„Читателот нека примени проникливост“
„Кога ќе ја здогледате одвратната работа што предизвикува опустошување . . . како стои на свето место . . . тогаш оние кои се во Јудеја нека почнат да бегаат по планините“ (МАТЕЈ 24:15, 16, NW).
1. Каков исход имало предупредувањето што го дал Исус, кое се наоѓа во Лука 19:43, 44?
АКО сме предупредени на некоја претстојна катастрофа, тоа може да ни помогне да ја избегнеме (Изреки 22:3). Затоа, замисли си ја ситуацијата на христијаните во Ерусалим во 66 н. е. после римскиот напад. Исус предупредил дека градот ќе биде опколен и уништен (Лука 19:43, 44). Повеќето Евреи го игнорирале. Но, неговите ученици внимавале на тоа предупредување. Како резултат на тоа, биле спасени од несреќата во 70 н. е.
2, 3. Зошто треба да бидеме заинтересирани за Исусовото пророштво запишано во Матеј 24:15—21?
2 Во едно пророштво кое нѐ вклучува и нас денес, Исус изложил еден комбиниран знак кој опфаќа војни, недостиг на храна, земјотреси, чуми и прогонство на христијаните кои проповедаат за Божјето Царство (Матеј 24:4—14; Лука 21:10—19). Исто така, Исус дал показател кој требало да им помогне на неговите ученици да знаат дека крајот е близу — ‚одвратната работа што предизвикува опустошување како стои на свето место‘ (Матеј 24:15, NW). Да ги испитаме повторно овие значајни зборови за да видиме како можат да влијаат врз нашиот живот сега и во иднина.
3 Откако го изложил знакот, Исус рекол: „Штом ја видите мерзоста на запустението [одвратната работа што предизвикува опустошување, NW] да стои на свето место, за која е зборувано преку пророкот Даниил — кој чита, нека разбере [читателот нека примени проникливост, NW], тогаш оние, што се наоѓаат во Јудеја, да бегаат по планините; кој е на покрив, нека не слегува да земе нешто од куќата своја; и кој е на нива, нека не се враќа дома за да ги земе алиштата свои! Но тешко на бремените и на оние што дојат во тие дни. Затоа молете се да не стане бегањето ваше зиме, или во сабота; оти тогаш ќе биде мака [голема неволја, NW], каква што не била од почетокот на светот“ (Матеј 24:15—21).
4. Што покажува дека Матеј 24:15 имал исполнување во првиот век?
4 Извештаите на Марко и Лука даваат дополнителни детали. Онаму каде што Матеј користи „стои на свето место“, Марко 13:14 вели „стои каде што не треба“. Лука 21:20 ги додава Исусовите зборови: „А кога ќе го видите Ерусалим опколен од војски, знајте — дека се приближило неговото запустување [опустошување, NW]“. Ова ни помага да увидиме дека првото исполнување го вклучувало римскиот напад на Ерусалим и на неговиот храм — место кое било свето за Евреите, но веќе не и за Јехова — напад кој почнал во 66 н. е. До целосно опустошување дошло кога Римјаните ги уништиле градот и храмот во 70 н. е. Што била „одвратната работа“ во тоа време? И како таа ‚стоела на свето место‘? Одговорите на овие прашања ќе ни помогнат да го разјасниме современото исполнување.
5, 6. а) Зошто на читателите на Даниил, поглавје 9, би им била потребна проникливост? б) Како се исполнило Исусовото пророштво во врска со „одвратната работа“?
5 Исус ги поттикнал читателите да применат проникливост. Читателите на што? Веројатно на Даниил, поглавје 9. Таму наоѓаме едно пророштво кое покажува кога ќе се појави Месијата и кое претскажува дека три и пол години после тоа тој ќе биде „отсечен“ (NW). Пророштвото вели: „На крилото на одвратните работи ќе биде оној кој предизвикува опустошување; а до едно истребување, ќе се истури токму она што е одлучено и врз оној кој лежи опустошен“ (Даниил 9:26, 27, NW; види и Даниил 11:31; 12:11, сите NW).
