Бегство на безбедно пред ‚големата неволја‘
„Кога ќе го видите Ерусалим опколен од војски, . . . оние што се наоѓаат во Јудеја, нека бегаат во планините“ (ЛУКА 21:20, 21).
1. Зошто е итно бегството за оние кои сѐ уште се дел од светот?
ЗА СИТЕ кои се дел од Сатановиот свет, итно е да бегаат. За да бидат поштедени кога сегашниот систем на ствари ќе биде избришан од Земјата, тие треба да дадат убедлив доказ дека зазеле цврст став на Јеховината страна и дека повеќе не се дел од светот чијшто владетел е Сатана (Јаков 4:4; 1. Јованово 2:17).
2, 3. Кои прашања во врска со Исусовите зборови, запишани во Матеј 24:15—22, ќе ги дискутираме?
2 Во своето значајно пророштво за свршетокот на системот на ствари, Исус ја нагласил животоважната потреба од таквото бегство. Ние честопати дискутираме за она што е запишано во Матеј 24:4—14; сепак, она што следи не е ништо помалку важно. Те охрабруваме сега да ја отвориш својата Библија и да ги прочиташ стиховите 15 до 22.
3 Што значи ова пророштво? Што била во првиот век „мерзоста на запустението [одвратната работа што предизвикува опустошување, НС]“? Што навестувало тоа што се наоѓала „на свето место“? Од какво значење е тој настан за нас?
„Читателот нека примени способност за разликување“
4. а) Што ќе уследи по отфрлањето на Месијата од страна на Евреите, како што рекол Даниил 9:27? б) Кога се осврнал на ова, зошто Исус очигледно рекол: „Читателот нека примени способност за разликување“?
4 Забележи во Матеј 24:15 дека Исус се осврнал на она што било запишано во книгата на Даниил. Во 9. поглавје од таа книга се наоѓа едно пророштво што го претскажало доаѓањето на Месијата и осудата што ќе биде извршена врз еврејската нација поради тоа што го отфрлиле. Последниот дел од стих 27 (НС) вели: „И на крилото на одвратните работи ќе биде оној кој предизвикува опустошување“. Раната еврејска традиција го применила тој дел од Данииловото пророштво на обесчестувањето на Јеховиниот храм во Ерусалим од страна на Антиох IV во вториот век пр. н. е. Но, Исус предупредил: „Кој чита, нека разбере [Читателот нека примени способност за разликување, НС]“. Иако сигурно било одвратно, сквернавењето на храмот од страна на Антиох IV не довело до опустошување — на Ерусалим, на храмот или на еврејската нација. Според тоа, Исус очигледно ги предупредувал своите слушатели дека исполнувањето на ова не било во минатото, туку допрва во иднината.
5. а) На кој начин една споредба на извештаите од евангелијата ни помага да ја идентификуваме „одвратната работа“ од првиот век? б) Зошто Цестеј Гал во 66 година н. е. брзо испратил воени сили во Ерусалим?
5 Што била „одвратната работа“ на која тие требало да внимаваат? Значајно е тоа што Матеевото евангелие вели: „Штом ја видите мерзоста на запустението [одвратната работа што предизвикува опустошување, НС] да стои на свето место“. Меѓутоа, паралелниот извештај во Лука 21:20 гласи: „Кога ќе го видите Ерусалим опколен од војски, знајте — дека се приближило неговото запустување“. Во 66 година н. е., христијаните кои живееле во Ерусалим го виделе тоа што го прорекол Исус. Една серија инциденти во кои биле вклучени конфликти меѓу Евреите и римските службеници, довела до тоа Ерусалим да стане жариште на бунт против Рим. Како последица на тоа, ширум Јудеја, Самарија, Галилеја, Десетоградието и Феникија, на север во Сирија и на југ во Египет, избувнало насилство. Со цел да обнови некаков мир во тој дел од Римското Царство, Цестеј Гал брзо испратил воени сили од Сирија во Ерусалим за којшто Евреите зборувале како за нивни ‚свет град‘ (Неемија 11:1, НС; Исаија 52:1).
