Избавување во еден праведен нов свет
„Ќе се насладуваат во изобилен мир“ (ПСАЛМ 36:11).
1, 2. а) На кој начин Јеховиното избавување во нашево време ќе се разликува од избавувањата од старо време? б) Во каков свет Јехова ќе го доведе својот народ?
ЈЕХОВА е Бог на избавување. Во старо време, тој го избавил својот народ во многу прилики. Тие избавувања биле привремени, бидејќи во ниеден од тие случаи Јехова не ги извршил трајно своите пресуди против целокупниот Сатанов свет. Но, во нашево време, Јехова наскоро ќе го изврши највеличественото избавување досега за своите слуги. Овојпат, тој ќе ја уништи секоја трага од Сатановиот систем ширум Земјата, а своите слуги ќе ги доведе во еден траен, праведен нов свет (2. Петрово 2:9; 3:10—13).
2 Јехова ветува: „Уште малку и грешникот ќе го нема . . . А кротките ќе ја наследат земјата и ќе се насладуваат во изобилен мир“ (Псалм 36:10, 11). Колку долго? „Праведниците ќе ја наследат земјата и ќе живеат на неа вечно“ (Псалм 36:29; Матеј 5:5). Меѓутоа, пред да се случи тоа, овој свет ќе помине низ најголемото време на неволја кое некогаш го доживеал.
„Голема неволја“
3. Како Исус ја опишал ‚големата неволја‘?
3 Во 1914 година, овој свет навлегол во своите ‚последни денови‘ (2. Тимотеј 3:1—5, 13). Сега сме веќе 83 години во тој период и се приближуваме кон неговиот крај кога, како што прорекол Исус, ќе се случи следново: „Ќе биде мака [голема неволја, НС], каква што не била од почетокот на светот па досега, а и нема да биде“ (Матеј 24:21). Да, полоша дури и од II светска војна, кога беа одземени околу 50 милиони животи. Какво само време на светски потрес брзо се приближува!
4. Зошто врз „Вавилон големиот“ доаѓа Божја пресуда?
4 ,Големата неволја‘ ќе дојде запрепастувачки ненадејно, „во еден час“ (Откровение 18:10). Нејзиното избувнување ќе биде означено со Божјето извршување на пресуда врз сета лажна религија, која Божјата Реч ја нарекува „Вавилон големиот“ (Откровение 17:1—6, 15). Доминантно обележје на древниот Вавилон била лажната религија. Современиот Вавилон е како својот древен еквивалент и го претставува светското царство на лажната религија. Таа играла улога на блудница со тоа што се компромитирала со политичките елементи. Ги поддржувала нивните војни и ги благословувала војските на противничките страни, што имало за последица луѓето од иста религија да се колат едни со други (Матеј 26:51, 52; 1. Јованово 4:20, 21). Замижувала пред расипаните обичаи на своите приврзаници и ги прогонувала вистинските христијани (Откровение 18:5, 24).
5. Како започнува ‚големата неволја‘?
5 ,Големата неволја‘ започнува кога политичките елементи наеднаш ќе се свртат врз „Вавилон големиот“. Тие „ќе ја замразат блудницата, ќе ја запустат и оголат, и телото нејзино ќе го изедат, а неа самата на оган ќе ја изгорат“ (Откровение 17:16). Потоа, нејзините поранешни поддржувачи „ќе заплачат и ќе заридаат по неа“ (Откровение 18:9—19). Но, Јеховините слуги веќе одамна го очекуваат ова, и тогаш ќе извикаат: „Алилуја . . . бидејќи он ја осуди големата блудница која со своето блудство ја расипа земјата, и се одмазди за крвта на слугите Свои, што загинаа од раката нејзина“ (Откровение 19:1, 2).
Божјите слуги нападнати
6, 7. Зошто можат Јеховините слуги да бидат сигурни кога ќе бидат нападнати за време на ‚големата неволја‘?
6 Откако ја уништиле лажната религија, политичките елементи се свртуваат против Јеховините слуги. Сатана, ‚Гог во земјата Магог‘ во пророштвото, вели: „Ќе појдам против мирните кои живеат безгрижно“. Мислејќи дека тие се лесен плен, тој ги напаѓа со ‚многубројна војска . . . како црн облак, за да ја покрие земјата‘ (Језекиил 38:2, 10—16). Јеховиниот народ знае дека овој напад нема да успее бидејќи тие имаат доверба во Јехова.
7 Кога фараонот и неговите војски помислиле дека Божјите слуги ги имаат фатено во стапица кај Црвеното Море, Јехова на чудесен начин го избавил својот народ и ги уништил египетските војски (2. Мојсеева 14:26—28). Во текот на ‚големата неволја‘, кога нациите мислат дека го фатиле Јеховиниот народ во стапица, тој повторно на еден чудесен начин доаѓа на помош: „Во оној ден . . . Мојот гнев ќе пламне во Мојата јарост. И во Мојата ревност, во огнот на Моето негодување, јас реков [ќе морам да зборувам, НС]“ (Језекиил 38:18, 19). Кулминацијата на ‚големата неволја‘ тогаш непосредно ќе претстои!
8. Какви натприродни настани се случуваат пред Јехова да ги погуби злобните, и со какви последици?
8 Во извесен момент откако ќе почне ‚големата неволја‘, но пред Јехова да ја изврши својата пресуда врз остатокот од овој свет, ќе се случат натприродни настани. Забележи ја последицата што ќе ја имаат тие. „Тогаш ќе се јави на небото знакот на Синот Човечки [Христос] и ќе се расплачат сите земни племиња, и ќе Го видат Синот Човечки како иде на небеските облаци, со голема слава и сила“ (Матеј 24:29, 30). „И ќе има знаци на сонцето, и на месечината, и на ѕвездите . . . луѓето, пак, ќе умираат од страв и од исчекување на она што ќе го снајде светот“ (Лука 21:25, 26).
