Кој е Исус Христос?
„Кога влезе во Ерусалим, целиот град се раздвижи и прашуваше: ‚Кој е овој?‘ А народот одговараше: ‚Ова е пророкот Исус, од Назарет во Галилеја!‘“ (МАТЕЈ 21:10, 11)
ЗОШТО доаѓањето на Исус Христосa во Ерусалим пролетта 33 год. од н.е. предизвикало толкаво внимание? Многу луѓе од градот чуле за Исус и за чудата што ги правел. Тоа им го раскажувале и на другите (Јован 12:17-19). Сепак, мноштвата не ни помислувале дека меѓу нив бил човекот кој со векови ќе влијае врз луѓето во целиот свет сѐ до денешно време!
Да спомнеме неколку примери за далекосежното влијание што го извршил Исус врз човечката историја.
▪ Календарот што обично се користи во многу делови од светот се темели на годината за која се смета дека е годината во која се родил Исус.
▪ Околу две милијарди луѓе — што значи околу една третина од светското население — се изјаснуваат како христијани.
▪ Исламот, со повеќе од милијарда верници во светот, учи дека Исус е „поголем пророк од Авраам, Ное и Мојсеј“.
▪ Многу мудри изреки што ги кажал Исус влегле во секојдневниот говор. Меѓу нив се и следниве:
‚Сврти го и другиот образ‘ (МАТЕЈ 5:39).
‚Оди уште една милја‘ (МАТЕЈ 5:41).
‚Никој не може да им робува на двајца господари‘ (МАТЕЈ 6:24).
‚Не фрлај бисери пред свињи‘ (МАТЕЈ 7:6).
Сѐ што сакате луѓето да ви прават вам, правете им го и вие ним‘ (МАТЕЈ 7:12).
‚Пресметај го трошокот‘ (ЛУКА 14:28).
Неоспорно е дека Исус извршил огромно влијание врз човештвото. Сепак, луѓето имаат многу различни претстави и верувања во врска со него. Затоа, можеби се прашуваш: „Кој е навистина Исус Христос?“ Библијата ни кажува од каде дошол, како живеел и зошто умрел. Тоа што ќе ја дознаеш вистината за него може да ти го смени животот — сега и во иднина.
[Фуснота]
a „Исус“, личното име на овој пророк од Назарет, значи „Јехова е спасение“. Зборот „Христос“ е титула што значи „Помазаник“, и покажува дека Исус бил помазан, или поставен од Бог на посебна положба.