Внимавај, Сатана сака да те проголта!
„Бдејте! Вашиот противник, Ѓаволот, оди наоколу како разрикан лав и бара некого да проголта“ (1. ПЕТ. 5:8)
1. Објасни како еден ангел станал Сатана.
ВО ПОЧЕТОКОТ, ангелот кој сега е познат како Сатана имал близок однос со Јехова. Но подоцна, кај него се јавила една неисправна желба — посакал луѓето да му служат нему. Наместо веднаш да ја отфрли, тој дозволил таа желба да расте сѐ додека не го навела да направи грев (Јак. 1:14, 15). Сатана ‚не останал постојан во вистината‘. Се побунил против Јехова и станал „татко на лагата“ (Јован 8:44).
2, 3. Што откриваат називите „Сатана“, „Ѓавол“, ‚празмија‘ и „змеј“ за Јеховиниот најголем непријател?
2 Од мигот кога се побунил, Сатана е најголемиот непријател на Јехова и на луѓето. Називите што во Библијата се користат за него откриваат колку многу е расипан. Името „Сатана“ значи „противник“. Тоа покажува дека ова злобно духовно суштество не го поддржува Бог како Врховен Владетел. Напротив, го мрази и со сите сили се бори против него. Најмногу од сѐ, Сатана сака да му биде ставен крај на Јеховиното владеење.
3 Во Откровение 12:9, Сатана е наречен Ѓавол, што значи „клеветник“. Тој го наклеветил Јехова нарекувајќи го лажливец. Зборот „празмијата“ укажува дека Сатана се послужил со змија за да ја измами Ева. И изразот „големиот змеј“, кој потсетува на свирепо и крволочно чудовиште, е соодветен опис за Ѓаволот кој сака по секоја цена да го спречи исполнувањето на Јеховината намера и да го уништи Божјиот народ.
4. Што ќе разгледаме во оваа статија?
4 Јасно е дека Сатана претставува најголема закана за нашата беспрекорност. Библијата со добра причина нѐ предупредува: „Бидете трезвени, бдејте! Вашиот противник, Ѓаволот, оди наоколу како разрикан лав и бара некого да проголта“ (1. Пет. 5:8). Во оваа статија ќе разгледаме три карактеристики на Сатана, кои покажуваат колку е важно да се чуваме од овој безмилосен непријател.
САТАНА Е МОЌЕН
5, 6. а) Наведи примери од кои се гледа дека духовните суштества се „моќни во силата“. б) Во која смисла Сатана ‚има моќ да предизвикува смрт‘?
5 Духовните суштества наречени ангели се „моќни во силата“ (Пс. 103:20). Тие се далеку поинтелигентни и посилни од луѓето. Се разбира, верните ангели ја користат својата моќ за да прават добро. На пример, еднаш еден Јеховин ангел убил 185.000 непријателски асирски војници. Вакво нешто би било невозможно за еден човек, а би било многу тешко дури и за цела војска (2. Цар. 19:35). Во друга прилика, еден ангел ја искористил својата натприродна моќ и мудрост за да ги ослободи Исусовите апостоли од затвор. Иако имало стражари на секој чекор, тие не забележале дека ангелот ги отклучил вратите, ги ослободил апостолите и на крајот повторно ги заклучил вратите зад нив! (Дела 5:18-23).
6 За разлика од верните духовни суштества кои ја користат својата моќ за да прават добро, Сатана ја користи за злобни цели. А тој навистина има голема моќ и влијание! Библијата вели дека Сатана Ѓаволот е „владетелот“ и „богот на овој свет“ (Јован 12:31; 2. Кор. 4:4). Тој дури ја „има [и] моќта да предизвикува смрт“ (Евр. 2:14). Ова не значи дека Сатана директно ги убива сите луѓе. Тогаш, во кој поглед „предизвикува смрт“? Еден начин е така што шири омраза и насилство низ целиот свет. Освен тоа, бидејќи Ева поверувала во Сатановата лага, а Адам му бил непослушен на Бог, гревот и смртта се прошириле на сите луѓе (Рим. 5:12). Токму затоа Исус рекол дека Ѓаволот е „човекоубиец“ (Јован 8:44). Сатана навистина е моќен непријател!
7. Од каде знаеме дека демоните се моќни?
7 Кога му се спротивставуваме на Сатана, ние им се спротивставуваме и на сите оние што се на негова страна и што се противат на Божјето владеење. Во нив спаѓаат прилично голем број други бунтовни ангели, кои се наречени демони (Отк. 12:3, 4). Тие секогаш одново им нанесуваат големо страдање на луѓето, покажувајќи дека имаат натчовечка моќ (Мат. 8:28-32; Мар. 5:1-5). Никогаш не треба да ја потцениме моќта на демоните и на нивниот владетел (Мат. 9:34). Без Јеховина помош, немаме никаква шанса да победиме во борбата против Сатана.
САТАНА Е СВИРЕП
8. а) Која е целта на Сатана? (Види ја сликата на почетокот од статијата.) б) Според тебе, во кои погледи овој свет е свиреп како Сатана?
