Дали простуваш како Јехова?
„Ако им ги простите на луѓето гревовите нивни и вам ќе ви ги прости вашиот Отец небесен; ако, пак, не им ги простите гревовите на луѓето и вашиот Отец нема да ви ги прости вашите“ (МАТЕЈ 6:14, 15).
1, 2. Каков Бог ни е потребен, и зошто?
„ШТЕДАР и милостив е Господ [Јехова, НС], долготрпелив и многумилостив; Он не се гневи до крај, ниту вечно се лути. Он не ни направи ништо според нашите беззаконија и не постапи според нашите гревови; зашто, колку е големо растојанието од небото до земјата, толку е голема милоста на Господа спрема оние што се бојат од Него; колку е далеку исток од запад, толку ги оддалечил Он од нас нашите беззаконија; како таткото што ги милува синовите, така и Господ ги милува оние, кои се бојат од Него. Зашто Он го знае нашиот состав, помни дека ние сме земја“ (Псалм 102:8-14).
2 Бидејќи сме зачнати во грев и родени во престап, со наследени несовршености кои секогаш се обидуваат да нѐ држат заробени во законот на гревот, ние имаме силна потреба од таков Бог кој ‚помни дека сме земја‘. Триста години откако Давид толку прекрасно го опишал Јехова во 102-от Псалм, еден друг библиски писател, Михеј, на скоро ист начин го величал истиот овој Бог заради неговото милостиво простување на гревовите што некогаш биле направени: „Кој бог може да се спореди со тебе: кој ја отстранува грешката, го простува злочинот, не негува гнев засекогаш, туку се радува да покажува милост? Смилувај ни се уште еднаш, згази ги нашите грешки, на дното од морето фрли ги сите наши гревови“ (Михеј 7:18, 19, The Jerusalem Bible).
3. Што значи да се прости?
3 Во Грчките списи, зборот за „простува“ значи „да отпушти“. Забележи дека Давид и Михеј, цитирани погоре, го пренесуваат истото значење со привлечни, описни зборови. За да го цениме во потполност зачудувачкиот обем на Јеховиното простување, да разгледаме неколку од многуте примери за простување на дело. Првиот покажува дека Јеховиното мислење може да биде променето од уништување кон простување.
Мојсеј посредува — Јехова слуша
4. После кои демонстрации на Јеховината моќ Израелците сѐ уште се плашеле да влезат во Ветената земја?
4 Јехова безбедно ја извел израелската нација од Египет и дошле близу до земјата што им ја ветил како татковина, но тие одбиле да одат напред, зашто се плашеле од луѓето во Ханан. Иако виделе како Јехова ги ослободил од Египет преку десет уништувачки неволји, им отворил пат за бегство преку Црвеното Море, ја уништил Египетската војска која се обидела да ги гони, на гората Синај го воспоставил со нив сојузот на Законот со што биле направени Јеховин избран народ, и чудесно ги обезбедувал со секојдневна мана од небото за да ги одржува во живот, тие сѐ уште се плашеле да влезат во Ветената земја поради некои џиновски Хананци! (4. Мојсеева 14:1-4).
5. Како се обидувале двајцата верни извидници да му ја вратат довербата на Израел?
5 Мојсеј и Арон биле многу разочарани од народот. Исус Навин и Халев, двајцата верни извидувачи, се обиделе да му ја вратат довербата на Израел: ‚Земјата е многу, многу добра, земја во која тече мед и млеко. Не плашете се од народот; Јехова е со нас‘. Наместо да се охрабрат од таквите зборови, уплашените, бунтовни луѓе се обиделе да ги каменуваат Исус Навин и Халев (4. Мојсеева 14:5-10).
6, 7. а) Што решил Јехова да стори кога Израел одбил да влезе во Ветената земја? б) Зошто Мојсеј приговорил на Јеховината осуда врз Израел, и каков бил исходот?
