Сочувани во живот во големата неволја
„Тие се што дојдоа од големи маки [голема неволја, НС]; тие ги испраа облеките свои и ги избелија со крвта на Агнецот“ (ОТКРОВЕНИЕ 7:14).
1. Кој ќе ги дочека воскреснатите при земското воскресение?
КОГА неброени милиони ќе бидат подигнати во ‚воскресението на праведните и на неправедните‘, тие нема да бидат вратени во живот на пуста Земја (Дела 24:15). Ќе се разбудат во прекрасно уредена околина и ќе забележат дека им се подготвени живеалишта, облека и изобилство од храна. Кој ќе го подготви сето тоа? Се разбира, ќе има луѓе кои ќе живеат во новиот свет уште пред да започне земското воскресение. Кои ќе бидат тие? Библијата укажува дека тоа ќе бидат преживеаните од идната голема неволја. Од сите библиски учења, ова несомнено е едно од најинтересните — дека некои верни поединци ќе бидат сочувани во живот низ големата неволја и дека не ќе мораат никогаш да умрат. Оваа надеж е добро потврдена во Светото писмо.
Како во деновите на Ное
2, 3. а) Какви сличности постојат помеѓу деновите на Ное и нашето време? б) На што укажува тоа што Ное и неговото семејство го преживеале Потопот?
2 Во Матеј 24:37-39, Исус Христос направил споредба помеѓу деновите на Ное и последните денови во кои се наоѓаме ние денес. Тој рекол: „Како што беше во деновите на Ноја, така ќе биде и при доаѓањето на Синот Човечки; оти, како што во деновите пред потопот јадеа и пиеја, се женеа и се мажеа до оној ден, кога Ное влезе во ковчегот, и не узнаа, додека не дојде потопот и истреби сѐ, — така ќе биде и доаѓањето на Синот Човечки“.
3 Сеопштиот Потоп ги уништил сите оние кои не обрнувале внимание на Божјата порака на предупредување. Меѓутоа, не го уништил Ное и неговото семејство. Како што рекол Исус, тие ‚влегле во ковчегот‘. Поради нивната оддаденост на Бог, Јехова им отворил пат за спасение. Второ Петрово 2:5, 9 се осврнува на преживувањето на Ное и на неговото семејство, со зборовите: „Кога нанесе потоп на безбожниот свет, [Бог] го запази само осмочлениот Ноја, проповедникот на правдата; Господ знае како да ги избавува побожните од искушенија“. Исус направил споредба помеѓу Ноевите денови и последните денови за да покаже дека, општо земено, луѓето нема да ја слушаат Божјата порака на предупредување. Меѓутоа, со тоа тој потврдил и дека Ное и неговото семејство го послушале Јехова Бог, влегле во арката и го преживеале големиот Потоп. Преживувањето на Ное и на неговото семејство укажува на тоа дека Божјите верни слуги ќе го преживеат крајот на овој свет.
Пример од првиот век
4. Кои настани довеле до уништувањето на Ерусалим во 70 н. е., како исполнение на Исусовите зборови?
4 И Исус зборувал за настани што треба да се случат на крајот од овој свет. Во Матеј 24:21, 22 тој рекол: „Тогаш ќе биде мака [голема неволја, НС], каква што не била од почетокот на светот па досега, а и нема да биде. И, ако не се скратат оние дни, никој не би се спасил; но заради избраните ќе се скратат тие дни“. Овие зборови имале претходно исполнување во првиот век од нашата ера. Во 66 н. е., градот Ерусалим бил опседнат од страна на римските војски под водството на Цестеј Гал. Римските трупи дошле до таа точка што го поткопале ѕидот на храмот, а многу Евреи биле спремни да се предадат. Меѓутоа, неочекувано и без никаква видлива причина, Цестеј Гал ги повлекол своите трупи. Откако виделе дека Римјаните се повлекле, христијаните постапиле според зборовите што ги кажал Исус многу години пред тоа: „Кога ќе го видите Ерусалим опколен од војски, знајте — дека се приближило неговото запустување. Тогаш, оние што се наоѓаат во Јудеја, нека бегаат во планините; и кои се во градот, да излезат од него; а кои се по околните места, нека не влегуваат во него“ (Лука 21:20, 21). Христијанизираните Евреи, избраните, веднаш го напуштиле осудениот град Ерусалим и така се спасиле од ужасното уништување што наскоро го снашло градот. Во 70 н. е., римските легии под генерал Тит се вратиле. Се улогориле околу Ерусалим, го опседнале и го уништиле.