6. На кој начин било вистина дека една ‚одвратна работа‘ која можела да предизвика опустошување, почнала „да стои на свето место“?
6 Било вообичаено римските легии да носат бајраци, односно знамиња што тие ги сметале за свети, но коишто Евреите ги сметале за идолопоклонички. Интересно е што хебрејскиот збор преведен со ‚одвратна работа‘ во книгата на Даниил главно е употребен за идоли и за идолопоклонствоa (5. Мојсеева 29:17). И покрај отпорот на Евреите, во ноември 66 година н. е., римските сили кои ги носеле своите идолопоклонички знамиња, продреле во Ерусалим и потоа почнале да го поткопуваат храмскиот ѕид на север. Немало сомневање во тоа — една ‚одвратна работа‘ која можела да предизвика потполно опустошување на Ерусалим, ‚стоела на свето место‘! Но, како можел некој да побегне?
Бегството било итно!
7. Што сторила римската војска неочекувано?
7 Ненадејно и без некаква видлива причина од човечка гледна точка, кога се чинело дека Ерусалим можел лесно да биде заземен, римската војска се повлекла. Еврејските бунтовници ги гонеле римските трупи кои се повлекувале, но само до Антипатрида, околу 50 километри од Ерусалим. Потоа се вратиле. Кога пристигнале во Ерусалим, се собрале во храмот за да испланираат натамошна воена стратегија. Младите биле регрутирани за да ги зајакнат тврдините и да служат војска. Дали христијаните би се вклучиле во ова? Дури и да го избегнеле, дали сѐ уште би биле во опасната зона кога римските војски се вратиле?
8. Каква итна постапка презеле христијаните од послушност спрема Исусовите пророчки зборови?
8 Христијаните во Ерусалим и во сета Јудеја наскоро постапиле според пророчкото предупредување што го дал Исус Христос и побегнале од опасната зона. Бегството било итно! Со текот на времето, тие отишле во планинските предели, а некои веројатно се населиле во Пела, во провинцијата Переја. Оние кои го зеле при срце Исусовото предупредување, не постапиле лудо па да се вратат во обид да ги спасат своите материјални имоти. (Спореди Лука 14:33.) Напуштањето на Ерусалим под такви околности, за бремените жени и за мајките доилки сигурно било тешко патување пеш. Нивното бегство не било спречено од ограничувањата на сабатниот ден и, иако зимата била близу, таа сѐ уште не била дојдена. Оние кои обрнале внимание на Исусовото предупредување да бегаат брзо, наскоро биле на безбедно надвор од Ерусалим и од Јудеја. Од тоа зависеле нивните животи. (Спореди Јаков 3:17, НС.)
9. Колку брзо се вратиле римските сили, и со какви последици?
9 Веднаш потоа, во 67 година н. е., Римјаните ги обновиле воените операции против Евреите. Прво била потчинета Галилеја. Во следната година била распарчена Јудеја. До 70 година н. е., римските сили го опколиле и самиот Ерусалим (Лука 19:43). Гладот станал крајно суров. Оние кои биле фатени во клопка во градот, се свртеле еден против друг. Сите кои се обиделе да побегнат, биле заклани. Она што тие го доживеале било како што Исус рекол: „мака [голема неволја, НС]“ (Матеј 24:21).
10. Што друго ќе забележиме ако читаме со способност за разликување?
10 Дали тоа потполно го исполнило она што го прорекол Исус? Не, требало да дојде уште. Како што советувал Исус, ако го читаме Светото писмо со способност за разликување, нема да пропуштиме да го забележиме она што допрва претстои. Исто така, сериозно ќе размислиме за неговите импликации во нашиот сопствен живот.
