Успешни во избегнувањето на замката на лакомоста
„Оние, што сакаат да се збогатуваат, паѓаат во искушение, во примка“ (1. ТИМОТЕЈ 6:9).
1. Зошто би требало да бидеме загрижени поради замките?
ЗБОРОТ „замка“ можеби те асоцира на ловец кој поставува камуфлирана направа за фаќање на невнимателниот плен. Меѓутоа, Бог објаснува дека најопасните замки за нас се не таквите дословни направи, туку оние коишто можат да нѐ намамат духовно или морално. Ѓаволот е стручњак во поставувањето на такви замки (2. Коринћанима 2:11, Даничиќ-Караџиќ; 2. Тимотеј 2:24-26).
2. а) Како ни помага Јехова да ги избегнеме опасните замки? б) За каков посебен вид на замка станува збор тука?
2 Јехова ни помага така што идентификува некои од многуте и различни Сатанови замки. На пример, Бог предупредува дека нашите усни, односно устата, може да биде замка ако зборуваме немудро, брзоплето или за она што не смееме (Соломонови изреки 18:7; 20:25). Гордоста може да биде замка, исто како што и дружењето со луѓе коишто се склони кон гнев (Соломонови изреки 22:24, 25; 29:25а). Но да се свртиме кон една друга замка: „Оние што сакаат да се збогатуваат, паѓаат во искушение, во примка и во многу неразумни и штетни желби, што го потопуваат човекот во пропаст и погибел“ (1. Тимотеј 6:9). Она што стои зад таа замка, односно темелот за неа може накратко да се сумира во зборот „лакомост“. Иако лакомоста често се докажува со решеноста да се стане богат, таа навистина е замка со многу фасети.
Јехова нѐ предупредува на опасноста
3, 4. Каква поука за лакомоста содржи древната човечка историја?
3 Во основа, лакомоста претставува неумерена или претерана желба да се има повеќе, било да се тоа пари, имот, моќ, секс или други работи. Не сме првите кои можат да бидат загрозени од замката на лакомоста. Одамна, во Еденската градина, лакомоста ја намамила Ева, а потоа и Адам. Евиниот сопруг имал поголемо животно искуство отколку таа, бил лично поучен од Јехова. Бог им дал рајски дом. Можеле да уживаат изобилство од добра и разновидна храна, произведена на незагадена земја. Можеле да очекуваат да имаат совршени деца, со кои би можеле вечно да живеат и да му служат на Бог (1. Мојсеева 1:27-31; 2:15). Зарем тоа не изгледало доволно за да биде задоволен секој човек?
4 Па сепак, ако некој има доволно, тоа не спречува лакомоста да стане замка. Ева била намамена со изгледот да биде како Бог, да има поголема независност и да си постави свои сопствени мерила. Се чини дека Адам го сакал трајното друштво на својата прекрасна партнерка, без оглед на цената. Штом дури и овие совршени луѓе биле намамени од лакомоста, тогаш можеш да сфатиш зошто лакомоста може да биде опасност за нас.
5. Колку е важно да ја избегнуваме замката на лакомоста?
5 Мораме да се чуваме лакомоста да не нѐ намами затоа што апостолот Павле нѐ предупредува: „Или не знаете дека неправедниците нема да го наследат царството Божјо? Не лажете се: ни блудниците, ни идолопоклониците, ни прељубодејците, ниту ракоблудците, ни мажеложниците, ниту крадците, ни користољупците [лакомите, „NW“] . . . нема да го наследат царството Божјо“ (1. Коринтјаните 6:9, 10). Павле исто така ни рекол: „Блудство и секаква нечистота или, пак, користољубивост [лакомост, NW] дури да не се спомнуваат меѓу вас“ (Ефесјаните 5:3). Затоа лакомоста не треба да биде ниту тема на разговор со цел да му угодуваме на нашето несовршено тело.
6, 7. а) Кои библиски примери нагласуваат колку моќна може да биде лакомоста? б) Зошто би требало тие примери да бидат предупредување за нас?
6 Јехова запишал многу примери кои треба да нѐ држат будни во поглед на опасноста од лакомост. Сети се на Ахановата лакомост. Бог рекол дека Јерихон треба да биде уништен, но неговото злато, сребро, бакар и железо биле за Неговата ризница. Можеби Ахан во почетокот имал намера да го следи тоа упатство, но лакомоста го намамила. Штом се нашол во Јерихон, тоа било како да бил на шопинг-патување каде што видел неверојатно ниски цени, вклучувајќи и една прекрасна наметка која изгледала тамам за него. Откако собрал злато и сребро во вредност од илјадници долари, можеби си помислил: ‚Каква среќа! Па ова е толку евтино како да е украдено‘. Баш така! Лакомејќи по она што би требало да биде уништено или пријавено, тој украл од Бог, а тоа Ахана го чинело живот (Исус Навин 6:16-18; 7:20-26). Размисли исто така за примерите на Гехазиј и Јуда Искариот (4. Царства 5:8-27; Јован 6:64; 12:2-6).
