Ќе има воскресение на праведните
„Се надевам на Бога, оти ќе има воскресение . . . на праведните и на неправедните“ (ДЕЛА 24:15).
1. Со каква ситуација се соочиле сите луѓе по падот на Адам и Ева?
„СЀ, ШТО може да врши раката твоја, според силите свои, врши; зашто во гробот, каде што ќе појдеш, нема ни работа, ни размислување, ни знаење, ни мудрост“ (Проповедник 9:10). Со овие неколку добро избрани зборови, мудриот цар Соломон ја опишал ситуацијата со која се соочува секоја генерација на човештвото по падот на нашите прародители, Адам и Ева. Без исклучок, смртта на крајот го собира секого — и богатиот и сиромашниот, и царот и обичниот човек, и верникот и неверникот. Навистина, смртта „царува“ (Римјаните 5:17).
2. Зошто некои верни би можеле да бидат разочарани во ова време на крајот?
2 И покрај најновите достигнувања во медицината, смртта денес сѐ уште царува. Иако ова воопшто не е нешто чудно, има поединци кои на некој начин се разочарани кога на крајот ќе се соочат со овој вековен непријател. Зошто? Во 1920-тите, Друштвото Стражарска кула ја објавило пораката „Милиони кои сега живеат нема никогаш да умрат“. Кои требало да бидат овие милиони? Тоа се „овците“ за коишто се зборува во Исусовите коментари за овците и козите (Матеј 25:31-46). Било проречено дека овие лица, слични на овци, ќе се појават во времето на крајот и дека нивната надеж ќе биде вечен живот на рајска Земја. Како што одминувало времето, Божјиот народ сѐ подобро ја разбирал улогата на овие „овци“ во Јеховините намери. Било сфатено дека овие послушни поединци требало да бидат одделени од тврдоглавите ‚кози‘, по чие уништување овците ќе го наследат земското подрачје на Царството што е подготвено за нив.
Собирање на лицата слични на овци
3. На кое дело се концентрирал Божјиот народ од 1935 наваму?
3 Почнувајќи од 1935, ‚верниот роб‘ се концентрирал на тоа да ги пронајде лицата слични на овци и да ги доведе во Јеховината организација (Матеј 24:45; Јован 10:16). Ваквите лица кои дозволуваат да бидат поучени, сфатиле дека Исус сега владее во Јеховиното небесно Царство и дека брзо се приближува времето кога ќе заврши овој зол систем на ствари и кога ќе биде воведен нов свет во кој ќе се настани праведност (2. Петрово 3:13; Откровение 12:10). Во тој нов свет ќе се исполнат охрабрувачките зборови на Исаија: „Смртта ќе биде проголтана засекогаш“ (Исаија 25:8).
4. Што им се случило на многумина од другите овци и покрај тоа што искрено се надевале да го доживеат оправдувањето на Јеховината сувереност во Армагедон?
4 Бидејќи крајот на Сатановиот свет е толку блиску, христијаните слични на овци се желни да го доживеат оправдувањето на Јеховината сувереност во текот на претстојната неволја над Големиот Вавилон и над остатокот од Сатановиот свет (Откровение 19:1-3, 19-21). На голем број такви поединци не им се исполнила желбата. Многумина кои се надевале дека ќе бидат меѓу „милионите“ кои нема никогаш да умрат, сепак умреле. Поради вистината некои биле убиени со маченичка смрт во затвори и во концентрациони логори или, пак, од страна на религиозни фанатици. Други умреле во несреќни случаи или од таканаречените природни причини — болест и старост (Псалм 89:9, 10; Проповедник 9:11). Јасно е дека и други ќе умрат пред да дојде крајот. Како ќе можат таквите да го видат исполнувањето на ветувањето за нов свет во кој ќе се настани правда?
Надежта во воскресение
5, 6. Каква иднина постои за оние луѓе кои имаат земска надеж, ако умрат пред Армагедон?