Современата ‚одвратна работа‘
11. Во кои други два извадока Даниил се осврнува на „одвратната работа“ и за кој временски период се дискутира таму?
11 Забележи дека, освен она што го видовме во Даниил 9:27, постојат натамошни осврнувања на „одвратната работа што предизвикува опустошување“, во Даниил 11:31 и 12:11. Во ниеден од овие последниве примери не се зборува за уништувањето на Ерусалим. Всушност, она што е речено во Даниил 12:11, се појавува само два стиха после едно осврнување на „последното време“ (Даниил 12:9). Од 1914 година, ние живееме во еден таков временски период. Затоа, треба да бидеме будни за да ја препознаеме современата ‚одвратна работа што предизвикува опустошување‘, а потоа, се разбира, да излеземе од опасната зона.
12, 13. Зошто е соодветно Лигата на народите да се опише како современа ‚одвратна работа‘?
12 Што е современата ‚одвратна работа‘? Доказите укажуваат на Лигата на народите која почнала да дејствува во 1920 година, кратко откако светот навлегол во своето време на крајот. Но, како можело тоа да биде ‚одвратна работа која предизвикува опустошување‘?
13 Сети се, хебрејскиот збор за ‚одвратна работа‘ се употребува во Библијата главно во врска со идоли и идолопоклонички постапки. Дали Лигата била идолизирана? Навистина била! Свештенството ја ставило „на свето место“, а неговите следбеници продолжиле да покажуваат страсна оддаденост кон неа. Федералниот совет на Христовите цркви од Америка изјавил дека Лигата ќе биде „политички израз на Божјето Царство на Земјата“. Сенатот на САД добил лавина од писма од религиозни групи кои го наговарале да ја ратификува Спогодбата на Лигата на народите. Генералното тело на баптистите, конгрегационалистите и презвитеријанците од Британија ја фалеле како „единствено расположливо средство за постигнување [мир на Земјата]“. (Види Откровение 13:14, 15.)
14, 15. На кој начин Лигата и подоцна Обединетите нации биле „на свето место“?
14 Месијанското Царство на Бог било воспоставено на небесата во 1914 година, но нациите продолжиле да се борат за своја сопствена сувереност (Псалм 2:1—6). Кога Лигата на народите била предложена, нациите кои штотуку се бореле во Првата светска војна, како и свештенството кое ги благословувало нивните трупи, веќе покажале дека се одрекле од Божјиот закон. Тие не го барале Христос за Цар. На тој начин, улогата на Божјето Царство ѝ ја припишале на една човечка организација; Лигата на народите ја ставиле „на свето место“, на место каде што не припаѓала.
15 Како наследник на Лигата, на 24 октомври 1945 година настанале Обединетите нации. Подоцна, римските папи ги поздравиле Обединетите нации како „последна надеж за слога и мир“ и како „врховен форум на мирот и правдата“. Да, Лигата на народите, заедно со нејзиниот наследник, Обединетите нации, навистина станала идол, ‚одвратна работа‘ во очите на Бог и на неговиот народ.
Да се бега од што?
16. Од што треба да бегаат денес љубителите на праведноста?
16 Штом ќе го ‚видат‘ ова, штом ќе препознаат што претставува таа меѓународна организација и на кој начин е идолизирана, љубителите на праведноста треба да бегаат на безбедно. Да бегаат од што? Од она што претставува современа паралела на неверниот Ерусалим, имено, од т. н. христијанство и од сиот Голем Вавилон, светскиот систем на лажна религија (Откровение 18:4).
17, 18. Какво опустошување ќе предизвика современата ‚одвратна работа‘?
17 Сети се, исто така, дека во првиот век, кога римската војска со своите идолопоклонички бајраци навлегла во светиот град на Евреите, таа била таму за да донесе опустошување за Ерусалим и за неговиот систем на обожавање. Во наше време, опустошувањето нема да дојде ниту само врз еден град ниту само врз христијанскиот свет, туку врз целокупниот светски систем на лажна религија (Откровение 18:5—8).
