Напредувај кон зрелост — „близу е големиот ден на Јехова“
„Да напредуваме кон зрелост“ (ЕВР. 6:1)
1, 2. Како на христијаните во Ерусалим и Јудеја во првиот век им се пружила можност да „бегаат во планините“?
КОГА Исус бил на Земјата, неговите ученици го прашале: „Кој ќе биде знакот на твојата присутност и на свршетокот на овој поредок?“ Пророштвото што Исус им го кажал тогаш, првпат се исполнило во првиот век. Тој зборувал за еден необичен настан што требало да покаже дека крајот е многу близу. Кога ќе го виделе тој настан, ‚оние што биле во Јудеја требало да бегаат во планините‘ (Мат. 24:1-3, 15-22). Дали учениците на Исус го препознале знакот, и дали ги послушале неговите упатства?
2 Речиси три децении подоцна, во 61 год. од н.е., апостол Павле им напишал директна и отрезнувачка порака на еврејските христијани што живееле во Ерусалим и околината. Павле и неговите соверници не биле свесни дека настанот со кој ќе започне една „голема неволја“, всушност, требало да се случи за само пет години (Мат. 24:21). Во 66 год. од н.е., Цестиј Гал ги предводел римските војски во еден напад на Ерусалим при што за малку ќе го освоел градот. Но, ненадејно се повлекол и со тоа им дал можност на христијаните да избегаат на безбедно.
3. Каков совет им дал Павле на еврејските христијани, и зошто?
3 Тие христијани требало да сфатат дека настаните што се случувале биле исполнување на зборовите на Исус, и затоа требало да бегаат. Меѓутоа, некои ‚станале мрзливи да слушаат‘. Во духовен поглед биле како бебиња на кои им треба „млеко“. (Прочитај Евреите 5:11-13.) Дури и некои што со децении оделе по патот на вистината покажувале знаци дека ‚отстапуваат од живиот Бог‘ (Евр. 3:12). Некои имале „обичај“ да ги пропуштаат христијанските состаноци и тоа токму во времето кога ‚се приближувал денот‘ на неволјата (Евр. 10:24, 25). Павле им дал навремен совет. Тој им пишал: „Сега, кога го оставивме основното учење за Христос, да напредуваме кон зрелост“ (Евр. 6:1).
4. Зошто е важно будно да внимаваме, и што ќе ни помогне во тоа?
4 Во нашево време тече последното исполнување на Исусовото пророштво. „Близу е големиот ден на Јехова“ — денот кога ќе му биде ставен крај на целокупниот Сатанов поредок (Соф. 1:14). Како никогаш порано, мораме да бидеме духовно будни и да останеме блиски со Јехова (1. Пет. 5:8). Може ли да се каже тоа за нас? Ако сме зрели христијани, и понатаму ќе бидеме свесни во кое време живееме.
Што е христијанска зрелост
5, 6. а) Што значи да се биде духовно зрел? б) На кои две подрачја треба да вложиме труд ако сакаме да напредуваме кон зрелост?
5 Павле ги поттикнал еврејските христијани од првиот век да напредуваат кон зрелост, но им кажал и што значи да се биде духовно зрел. (Прочитај Евреите 5:14.) „Зрелите“ луѓе не се задоволни само со „млеко“. Тие се хранат со ‚тврда храна‘. Значи, тие ги знаат и „основните“ работи и ‚длабочините‘ на вистината (1. Кор. 2:10). Освен тоа, нивната моќ на согледување, преку искуство — односно преку примена на она што го знаат — е извежбана да разликува добро и зло. Кога треба да донесат некаква одлука, ова им помага да сфатат кои библиски начела важат за нивната ситуација и како да ги применат.
6 Павле напишал: „Треба да му обрнеме посебно внимание на она што сме го чуле, за да не бидеме одвлечени од верата“ (Евр. 2:1). Може да се случи дури и несвесно да бидеме одвлечени од верата. Нема да го дозволиме тоа ако обрнуваме „посебно внимание“ додека ги проучуваме библиските вистини. Затоа, секој од нас треба да размисли: ‚Дали сѐ уште се вртам околу основните учења? Дали ги правам работите чисто механички и рутински без да ја чувствувам вистината длабоко во срцето? Како можам навистина духовно да напредувам?‘ За да напредуваме кон зрелост, треба да вложиме труд на најмалку две подрачја. Мораме добро да ја запознаеме Божјата реч. И, треба да се научиме на послушност.
Добро да ја запознаеме Речта
7. Како ќе ни помогне тоа што подобро ќе се запознаеме со Божјата реч?
7 Павле напишал: „Секој што се храни со млеко, не ја познава речта на праведноста, оти е дете“ (Евр. 5:13). За да станеме зрели христијани, мораме добро да знаеме што ни кажува тој, односно која е неговата порака до нас. Бидејќи оваа порака е запишана во неговата Реч, треба темелно да ја проучуваме Библијата, како и публикациите што ги добиваме од „верниот и разборит роб“ (Мат. 24:45-47). Кога на ваков начин ги впиваме Божјите мисли, тоа може да ни помогне да ја вежбаме нашата моќ на согледување. Размисли за она што го кажува една христијанка по име Орхидеја.a Таа вели: „Најсилно влијание врз мојот живот имаше советот редовно да ја читаме Библијата. Ми требаа две години за да ја прочитам целата Библија, но тоа беше како првпат да се запознавам со мојот Творец. Научив многу за неговите постапки, дознав што му се допаѓа и што не му се допаѓа, колку голема моќ има и колку е мудар. Тоа што редовно ја читам Библијата ми помогна да пребродам некои од најтешките моменти во животот“.
