ПОГЛАВЈЕ 59
Кој бил Синот човечки
МАТЕЈ 16:13-27; МАРКО 8:22-38; ЛУКА 9:18-26
ИСУС ИЗЛЕКУВАЛ СЛЕП ЧОВЕК
НА ПЕТАР МУ БИЛЕ ВЕТЕНИ КЛУЧЕВИТЕ НА ЦАРСТВОТО
ИСУС ГИ ПРОРЕКОЛ СВОЈАТА СМРТ И ВОСКРЕСЕНИЕ
Исус и учениците пристигнале во Витсаида. Таму луѓето донеле еден слеп човек и го молеле Исус да го допре и да го излекува.
Исус го зел човекот за рака и го одвел надвор од селото. Откако му плукнал на очите, го прашал: „Гледаш ли нешто?“ Човекот одговорил: „Гледам луѓе, односно гледам нешто како дрвја што одат“ (Марко 8:23, 24). Тогаш Исус ги ставил рацете врз очите на човекот и потполно му го вратил видот. Потоа му рекол да си оди дома, но да не влегува во селото.
По ова, Исус и учениците тргнале на север, кон подрачјето на Цезареја Филипова. Патот дотаму претставувал една стрмнина долга околу четириесет километри. Селото се наоѓало на триста и педесет метри надморска височина, а од неговата североисточна страна се издигале снежните врвови на планината Хермон. Патувањето веројатно траело два-три дена.
Додека патувале, Исус се одвоил од останатите за насамо да се моли. Останувале уште само девет или десет месеци до неговата смрт, и затоа бил загрижен за своите ученици. Многу од нив неодамна престанале да го следат, а други очигледно биле збунети и разочарани. Веројатно се прашувале зошто не му дозволил на народот да го постави за цар или зошто не сакал да направи некој знак со кој еднаш засекогаш ќе докажел кој е.
Кога учениците дошле на местото каде што Исус се молел, тој ги прашал: „Што велат луѓето, кој е Синот човечки?“ Тие одговориле: „Некои велат дека си Јован Крстител, други дека си Илија, а трети дека си Еремија или еден од пророците“. Луѓето мислеле дека Исус е некој воскреснат пророк. За да види што мислат учениците, Исус ги прашал: „А вие, што велите вие, кој сум јас?“ Петар веднаш одговорил: „Ти си Христос, Синот на живиот Бог“ (Матеј 16:13-16).
Исус рекол дека Петар бил среќен што Бог му го открил тоа. Потоа додал: „Ти велам: ти си Петар. На оваа карпа ќе го изградам своето собрание, и портите на гробот нема да го надвладеат“. Исус сакал да каже дека самиот тој ќе основа собрание и дека дури ни смртта нема да може да ги држи во ропство членовите на тоа собрание доколку останат верни до крајот на својот живот на Земјата. Потоа му ветил на Петар: „Ќе ти ги дадам клучевите на царството небесно“ (Матеј 16:18, 19).
Исус не го поставил Петар на повисока положба од другите апостоли ниту, пак, го поставил за темел на собранието. Самиот Исус бил Карпата на која подоцна било изградено собранието (1. Коринќаните 3:11; Ефешаните 2:20). Сепак, Петар ќе добиел три клучеви. Тој ќе имал предност да им отвори можност на три различни групи луѓе да влезат во небесното Царство.
Првиот клуч Петар го употребил на Педесетница 33 год. од н.е., кога на Евреите и на преобратениците во еврејската вера што се покајале им објаснил што требало да направат за да бидат спасени. Вториот клуч го употребил за да им овозможи на Самарјаните кои поверувале во Христос да влезат во Божјето Царство. На крајот, во 36 год. од н.е. Петар го употребил третиот клуч кога истото им го овозможил и на необрежаните не-Евреи, како што биле Корнелиј и други (Дела 2:37, 38; 8:14-17; 10:44-48).
Во текот на разговорот, апостолите се загрижиле и се натажиле кога Исус им кажал дека наскоро во Ерусалим ќе пострада и ќе умре. Бидејќи Петар не сфатил дека Исус ќе воскресне и потоа ќе живее на небото, го тргнал настрана и го прекорил со зборовите: „Биди милостив кон себе, Господару. Тоа никако нема да ти се случи тебе!“ Но, Исус му го свртел грбот и му одговорил: „Бегај од мене, Сатано! Ти си ми камен за спрепнување, зашто твоите мисли не се Божји, туку човечки“ (Матеј 16:22, 23).
Потоа Исус ги повикал и другите што патувале со него и апостолите и им објаснил дека немало да им биде лесно на оние што ќе станеле негови следбеници. Тој рекол: „Ако некој сака да оди по мене, нека се одрече од себе, нека го земе својот маченички столб и нека појде по мене. Зашто, кој сака да си го спаси животот, ќе го изгуби, а кој ќе го изгуби својот живот заради мене и заради добрата вест, ќе го спаси“ (Марко 8:34, 35).
Значи, за да покажеле дека се достојни за неговата милост, следбениците на Исус морало да бидат храбри и самопожртвувани. Исус рекол: „Секој што ќе се посрами од мене и од моите зборови во ова прељубничко и грешно поколение, од него ќе се посрами и Синот човечки кога ќе дојде во славата на својот Татко со светите ангели“ (Марко 8:38). Според тоа, кога Исус ќе дојде, „ќе му врати секому според неговите дела“ (Матеј 16:27).