18 Во Откровение 17:16 е проречено дека една симболична скерлетна дива ѕверка, која се покажала дека е Обединетите нации, ќе се сврти против блудничкиот Голем Вавилон и дека насилно ќе го уништи. Користејќи сликовит јазик, се вели: „Десетте рогови, што ги виде на ѕверот, тие ќе ја замразат блудницата, ќе ја запустат и оголат, и телото нејзино ќе го изедат, а неа самата на оган ќе ја изгорат“. Што ќе значи ова, страшно е и да се помисли. Тоа ќе доведе до крај на секаков вид лажна религија во сите делови на Земјата. Ова навистина ќе покаже дека големата неволја започнала.
19. Кои елементи биле дел од Обединетите нации уште од нивното формирање, и зошто тоа е значајно?
19 Значајно е тоа што откако Обединетите нации почнаа со операции во 1945 година, атеистичките, антирелигиозни елементи заземаа истакнато место меѓу нејзиното членство. Во различни времиња, насекаде низ светот, таквите радикални елементи послужија како средство или строго ограничување или, пак, потполно забранување на религиозните постапки. Меѓутоа, во изминатите неколку години, на многу места имаше попуштање на владиниот притисок врз религиозните групи. На некои луѓе може да им се чини дека престанала секаква опасност за религијата.
20. Каква репутација си стекнале светските религии?
20 Религиите на Големиот Вавилон и понатаму претставуваат насилна подривачка сила во светот. Новинските наслови честопати ги идентификуваат завојуваните фракции и терористички групи, со тоа што именуваат некоја религија што тие ја поддржуваат. Полициски и воени специјалци морале насилно да влегуваат во храмовите за да го запрат насилството помеѓу ривалски религиозни фракции. Религиозни тела финансирале политички револуции. Верската омраза ги спречувала напорите на Обединетите нации да одржат стабилни односи меѓу етничките групи. Додека се стремат по целта за мир и безбедност, извесни елементи во Обединетите нации би сакале да го видат отстранувањето на секое религиозно влијание што им стои на патот.
21. а) Кој ќе одреди кога ќе биде уништен Големиот Вавилон? б) Што треба итно да се стори пред тоа?
21 Постои уште еден важен фактор за кој треба да се размисли. Иако милитаризираните рогови од Обединетите нации ќе бидат употребени за да го уништат Големиот Вавилон, тоа уништување навистина ќе биде израз на божествена осуда. Извршувањето на осудата ќе дојде во Божје одредено време (Откровение 17:17). Што треба ние да правиме во меѓувреме? „Излезете од неа“ — излезете од Големиот Вавилон — одговара Библијата (Откровение 18:4).
22, 23. Што вклучува едно такво бегство?
22 Ова бегство на безбедно не е некакво географско селење, какво што направиле еврејските христијани кога го напуштале Ерусалим. Тоа е бегство од религиите на христијанството, да, од кој и да е дел на Големиот Вавилон. Тоа значи потполно да се одделиме не само од лажните религиозни организации туку и од нивните обичаи и од духот што го создаваат. Тоа е бегство на безбедно место во Јеховината теократска организација (Ефесјаните 5:7—11).
23 Како реагирале Сведоците кога Јеховините помазани слуги после I светска војна за првпат ја идентификувале современата одвратна работа, Лигата на народите? Тие веќе ги имале прекинато своите членства во црквите на т. н. христијанство. Но, постепено увиделе дека сѐ уште се придржуваат за некои обичаи и постапки на т. н. христијанство, како што е употребата на крстот и славењето Божиќ, како и други пагански празници. Кога ја дознале вистината за овие работи, тие брзо дејствувале. Го зеле при срце советот од Исаија 52:11: „Одете си, одете си, излезете оттаму; не допирајте се до нечисто; излезете од средината негова, очистете се, вие што ги носите садовите Господови!“
24. Кој се придружил во бегството особено од 1935 година?