8. Какво влијание може да има Божјата реч врз нас?
8 Кога редовно ја читаме Божјата реч, дозволуваме нејзината порака ‚да продре‘ во нас, односно да влијае врз нашето срце. (Прочитај Евреите 4:12.) Тоа читање може да ја обликува нашата личност и така ќе му станеме уште помили на Јехова. Дали можеби ти лично треба да одвоиш повеќе време за да ја читаш Библијата и да размислуваш за она што го читаш?
9, 10. Што значи да ја запознаеме Божјата реч? Наведи пример.
9 Да ја познаваме Библијата не значи само да знаеме што пишува во неа. Христијаните во времето на Павле што биле како бебиња во духовен поглед веројатно имале некакво познавање за Божјата реч. Меѓутоа, не ја користеле и не ја применувале во својот живот за да можат да видат од колкава корист е тоа. Бидејќи не ѝ дозволиле на библиската порака да ги води кога донесувале одлуки, тие не ја запознале вистински Божјата реч.
10 Да ја запознаеме Божјата реч значи да дознаеме што вели таа и потоа ова знаење да го примениме во пракса. Примерот на една христијанка по име Кајли ни покажува како можеме да го правиме ова. Кајли се скарала со една од колешките на работа. Што направила за да се реши проблемот? Таа објаснува: „Во мислите постојано ми се вртеше стихот од Римјаните 12:18, каде што стои: ‚Колку што зависи од вас, бидете во мир со сите луѓе‘. Затоа ја замолив колешката да поразговараме после работа“. Разговорот завршил многу добро, а колешката била импресионирана од чекорот на Кајли. „Сфатив дека никогаш нема да згрешиме ако ги применуваме библиските начела“, вели Кајли.
Да се учиме на послушност
11. Што покажува дека не е секогаш лесно да се биде послушен во тешки околности?
11 Не е секогаш лесно да го применуваме она што го учиме од Библијата, особено во тешки околности. На пример, набрзо откако Јехова ги избавил Израелците од ропството во Египет, тие ‚почнале да се препираат со Мојсеј и да го испитуваат Јехова‘. Зошто? Затоа што немале вода за пиење (2. Мој. 17:1-4). По неполни два месеца откако стапиле во сојуз со Бог и се согласиле да ги вршат ‚сите заповеди што ги дал Јехова‘, тие го прекршиле законот за идолопоклонство (2. Мој. 24:3, 12-18; 32:1, 2, 7-9). Дали го направиле тоа затоа што ги фатил страв кога виделе дека Мојсеј го нема веќе подолго време додека примал упатства на планината Хорив? Дали си помислиле дека Амаличаните пак ќе ги нападнат и дека ќе бидат беспомошни без Мојсеј, чии високо кренати раце пред тоа им донеле победа? (2. Мој. 17:8-16). Можеби. Сепак, која и да е причината, Израелците ‚не сакале да му бидат послушни‘ на Јехова (Дела 7:39-41). Павле ги поттикнал христијаните ‚да дадат сѐ од себе за да не паднат по примерот на истата непослушност‘ што ја покажале Израелците кога се исплашиле да влезат во Ветената земја (Евр. 4:3, 11).
12. Како Исус се научил на послушност, и кој бил резултатот од тоа?
12 За да напредуваме кон зрелост, треба да даваме сѐ од себе за да му бидеме послушни на Јехова. Како што покажува и примерот на Исус Христос, честопати се учиме на послушност од работите што сме ги претрпеле. (Прочитај Евреите 5:8, 9.) Пред да дојде на Земјата, Исус му бил послушен на својот Татко. Меѓутоа, кога дошол како човек на Земјата, претрпел физички и психички страдања затоа што ја вршел волјата на својот Татко. Поради тоа што останал послушен и во такви тешки околности, Исус бил „направен совршен“ за новата положба на која Бог имал намера да го постави — да биде Цар и Првосвештеник.
13. Што покажува дали сме се научиле на послушност?
13 Како е со нас? Дали сме решени да му бидеме послушни на Јехова дури и кога се соочуваме со тешки проблеми? (Прочитај 1. Петрово 1:6, 7.) Божјите совети во врска со моралот, чесноста, говорот, читањето и проучувањето на Библијата, присуството на христијанските состаноци и проповедањето се многу јасни (Ис. Нав. 1:8; Мат. 28:19, 20; Еф. 4:25, 28, 29; 5:3-5; Евр. 10:24, 25). Дали сме му послушни на Јехова во овие работи дури и во тешки времиња? Ако да, тогаш покажуваме дека сме напредувале кон зрелост.
Христијанска зрелост — зошто е корисна?
