„Вие сте сите браќа“
„Немојте да се наречувате учители [Раби, NW], зашто еден е вашиот Учител — Христос, а вие сте сите браќа“ (МАТЕЈ 23:8).
1. Која работа го заслужува нашето разгледување?
„КОЈ заслужува поголема чест, еден мисионер или еден бетелит?“ — ова прашање наивно ѝ го поставила некоја христијанка на една мисионерка од Австралија во некоја земја на ориентот. Таа сакала да знае кој треба да биде почитуван повеќе, мисионер од друга земја или некој локален слуга кој служи во канцеларијата на подружницата на Watch Tower Society. Тоа наивно прашање, кое одразува една класно свесна култура, ја изненадило мисионерката. Меѓутоа, прашањето за тоа кој е поголем потекнува од желбата да се знае каде стојат луѓето според рангот на моќ и влијание.
2. Како треба да гледаме на нашите сообожаватели?
2 Ваквиот интерес во никој случај не е нешто ново. Дури и Исусовите ученици постојано се расправале кој од нив е најголем (Матеј 20:20—24; Марко 9:33—37; Лука 22:24—27). И тие доаѓале од една класно свесна култура, културата на јудаизмот од првиот век. Имајќи го на ум тоа општество, Исус ги советувал своите ученици: „А вие, немојте да се наречувате учители [Раби, NW], зашто еден е вашиот Учител — Христос, а вие сте сите браќа“ (Матеј 23:8). Религиозната титула, како што е „Раби“, што значи „Учител“, „има тенденција да предизвика гордост и чувство на супериорност кај оние кои ја поседуваат, а завист и чувство на инфериорност кај оние кои ја немаат; и целиот нејзин дух и тенденција се спротивни на ‚едноставноста која е во Христос‘“, забележал библискиот изучувач Алберт Барнс. Секако, христијаните се воздржуваат од тоа да им се обраќаат на надгледниците кои се меѓу нив со „старешина тој и тој“, користејќи го зборот „старешина“ како некоја ласкава титула (Јов 32:21, 22). Од друга страна, пак, старешините живеат во склад со духот на Исусовиот совет да им искажуваат чест на другите членови на собранието, исто како што Јехова им искажува чест на лојалните обожаватели и како што Исус Христос им искажува чест на лојалните следбеници.
Примерот на Јехова и на Исус
3. Како Јехова им искажувал чест на своите духовни творби?
3 Иако Јехова е „Севишен“, тој уште од самиот почеток им искажувал чест на своите суштества со тоа што ги вклучил во своите дела (Псалм 82:18). При создавањето на првиот човек, Јехова го вклучил својот единороден Син во тој проект како „главен работник“ (NW) (Изреки 8:27—30; 1. Мојсеева 1:26). Кога Јехова одлучил да го уништи злобниот цар Ахав, Тој дури ги замолил и своите небесни ангели да се произнесат во врска со спроведувањето на тоа уништување (3. Царства 22:19—23).
4, 5. Како Јехова им искажува чест на своите човечки суштества?
4 Јехова владее како Врховен Суверен на универзумот (5. Мојсеева 3:24). Тој нема потреба да се консултира со луѓето. Сепак, така да се каже, тој се спушта на нивно ниво за да им обрне внимание. Еден псалмист пеел: „Кој е како Господ, нашиот Бог, Кој живее во висините, и Кој со смиреност гледа на небото и на земјата; Кој од прав го издига сиромавиот“ (Псалм 113:5—8, NW).
5 Пред да ги истреби Содом и Гомора, Јехова ги сослушал прашањата на Авраам и го задоволил неговото чувство за правда (1. Мојсеева 18:23—33). Иако Јехова веќе го знаел исходот од барањата на Авраам, тој стрпливо го сослушал и го прифатил неговото резонирање.
6. Каков бил резултатот од тоа што Јехова му искажал чест на Авакум кога тој поставил едно прашање?
6 Исто така, Јехова го сослушал и Авакум кој прашал: „До кога, Господи, ќе повикувам, а Ти не ме слушаш?“ Дали Јехова гледал на тоа прашање како на предизвик за неговиот авторитет? Не, прашањата на Авакум ги сметал за оправдани, и затоа му ја открил својата намера дека ќе ги подигне Халдејците да го извршат судот. Го уверил пророкот дека ‚овој претскажан суд ќе дојде‘ (Авакум 1:1, 2, 5, 6, 13, 14; 2:2, 3). Со тоа што сериозно ја зел предвид загриженоста на Авакум и му одговорил, Јехова му искажал чест на пророкот. Како резултат на тоа, избезумениот пророк се разведрил и се развеселил, со целосна доверба во Богот на своето спасение. Ова се гледа од инспирираната книга Авакум која ја зајакнува нашата доверба во Јехова денес (Авакум 3:18, 19).