5 Апостол Павле одговорил на тоа прашање кога зборувал пред римскиот управител Феликс. Како што е забележано во Дела 24:15, Павле храбро изјавил: „Се надевам на Бога, оти ќе има воскресение . . . на праведните и на неправедните“. Надежта во воскресение ни дава храброст кога сме соочени и со најлоши неволји. Поради таа надеж, нашите драги браќа кои се разболуваат и чувствуваат дека ќе умрат, не се премногу обесхрабрени. Што и да се случи, тие знаат дека ќе ја добијат наградата за верност. Поради надежта во воскресение, нашите храбри браќа и сестри кои се соочуваат со смрт од страна на прогонителите, знаат дека нивните прогонители во никој случај не можат да бидат победници (Матеј 10:28). Кога ќе умре некој од собранието, жал ни е што сме го изгубиле тоа лице. Но во исто време, ако тој или таа е една од другите овци, се радуваме што нашиот соверник се покажал верен до крајот и сега почива и што имал сигурност дека ќе го види Божјиот нов свет (1. Солунјаните 4:13).
6 Да, надежта во воскресение е битно обележје на нашата вера. Но, зошто е толку цврста нашата вера во воскресението, и кој ја има таквата надеж?
7. Што е воскресение, и кои се некои од стиховите што ја изразуваат неговата сигурност?
7 Грчкиот збор за „воскресение“ е ана́стазис, што дословно значи „станува“. Првенствено се однесува на станување од мртвите. Интересно е што самиот збор „воскресение“ не се појавува во Хебрејските списи, но надежта во воскресението е јасно изразена и во нив. На пример, тоа се гледа од зборовите што ги изговорил Јов додека страдал: „О, да ме беше сокрил и криел во пеколот . . . да ми беше одредил рок и после да си спомнеше за мене!“ (Јов 14:13). Слично на тоа, во Осија 13:14 читаме: „Од власта на пеколот ќе ги откупам, од смртта ќе ги избавам. Смрт — каде ти е силата? Каде ти е тебе, пеколу, победата?“ Апостол Павле ги цитирал овие зборови во 1. Коринтјаните 15:55, покажувајќи дека проречената победа над смртта ќе се постигне преку воскресението. (Се разбира, во тој стих Павле зборувал за небесното воскресение.)
Верници кои се „прогласени за праведни“
8, 9. а) Како можат несовршени луѓе да имаат удел во воскресението на праведните? б) Кој е темелот за нашата надеж во живот кој нема да биде прекинат со смрт?
8 Во својата изјава пред Феликс, цитирана во пасус 5, Павле рекол дека ќе има воскресение и на праведните и на неправедните. Кои се праведните што ќе станат? Па, ниеден човек не е праведен по природа. Сите ние сме грешници уште од раѓање и цел живот грешиме — поради што заслужуваме смрт од две причини (Римјаните 5:12; 6:23). Меѓутоа, во Библијата го наоѓаме терминот „оправдува [прогласени за праведни, НС]“ (Римјаните 3:28). Тоа се однесува на луѓето на кои, иако се несовршени, Јехова им ги простил гревовите.
9 Тој израз на најистакнат начин е употребен во врска со помазаните христијани кои имаат небесна надеж. Во Римјаните 5:1, апостол Павле вели: „И така, бидејќи оправдани [прогласени за праведни, НС] со верата, имаме мир со Бога, преку нашиот Господ, Исуса Христа“. Сите помазани христијани се прогласени за праведни поради верата. Вера во што? Како што детално објаснува Павле во писмото до Римјаните, тоа е вера во Исус Христос (Римјаните 10:4, 9, 10). Исус умрел како совршен човек, а потоа бил воскреснат од мртвите и вознесен на небото за да ја принесе вредноста на својот човечки живот во наша корист (Евреите 7:26, 27; 9:11, 12). Кога Јехова ја прифатил таа жртва, Исус всушност го откупил човечкиот род од ропството на гревот и смртта. Оние кои покажуваат вера во оваа подготовка, извлекуваат огромна корист од неа (1. Коринтјаните 15:45). Врз таа основа, верните мажи и жени ја имаат надежта да наследат живот кој нема да биде прекинат од страна на ужасниот непријател — смртта (Јован 3:16).
10, 11. а) Какво воскресение ги очекува верните помазани христијани? б) На какво воскресение се надевале претхристијанските обожаватели?