5. Во која смисла неволјата врз Ерусалим во 70 н. е. била скратена?
5 Еврејскиот историчар Јосиф раскажува дека загинале 1.100.000 Евреи, а 97.000 преживеале и биле одведени во заробеништво. Тие нехристијански Евреи кои преживеале, сигурно не биле „избраните“ од Исусовото пророштво. Говорејќи ѝ на бунтовната еврејска нација, Исус рекол: „Ете, ви се остава вашиот дом пуст. Оти, ви велам: нема да Ме видите отсега дури не кажете: ‚Благословен е Оној, Кој иде во името Господово [Јеховино, НС]!‘“ (Матеј 23:38, 39). Нема извештај за тоа дека тие Евреи кои биле сокриени во Ерусалим, во последен момент го прифатиле Исус како Месија, дека станале христијани и дека добиле Јеховина милост. Меѓутоа, неволјата што го снашла Ерусалим во 70 н. е., била скратена. Конечната опсада од страна на римската војска не траела долго. Тоа им овозможило на некои Евреи да преживеат, макар што биле испратени како робови во разни делови од Римската империја.
Големо мноштво преживеани
6, 7. а) Кој голем религиозен град допрва треба да биде уништен, и тоа како дел од која беспримерна неволја? б) Што прорекол Јован во врска со претстојната голема неволја врз овој свет?
6 Иако уништувањето на Ерусалим во 70 н. е. навистина донело ‚голема неволја‘ за тој религиозен град, главното исполнување на Исусовите зборови допрва треба да се оствари. Еден поголем религиозен град, Големиот Вавилон, светското царство на лажната религија, треба да доживее смртоносна голема неволја, по која непосредно следи една беспримерна неволја врз остатокот од Сатановиот систем на ствари (Матеј 24:29, 30; Откровение 18:21). Околу 26 години по уништувањето на Ерусалим, во Откровение 7:9-14 апостол Јован пишувал за оваа голема неволја што ќе го опфати целиот свет. Тој покажал дека едно големо мноштво луѓе ќе ја преживее.
7 Овие преживеани, наречени „големо мноштво“, се идентификуваат преку извесни одлучни постапки што ги прават. Според Откровение 7:14, еден од 24-те старешини на небото му рекол на Јован: „Тие се што дојдоа од големи маки; тие ги испраа облеките свои и ги избелија со крвта на Агнецот“. Да, големото мноштво го поздравува Јехова како извор на нивното спасение. Тие покажуваат вера во Исусовата пролеана крв и имаат праведна положба пред нивниот Творец и пред неговиот поставен Цар, Исус Христос.
8. Каков добар однос постои меѓу „големото мноштво“ и преостанатите Исусови помазани браќа?
8 Денес, скоро пет милиони членови на големото мноштво живеат под активното водство на небесниот Цар Исус Христос. Тие му се подложни на Христос и се тесно поврзани со неговите помазани браќа кои сѐ уште се на Земјата. Во врска со односот на големото мноштво кон овие помазаници, Исус вели: „Вистина, ви велам: доколку сте го направиле тоа на еден од овие Мои најмали браќа, Мене сте Ми го направиле“ (Матеј 25:40). Со нивното несебичното помагање на Христовите помазани браќа, лицата од големото мноштво се просудени како да му правеле добро на самиот Исус. Тоа им помага да имаат сигурен однос со Исус Христос и со Јехова Бог. Тие ја имаат предноста да му се придружат на помазаниот остаток така што стануваат Божји Сведоци и носители на неговото име (Исаија 43:10, 11; Јоил 2:31, 32).
Да се остане буден
9, 10. а) Што мораме да правиме за да ја одржиме нашата праведна положба пред Синот Човечки? б) Како мораме да постапуваме за да останеме „будни“?
9 Големото мноштво мора непрестајно да ја одржува својата праведна положба пред Синот Човечки, а тоа бара да останат будни сѐ до крајот. Исус јасно го навел тоа кога рекол: „Пазете се: вашите срца да не бидат оптоварени со прејадување и пијанство, и грижа за овој свет, за да не ве затече оној ден ненадејно; оти тој ќе дојде како примка за сите што живеат по целата земја; бидете будни во секое време и молете се, за да го избегнете сето она, што ќе настане, и да се исправите [да застанете, НС] пред Синот Човечки!“ (Лука 21:34-36).