7. Зошто е значајна улогата на Петар на Пентекост 33 н.е.?
7 Исус Христос е уште еден убав пример за искажување почит на другите. Тој им рекол на своите ученици дека ‚кој ќе се одрече од него пред луѓето, и тој ќе се одрече од него пред својот Отец‘ (Матеј 10:32, 33). Меѓутоа, ноќта кога бил предаден, сите негови ученици го напуштиле, а апостол Петар трипати се одрекол од него (Матеј 26:34, 35, 69—75). Исус гледал зад она што можело да се види однадвор и обрнал внимание на најскриените чувства на Петар, на неговото длабоко каење (Лука 22:61, 62). Само 51 ден подоцна, Христос го удостоил покајничкиот апостол со тоа што му дозволил да ги претставува Исусовите 120 ученици на ден Пентекост и да го употреби првиот од ‚клучевите од царството‘ (Матеј 16:19; Дела 2:14—40). На Петар му била дадена прилика да ‚се обрати и да ги укрепи своите браќа‘ (Лука 22:31—33).
Оддавање чест на членовите на семејството
8, 9. При укажувањето чест на својата сопруга, како може сопругот да ги имитира Јехова и Исус?
8 Сопрузите и родителите прават добро ако ги имитираат Јехова и Исус Христос во спроведувањето на авторитетот даден од Бог. Петар опоменал: „Вие сопрузи, живејте и понатаму на ист начин со нив според спознанието, укажувајќи им чест како на послаб, женски сад“ (1. Петрово 3:7, NW). Замисли дека држиш еден осетлив порцелански сад, очигледно покршлив отколку некој дрвен. Зарем нема повеќе да внимаваш? Сопругот може да го прави тоа така што ќе го имитира Јехова, ќе го сослуша мислењето на својата сопруга кога одлучува за некои семејни работи. Сети се дека Јехова одвоил време да резонира со Авраам. Бидејќи е несовршен, сопругот можеби нема целосен преглед на работата. Затоа, зарем не би било мудро да ѝ искаже чест на својата сопруга со тоа што искрено ќе го земе предвид нејзиното мислење?
9 Во земји каде што е длабоко вкоренет машкиот авторитет, сопругот мора да задржи на ум дека неговата сопруга можеби мора да надмине некоја голема бариера за да ги изрази своите најскриени чувства. Имитирај го начинот на кој постапувал Исус Христос со своите ученици — дел од класата на неговата идна невеста — додека бил на Земјата. Тој длабоко ги ценел, земајќи ги предвид нивните физички и духовни ограничувања дури и пред да ги кажат своите потреби (Марко 6:31; Јован 16:12, 13; Ефесјаните 5:28—30). Освен тоа, одвој време за да размислиш што прави твојата сопруга за тебе и за твоето семејство, и изрази го своето ценење со зборови и со дела. И Јехова и Исус ги ценеле, ги пофалувале и ги благословувале достојните (3. Царства 3:10—14; Јов 42:12—15; Марко 12:41—44; Јован 12:3—8). Откако нејзиниот сопруг станал Јеховин сведок, една христијанка од Ориентот рекла: „Мојот сопруг порано одеше три или четири чекори пред мене, оставајќи ме да носам сѐ. Сега тој ги носи торбите и покажува ценење за она што го правам дома!“ Зборот на искрено ценење е од голема помош за твојата сопруга да се чувствува ценета (Изреки 31:28).
10, 11. Што можат да научат родителите од Јеховиниот прекрасен пример во постапките со бунтовната нација Израел?
10 Во постапките со своите деца, особено кога е потребен укор, родителите треба да го имитираат Божјиот пример. ‚Господ го опоменувал Израилот и Јуда‘ да се одвратат од своите лоши патишта, но тие ‚останале тврдоглави‘ (4. Царства 17:13—15). Израелците дури ‚го мамеле [се обидувале да го измамат со својата уста, NW], а со јазикот свој го лажеле‘. Многу родители можеби мислат дека нивните деца понекогаш постапуваат така. Израелците ‚го искушувале Бог‘ и му нанесувале болка, навредувајќи го. Сепак, Јехова ‚милостивиот, им го простувал гревот и не ги истребувал‘ (Псалм 77:36—41).
11 Јехова дури ги молел Израелците: „И сега дојдете, да бидеме прави . . . Ако ви бидат гревовите како црвено сукно, ќе бидат бели како снег“ (Исаија 1:18, ДХК). Иако Јехова не грешел, тој ја поканил бунтовната нација да дојде и да ги исправат работите. Каков убав став за имитирање имаат родителите во постапките со своите деца! Кога ситуацијата го налага тоа, удостои ги така што ќе ја сослушаш нивната страна на приказната, и ќе резонираш со нив во врска со тоа зошто мораат да се променат.
