„Кажи ни кога ќе биде тоа?“
„Кој ќе биде знакот на твојата присутност и на свршетокот на овој поредок?“ (МАТ. 24:3)
1. Исто како апостолите, што сакаме да дознаеме и ние?
ИСУС ја привршувал својата служба на Земјата, и неговите ученици сакале да дознаат што им носи иднината. Затоа, само неколку дена пред да биде погубен, четворица од неговите апостоли го прашале: „Кога ќе биде тоа и кој ќе биде знакот на твојата присутност и на свршетокот на овој поредок?“ (Мат. 24:3; Мар. 13:3). Како одговор, Исус им дал едно детално пророштво, кое е запишано во Евангелието според Матеј, поглавја 24 и 25. Во тоа пророштво, тој претскажал повеќе значајни настани. Она што го кажал е од голема важност за нас бидејќи и ние сакаме да дознаеме што ќе се случува во иднина.
2. а) Што се трудевме појасно да разбереме низ годините? б) Кои три прашања ќе ги разгледаме?
2 Низ годините, Јеховините слуги внимателно и под молитва го проучуваа пророштвото кое го дал Исус за последните денови. Тие сакаа јасно да разберат кога ќе се исполнат неговите зборови. За да видиме како нашето разбирање во врска со ова пророштво стана појасно, да ги разгледаме следниве три прашања: Кога започнува ‚големата неволја‘? Кога Исус им суди на „овците“ и на „јарците“? И, кога Исус ‚пристигнува‘, односно доаѓа? (Мат. 24:21; 25:31-33).
КОГА ЗАПОЧНУВА ГОЛЕМАТА НЕВОЛЈА?
3. Што мислевме во минатото за големата неволја?
3 Долго време мислевме дека големата неволја започна во 1914 год., кога изби Првата светска војна. Сметавме дека Јехова ‚ги скрати тие дни‘ во 1918 год., кога заврши војната, за да можат преостанатите помазаници на Земјата да им ја проповедаат добрата вест на сите народи (Мат. 24:21, 22). Очекувавме дека светот на Сатана ќе биде уништен откако ќе биде завршено тоа проповедничко дело. Според тоа, мислевме дека големата неволја се состои од следниве три фази — почнува од 1914 год., потоа е прекината во 1918 год. и на крајот завршува со Армагедон.
4. Што сфативме во врска со пророштвото кое го дал Исус?
4 Меѓутоа, откако повнимателно го истраживме пророштвото за последните денови што го дал Исус, сфативме дека еден дел од ова пророштво има две исполнувања (Мат. 24:4-22). Првото исполнување било во Јудеја во првиот век од н.е., а има и второ исполнување во светски размери во нашево време. Ова ни помогна појасно да разбереме неколку работи.a
5. а) Што започнало во 1914 год.? б) Во кој временски период од првиот век од н.е. имало слични ‚болни неволји‘?
5 На пример, сфативме дека големата неволја не започна во 1914 год. Како дојдовме до овој заклучок? Па, библиските пророштва откриваат дека големата неволја ќе започне со напад врз лажната религија, а не со војна меѓу народите. Според тоа, војната што започна во 1914 год. не го означи почетокот на големата неволја, туку ‚почетокот на болните неволји‘ (Мат. 24:8). Слични ‚болни неволји‘ имало во Ерусалим и Јудеја од 33 до 66 год. од н.е.
6. Што ќе го означи почетокот на големата неволја?
6 Кој настан ќе го означи почетокот на големата неволја? Исус прорекол: „Кога ќе видите дека гадотијата која пустоши, за која зборувал пророкот Даниел, стои на свето место (читателот нека употреби проникливост), тогаш оние што ќе бидат во Јудеја, нека бегаат во планините“ (Мат. 24:15, 16). Ова пророштво за првпат се исполнило во 66 год. од н.е., кога римската војска го нападнала Ерусалим и неговиот храм. Војската била „гадотијата“, која ‚застанала на свето место‘ кога дошла до храмот, кој Евреите го сметале за свет. Како ова пророштво ќе се исполни по вторпат во нашево време? Денес „гадотијата“ ги претставува Обединетите нации, а припадниците на христијанскиот свет ги сметаат своите цркви за ‚свети места‘. Обединетите нации ќе ги нападнат црквите на христијанскиот свет, како и преостанатиот дел од Големиот Вавилон. Овој напад е опишан и во Откровение 17:16-18. Тој настан ќе го означи почетокот на големата неволја.