10 За да успееме да застанеме пред Синот Човечки, мораме да го имаме неговото одобрение, кое нема да го имаме ако си дозволиме да бидеме под влијание на размислувањето на овој свет. Световното размислување е заводливо и може да наведе некого да стане прекумерно попустлив кон телесните задоволства или да стане толку оптоварен со проблемите во животот, што интересите на Царството повеќе не ги става на прво место (Матеј 6:33). Таквиот начин на постапување духовно го ослабнува човека и би можел да го направи рамнодушен спрема неговите одговорности кон Бог и кон другите луѓе. Би можел да стане неактивен или да го загрози своето место во собранието така што ќе направи сериозен грев, а може да покажува дури и непокајнички став. Секој поединец од големото мноштво мора да внимава на себеси. Мора да се држи одделен од овој безбожен свет и од неговите обичаи (Јован 17:16).
11. Кои библиски начела треба да ги применуваме за да го преживееме Армагедон?
11 За таа цел, преку својата Реч, преку својот свет дух и преку својата видлива организација, Јехова ни го дал она што ни е потребно. Нив мораме да ги искористиме во потполна мера. Понатаму, мораме да му се молиме и да му бидеме послушни на Бог доколку очекуваме да ја имаме неговата милост. Во прв ред, мораме да развиваме силна омраза спрема она што е лошо. Псалмистот рекол: „Со луѓе суетни не седев и со престапници на законот Твој нема да отидам; го намразив собиралиштето на злонамерните; со нечестиви нема да седнам. Не погубувај ја душата моја со грешници и животот мој со луѓе крвници“ (Псалм 25:4, 5, 9). Во христијанското собрание, и младите и старите треба да го ограничат своето дружење со лицата кои не се предадени на Јехова. За да добиеме Божја милост, мораме да тежнееме да бидеме беспрекорни и без дамка од светот (Псалм 25:1-5; Јаков 1:27; 4:4). На тој начин ќе бидеме уверени дека во Армагедон Јехова нема да нѐ збрише заедно со безбожниците.
Некои „нема никогаш да умрат“
12, 13. а) Кои зборови ги изговорил Исус пред да го воскресне Лазар, а коишто Марта не ги разбрала потполно? б) Што не мислел Исус кога зборувал за некои кои ‚никогаш нема да умрат‘?
12 Возбудливо е да се размислува за преживувањето на крајот на овој систем на ствари и за можноста никогаш да не умреме. Таков изглед ни дава Исус. Токму пред да го воскресне својот умрен пријател Лазар, на Лазаровата сестра Марта, Исус ѝ рекол: „Јас сум воскресението и животот; кој верува во Мене, и да умре, ќе живее. И секој, што живее и верува во Мене, нема да умре довека. Го веруваш ли тоа?“ Марта верувала во воскресението, но не го разбирала сето она што го зборувал Исус (Јован 11:25, 26).
13 Исус не мислел дека неговите верни апостоли ќе продолжат да живеат во тело и дека нема никогаш да умрат. Напротив, подоцна укажал на тоа дека неговите ученици ќе умрат (Јован 21:16-23). Всушност, нивното помазување со свет дух на Пентакост 33 н. е. значело дека тие ќе мораат да умрат за да го добијат небесното наследство како цареви и свештеници (Откровение 20:4, 6). И така, со текот на времето, сите христијани од првиот век умреле. Меѓутоа, Исус го рекол тоа со одредена цел. Неговите зборови за живот без некогаш да се умре, ќе се исполнат.
14, 15. а) Како ќе се исполнат Исусовите зборови за некои кои ‚нема никогаш да умрат‘? б) Каква е ситуацијата во овој свет, но каква надеж имаат праведните?
14 Како прво, верните помазани христијани нема никогаш да доживеат вечна смрт (Откровение 20:6). Исусовите зборови укажуваат и на едно специфично време кога Бог ќе интервенира во човечките прилики и ќе ја избрише злобата од Земјата, исто како што направил во времето на Ное. Верните поединци кои во тоа време ќе бидат затекнати како ја вршат Божјата волја, не ќе мораат да умрат од Божјите дела на осуда. Напротив, како Ное и неговото семејство, и тие ќе имаат прилика да го преживеат уништувањето на овој свет. Таквата надеж е сигурна, бидејќи се темели на библиските учења и е илустрирана со примери. (Спореди Евреите 6:19; 2. Петрово 2:4-9.) Исполнувањето на библиските пророштва покажува дека многу бргу сегашниов свет кој се состои од неправедно човечко општество, ќе заврши во уништување. Сегашнава ситуација е непроменлива бидејќи светот е непоправливо зол. Она што го рекол Бог за светот од времето на Ное, важи и за денешниот свет. Срцата на повеќето луѓе се исполнети со злоба, а нивните мисли постојано се само зли (1. Мојсеева 6:5).