14. Објасни како тоа што напредуваме кон зрелост може да ни биде заштита.
14 Во овој свет во кој луѓето „изгубиле секакво чувство за тоа што е чесно“, за еден христијанин е вистинска заштита доколку моќта на согледување му е исправно извежбана да разликува добро и зло (Еф. 4:19). На пример, еден брат по име Џејмс, кој редовно ги читал и многу ги ценел библиските публикации, се вработил на место каде што работеле само жени. Тој вели: „Повеќето од жените беа со слаб морал, но една колешка изгледаше како добра личност и почна да се интересира за библиската вистина. Меѓутоа, еднаш, кога останавме сами во една просторија, таа почна да ме прегрнува. Мислев дека се шегува, но не беше лесно да ја запрам. Тогаш се сетив на едно искуство што го имав прочитано во Стражарска кула за еден брат кој се нашол во слична ситуација на работа. Во статијата беше наведен примерот на Јосиф и жената на Петефри.b Веднаш ја оттурнав девојката, и таа избега“ (1. Мој. 39:7-12). Џејмс бил многу благодарен што не се случило ништо и што не си ја извалкал совеста (1. Тим. 1:5).
15. Како тоа што ќе напредуваме кон зрелост ќе го зајакне нашето симболично срце?
15 Зрелоста е корисна и затоа што ни го зајакнува симболичното срце и нѐ штити да не ‚нѐ заведат разни туѓи учења‘. (Прочитај Евреите 13:9.) Кога се трудиме да напредуваме духовно, нашиот ум останува сконцентриран на она „што е најважно“ (Фил. 1:9, 10). На тој начин се продлабочува нашата благодарност кон Бог за сѐ што направил за нас (Рим. 3:24). Еден христијанин кој е ‚возрасен во разборитоста‘ чувствува таква благодарност и е близок со Јехова (1. Кор. 14:20).
16. Што ѝ помогнало на една сестра ‚да ѝ се зацврсти срцето‘?
16 Една сестра по име Луиза признала дека, некое време откако се крстила, најважно ѝ било што мислат другите за неа. Таа вели: „Не правев ништо погрешно, но срцето не ми гореше од желба да му служам на Јехова. Сфатив дека морам да сменам нешто ако сакам да му давам на Јехова сѐ што можам. Најголемата промена што требаше да ја направам беше да почнам да му служам со сета душа“. Затоа што вложила таков напор, на Луиза ‚ѝ се зацврстило срцето‘, а ова одиграло многу важна улога кога подоцна се разболела (Јак. 5:8). Таа вели: „Воопшто не ми беше лесно, но многу се зближив со Јехова“.
‚Послушни од срце‘
17. Зошто во првиот век било особено важно да се биде послушен?
17 Советот на Павле ‚да напредуваат кон зрелост‘ им го спасил животот на христијаните што живееле во Ерусалим и Јудеја во првиот век. Оние што го послушале гледале на работите со духовни очи и го препознале знакот што Исус им го дал за да ‚бегаат во планините‘. Кога виделе „дека гадотијата која пустоши... стои на свето место“, односно ги виделе римските војски што го опколиле и почнале да пробиваат во Ерусалим, знаеле дека е време да бегаат (Мат. 24:15, 16). Послушни на пророчкото предупредување што им го кажал Исус, христијаните избегале од Ерусалим пред да биде уништен и, како што кажува црковниот историчар Евзебиј, отишле да живеат во градот Пела во галадскиот планински крај. На тој начин успеале да се спасат од најтешката несреќа што некогаш го снашла Ерусалим.
18, 19. а) Зошто денес е многу важно да бидеме послушни? б) Што ќе разгледаме во следната статија?
18 Послушноста која е резултат на нашиот напредок кон зрелост ќе значи живот и за нас кога ќе се случи главното исполнување на Исусовото пророштво дека „ќе има голема неволја“ со невидени размери (Мат. 24:21). Ќе бидеме ли послушни на сите итни упатства што ќе ги добиеме во иднина од „верниот и разборит управител“? (Лука 12:42). Многу е важно навистина да научиме ‚да бидеме послушни од срце‘! (Рим. 6:17).
19 За да станеме зрели, мора да ја вежбаме нашата моќ на согледување. Тоа го правиме така што вложуваме труд подобро да ја запознаеме Божјата реч и се учиме на послушност. Младите се соочуваат со посебни предизвици додека напредуваат кон христијанска зрелост. Во следната статија ќе разгледаме како можат тие да ги совладаат ваквите предизвици.
[Фусноти]
a Некои имиња се сменети.
b Види ја статијата „Зајакнати да кажеме ‚не‘ на престапувањето“, во Стражарска кула од 1 октомври 1999.
Што научи?
• Што значи да се биде духовно зрел, и како се станува таков?
• Колку е важно да ја познаваме Божјата реч за да напредуваме кон зрелост?
• Како се учиме на послушност?
• Како ни користи зрелоста?
[Слика на страница 10]
Кога ги применуваме библиските совети, можеме да ги решаваме проблемите на зрел начин
[Слика на страници 12 и 13]
Првите христијани се спасиле затоа што го послушале советот на Исус