јехова одговорил: „Може ли човек да краде од Бога? Но вие крадете од Мене“. Како било можно Израел да краде од Јехова, Изворот на сето богатство? Јехова одговорил: „Од десетокот и од приносите“ (Малахија 3:7, 8). Да, со тоа што пропуштал да ги донесе своите десетоци и жртви, Израел крадел од Јехова!
17. За која цел служеле десетоците и жртвите во Израел, и какво ветување дава Јехова во врска со десетоците?
17 Оваа историска позадина ја покажува важноста од десетоците и жртвите во Израел. Тие биле израз на ценење од страна на дарителот. А помагале и да се поддржува вистинското обожавање на материјален начин. Затоа, Јехова понатаму го поттикнал Израел: „Донесете ги сите десетоци пред вратите“. Покажувајќи што ќе следи ако го направат тоа, Јехова ветил: „Зар нема . . . да излијам благослов на вас, па да имате и на претек?“ (Малахија 3:10). Јеховиниот благослов можел да ги збогати.
Судени од „вистинскиот Господ“
18. а) На чие доаѓање предупредил Јехова? б) Кога било доаѓањето во храмот, кој бил вклучен, и каков бил исходот за Израел?
18 Јехова преку Малахија исто така предупредил дека тој ќе дојде за да му суди на својот народ: „И ете, Јас ќе го испратам ангелот [гласникот, NW] Свој, и тој ќе го приготви патот пред Мене, и ненадејно ќе дојде во храмот Свој Господ [вистинскиот Господ, NW], Кого Го барате, и Ангелот на заветот, кого вие Го пожелувате; ете, Он иде“ (Малахија 3:1). Кога се случило ветеното доаѓање во храмот? Во Матеј 11:10, Исус го цитирал Малахииното пророштво за гласник кој требало да го подготви патот и го применил на Јован Крстител (Малахија 4:5; Матеј 11:14). Така во 29. н. е., дошло времето за судење! Кој бил вториот гласник, гласникот на сојузот кој требало да го придружува Јехова, „вистинскиот Господ“, во храмот? Самиот Исус, и тоа во две прилики дошол во храмот во Ерусалим и на драматичен начин го исчистил, исфрлајќи ги нечесните менувачи на пари (Марко 11:15-17; Јован 2:14-17). Во врска со тоа време на судење во првиот век, Јехова пророчки прашал: „Кој ќе го издржи денот на Неговото доаѓање, и кој ќе устои, кога ќе се јави Он?“ (Малахија 3:2). А Израел, всушност, не издржал. Биле испитани, најдени како недостатни и во 33 н. е. биле отфрлени од Јехова како избран народ (Матеј 23:37-39).
19. На кој начин еден остаток се вратил кај Јехова во првиот век, и каков благослов добиле?
19 Меѓутоа, Малахија исто така напишал: „Ќе седне Он [Јехова] да претопува и да чисти сребро, и ќе ги очисти синовите на Левија и ќе ги претопи како злато и како сребро, за да Му принесат жртва со правда“ (Малахија 3:3). Во согласност со тоа, додека повеќето од оние кои тврделе дека му служат на Јехова во првиот век биле отфрлени, некои биле очистени и дошле кај Јехова, принесувајќи прифатливи жртви. Кои биле тоа? Оние кои се огласиле на Исус, гласникот на сојузот. На Пентакост 33 н. е., 120 од тие кои се огласиле биле собрани во една горна соба во Ерусалим. Зајакнати од светиот дух, почнале да принесуваат жртвен принос во праведност, а нивниот број брзо пораснал. Набргу се рашириле низ целото Римска Царство (Дела на св. апостоли 2:41; 4:4; 5:14). Така еден остаток се вратил кај Јехова (Малахија 3:7).
20. Што му се случило на новиот Божји Израел кога Ерусалим и неговиот храм биле уништени?
20 Овој остаток на Израел кој ги вклучувал народите, накалемени, така да се каже, на фиданката на Израел, претставувал нов ‚Израел Божји‘, нација која ја сочинувале духовно помазани христијани (Галатјаните 6:16; Римјаните 11:17). Во 70 н. е., над телесниот Израел дошол „ден, кој гори како печка“ кога Ерусалим и неговиот храм биле уништени од страна на римските војски (Малахија 4:1; Лука 19:41-44). Што се случило со духовниот Божји Израел? Јехова ‚ги милува [покажува сочувство, NW] како што татко го милува синот свој, кој му служи‘ (Малахија 3:17). Помазаното христијанско собрание обрнало внимание на Исусовото пророчко предупредување (Матеј 24:15, 16). Тие преживеале, а Јеховиниот благослов и понатаму духовно ги збогатувал.
21. Кои прашања преостануваат во врска со Малахија 3:1 и 10?
21 Какво оправдување на Јехова! Но, како Малахија 3:1 се исполнува денес? И како треба христијанинот да одговори на охрабрувањето од Малахија 3:10 за да го донесе целиот десеток во складиштето? Тоа ќе биде разгледано во следната статија.
Можеш ли да објасниш?
◻ Конечно, кој е Изворот на сето богатство?
◻ Зошто духовната благосостојба е подобра од материјалното богатство?
◻ За која цел служеле десетоците и жртвите во Израел?
◻ Кога дошол Јехова, „вистинскиот Господ“, во храмот за да му суди на Израел, и со каков исход?
◻ Кој се вратил кај Јехова откако тој дошол во својот храм, во првиот век н. е.?
[Слика на страница 10]
Гласникот на сојузот, Исус, претставувајќи го Јехова, дошол во храмот за да суди во првиот век н. е.