7 Не треба да го превидиме и фактот дека тројцата гореспоменати не биле пагани на кои им биле непознати Јеховините мерила. Напротив, тие биле во предаден однос со Бог. Сите биле сведоци на чуда кои требало да ги импресионираат во поглед на Божјата моќ и важноста да се задржи неговата милост. Меѓутоа, замката на лакомоста била нивната пропаст. И ние можеме да го расипеме нашиот однос со Бог ако дозволиме да нѐ намами лакомост во каков и да е облик. Какви видови или облици на лакомост можат особено да бидат опасни за нас?
Намамени од лакомост за богатство или имот
8. Какво предупредување ни дава Библијата во поглед на богатството?
8 Повеќето христијани слушнале јасни предупредувања од Библијата против развивањето на љубов кон богатство, копнеење по богатство. Зошто да не разгледаме некои од нив, како оние во Матеј 6:24-33; Лука 12:13-21 и 1. Тимотеј 6:9, 10? Иако можеби мислиш дека ти го прифаќаш и го следиш овој совет, зарем не е веројатно дека и Ахан, Гехазиј и Јуда исто така би рекле дека се согласуваат со него? Јасно, мораме да одиме над сушто интелектуалната согласност. Мораме да внимаваме замката на лакомоста за богатство или имот да не влијае на нашиот секојдневен живот.
9. Зошто би требало да го испитаме својот став кон пазарењето?
9 Во секојдневниот живот честопати мораме да купуваме — храна, облека и предмети за куќата (1. Мојсеева 42:1-3; 4. Царства 12:11, 12; Соломонови изреки 31:14, 16; Лука 9:13; 17:28; 22:36). Но трговскиот свет ја стимулира желбата да се има повеќе и понови работи. Многу реклами што ги полнат весниците, списанијата и ТВ екраните, претставуваат маскирани привлечности кои треба да предизвикаат лакомост. Таквите привлечности може исто така да постојат во продавници со изложени блузи, капути, фустани и џемпери, со полици со чевли, електронска опрема и камери. Мудро е христијаните да се запрашаат: ‚Дали пазарењето станало централна точка или главно задоволство во мојот живот?‘ ‚Дали навистина ми требаат новите работи што ги гледам, или трговскиот свет само го оплодува семето на лакомост во мене?‘ (1. Јованово 2:16).
10. Која замка на лакомост е особено опасна за мажите?
10 Ако се чини дека пазарењето е вообичаена замка за жените, заработувањето пари е замка за безброј мажи. Исус ја илустрирал оваа замка со еден богаташ кој имал добар приход, но сепак бил решен да ‚ги урне своите амбари и да соѕида поголеми и таму да го собере сето свое жито и сите добра‘. Исус не оставил никакво сомнение за опасноста: „Гледајте и пазете се од лакомство“, односно алчност (Лука 12:15-21). Сеедно дали сме богати или не, треба да го послушаме тој совет.
11. Како може еден христијанин да биде фатен во замката на лакомост за повеќе пари?
11 Лакомоста за повеќе пари или работи што можат да се купат со пари, честопати се потхранува под камуфлажа. Може да биде прикажан план за брзо збогатување, можеби некаква шанса што се пружа „еднаш во животот“ за финансиска сигурност преку рискантно вложување. Или некој може да биде искушан да заработи пари преку сомнителни или незаконски деловни постапки. Оваа лакома желба може да стане неодолива, заведувачка (Псалми 61:10; Соломонови изреки 11:1; 20:10). Некои во христијанското собрание започнувале бизниси очекувајќи главните муштерии да бидат нивните браќа кои им веруваат. Ако нивната цел не била само да пружат неопходен производ или услуга со ‚труд, правејќи добро со рацете свои‘, туку набрзина да заработат пари на штета на сохристијаните, тогаш тие постапуваат лакомо (Ефесјаните 4:28; Соломонови изреки 20:21, NW; 31:17-19, 24; 2. Солунјаните 3:8-12). Лакомоста по пари навела некои да играат спортска прогноза, лото или томбола. Други пак, го игнорирале соживувањето и разумноста и набрзина започнувале судски парници, надевајќи се на големи премии или исплатувања.
12. Како знаеме дека лакомоста за богатство може да се совлада?