12. а) Зошто треба да избегнуваме да им искажуваме поголема чест на децата отколку на Јехова? б) Што е потребно за да го почитуваме достоинството на нашите деца кога им даваме укор?
12 Секако, понекогаш на децата им е потребен строг совет. Родителите не би сакале да бидат како Илија кој ‚ги претпочитал синовите свои повеќе од Јехова‘ (1. Царства 2:29). Сепак, младите треба да видат дека зад исправката стои мотив полн со љубов. Треба да бидат способни да сфатат дека родителите навистина ги сакаат. Павле ги опоменува татковците: „Не дразнете ги децата свои, туку воспитувајте ги во науката и стравот Господов!“ (Ефесјаните 6:4). Иако е само по себе разбирливо дека таткото има авторитет, поентата е дека таткото треба да има обѕир кон достоинството на децата со тоа што нема да ги лути со претерана грубост. Да, земањето во обѕир на достоинството на децата бара време и напор од страна на родителите, но плодовите кои произлегуваат од тоа вредат за секакви жртви.
13. Какво е библиското гледиште за постарите во семејството?
13 Покажувањето чест на членовите на семејството не завршува само со почитување на достоинството на сопругата и децата. „Кога ќе остариш, послушај ги децата“, вели една јапонска изрека. Поентата на таа изрека е дека остарените родители треба да се воздржуваат од пречекорување на својот родителски авторитет и дека треба да обрнат внимание на она што го велат нивните возрасни деца. Иако е библиски родителите да им искажуваат чест на своите деца со тоа што ќе ги сослушуваат, децата не треба да покажуваат став на непочитување кон постарите членови на семејството. „Не ја занемарувај [презирај, NW] мајка си кога таа ќе остарее“, се вели во Изреки 23:22. Цар Соломон живеел во склад со оваа изрека и ѝ искажал чест на својата мајка кога му пристапила со молба. Соломон наредил да се постави престол на неговата десна страна за да сослуша што има да му каже неговата остарена мајка Вирсавија (3. Царства 2:19, 20).
14. Како можеме да им искажеме чест на постарите членови на собранието?
14 Во нашето пошироко духовно семејство, ние сме во добра положба да ‚предводиме‘ (NW) во искажувањето чест на постарите членови на собранието (Римјаните 12:10). Можеби тие не можат да прават колку што правеле порано, и тоа ги фрустрира (Проповедник 12:1—7). Една постара жена, помазан Сведок, која била прикована за кревет в болница, еднаш изразила таква фрустрираност: „Не можам веќе да чекам додека умрам и се вратам на работа“. Покажувањето должно признание и чест може да им помогне на таквите остарени. На Израелците им било заповедано: „Пред седо лице станувај, почитувај го лицето на старец“ (3. Мојсеева 19:32). Покажувај обѕир со тоа што ќе придонесеш постарите да се чувствуваат потребни и ценети. ‚Станувањето‘ може да вклучува и да седнеме и да слушаме додека раскажуваат што постигнале тие пред многу години. Тоа ќе придонесе постарите да се чувствуваат достоинствено и ќе го збогати нашиот духовен живот.
„Предводете во покажувањето чест“
15. Што можат да сторат старешините за да покажат почит кон достоинството на членовите на собранието?
15 Членовите на собранието цветаат кога старешините им даваат добар пример (1. Петрово 5:2, 3). И покрај својот исполнет распоред, грижливите старешини преземаат иницијатива да им пристапат на младите, на семејните поглавари, на самохраните мајки, на домаќинките и на постарите, сеедно дали тие се соочуваат со проблеми или не. Старешините слушаат што имаат да им кажат членовите на собранието и ги пофалуваат за она што можат да го сторат. Еден внимателен старешина кој дава пофални коментари за она што го прави некој брат или сестра, го имитира Јехова кој ги цени своите земни суштества.
16. Зошто треба на старешините да гледаме како на лица кои заслужуваат чест заедно со другите во собранието?
16 Имитирајќи го Јехова, старешините даваат убав пример во применувањето на опомената на Павле: „Во братската љубов имајте нежна наклоност еден спрема друг. Предводете во покажувањето чест еден спрема друг“ (Римјаните 12:10, NW). Ова може да им биде потешко на оние старешини кои живеат во земји каде што класната свесност е норма. На пример, во една земја на Ориентот постојат два збора за „брат“, едниот е почесен израз, а другиот е вообичаен термин. Сѐ до неодамна, членовите на собранието им се обраќале на старешините и на постарите со обликот кој е почесен израз, додека вообичаениот термин го користеле за другите. Меѓутоа, биле охрабрени секогаш да го користат вообичаениот термин бидејќи, како што Исус им кажал на своите следбеници, „вие сте сите браќа“ (Матеј 23:8). Иако разликата во други земји можеби не е толку очигледна, сите ние треба да бидеме свесни за тенденцијата на човекот да прави класни разлики (Јаков 2:4, NW).