6 Јехова бил гневен! „И му рече Господ на Мојсеја: ‚До кога ќе Ме огорчува овој народ, и до кога нема да Ми верува и покрај сите знаци, што ги извршив Јас меѓу него? Ќе го поразам со смрт, ќе го истребам, и ќе создадам од тебе и од домот на таткото твој народ многуброен и посилен од овој.‘ Но Мојсеј Му рече на Господа: ‚Ќе чујат Египтјаните, од чија средина Ти со силата Своја го изведе овој народ, но чуја [сигурно ќе им кажат, НС] за тоа и [на] жителите на оваа земја . . . Ако Ти го истребиш овој народ до еден човек, тогаш сите оние што ја чуја славата Твоја, ќе речат: „Господ не може да го воведе овој народ во земјата, која со клетва му ја вети, па затоа го погуби во пустињата“‘“ (4. Мојсеева 14:11-16).
7 Заради Јеховиното име Мојсеј преколнувал за простување: „Прости им го гревот на овие луѓе поради Твојата преголема милосрдност, како што си му простувал на овој народ од Египет до тука.‘ И му рече Господ на Мојсеја: ‚Простувам според зборот твој‘“ (4. Мојсеева 14:19, 20).
Идолопоклонството на Манасија и Давидовата прељуба
8. Каков запис има за јудејскиот цар Манасија?
8 Еден истакнат пример за Јеховиното простување е случајот со Манасија, синот на добриот цар Езекија. Манасија имал 12 години кога почнал да владее во Ерусалим. Изградил високи места, им поставил олтари на Вааловците, направил свети столбови, им се клањал на небесните ѕвезди, практицирал волшебништво и магија, правел духовни медиуми и претскажувачи, поставил резан лик во Јеховиниот храм и ги терал своите синови низ оган во долината Хином. ‚Тој вршел многу лоши работи пред очите на Господа‘ и ‚ја довел Јудеја и ерусалимските жители до таму, што постапувале полошо и од оние народи, што Господ ги истребил од пред лицето на Израилевите синови‘ (2. Летописи 33:1-9).
9. Како било смирено Јеховиното лице спрема Манасија, и со каков резултат?
9 Најпосле, Јехова ги довел Асирците против Јудеја, и тие го заробиле Манасија и го одвеле во Вавилон. „И во таа тешка неволја тој почна да Го моли Господа, својот Бог, и длабоко се смири пред Бога на татковците свои. Му се помоли Нему, и Бог се приклони кон него, ја чу молбата негова и го врати во Ерусалим во царството негово“ (2. Летописи 33:11-13). Манасија потоа ги отстранил туѓите богови, идоли и олтари и ги исфрлил надвор од градот. Почнал да принесува жртви на Јеховиниот олтар и ја поттикнал Јудеја кон служење на вистинскиот Бог. Тоа претставувало восхитувачка демонстрација на Јеховината спремност да прости кога понизноста, молитвата и постапките за исправање на грешката донесуваат плодови кои се достојни на покајанието! (2. Летописи 33:15, 16).
10. Како се обидел Давид да го прикрие својот грев со сопругата на Урија?
10 Прељубничкиот грев на цар Давид со сопругата на Урија Хетеецот е добро познат. Не само што извршил прељуба со неа, туку скроил и детален план како да ја прикрие нејзината бременост. Царот му дал на Урија отсуство од војната очекувајќи тој да си оди дома и да има однос со својата сопруга. Но, од почит спрема своите соборци на боиштето, Урија одбил. Давид потоа го поканил да јаде и го опил, но Урија пак не отишол кај жена си. Потоа Давид испратил порака до неговиот генерал да го стави Урија во жариштето на борбата за да го убијат, а тоа и се случило (2. Царства 11:2-25).
11. Како бил доведен Давид до покајание поради својот грев, но што претрпел?
11 Јехова го испратил својот пророк Натан да го открие царевиот грев. „Тогаш Давид му рече на Натана: ‚Згрешив пред Господа.‘ А Натан му кажа на Давида: ‚И Господ го симна од тебе гревот твој; ти нема да умреш‘“ (2. Царства 12:13). Давид се чувствувал многу виновен поради својот грев и го изразил своето каење во искрена молитва до Јехова: „Оти, да сакаше жртва, јас ќе Ти ја принесев; но сепалениците не ги сакаш. Жртвата пред Бога е смирен [скршен, НС] дух; срце понизно и смирено [скршено и разбиено, НС] Ти, Боже, не отфрлуваш“ (Псалм 50:16, 17). Јехова не ја презрел Давидовата молитва што била понудена од неговото скршено срце. Па сепак, Давид претрпел тешка казна, во склад со Јеховината изјава за простувањето во 2. Мојсеева 34:6, 7: „Виновни не очистува [Никако не дава ослободување од казна, НС]“.