6 Евреите мислеле дека ова се применило на обесчестувањето на храмот од страна на Антиох IV околу 200 години пред тоа. Меѓутоа, Исус покажал нешто друго и поттикнал на проникливост бидејќи „одвратната работа“ требало допрва да се појави и да застане на „свето место“. Очигледно е дека Исус укажувал на римската војска која требало да дојде во 66 н. е. со карактеристични знамиња. Таквите знамиња, кои биле во употреба долго време, биле речиси идоли и им биле одвратни на Евреите.a Но, кога требало таа да ‚застане на свето место?‘ Тоа се случило кога римската војска, со своите знамиња, го нападнала Ерусалим и неговиот храм кој Евреите го сметале за свет. Римјаните дури почнале да го поткопуваат ѕидот на храмското подрачје. Точно, она што долго време било одвратно, сега стоело на свето место! (Исаија 52:1; Матеј 4:5; 27:53; Дела 6:13).
Современа ‚одвратна работа‘
7. Кое пророштво на Исус се исполнува во наше време?
7 Од I светска војна па наваму, го гледаме поголемото исполнување на Исусовиот знак запишан во Матеј, поглавје 24. Сепак, сети се на неговите зборови: „Кога ќе ја здогледате одвратната работа што предизвикува опустошување . . . како стои на свето место . . . тогаш оние кои се во Јудеја нека почнат да бегаат по планините“ (Матеј 24:15, 16, NW). Овој аспект на пророштвото мора да има исполнување и во наше време.
8. Како со години Јеховините сведоци ја идентификувале „одвратната работа“ од наше време?
8 Покажувајќи ја довербата на Јеховините слуги дека ова пророштво ќе биде исполнето, англиското издание на Стражарска кула од 1 јануари 1921 се сосредоточи на него во поврзаност со развојот на настаните на Средниот Исток. Подоцна, во своето англиско издание од 15 декември 1929, на страница 374, Стражарска кула јасно кажа: „Целокупната тенденција на Лигата на народите е да ги одврати луѓето од Бог и од Христос и, според тоа, таа е опустошувачка работа, производ на Сатана и одвратност во очите на Бог“. Така во 1919 година се појави „одвратната работа“. Со текот на времето, Лигата им отстапи место на Обединетите нации. Јеховините сведоци долго време ги разоткриваат овие човечки мировни организации како одвратни во Божји очи.
9, 10. Како поранешното разбирање за големата неволја влијаело врз нашето гледиште за времето кога би требало „одвратната работа“ да застане на свето место?
9 Во претходната статија беше резимирано едно разјаснето гледиште за голем дел од Матеј, поглавја 24 и 25. Дали е во ред да се даде разјаснување и за ‚одвратната работа што стои на свето место‘? Очигледно да. Исусовото пророштво тесно го поврзува ‚стоењето на свето место‘ со избувнувањето на претскажаната „неволја“. Според тоа, иако „одвратната работа“ постои долго време, врската меѓу нејзиното ‚стоење на свето место‘ и големата неволја треба да влијае врз нашето размислување. Како?
10 Едно време, Божјиот народ сметаше дека првата фаза од големата неволја започнала во 1914 и дека последниот дел ќе биде во битката Армагедон (Откровение 16:14, 16; спореди Стражарска кула од 1 април 1939, страница 110 [англ.]). Затоа можеме да сфатиме зошто едно време се мислело дека современата „одвратна работа“ мора да застанала на свето место кратко после I светска војна.
11, 12. Кое преиначено гледиште за големата неволја беше изнесено во 1969 година?
11 Меѓутоа, во годините што следеа почнавме да ги гледаме работите поинаку. В четврток, на 10 јули 1969, на Меѓународниот собир „Мир на Земјата“ во Њујорк Сити, Ф. В. Франц, тогашниот потпретседател на Watch Tower Bible and Tract Society, одржа еден многу возбудлив говор. Разгледувајќи го претходното разбирање на Исусовото пророштво, брат Франц рече: „Беше дадено објаснување дека ‚големата неволја‘ започнала во 1914 н. е. и дека тогаш не било дозволено да се развие до крај, туку дека во ноември 1918 Бог ја запрел I светска војна. Оттогаш Бог дозволил еден временски интервал за активност на неговиот помазан остаток од избрани христијани пред да дозволи да продолжи последниот дел од ‚големата неволја‘ во битката Армагедон“.