10 Благодарение на Исусовата откупна жртва, верните помазаници, бидејќи се прогласени за праведни, ја имаат сигурната надеж дека ќе бидат воскреснати како бесмртни духовни суштества, исто како Исус (Откровение 2:10). Нивното воскресение се споменува во Откровение 20:6, каде стои: „Блажен и свет е оној, кој има дел во првото воскресение; над нив втората смрт нема власт, а ќе бидат свештеници на Бога [и на Христа, НС] и ќе царуваат со него илјада години“. Ова е небесно воскресение. Сепак, забележи дека Библијата го нарекува ‚прво воскресение‘, што укажува дека ќе има и друго.
11 Во Евреите, поглавје 11, Павле се осврнува на една долга редица претхристијански Божји слуги кои покажале цврста вера во Јехова Бог. И тие верувале во воскресение. Во 35. стих од тоа поглавје, Павле зборува за чудните воскресенија што се случиле низ историјата на Израел, велејќи: „Жени примија свои умрени воскреснати; други, пак, беа мачени и не примија ослободување, за да добијат подобро воскресение“. Тие верни сведоци од старо време можат да очекуваат подобро воскресение за разлика од воскресенијата што, на пример, ги извршиле Илија и Јелисеј (3. Царства 17:17-22; 4. Царства 4:32-37; 13:20, 21). Тие се надевале на воскресение во свет во кој Божјите слуги нема да бидат мачени поради својата вера, свет во кој жените нема да ги губат своите сакани поради смрт. Да, тие очекувале да бидат подигнати од мртвите во истиот нов свет на кој се надеваме и ние (Исаија 65:17-25). Иако Јехова не им открил за овој нов свет толку многу како нам, сепак знаеле дека тој ќе дојде и затоа посакувале да се најдат во него.
Земско воскресение
12. Дали претхристијанските верни поединци биле прогласени за праведни? Објасни.
12 Дали треба будењето на овие верни претхристијански мажи и жени во тој нов свет да го сметаме за дел од воскресението на праведните? Очигледно да, бидејќи Библијата се осврнува на нив како на праведни. На пример, ученикот Јаков споменува еден маж и една жена од старо време кои биле прогласени за праведни. Мажот бил Авраам, прататкото на еврејската раса. За него читаме: „,Му поверува Авраам на Бога, и тоа му се прими како оправдание‘, и тој се нарече — пријател Божји“. Жената била Раав, не-Израелка која покажала вера во Јехова. Таа била ‚прогласена за праведна‘ и станала дел од еврејската раса (Јаков 2:23-25). На тој начин мажите и жените од старо време кои изразиле цврста вера во Јехова и во неговите ветувања и останале верни до смрт, Јехова ги прогласил за праведни на темел на нивната вера, а тие, без сомнение, ќе имаат удел во ‚воскресението на праведните‘.
13, 14. а) Како знаеме дека христијаните со земска надеж можат да бидат прогласени за праведни? б) Што значи тоа за нив?
13 Но, што ќе се случи со денешните поединци слични на овци кои имаат земска надеж, кои му се предаваат на Јехова и кои ќе умрат верни во ова време на крајот? Дали тие ќе имаат удел во воскресението на праведните? Очигледно да. Апостол Јован во визија видел едно големо мноштво од такви верни поединци. Забележи како ги опишал: „Видов, и ете, големо мноштво народ, кое што никој не можеше да го преброи, — од сите племиња и колена, народи и јазици; тие стоеја пред престолот и пред Агнецот, облечени во бели облеки и со палмови гранчиња во рацете. И воскликнуваа со висок глас, велејќи: ‚За спасението наше слава на нашиот Бог, Кој седи на престолот, и на Агнецот!‘“ (Откровение 7:9, 10).
14 Забележи дека овие кротки се цврсто убедени во нивното спасение, кое им го припишуваат на Јехова и на Исус, „Агнецот“. Понатаму, тие стојат пред Јехова и пред Јагнето, и сите се облечени во бело. Зошто во бело? Едно небесно суштество му кажува на Јован: „Тие ги испраа облеките свои и ги избелија со крвта на Агнецот“ (Откровение 7:14). Во Библијата, белото е симбол на чистота, односно на праведност (Псалм 50:7; Даниил 12:10; Откровение 19:8). Фактот што во визијата големото мноштво е видено како носи бели облеки, значи дека Јехова ги смета за праведни. Како е можно тоа? Затоа што тие, така да се рече, ги испрале своите облеки во крвта на Јагнето. Покажуваат вера во пролеаната крв на Исус Христос и затоа се прогласени за праведни, како Божји пријатели, со изглед да ја преживеат големата неволја. Затоа, секој верен предаден христијанин којшто сега е дел од ‚големото мноштво‘, а ќе умре пред големата неволја, може да биде уверен дека ќе има дел во земското воскресение на праведните.