8 Апостол Петар го споредил Сатана со „разрикан лав“. Според еден прирачник, грчкиот збор преведен со „разрикан“ укажува на „рик што го испушта прегладнет ѕвер“. Тоа многу добро ја опишува свирепоста на Сатана! Иако целиот свет веќе е под негова власт, тоа не му е доволно. Сатана е како крволочен лав со незаситен глад за уште повеќе жртви (1. Јов. 5:19). Тој вложува најмногу труд за да ги улови помазаниците кои сѐ уште се на Земјата, како и нивните придружници „другите овци“ (Јован 10:16; Отк. 12:17). Сатана е решен да ги проголта Јеховините слуги. Прогонството што го претрпеле Христовите следбеници од првиот век досега јасно покажува дека Ѓаволот е свиреп и безмилосен.
9, 10. а) Како Сатана го напаѓал израелскиот народ? Наведи примери. б) Зошто Сатана имал силна причина да го насочи вниманието кон древниот Израел? в) Што мислиш, како се чувствува Ѓаволот кога некој денешен Божји слуга прави тежок грев?
9 Во својот обид да го спречи исполнувањето на Божјата намера, Сатана покажува свирепост и на друг начин. Еден изгладнет лав нема жал за својата жртва. Не чувствува никаква сомилост пред да ја убие ниту, пак, чувствува вина откако ќе го стори тоа. На сличен начин, Сатана не покажува никаква милост кон оние што се обидува да ги проголта. Што мислиш, како се чувствувал Сатана секогаш кога гледал како Израелците се препуштаат на грев, на пример, на сексуален неморал или алчност? Кога читаш за трагичните последици кои ги сноселе неморалниот Зимриј и алчниот Гиезиј, можеш ли да си го замислиш разриканиот лав како ликува од радост поради својата победа? (4. Мој. 25:6-8, 14, 15; 2. Цар. 5:20-27).
10 Сатана имал силна причина да го насочи своето внимание кон древниот Израел. Од тој народ требало да дојде Месијата, односно оној што ќе го уништел Ѓаволот и ќе докажел дека само Јехова има право да биде Врховен Владетел (1. Мој. 3:15). Сатана не сакал Израелците да ја имаат Божјата милост, и затоа правел сѐ што можел за да ги расипе наведувајќи ги на грев. Немој да мислиш дека на Сатана му било жал кога Давид направил прељуба, ниту дека сочувствувал со Мојсеј кога на овој пророк не му било дозволено да влезе во Ветената земја. Напротив, нема никакво сомнение дека Сатана ликува од радост кога некој Божји слуга ќе се извалка со тежок грев. Всушност, Ѓаволот веројатно ги користи тие победи за да му се подбива на Јехова (Изр. 27:11).
11. Зошто можеби Сара му станала мета на Сатана?
11 Сатана чувствувал особено силна омраза кон семејната лоза од која требало да дојде Месијата. На пример, размисли што се случило кратко откако Јехова му кажал на Авраам дека од него ќе направи „голем народ“ (1. Мој. 12:1-3). Додека семејството на Авраам било во Египет, Сара била одведена во домот на фараонот, кој сакал да ја земе за жена. Но, Јехова се вмешал и ја спасил од таа тешка ситуација. (Прочитај 1. Мојсеева 12:14-20.) Кратко пред да се роди Исак, нешто слично се случило во Герар (1. Мој. 20:1-7). Дали Сатана стоел зад овие настани? Дали се надевал дека Сара, која го напуштила богатиот град Ур за да живее во шатори, ќе биде привлечена од раскошните палати на фараонот и на Авимелех? Дали Сатана си мислел дека Сара ќе го изневери својот маж — и Јехова — со тоа што ќе се омажи за некој од тие владетели? Библијата не кажува. Сепак, имаме добра причина да веруваме дека Ѓаволот многу ќе се радувал ако Сара ја изгубела можноста да биде во семејната лоза на Месијата. Сатана воопшто немало да го пече совеста што со тоа ќе бил уништен бракот и угледот на таа добра жена, како и блискиот однос што го имала со Јехова. Колку злобно и безмилосно!
12, 13. а) Како покажал Сатана дека е свиреп и безмилосен откако се родил Исус? б) Што мислиш, како гледа Сатана денес на младите кои го сакаат Јехова и се трудат да му служат?
12 Исус се родил со векови после Авраам. Но, немој да мислиш дека Сатана гледал во него едно слатко, мило и неодоливо бебе. Тој знаел дека, кога ќе порасне, Исус ќе стане ветениот Месија. Исус бил главниот дел од потомството на Авраам, оној што подоцна ќе ‚ги уништел делата на Ѓаволот‘ (1. Јов. 3:8). Дали Сатана мислел дека е премногу сурово да го одземе животот на едно дете? Не, нему воопшто не му е важно што е исправно, а што погрешно. Всушност, тој не губел време, туку веднаш се обидел да го убие малиот Исус. На кој начин?