15 Јехова дозволил луѓето со векови да управуваат со Земјата без никакво мешање од негова страна, но нивното време скоро истекло. Наскоро Јехова ќе ги уништи сите зли на Земјата, токму онака како што вели Библијата (Псалм 144:20; Изреки 2:21, 22). Меѓутоа, тој нема покрај злите да ги уништи и праведните. Бог никогаш не сторил такво нешто! (Спореди 1. Мојсеева 18:22, 23, 26.) Зошто би ги уништил оние кои настојуваат да му служат верно, со божествен страв? Сосема е разумно дека Јеховините верни обожаватели, кои ќе живеат кога ќе започне големата неволја, ќе најдат милост во неговите очи и нема да бидат уништени, исто како што Ное и неговото семејство не биле уништени кога злобниот свет од негово време го снашол катаклизмички крај (1. Мојсеева 7:23). Тие ќе имаат божествена заштита и ќе го преживеат крајот на овој свет.
16. Какви чудесни работи ќе се случат во новиот свет, и што ќе значи тоа за преживеаните?
16 А што потоа? Во новиот свет, човештвото ќе ги има благословите на оздравувањето кога во потполност ќе бидат применети користите од Исусовата откупна жртва. Библијата зборува за една симболична ‚река со вода на животот, бистра како кристал, која истекувала од престолот на Бога и на Агнецот. Среде главната улица и од двете страни на реката имало дрво на животот, што раѓало плодови дванаесетпати, давајќи плод секој месец; а лисјата на дрвото служеле за исцелување на народите‘ (Откровение 22:1, 2). Прекрасно е да се рече дека ‚исцелувањето‘ значи и победа над самата адамовска смрт! „Смртта ќе биде проголтана за секогаш, ќе ги избрише Господ Бог солзите од сите лица“ (Исаија 25:8). На тој начин, сите оние кои ќе ја преживеат големата неволја и кои ќе влезат во новиот свет, нема никогаш да се соочат со смрт!
Сигурна надеж
17. Колку е сигурна надежта дека некои ќе го преживеат Армагедон и дека нема ‚довека да умрат‘?
17 Дали можеме да имаме потполна доверба во оваа зачудувачка надеж? Апсолутно! Исус ѝ укажал на Марта дека ќе дојде време кога луѓето ќе живеат без некогаш да умрат (Јован 11:26). Освен тоа, во 7. поглавје од Откровението што Исус му го дал на Јован, било откриено дека едно големо мноштво ќе излезе од големата неволја и ќе ја преживее. Можеме ли да му веруваме на Исус Христос и на историскиот извештај за Потопот од Ноевото време? Во тоа нема сомневање! Освен тоа, Библијата содржи и други извештаи за ситуации кога Бог ги сочувал своите слуги во живот низ извесни времиња на суд и падови на нациите. Дали треба да очекуваме нешто помалку од него во ова време на крајот? Дали е нешто невозможно за Творецот? (Спореди Матеј 19:26.)
18. Како можеме да бидеме сигурни во животот во Јеховиниот праведен нов свет?
18 Ако сега му служиме верно на Јехова, ја имаме гаранцијата за вечен живот во неговиот нов свет. За неброени милиони, животот во тој нов свет ќе дојде преку воскресение. Сепак, во наше време, милиони од Јеховиниот народ — да, едно големо мноштво коешто ниеден човек не може да го изброи или ограничи — ќе ја имаат единствената предност да бидат сочувани во живот во големата неволја. И никогаш не ќе мораат да умрат.
Молиме, објасни
◻ Како било навестено преживувањето на Армагедон уште во Ноевото време?
◻ Што мораме да правиме за да останеме цврсти кога ќе дојде Исус да ги изврши Јеховините судови?
◻ Зошто можеме да речеме дека преживеаните од Армагедон нема ‚довека да умрат‘?
[Слика на страница 15]
Христијаните ја избегнале неволјата на Ерусалим