12 Тогаш беше дадено едно доста преиначено објаснување: „За да одговара на настаните од првиот век . . . противсликата ‚голема неволја‘ не започнала во 1914 н. е. Напротив, она што ѝ се случило на современата противслика на Ерусалим во 1914—1918 било само ‚почеток на болките‘ . . . ‚Големата неволја‘, каква што никогаш повторно нема да се случи, стои пред нас, зашто таа значи уништување на светското царство на лажната религија (вклучувајќи го и христијанскиот свет) после што ќе се следи ‚војната во оној голем ден на Бога Седржителот‘ во Армагедон“. Тоа значело дека севкупната голема неволја сепак е пред нас.
13. Зошто е логично да се каже дека ќе има идно ‚стоење на свето место‘ од страна на „одвратната работа“?
13 Ова е директно поврзано со препознавањето на тоа кога „одвратната работа“ ќе стои на свето место. Сети се што се случило во првиот век. Римјаните го нападнале Ерусалим во 66 н. е. но одненадеж се повлекле, што му дозволило на христијанското „тело“ да се спаси (Матеј 24:22). Според тоа, ние очекуваме големата неволја да започне наскоро, но таа ќе биде скратена заради Божјите избрани. Забележи ја оваа клучна поента: Во древниот образец ‚одвратната работа што стои на свето место‘ била поврзана со римскиот напад под генерал Гал во 66 н. е. Современата паралела на тој напад — избивањето на големата неволја — е сѐ уште пред нас. Значи, „одвратната работа што предизвикува опустошување“ која постои од 1919 година, очигледно допрва треба да застане на свето место.b Како ќе се случи тоа? И како тоа може да влијае на нас?
Иден напад
14, 15. Како Откровение, поглавје 17, ни помага да ги разбереме настаните кои ќе водат до Армагедон?
14 Книгата Откровение опишува еден иден уништувачки напад врз лажната религија. Поглавје 17 во кратки црти го изложува Божјиот суд врз „Вавилон големиот, мајка на блудниците“ — светското царство на лажната религија. Христијанскиот свет игра централна улога и тврди дека е во заветен однос со Бог. (Спореди Јеремија 7:4.) Лажните религии, вклучувајќи го и христијанскиот свет, долго време имале незаконски врски со „земните цареви“, но тоа ќе заврши со опустошувањето на тие религии (Откровение 17:2, 5). Од чии раце?
15 Откровение прикажува „црвен ѕвер“ кој постои извесно време, исчезнува и потоа се враќа (Откровение 17:3, 8). Овој ѕвер е поддржуван од светските владетели. Деталите кои се дадени во пророштвото ни помагаат да го идентификуваме овој симболичен ѕвер како една мировна организација која постои од 1919 под името Лига на народите („одвратна работа“) и која сега е Обединетите нации. Откровение 17:16, 17 покажува дека Бог допрва ќе им стави во срцата на извесни човечки владетели кои се истакнати во овој „ѕвер“ да го опустошат светското царство на лажната религија. Овој напад ќе го означи избувнувањето на големата неволја.
16. Каков значаен развој на настаните во кои е вклучена религијата се случува?
16 Со оглед на тоа што почетокот на големата неволја е сѐ уште во иднина, дали ‚стоењето на свето место‘ сепак е пред нас? Изгледа дека да. Иако „одвратната работа“ се појавила во почетокот на овој век, што значи дека постоела со децении, таа во блиска иднина ќе заземе положба „на свето место“ на еден единствен начин. Како што Христовите следбеници од првиот век сигурно будно внимавале за да видат како ќе се развива ‚стоењето на свето место‘, така прават и денешните христијани. Мора да признаеме, ќе мора да чекаме на вистинското исполнување за да ги дознаеме сите детали. Сепак, вредно е да се забележи дека во некои земји веќе може да се открие сѐ поголема антипатија кон религијата. Извесни политички елементи, во сојуз со некои поранешни христијани кои застраниле од вистинската вера, унапредуваат непријателство кон религијата општо земено, особено кон вистинските христијани (Псалм 93:20, 21; 1. Тимотеј 6:20, 21). Како последица на тоа, политичките сили уште сега „војуваат против Агнецот“ и, како што покажува Откровение 17:14, таа борба ќе се засили. Иако тие не можат дословно да ги стават рацете врз Божјето Јагне — Исус Христос на својата возвишена, славна положба, тие и понатаму ќе го искалуваат своето противење врз Божјите вистински обожаватели, особено врз неговите „светии“ (Даниил 7:25; спореди Римјаните 8:27; Колосјаните 1:2; Откровение 12:17). Ние имаме божествена гаранција дека Јагнето и оние кои се со него ќе победат (Откровение 19:19—21).