7. а) На кој начин биле спасени христијаните во првиот век? б) Што ќе се случи во иднина?
7 Исто така, Исус прорекол дека „ќе се скратат тие дни“. Овие негови зборови првпат се исполниле во 66 год. од н.е., кога римската војска го ‚скратила‘, односно го прекинала својот напад врз Ерусалим. Тогаш помазаните христијани кои биле во Ерусалим и Јудеја побегнале, и на тој начин ‚се спасиле‘ (Прочитај Матеј 24:22; Мал. 3:17). А како ќе се исполнат овие зборови на Исус во текот на големата неволја што ни претстои? Јехова ќе го ‚скрати‘ нападот на Обединетите нации врз религиите за вистинската религија да не биде уништена заедно со лажната. На тој начин, Бог ќе го спаси својот народ.
8. а) Кои настани ќе се случат откако ќе помине првата фаза од големата неволја? б) Кога последните помазаници на Земјата најверојатно ќе ја добијат својата небесна награда? (Види ја фуснотата.)
8 Што ќе се случи откако ќе помине првата фаза од големата неволја? Од зборовите на Исус се гледа дека потоа ќе следи еден период што ќе трае сѐ до почетокот на Армагедон. Кои настани ќе се случат во тоа време? Одговорот на ова прашање го наоѓаме во Езекиел 38:14-16 и Матеј 24:29-31. (Прочитај.)b Потоа ќе започне Армагедон — завршницата на големата неволја — кој одговара на уништувањето на Ерусалим во 70 год. од н.е. (Мал. 4:1). Со битката Армагедон, претстојната голема неволја навистина ќе биде „неволја каква што немало од почетокот на светот до сега“ (Мат. 24:21). Кога ќе заврши, ќе започне Христовото илјадагодишно владеење.
9. Како влијае врз Јеховиниот народ пророштвото за големата неволја што го дал Исус?
9 Ова пророштво во врска со големата неволја нѐ зајакнува. Зошто? Затоа што нѐ уверува дека, без оглед на тешкотиите со кои можеби ќе се соочи, Јеховиниот народ, како група, ќе ја преживее големата неволја (Отк. 7:9, 14). Но, најмногу од сѐ, нѐ радува тоа што во Армагедон Јехова ќе покаже дека е Севишен Господар и ќе го посвети своето величествено име (Пс. 83:18; Езек. 38:23).
КОГА ИСУС ИМ СУДИ НА „ОВЦИТЕ“ И „ЈАРЦИТЕ“?
10. Кога мислевме дека се исполнува Исусовата споредба за „овците“ и „јарците“?
10 Да видиме сега кога се исполнува еден друг дел од пророштвото на Исус — споредбата за „овците“ и „јарците“ (Мат. 25:31-46). Порано мислевме дека Исус им суди на луѓето и ги дели на ‚овци‘ и ‚јарци‘ во текот на целиот период додека течат последните денови — од 1914 год. наваму. Заклучокот беше дека оние што ја одбиле пораката за Царството и умреле пред да започне големата неволја спаѓаат во „јарците“, и затоа немаат надеж за воскресение.
11. Зошто може да се каже дека судењето на луѓето на ‚овци‘ и ‚јарци‘ не започнало во 1914 год.?
11 Во 1995 год., во Стражарска кула беше дадено ново објаснување на Матеј 25:31, каде што стои: „Кога Синот човечки ќе пристигне во својата слава и сите ангели со него, тогаш ќе седне на својот славен престол“. Беше кажано дека, иако станал Цар на Божјето Царство во 1914 год., Исус тогаш не ‚седнал на својот славен престол‘ за да им суди на „сите народи“ (Мат. 25:32; спореди со Даниел 7:13). Меѓутоа, во споредбата за овците и јарците Исус главно е опишан како Судија. (Прочитај Матеј 25:31-34, 41, 46.) Бидејќи во 1914 год. Исус не дошол како Судија на сите народи, ова значи дека судењето на луѓето на ‚овци‘ и ‚јарци‘ не започнало таа година.c Кога, всушност, Исус ќе им суди на луѓето?