13 Кога познавачите на ѕвездите дошле кај цар Ирод за да се распрашаат за ‚еврејскиот цар кој се родил‘, тој многу се разгневил и бил решен да го убие Исус (Мат. 2:1-3, 13). Од таа причина наредил да бидат погубени сите машки деца од две години надолу кои живееле во Витлеем и околината. (Прочитај Матеј 2:13-18.) Иако Исус бил избавен од тој страшен колеж, што ни кажува ова за нашиот непријател, Сатана? Јасно е дека за него човечкиот живот нема никаква вредност. Тој нема ни трошка жал за децата. Сатана навистина е „разрикан лав“. Никогаш не заборавај колку свиреп е тој!
САТАНА Е ЛУКАВ ИЗМАМНИК
14, 15. Како Сатана „ги заслепил неверничките умови“?
14 Сатана може да ги сврти луѓето против нашиот грижлив Бог, Јехова, само ако успее да ги заведе (1. Јов. 4:8). Служејќи се со лаги и измами, тој ги спречува „да ги задоволат своите духовни потреби“ (Мат. 5:3). На тој начин, ‚ги заслепува неверничките умови за да не продре до нив светлината на славната добра вест за Христос, кој е слика на Бог‘ (2. Кор. 4:4).
15 Една од најуспешните мамки што Сатана ги користи за да ги заведе луѓето е лажната религија. Тој сигурно многу се радува кога гледа како луѓето ги обожаваат своите предци, природата или животните, односно кој и да било или што и да било освен Јехова, кој „бара да му се покажува оддаденост само нему“ (2. Мој. 20:5). Дури и мнозина од оние што мислат дека му служат исправно на Бог, всушност, се оковани во прангите на лажните учења и обичаи од кои нема никаква корист. Тие се за жалење, исто како што биле и Израелците кои Јехова ги молел: „Зошто ги трошите парите на она што не е леб и својот труд на она што не заситува? Слушајте ме внимателно и јадете добра храна, и вашата душа нека ужива во најдобрата храна!“ (Иса. 55:2).
16, 17. а) Зошто Исус му рекол на Петар: „Бегај од мене, Сатано“? б) Како може Сатана да нѐ измами наведувајќи нѐ да го изгубиме чувството на итност?
16 Сатана може да ги измами дури и ревносните Божји слуги. На пример, размисли што се случило кога Исус им кажал на своите ученици дека наскоро ќе биде убиен. Несомнено со добра намера, апостол Петар го тргнал настрана и му рекол: „Биди милостив кон себе, Господару. Тоа никако нема да ти се случи тебе!“ Исус строго го прекорил велејќи: „Бегај од мене, Сатано!“ (Мат. 16:22, 23). Зошто го нарекол Петар „Сатана“? Бидејќи знаел што ќе се случи. Наближил часот кога Исус требало да го даде својот живот како откупна жртва и да докаже дека Ѓаволот е лажливец. Во тој пресуден момент од човечката историја, не било време Исус да биде „милостив кон себе“. Сатана ќе бил пресреќен ако успеел да го наведе да се опушти и да престане да бдее.
17 Бидејќи крајот на овој свет сѐ повеќе се ближи, и ние живееме во особено тешки времиња. Сатана сака да се опуштиме и да ‚бидеме милостиви‘ кон себеси така што ќе ни биде важно да водиме удобен живот во овој свет, и со тоа да го изгубиме чувството на итност. Не дозволувај да ти се случи такво нешто! Наместо тоа, остани духовно буден (Мат. 24:42). Немој да му поверуваш на Сатана кој шири лаги дека крајот е далеку или дека воопшто нема да дојде.
18, 19. а) Како може Сатана да нѐ измами наведувајќи нѐ да имаме погрешно гледиште за себеси? б) Како Јехова ни помага да останеме трезвени и духовно будни?
18 Сатана се обидува да нѐ измами и на друг начин. Тој сака да веруваме дека не ја заслужуваме Божјата љубов и дека Јехова никогаш нема да ни ги прости гревовите. Но, тоа е чиста сатанска лага. Впрочем, кој е тој што навистина не ја заслужува Јеховината љубов? Се разбира, Сатана. Кому Бог никогаш нема да му прости? Повторно, на Сатана. А во врска со нас, Библијата вели: „Бог не е неправеден, па да го заборави вашето дело и љубовта што ја покажавте кон неговото име“ (Евр. 6:10). Јехова го цени трудот што го вложуваме за да му угодиме, и нашата служба не е залудна. (Прочитај 1. Коринќаните 15:58.) Затоа, да не му дозволиме на Сатана да нѐ измами со своите лаги.
19 Видовме дека Сатана е моќен и свиреп, и дека е лукав измамник. Како може да победиме во борбата со таков страшен непријател? Јехова ни ја дава потребната помош. Библијата ни ги открива методите на Сатана и „неговите намери не ни се непознати“ (2. Кор. 2:11). Кога сме свесни на кои начини Ѓаволот напаѓа, полесно ни е да останеме трезвени и духовно будни. Но, не е доволно само да ги знаеме неговите намери. Божјата Реч вели: „Спротивставете му се на Ѓаволот, и тој ќе побегне од вас!“ (Јак. 4:7). Во следната статија ќе разгледаме три полиња на кои може да се бориме против Сатана и да го победиме.