12 Ова се подрачја на кои е прикладно да се самоиспитаме за да можеме чесно да видиме дали лакомоста можеби е присутна во нас. Дури и ако е, можеме да се промениме. Сети се дека Закхеј се променил (Лука 19:1-10). Ако некој забележи дека лакомоста за богатство или имот му претставува проблем, би требало да биде исто така одлучен да ја избегне замката како што бил Закхеј (Јеремија 17:9).
Лакомост во други аспекти од животот
13. На која друга замка на лакомоста ни го свртува вниманието Псалм 9:38?
13 За некои е полесно да ја согледаат опасноста од лакомост кога се во прашање парите или имотот отколку кога се работи за другите начини на кои таа се појавува. Еден речник по грчки вели дека групата зборови што се преведува со „лакомост“ или „ненаситност“ ја има смислата „,да сака повеќе‘, и се однесува на моќ и сл., како и на имот“. Да, би можеле да бидеме намамени лакомо да сакаме да владееме над другите, можеби да бараме да треперат пред нашиот авторитет (Псалми 9:38).
14. На кои подрачја може да биде штетна желбата за моќ?
14 Уште од најрани денови, несовршените луѓе уживале да имаат моќ над другите. Бог предвидел дека жалосниот резултат од човечкиот грев ќе биде тоа што многу мажи ќе ‚господарат‘ над своите жени (1. Мојсеева 3:16). Меѓутоа, овој пад се проширил и надвор од брачната сцена. Илјадници години подоцна, еден библиски писател забележал дека ‚човекот господарел над човека на негова штета‘ (Проповедник 8:9). Веројатно знаеш колку често ова било случај во политичките и воените работи; но дали можеби во нашето подрачје на делување се стремиме кон поголема лична моќ или контрола?
15, 16. Во кои погледи еден христијанин може да биде намамен преку желбата за поголема моќ? (Филипјаните 2:3).
15 Сите ние сме поврзани со други луѓе — во нашите потесни или пошироки семејства, на световната работа или во училиште, помеѓу пријателите и во собранието. Можеби повремено или често имаме некаква улога да одлучуваме што, кога или како ќе биде нешто направено. Само по себе, во тоа нема ништо лошо. Сепак, дали претерано уживаме да го користиме секој авторитет што би можеле да го имаме? Дали можеби сакаме да го имаме последниот збор и тоа го сакаме сѐ повеќе и повеќе? Световните менаџери или газди често покажуваат ваков став така што се опкружени со подлизурковци кои не изнесуваат поинакви гледишта и кои не му се противат на световното барање (лакомост) за поголема моќ што го пројавуваат нивните претпоставени.
16 Ова е една замка што треба да се избегнува во постапувањето со сохристијаните. Исус рекол: „Знаете дека кнезовите народни владеат над народите, и управниците господарат над нив; меѓу вас, пак, нека не биде така; а кој меѓу вас сака да биде прв, нека ви биде слуга“ (Матеј 20:25, 26). Таквата понизност треба да биде очигледна во меѓусебното однесување на старешините, во нивниот однос спрема слугите помошници и спрема стадото. Дали желбата за моќ би можел да ја одрази, на пример, претседавачкиот надгледник кој се консултира со останатите старешини само за помалите работи, а сите важни одлуки ги донесува сам? Дали навистина е спремен да им доделува задачи на другите? Проблеми би можеле да настанат ако некој слуга помошник кој води состанок за служба на проповедање, во своите подготовки поставува неразумни барања, па дури и правила (1. Коринтјаните 4:21; 9:18; 2. Коринтјаните 10:8; 13:10; 1. Солунјаните 2:6, 7).
17. Зошто е прикладно да се спомене храната кога разговараме за замката на лакомоста?
17 Храната е уште едно подрачје на кое многумина се фаќаат во замката на лакомоста. Се разбира, природно е да уживаш во јадењето и пиењето; Библијата го одобрува тоа (Проповедник 5:17). Сепак, не е невообичаено во овој поглед некоја желба да расте низ извесен временски период и да го надмине она што разумно се смета за радосно и доволно. Ако ова не би било соодветно подрачје за загриженост за Божјите слуги, зошто Јеховината Реч во Соломоновите изреки 23:20 вели: „Не биди меѓу оние, што се опиваат со вино, меѓу оние, што се презаситуваат со месо“? Но, како можеме да ја избегнеме оваа замка?
18. Какво самоиспитување можеме да направиме во поглед на јадењето и пиењето?