Соломон го посветува храмот
12. Што барал Соломон во времето на посветувањето на храмот, и како одговорил Јехова?
12 Кога Соломон го довршил градењето на Јеховиниот храм, во својата молитва при посветувањето рекол: „Чуј ги молбите на Твојот слуга и на Твојот народ Израилот, со кои ќе се молат на ова место; чуј од местото на Твоето живеалиште, од небесата, чуј и смилувај се [и прости, НС]!“ Јехова одговорил: „Ако го заклучам небото и да нема дожд, ако им заповедам на скакулците да ја испасат земјата, или да испратам помор врз Мојот народ, и Мојот народ, кој се именува со Моето име, се смири [се понизи, НС], почне да се моли, да го бара лицето Мое и се одврати од своите лоши патишта, Јас ќе чујам од небото, ќе му ги простам гревовите негови и ќе ја излекувам земјата негова“ (2. Летописи 6:21; 7:13, 14).
13. Што покажува Језекиил 33:13-16 во врска со Јеховиното гледиште за некое лице?
13 Додека Јехова гледа на тебе, тој те прифаќа онаков каков што си сега, а не онаков каков што си бил. Ќе биде како што вели Језекиил 33:13-16: „Кога ќе му речам на праведникот дека тој нема да биде жив [дека сигурно ќе живее, НС], и тој се надева на својата праведност, па врши неправда, тогаш сите негови праведни дела нема да се спомнат, и тој ќе умре од неправдата своја, што ја извршил. А кога ќе му кажам на грешникот: ‚бездруго ќе умреш‘, и тој се откаже од гревовите свои, па врши суд и правда, а ако тој грешник го врати залогот, го поврати ограбеното, оди по законот на животот и не врши ништо лошо, — тогаш тој ќе живее, нема да умре. Ниеден од неговите гревови, што ги извршил нема да му се спомнат; тој почнал да врши суд и правда, тој ќе биде жив“.
14. Што е специфично за Јеховиното простување?
14 Простувањето што ни го дава Јехова има една специфична одлика, одлика која на човечките суштества им е тешко да ја вклучат кога си простуваат еден на друг — тој и простува и заборава. Некои луѓе ќе речат: ‚Можам да ти простам, но не можам (или нема) да ти заборавам‘. Спротивно на тоа, забележи што вели Јехова дека ќе стори: „Ќе им ги простам беззаконијата нивни, и за гревовите нивни нема веќе да се сеќавам“ (Јеремија 31:34).
15. Како простувал Јехова во минатото?
15 Јехова со илјадници години им простувал на своите обожаватели на Земјата. Простувал гревови за коишто тие се свесни дека ги извршиле, како и многу гревови за коишто тие не се свесни. Неговата подготовка на милост, долготрпеливост и простување е бескрајна. Исаија 55:7 вели: „Нечесниот нека го остави патот свој, и беззаконикот — помислите свои и нека се обрне кон Господа, нашиот Бог, — и Он ќе го помилува, зашто е многу милостив [зашто тој ќе прости во голема мера, НС]“.
Простувањето во Христијанските Грчки списи
16. Зошто можеме да речеме дека Исусовиот обичај да простува е во согласност со Јеховиниот?
16 Записите на Христијанските Грчки списи се преполни со извештаи за Божје простување. Исус често зборува за тоа, покажувајќи дека тој е во согласност со Јеховиното мислење по ова прашање. Исусовото размислување потекнува од Јехова, тој го одразува Јехова и е точна претстава на самото Јеховино битие; да го видиш него е исто како да го гледаш Јехова (Јован 12:45-50; 14:9; Евреите 1:3).
17. Како илустрирал Исус дека Јехова простува „во голема мера“?