17. а) Зошто старешините треба да бидат пристапливи? б) На кои начини можат старешините да го имитираат Јехова во постапките со членовите на собранието?
17 Точно, Павле нѐ охрабрил да постапуваме со некои старешини како со лица достојни за „двократна чест“, но тие сѐ уште се браќа (1. Тимотеј 5:17, NW). Ако можеме „слободно да пристапуваме кон престолот на благодатта“ на Универзалниот Суверен, зарем не треба да можеме да им пристапиме на старешините кои го имитираат Јехова? (Евреите 4:16; Ефесјаните 5:1). Надгледниците можат да проценат колку се пристапливи со тоа што ќе размислат колку често другите доаѓаат кај нив за да побараат совет или да им дадат предлози. Извлечи поука од начинот на кој Јехова ги вклучува другите во своите проекти. Тој го почитува достоинството на другите на тој начин што им доделува одговорности. Дури и ако некои предлози што ги понудил некој друг Сведок можеби изгледаат непрактични, старешините треба да ја ценат покажаната грижа. Запомни како се однесувал Јехова со испитувачките прашања на Авраам и со повикот на Авакум кога бил во неволја.
18. Како можат старешините да го имитираат Јехова во исправањето на оние на кои им е потребна помош?
18 На некои сохристијани навистина им е потребно исправање (Галатјаните 6:1). Сепак, тие се скапоцени во Јеховини очи и заслужуваат со нив да се постапува со достоинство. „Кога некој кој ќе ми понуди совет се однесува со мене со почит, се чувствувам слободен да му пристапам“, рекол еден Сведок. Повеќето луѓе добро реагираат на советот кога со нив се постапува со достоинство. Можеби ќе одземе повеќе време, но ислушувањето на оние кои презеле погрешни чекори им олеснува да го прифатат кој и да било потребен совет. Задржи на ум дека Јехова секогаш одново резонирал со Израелците од милосрдие кон нив (2. Летописи 36:15; Тит 3:2). Советот даден со соживување и сочувство ќе ги трогне срцата на оние на кои им треба помош (Изреки 17:17; Филипјаните 2:2, 3; 1. Петрово 3:8).
19. Како треба да гледаме на луѓето кои не ги делат христијанските верувања?
19 Нашето искажување чест на другите се проширува и на оние кои можеби во иднина ќе станат наши духовни браќа. Таквите луѓе можеби сега споро ја прифаќаат нашата порака, но сѐ уште треба да бидеме стрпливи со нив и да го признаеме нивното достоинство како луѓе. Јехова „не сака да изгинат некои, туку сите да се обрнат кон покајание“ (2. Петрово 3:9). Зарем не треба да го имаме Јеховиното гледиште? Размислувајќи за луѓето воопшто, ќе го пробиеме патот да дадеме сведоштво ако секогаш се обидуваме да бидеме пријателски настроени. Се разбира, се воздржуваме од она пријателство кое може да вклучува духовни опасности (1. Коринтјаните 15:33). Сепак, покажуваме ‚човекољубивост‘ на тој начин што не ги презираме луѓето кои не ги делат нашите верувања (Дела 27:3).
20. На што треба да нѐ наведе примерот на Јехова и на Исус Христос?
20 Да, Јехова и Исус Христос го сметаат секого од нас за достоен за почит. Нека секогаш се присетуваме како постапуваат тие и на сличен начин да предводиме во искажувањето чест еден на друг. И нека секогаш ги имаме на ум зборовите на нашиот Господ Исус Христос: „Вие сте сите браќа“ (Матеј 23:8).
Како би одговорил?
• Како треба да гледаме на сообожавателите?
• Како примерот на Јехова и на Исус те поттикнуваат да им искажуваш чест на другите?
• Како можат сопрузите и родителите да им искажуваат чест на другите?
• На кои начини ќе бидат поттикнати да дејствуваат старешините ако ги гледаат сохристијаните како свои браќа?
[Слика на страница 18]
Искажувај ѝ чест на својата сопруга со зборови на ценење
[Слика на страница 18]
Покажи почит кон достоинството на твоите деца така што ќе ги сослушаш
[Слика на страница 18]
Однесувај се кон членовите на собранието со достоинство