18 Бог не вели неговиот народ да живее според некаков строг режим на исхрана (Проповедник 2:24, 25, ДК). Но тој не одобрува ниту храната и пиењето да станат главен дел од нашите разговори и планирања. Би можеле да се прашаме: ‚Дали станувам прекумерно одушевен кога опишувам некој оброк што сум го јадел или планирам да го јадам?‘ ‚Дали секојпат во моите разговори зборувам за храна и пиење?‘ Друг показател може да биде како реагираме кога имаме оброк што не сме го направиле или платиле ние, можеби кога сме гости во нечиј дом или кога се добива храна на христијанските собири. Дали можеби тогаш сме склони да јадеме многу повеќе од обично? Се сеќаваме дека Езав дозволил храната да стане непотребно важна, на негова трајна штета (Евреите 12:16).
19. Како може лакомоста да биде проблем во поглед на сексуалното задоволство?
19 Павле ни дава увид во една друга замка: „Блудство и секаква нечистота или, пак, користољубивост [лакомост, NW], дури да не се спомнуваат меѓу вас, како што им прилега на светии“ (Ефесјаните 4:17-19; 5:3). Навистина, може да се развие лакомост за сексуални задоволства. Ова уживање, секако, има свој прикладен израз во брачната врска. Блиската склоност што е поврзана со ова задоволство игра улога да им помогне на мажот и жената да останат оддадени еден на друг низ многу години брак. Сепак, малку луѓе би порекнале дека денешниот свет ставил преголем нагласок на сексот и го прикажува како нормално она што всушност претставува одраз на лакомоста што ја споменал Павле. Таквото погрешно гледиште за сексуални задоволства е особено прифатено кај оние кои се изложуваат на неморалот и голотијата кои денес се вообичаени во многу ТВ и видеофилмови, списанија, како и места на забава.
20. Како можат христијаните да се покажат будни со оглед на опасноста од лакомост во сексуалните работи?
20 Извештајот за Давидовиот грев со Вирсавија покажува дека еден Божји слуга може да биде фатен во замката на сексуална лакомост. Иако бил слободен да ужива во својот брак, Давид допуштил недозволената сексуална желба да расте. Кога забележал колку е привлечна Уриината жена, ги пуштил своите мисли — и дела — на волја да има недозволено задоволство со неа (2. Царства 11:2-4; Јаков 1:14, 15). Секако дека мораме да го избегнуваме овој облик на лакомост. Дури и во бракот е прикладно да се избегнува лакомост. Тоа би го вклучило отфрлањето на екстремните сексуални практики. Сопругот кој е решен да избегнува лакомост на ова подрачје, би бил искрено заинтересиран за својата брачна другарка така што со било кој избор што би го направиле двајцата за семејното планирање, нема да го смета своето задоволство за поважно од сегашното или идното здравје на неговата сопруга (Филипјаните 2:4).
Остани одлучен да избегнуваш лакомост
21. Зошто не би требало да нѐ обесхрабри нашата дискусија за лакомоста?
21 Јехова не дава предупредувања или опомени затоа што нема доверба. Тој знае дека неговите предадени слуги сакаат да му служат лојално, и е уверен дека мнозинството ќе продолжи да го прави тоа. Во поглед на неговиот народ во целина, тој може да изјави слично на она што го рекол за Јов кога му се обратил на Сатана: „Обрна ли внимание на Мојот слуга Јов? Оти на земјата нема таков како него: човек непорочен, праведен, богобојазлив и кој го одбегнува злото?“ (Јов 1:8). Нашиот доверлив небесен Татко полн со љубов, нѐ предупредува на опасните замки, како што се оние кои се поврзани со облици на лакомост, затоа што сака да останеме неизвалкани и верни нему.
22. Што би требало да направиме ако нашава студија открила некое подрачје на лична опасност или слабост?
22 Секој од нас наследил некаква тенденција кон лакомост, а можеби сме ја развиле подоцна под влијание на злобниот свет. Што ако во текот на нашево проучување на лакомоста — во поглед на богатство, имот, моќ и авторитет, храна или сексуални задоволства — си забележал некои подрачја на слабост? Тогаш, земи го при срце Исусовиот совет: „Ако те соблазнува раката твоја, отсечи ја; подобро е за тебе без рака да влезеш во животот, отколку да имаш две раце и да отидеш во пеколот [гехената, NW]“ (Марко 9:43). Направи ги сите неопходни промени во ставот или во интересите. Избегнувај ја смртоносната замка на лакомоста. Така, со Божја помош, ти можеш да „влезеш во животот“.
Што сум научил?
◻ Зошто би требало да бидеме загрижени за замката на лакомоста?
◻ На кој начин може лакомоста за богатство или имот да нѐ намами?
◻ Како може да претставува вистинска опасност лакомоста на другите подрачја од животот?
◻ Каков би требало да биде нашиот став спрема каква и да е слабост што ја имаме во поглед на лакомоста?