24 Особено од 1935 година наваму, едно растечко мноштво од други луѓе кои го прифатиле изгледот да живеат засекогаш на една рајска Земја, почнале да преземаат слична постапка. И тие ‚ја виделе мерзоста на запустението [одвратната работа што предизвикува опустошување, НС] да стои на свето место‘ и препознале што значи таа. Откако ја донеле својата одлука да бегаат, тие ги отстраниле своите имиња од членските списоци на организациите кои се дел од Големиот Вавилон (2. Коринтјаните 6:14—17).
25. Што уште се бара освен да се прекине секаква врска што некој можеби ја има со лажната религија?
25 Меѓутоа, бегањето од Големиот Вавилон вклучува многу повеќе отколку да се напушти лажната религија. Потребно е повеќе отколку да се присуствува на неколку состаноци во Салата на Царството или да се појде во проповедање на добрата вест во служба на подрачјето еднаш–двапати во месецот. Човек може физички да биде надвор од Големиот Вавилон, но дали тој навистина го оставил зад себе? Дали се одделил од светот во кој Големиот Вавилон зазема истакнато место? Дали сѐ уште цврсто се држи за оние работи кои го одразуваат неговиот дух — дух кој ги презира Божјите праведни мерила? Дали гледа површно на сексуалниот морал и на брачната верност? Дали личните и материјалните интереси ги нагласува повеќе отколку духовните интереси? Тој не треба да си дозволи да биде обликуван според овој систем на ствари (Матеј 6:24; 1. Петрово 4:3, 4).
Не дозволувај ништо да го спречи твоето бегство!
26. Што ќе ни помогне не само да го почнеме бегството туку и успешно да го довршиме?
26 Додека бегаме на безбедно, неопходно е да не гледаме копнежливо по работите зад нас (Лука 9:62). Треба да ги држиме нашите мисли и срца цврсто сосредоточени на Божјето Царство и на неговата праведност. Дали сме одлучни да ја покажеме својата вера барајќи ги најнапред нив, со доверба дека Јехова ќе го благослови таквиот верен пат? (Матеј 6:31—33). Нашите библиски втемелени уверувања би требало да нѐ поттикнат кон таа цел додека желно го очекуваме одвивањето на значајни настани на светската сцена.
27. Зошто е важно сериозно да се размисли за прашањата што се поставени тука?
27 Извршувањето на божествената осуда ќе почне со уништувањето на Големиот Вавилон. Тоа блудничко царство на лажната религија засекогаш ќе биде збришано од постоење. Тоа време е мошне близу! Каква ќе биде нашата положба како поединци кога ќе дојде тоа значајно време? И на чија страна ќе се најдеме во кулминацијата на таа голема неволја кога ќе биде уништен остатокот од Сатановиот зол систем? Ако сега ја преземеме потребната постапка, нашата безбедност ни е гарантирана. Јехова ни вели: „Но кој Мене Ме слуша, ќе живее безопасно и спокојно [во безбедност, НС]“ (Изреки 1:33). Ако продолжиме да му служиме на Јехова лојално и радосно во текот на свршетокот на овој систем, можеме да ги исполниме условите да му служиме на Јехова засекогаш.
[Фуснота]
a Види ја книгата Insight on the Scriptures (Увид во Писмото), издадена од Библиското и трактатно Друштво Стражарска кула, Њујорк, инк., том 1, страници 634, 635.
Дали се сеќаваш?
◻ Што претставува современата ‚одвратна работа‘?
◻ Во која смисла ‚одвратната работа е на свето место‘?
◻ Што вклучува сега бегањето на безбедно?
◻ Зошто е итна таквата постапка?
[Слика на страница 16]
За да преживеат, Исусовите следбеници морале неодложно да бегаат