17. Без да бидеме догматични, што можеме да кажеме во врска со тоа како „одвратната работа“ ќе стои на свето место?
17 Знаеме дека лажната религија ја очекува опустошување. Големиот Вавилон е ‚пијан од крвта на светиите‘ и дејствува како царица, но нејзиното уништување е сигурно. Нечистото влијание што го вршела таа врз царевите на земјата драматично ќе се промени кога тој однос ќе се претвори во една насилничка омраза од страна на ‚десетте рогови и ѕверот‘ (Откровение 17:6, 16; 18:7, 8). Кога ‚црвениот ѕвер‘ ќе ја нападне религиозната блудница, „одвратната работа“, на еден заканувачки начин ќе стои на таканареченото свето место на христијанскиот свет.c Така ќе започне опустошувањето на неверниот христијански свет, кој се прикажува себеси како свет.
‚Бегање‘ — како?
18, 19. Кои причини се наведени за да покажат дека ‚бегањето по планините‘ нема да значи менување на религијата?
18 Откако го претскажал ‚стоењето на одвратната работа на свето место‘, Исус ги предупредил проникливите да дејствуваат. Дали со тоа мислел дека во тој последен момент — кога „одвратната работа“ ќе ‚стои на свето место‘ — многу луѓе ќе побегнат од лажната религија и ќе го прифатат вистинското обожавање? Тешко. Разгледај го првото исполнување. Исус рекол: „Оние што се во Јудеја, нека бегаат по планините; и кој е на покривот, да не слегува во куќата, ниту да влегува да земе нешто од куќата своја; и кој е на нива, да не се враќа за да го земе облеклото свое! Но тешко на бремените и на оние што дојат во тие дни! Туку молете се, бегањето ваше да не биде зиме!“ (Марко 13:14—18).
19 Исус не рекол дека треба да се повлечат само оние кои се во Ерусалим, како неговата поента да била дека тие требало да излезат од центарот на еврејското обожавање; ниту, пак, неговото предупредување споменувало менување на религија — бегање од лажната и прифаќање на вистинската. На Исусовите ученици сигурно не им било потребно предупредување да бегаат од една религија во друга; тие веќе биле вистински христијани. Исто така, нападот во 66 н. е. не ги мотивирал оние кои го практикувале јудаизмот во Ерусалим и низ Јудеја да ја напуштат таа религија и да го прифатат христијанството. Професор Хајнрих Гретс вели дека оние кои ги гонеле Римјаните што бегале, се вратиле во градот: „Зелотите, пеејќи триумфални воени песни, се вратиле во Ерусалим (8 октомври). Нивните срца чукале со радосна надеж за слобода и независност . . . Зарем Бог не им помогнал толку милостиво како што им помагал на нивните прататковци? Срцата на зелотите не се плашеле од иднината“.
20. Како раните ученици реагирале на Исусовото предупредување да бегаат во планините?
20 Тогаш, како релативно малиот број избрани во тоа време постапиле според Исусовиот совет? Напуштајќи ја Јудеја и бегајќи во планините преку Јордан, тие покажале дека не се дел од еврејскиот систем, ниту политички ниту религиозно. Ги напуштиле нивите и домовите, не собирајќи го дури ни она што го поседувале во своите куќи. Уверени во заштитата и поддршката од Јехова, тие го ставиле неговото обожавање пред сѐ друго што можеби им изгледало важно (Марко 10:29, 30; Лука 9:57—62).
21. Што не треба да очекуваме кога ќе нападне „одвратната работа“?
21 Сега, разгледај го поголемото исполнување. Ние многу децении ги поттикнуваме луѓето да излезат од лажната религија и да го прифатат вистинското обожавање (Откровение 18:4, 5). Милиони го сториле тоа. Исусовото пророштво не покажува дека штом ќе избувне големата неволја, масите ќе се свртат кон чистото обожавање; секако, во 66 н. е. немало масовно преобраќање на Евреи. Сепак, вистинските христијани ќе имаат голем поттик да го применат Исусовото предупредување и да побегнат.
22. Што може да вклучува нашата примена на Исусовиот совет да бегаме во планините?