17 Дека Јехова простува во голема мера видливо е во една од Исусовите илустрации, онаа за царот кој му простил на слугата кој должел 10.000 таланти (околу 33.000.000 долари). Но, кога тој слуга не му го простил на еден друг слуга долгот од сто динарии (околу 60 долари), царот бил бесен. „,Лукав слуго, јас ти го простив целиот долг, зашто ми се молеше; не требаше ли и ти да се смилиш над својот другар, како што се смилив и јас над тебе?‘ И се разгневи господарот негов, па го предаде на мачители, додека не му го исплати целиот свој долг.“ Исус потоа ја покажал примената: „Така и Мојот Отец небесен ќе направи со вас, ако секој од вас не му ги прости од срце гревовите на брата си“ (Матеј 18:23-35).
18. Како се споредува Петровото со Исусовото гледиште за простувањето?
18 Пред Исус да ја даде горната илустрација, Петар дошол кај Исус и прашал: „Господи, колкупати да му простам на брата си, кога ќе згреши против мене? До седумпати ли?“ Петар мислел дека е многу великодушен. Иако книжниците и фарисеите поставиле граница на простувањето, Исус му рекол на Петар: „Не ти велам до седум, туку до седумдесетпати по седум“ (Матеј 18:21, 22). Седум пати едвај би биле доволни за еден ден, како што рекол Исус: „Пазете на себе. Ако згреши против тебе братот твој, скарај го, и ако се покае — прости му. И ако седумпати на ден згреши против тебе и седумпати на ден дојде и ти рече: ‚Се кајам‘ — прости му“ (Лука 17:3, 4). Кога Јехова простува, тој не води точна евиденција за нашите гревови — и тоа за наше добро.
19. Што мораме да сториме за да добиеме простување од Јехова?
19 Ако имаме понизност да се покаеме и да ги признаеме своите гревови, Јехова е спремен да дејствува во наша корист: „Ако ги исповедаме гревовите свои, Он е верен и праведен за да ни ги прости гревовите и да нѐ очисти од секаква неправда“ (1. Јованово 1:9).
20. Каква спремност за простување на грев покажал Стефан?
20 Кога една разбеснета толпа го каменувала Стефан, Исусовиот следбеник, тој со еден извонреден дух на простување, го извикал овој повик: „,Господи Исусе, прими го духот мој!‘ А штом падна на колена, извика со висок глас: ‚Господи, не примај им го ова за грев!‘ И како го рече тоа, тој почина“ (Дела 7:59, 60).
21. Зошто Исусовата спремност да им прости на римските војници била толку зачудувачка?
21 Исус дал уште позачудувачки пример на спремност за простување. Неговите непријатели го уапсиле, незаконски го извеле на суд, го обвиниле, го исмејувале, го плукале, го камшикувале со камшик со многу јазици на кои веројатно биле прицврстени парчиња коски и метал, и на крајот го оставиле со часови прикован на столб. Римјаните биле вклучени во голем дел од тоа. Сепак, додека Исус умирал на тој маченички столб, му рекол на својот небесен Татко за војниците кои го распнале: „Оче, прости им, оти не знаат што прават!“ (Лука 23:34).
22. Кои зборови од Проповедта на гората мораме да се трудиме да ги спроведеме во дело?
22 Во својата Проповед на гората Исус рекол: „Љубете ги непријателите свои, благословувајте ги оние што ве колнат [молете се за оние кои ве прогонуваат, НС]“. На крајот од својата земска служба, и самиот го послушал тоа начело. Дали тоа бара премногу од нас, кои се бориме со слабостите на нашето паднато тело? Барем да се обидеме да ги спроведеме во дело зборовите за коишто Исус ги поучил своите следбеници откако им ја дал примерната молитва: „Ако им ги простите на луѓето гревовите нивни и вам ќе ви ги прости вашиот Отец небесен; ако, пак, не им ги простите гревовите на луѓето и вашиот Отец нема да ви ги прости вашите“ (Матеј 5:44; 6:14, 15). Ако простуваме онака како што простува Јехова, тогаш ќе простиме и ќе заборавиме.
Дали се сеќаваш?
◻ Како постапува Јехова со нашите гревови, и зошто?
◻ Зошто Манасија бил вратен на царската положба?
◻ Која карактеристична одлика на Јеховиното простување е предизвик за луѓето да ја имитираат?
◻ На кој начин Исусовата спремност за простување била толку зачудувачка?
[Слика на страница 24]
Натан му помогнал на Давид да увиди дека му е потребно Божје простување