15. Бидејќи ќе бидат воскреснати и праведни и неправедни, во каква предност ќе бидат праведните кои ќе воскреснат?
15 Во Откровение, поглавје 20, стих 13, тоа воскресение е опишано со следниве зборови: „Морето ги поврати мртвите свои, кои беа во него; смртта и пеколот ги повратија мртвите свои, што беа во нив; и секој прими суд според делата свои“. Според тоа, за време на Јеховиниот голем илјадагодишен Суден ден, сите оние кои се во Божјето сеќавање, ќе бидат воскреснати — и праведните и неправедните (Дела 17:31). Сепак, колку подобро ќе биде за праведните! Тие веќе покажувале вера во текот на својот живот. Веќе имаат близок однос со Јехова и имаат доверба дека неговите намери ќе се исполнат. Праведните сведоци од претхристијанската ера ќе се разбудат од смртта, желни да дознаат како се исполниле Јеховините ветувања во врска со Семето (1. Петрово 1:10-12). Оние од другите овци, коишто Јехова денес ги смета за праведни, ќе излезат од гробовите, желни да ја видат Рајската Земја за која зборувале додека ја објавувале добрата вест во овој систем на ствари. Какво само радосно време ќе биде тоа!
16. Што можеме да речеме за оние кои умираат во денешно време, а ќе воскреснат во текот на Судниот ден?
16 Кога точно, во текот на тој илјадагодишен Суден ден, ќе воскреснат оние кои умреле верни во овие последни години од Сатановиот систем на ствари? Библијата не кажува. Меѓутоа, зарем не е разумно да се верува дека оние кои биле сметани за праведни а умираат во наше време, ќе воскреснат на почетокот за да можат, заедно со големото мноштво преживеани од Армагедон, да учествуваат во делото на пречекување на поранешните генерации од мртвите? Да, токму така!
Надеж која дава утеха
17, 18. а) Каква утеха дава надежта во воскресение? б) Што сме поттикнати да изјавиме за Јехова?
17 Надежта во воскресение денес им дава сила и утеха на сите христијани. Ако останеме верни, никаков непредвиден настан или непријател не ќе може да нѐ лиши од наградата! На пример, во 1992 Yearbook of Jehovah’s Witnesses (Годишник на Јеховините сведоци за 1992), на страница 177 има слики на храбри христијани од Етиопија кои порадо умреле отколку да ја компромитираат својата вера. Текстот под сликата гласи: „Лица кои очекуваме да ги видиме за време на воскресението“. Колкава предност ќе биде да ги запознаеме и нив и безброј други кои покажале слична верност кога биле соочени со смртта!
18 А што е со нашите блиски и со браќата кои поради старост или болест нема да ја преживеат големата неволја? Во склад со надежта во воскресение, тие имаат прекрасна иднина доколку останат верни. Ако храбро покажуваме вера во Исусовата откупна жртва, и ние ќе имаме прекрасна иднина. Зошто? Затоа што, како Павле, се надеваме на ‚воскресението на праведните и на неправедните‘. Од сѐ срце му благодариме на Јехова за оваа надеж. Секако, тоа нѐ поттикнува да ги повториме зборовите на псалмистот: „Разгласувајте ја меѓу народите славата Негова [Божја], и на сите народи — чудесата Негови; зашто велик е Господ и достоен за пофалба“ (Псалм 95:3, 4).
Можеш ли да објасниш?
◻ Кои стихови ни помагаат да ја зацврстиме нашата надеж во земското воскресение?
◻ Врз која основа денешните христијани се прогласени за праведни?
◻ Како надежта во воскресение ни дава храброст и одлучност?
[Слика на страница 9]
Како Павле, помазаните христијани се надеваат на небесно воскресение