22 Моментално не можеме да имаме целосни детали во врска со големата неволја, но можеме логично да заклучиме дека за нас, бегањето за кое зборувал Исус, нема да биде во географска смисла. Божјиот народ веќе постои ширум Земјината топка, практично во секој дел. Но, можеме да бидеме сигурни дека кога ќе биде неопходно бегање, христијаните ќе мораат и понатаму да задржат јасна разлика меѓу себе и лажните религиозни организации. Исто така, значајно е тоа што Исус предупредил никој да не се враќа дома за да земе облека или други добра (Матеј 24:17, 18). Значи, можеби пред нас лежат испити што се однесува до тоа како гледаме на материјалните работи; дали тие ни се најважното нешто или ни е поважно спасението кое ќе дојде за сите кои се на Божјата страна? Да, нашето бегање може да вклучува некои тешкотии и загуби. Ќе мораме да бидеме спремни да сториме сѐ што ќе биде потребно, како што сториле и лицата од првиот век кои се наоѓале во нашата ситуација и кои побегнале од Јудеја во Переја, преку Јордан.
23, 24. а) Каде единствено можеме да најдеме заштита? б) Каков ефект треба да има врз нас Исусовото предупредување за ‚одвратната работа која стои на свето место‘?
23 Мора да бидеме сигурни дека наше засолниште и понатаму е Јехова и неговата организација слична на планина (2. Царства 22:2, 3; Псалм 17:2; Даниил 2:35, 44). Таму ќе најдеме заштита. Нема да ги имитираме масите на човештвото кои ќе бегаат во „пештери“ и ќе се кријат во ‚горските камењари‘ — човечки организации и институции кои можеби ќе останат кратко време откако ќе биде опустошен Големиот Вавилон (Откровение 6:15; 18:9—11). Точно, времињата може да станат уште потешки — какви што биле во 66 н. е. за бремените жени кои побегнале од Јудеја или за оној кој морал да патува по студено, дождливо време. Но, можеме да бидеме сигурни дека Бог ќе овозможи преживување. Да ја зајакнуваме уште сега нашата доверба во Јехова и во неговиот Син кој денес владее како Цар на Царството.
24 Нема причина да живееме во страв од она што ќе се случи. Исус не сакал неговите тогашни ученици да се плашат ниту, пак, сака ние да бидеме во страв било сега било во деновите кои претстојат. Тој нѐ предупредил за да можеме да ги подготвуваме нашите срца и умови. На крајот на краиштата, послушните христијани нема да бидат казнети кога ќе дојде уништувањето на лажната религија и на останатиот дел од овој зол систем. Тие ќе бидат проникливи и ќе внимаваат на предупредувањето за ‚одвратната работа која стои на свето место‘. Тие решавачки ќе дејствуваат според својата непоколеблива вера. Никогаш да не го заборавиме она што го ветил Исус: „Кој претрпи до крај, тој ќе биде спасен“ (Марко 13:13).
[Фусноти]
a „Римските знамиња биле грижливо чувани во храмовите во Рим со религиозна почит; а длабокото почитување на овој народ кон своите знамиња било сразмерно на нивната надмоќност над другите народи . . . [Тоа за војниците] било можеби најсветото нешто што го поседувала Земјата. Римскиот војник се колнел во своето знаме“ (The Encyclopædia Britannica, 11-то издание).
b Треба да се забележи дека иако исполнувањето на Исусовите зборови во 66—70 н. е. може да ни помогне да разбереме како ќе бидат исполнети истите во големата неволја, сепак двете исполнувања не можат да бидат прецизно паралелни поради тоа што имаат различни заднини.
c Види Стражарска кула од 15 декември 1975, страници 741—744 (англ.).
Дали се сеќаваш?
◻ Како „одвратната работа што предизвикува опустошување“ се покажала во првиот век?
◻ Зошто е разумно да се смета дека современата ‚одвратна работа‘ ќе застане на свето место во иднина?
◻ Каков напад од страна на „одвратната работа“ е претскажан во Откровение?
◻ Какво ‚бегање‘ можеби сепак ќе се бара од наша страна?
[Слика на страница 16]
Големиот Вавилон е наречен „мајка на блудниците“
[Слика на страница 17]
„Одвратната работа“ на која укажал Исус е црвениот ѕвер од Откровение, поглавје 17
[Слика на страница 18]
Црвениот ѕвер ќе предводи еден опустошувачки напад врз религијата