12. а) Кога Исус за првпат ќе им суди на сите народи? б) Кои настани се опишани во Матеј 24:30, 31 и Матеј 25:31-33, 46?
12 Пророштвото на Исус за последните денови открива дека тој за првпат ќе дејствува како Судија на сите народи дури откако ќе биде уништена лажната религија. Како што беше спомнато во пасус 8, некои од настаните што ќе се случат во тоа време се запишани во Матеј 24:30, 31. Забележи дека настаните што Исус ги прорекол во овие стихови се слични на оние кои ги спомнал во споредбата за овците и јарците. На пример, Синот човечки пристигнува во слава заедно со ангелите; сите племиња и народи се собираат пред него; оние што се одвоени како овци ‚ги подигаат главите‘ затоа што ги очекува „вечен живот“.d А оние што се одвоени како јарци ‚плачат‘ затоа што сфаќаат дека ги очекува „вечна смрт“ (Мат. 25:31-33, 46).
13. а) Кога Исус ќе им суди на луѓето и ќе ги подели на ‚овци‘ и ‚јарци‘? б) Како ова разбирање влијае врз нашиот став кон службата?
13 Според тоа, што може да заклучиме? Исус ќе им суди на луѓето од сите народи и ќе ги подели на ‚овци‘ и ‚јарци‘ кога ќе пристигне во текот на големата неволја. А потоа, во Армагедон, со кој ќе заврши големата неволја, „јарците“ ќе бидат уништени засекогаш. Како ова разбирање влијае врз нашиот став кон службата? Тоа ни помага да сфатиме колку е важно проповедничкото дело. Сѐ додека не почне големата неволја, луѓето имаат време да го променат своето размислување и да тргнат по тесниот пат што „води во живот“ (Мат. 7:13, 14). Точно е дека некои луѓе уште сега се однесуваат како да се ‚овци‘, а други како да се ‚јарци‘. Сепак, не смееме да заборавиме дека дури во големата неволја Исус конечно ќе пресуди кои навистина се ‚овци‘, а кои ‚јарци‘. Затоа, многу е важно и понатаму да им проповедаме на што повеќе луѓе и така да им дадеме можност да ја прифатат пораката за Царството.
КОГА ИСУС ПРИСТИГНУВА, ОДНОСНО ДОАЃА?
14, 15. Кои четири стихови се однесуваат на Христовото идно доаѓање како Судија?
14 Понатамошното разгледување на пророштвото на Исус открива дека треба да направиме уште некои промени во нашето разбирање. Да видиме какви.
15 Во Матеј 24:29—25:46, тој зборува главно за она што ќе се случува во текот на овие последни денови и за време на претстојната голема неволја. Во овој дел од пророштвото, Исус осум пати го спомнува своето ‚доаѓање‘, односно ‚пристигнување‘.e Во врска со големата неволја, тој вели: „Ќе го видат Синот човечки како доаѓа на облаците“. „Не знаете во кој ден доаѓа вашиот Господар“. „Синот човечки доаѓа во час кога не се надевате“. А во својата споредба за овците и јарците, Исус вели: „Синот човечки ќе пристигне во својата слава“ (Мат. 24:30, 42, 44; 25:31). Сите овие четири стихови се однесуваат на времето кога Христос во иднина ќе дојде како Судија. Во кои други четири стихови од ова пророштво Исус го спомнува своето доаѓање?
16. Во кои други стихови е спомнато доаѓањето на Исус?
16 Во врска со верниот и разборит роб, Исус вели: „Среќен е тој роб ако неговиот господар, кога ќе дојде, го најде да прави така!“ Во споредбата за девиците, Исус вели: „Додека тие одеа да купат [масло], стигна младоженецот“. Во споредбата за талантите, Исус рекол: „По долго време дојде господарот на тие робови“. Во истата споредба, господарот рекол: „Јас, по враќањето [буквално: „кога ќе дојдев“], ќе го добиев своето со камата“ (Мат. 24:46; 25:10, 19, 27). На кој временски период укажал Исус кога зборувал за своето доаѓање во овие четири стихови?
17. Какво објаснување имаше во нашите публикации во врска со Христовото доаѓање спомнато во Матеј 24:46?
17 Во минатото, во нашите публикации беше објаснето дека овие четири стихови се однесуваат на времето кога Исус пристигнал, односно дошол во 1918 год. Да ја земеме за пример неговата изјава во врска со „верниот и разборит роб“. (Прочитај Матеј 24:45-47.) Сметавме дека ‚доаѓањето‘ кое се спомнува во Матеј 24:46, се однесува на 1918 год. Мислевме дека тогаш Исус ‚дошол‘ за да провери во каква духовна состојба се наоѓаат помазаниците, и дека го поставил робот над целиот свој имот во 1919 год. (Мал. 3:1). Но, понатамошното разгледување на Христовото пророштво покажува дека треба да направиме уште некои промени во нашето разбирање. Зошто?
18. Што можеме да заклучиме во врска со доаѓањето на Исус откако го разгледавме целото негово пророштво?
18 Во стиховите пред Матеј 24:46, зборот „доаѓа“ секогаш се однесува на времето кога Исус доаѓа да пресуди и да изврши суд во текот на големата неволја (Мат. 24:30, 42, 44). Исто така, како што видовме во пасус 12, во Матеј 25:31 се зборува за истото време во иднина — кога Исус ‚пристигнува‘ за да им суди на народите. Според тоа, разумно е да заклучиме дека и стиховите од Матеј 24:46, 47, во кои пишува дека Исус ќе дојде и ќе го постави верниот роб над целиот свој имот, ќе се исполнат во иднина, во текот на големата неволја. Всушност, кога ќе го земеме предвид целото пророштво на Исус, можеме да заклучиме дека секој од овие осум стихови во врска со неговото доаѓање се однесува на времето кога тој ќе им суди на народите во текот на големата неволја.
19. Кои промени во разбирањето ги разгледавме, и кои прашања ќе бидат одговорени во следните статии?
19 Што научивме од оваа статија? Добивме одговор на три прашања во врска со тоа кога ќе се случат одредени настани. Прво, видовме дека големата неволја не започнала во 1914 год., туку ќе започне кога Обединетите нации ќе го нападнат Големиот Вавилон. Второ, видовме дека Исус не дошол да им суди на луѓето и да ги подели на ‚овци‘ и ‚јарци‘ во 1914 год., туку дека ова ќе се случи во големата неволја. И трето, видовме дека Исус не дошол да го постави верниот роб над целиот свој имот во 1919 год., туку ќе го стори тоа во големата неволја. Според тоа, сите три настани се поврзани со истиот период во иднина — периодот кој во Библијата е наречен „голема неволја“. Како оваа промена ќе влијае врз нашето разбирање на споредбата за верниот роб? Освен тоа, како ќе влијае врз нашето разбирање на другите споредби на Исус кои се исполнуваат во ова време на крајот? Овие важни прашања ќе бидат разгледани во следните статии.
a Пасус 4: Нешто повеќе можеш да прочиташ во Стражарска кула од 15 февруари 1994, страници 8-21, и Стражарска кула од 1 мај 1999, страници 8-20.
b Пасус 8: Еден настан кој е спомнат во овие стихови е ‚собирањето на избраните‘ (Мат. 24:31). По сѐ изгледа, сите помазаници кои ќе бидат на Земјата откако ќе помине првата фаза на големата неволја, во даден момент ќе бидат земени на небото пред да започне битката Армагедон. Ова објаснување е промена на она што беше кажано во „Прашања од читателите“ во Стражарска кула од 15 август 1990, страница 30 (англ.).
c Пасус 11: Види во Стражарска кула од 15 октомври 1995, страници 18-28.
d Пасус 12: Види го паралелниот извештај во Лука 21:28.
e Пасус 15: Зборовите „доаѓа“ и „пристигнува“ се превод на различни облици на истиот грчки глагол е́рхомаи.