„Се приближува вашето спасение“
9. Зошто Јеховините слуги можат да ги ‚подигнат своите глави‘ кога ќе се случуваат натприродни настани?
9 За тоа одредено време важи пророштвото од Лука 21:28. Исус рекол: „Кога ќе почне тоа да станува, исправете се и подигнете ги главите свои, зашто се приближува вашето спасение“. Божјите непријатели ќе се тресат од страв, бидејќи ќе знаат дека натприродните настани што се случуваат, потекнуваат од Јехова. Но, Јеховините слуги ќе се радуваат, бидејќи ќе знаат дека се приближува нивното избавување.
10. На кој начин Божјата Реч ја опишува кулминацијата на ‚големата неволја‘?
10 Потоа Јехова му го задава смртниот удар на Сатановиот систем: „Ќе му судам [на Гог] преку помор и крвопролевање ќе излијам врз него и војските негови . . . силен дожд и град како камења, оган и сулфур . . . и тие ќе познаат, дека Јас сум Господ [тие ќе мораат да знаат дека јас сум Јехова, НС]“ (Језекиил 38:22, 23). Сите остатоци од Сатановиот систем се уништени. Уништено е целокупното човечко општество кое го игнорира Бога. Тоа е Армагедон — кулминацијата на ‚големата неволја‘ (Јеремија 25:31—33; 2. Солунјаните 1:6—8; Откровение 16:14, 16; 19:11—21).
11. Зошто Јеховините слуги се избавени во ‚големата неволја‘?
11 Низ ‚големата неволја‘ ќе бидат избавени милиони обожаватели на Јехова ширум Земјината топка. Тие го сочинуваат ‚големото мноштво‘ кое излегло „од сите племиња и колена, народи и јазици“. Зошто тие се избавени на еден начин кој влева стравопочитување? Затоа што на Јехова ‚Му служат и дење и ноќе‘. Затоа тие го преживуваат крајот на овој свет и се воведени во еден праведен нов свет (Откровение 7:9—15). На тој начин, тие се очевидци на исполнувањето на Јеховиното ветување: „Надевај се на Господа и пази ги Неговите патишта; Он ќе те воздигне, за да ја наследиш земјата; и ќе го гледаш истребувањето на грешниците“ (Псалм 36:34).
Новиот свет
12. Што можат желно да очекуваат преживеаните од Армагедон?
12 Какво само возбудливо време ќе биде тоа — отстранување на злобата и разденување на најславната ера во сета човечка историја! (Откровение 20:1—4). Колку само преживеаните од Армагедон ќе му бидат благодарни на Јехова што влегле во една светла, чиста цивилизација создадена од Бог, нов свет, Земја која ќе биде претворена во рај! (Лука 23:43). И никогаш нема да има потреба да умрат! (Јован 11:26). Всушност, оттогаш па натаму, тие ќе го имаат зачудувачкиот, прекрасен изглед да живеат сѐ додека живее Јехова!
13. На кој начин Исус повторно го започнува делото на лечење кое тој го почнал на Земјата?
13 Исус, кого Јехова го наименувал за небесен Цар, ќе ги надгледува чудесните благослови на кои ќе им се радуваат избавените. Кога бил на Земјата, тој ги отворал слепите очи и глувите уши и лечел „секаква болест и немоќ“ (Матеј 9:35; 15:30, 31). Во новиот свет, тој повторно ќе започне со тоа огромно дело на лечење, но во глобални рамки. Како Божји Застапник, тој ќе го исполни ветувањето: „Ќе ја избрише Бог секоја солза од очите нивни, и смрт нема да има веќе; ни плач, ни пискот, ниту болка нема да има веќе, бидејќи поранешното помина“ (Откровение 21:4). Никогаш повеќе нема да има потреба од медицински лекари и гробари! (Исаија 25:8; 33:24).
14. Какво избавување ќе дојде за Јеховините слуги кои умреле?
14 Ќе бидат избавени и сите оние верни Божји слуги кои умреле во минатото. Во новиот свет, тие ќе бидат ослободени од канџите на гробот. Јехова гарантира: „Ќе има воскресение на мртвите, на праведните и на неправедните“ (Дела 24:15). „Праведните“ веројатно ќе воскреснат порано и ќе придонесат за Рајот кој ќе се шири. Колку само фасцинирачки ќе биде за преживеаните од Армагедон да ги чујат искуствата на тие верни кои умреле многу одамна, а кои сега се вратени во живот! (Јован 5:28, 29).
15. Опиши некои од условите што ќе се доживеат во новиот свет.
15 Сите тие живи ќе го доживеат тогаш она што псалмистот го рекол за Јехова: „Ти ја отвори раката Твоја и исполнуваш сѐ што е живо со сите негови потреби“ (Псалм 144:6). Нема повеќе глад: Земјата ќе биде вратена во еколошка рамнотежа и ќе раѓа изобилно (Псалм 71:16). Нема повеќе бездомници: „Ќе градат куќи и ќе живеат во нив“ и секој ќе седи „под лозата своја и под смоквата своја, и никој нема да ги плаши“ (Исаија 65:21, 22; Михеј 4:4). Нема повеќе страв: Нема да има војни, насилство или криминал (Псалм 45:8, 9; Изреки 2:22). „Целата земја здивна, почива, воскликнува од радост“ (Исаија 14:7).
16. Зошто новиот свет ќе го проникнува праведност?
16 Во новиот свет, Сатановите пропагандни медиуми ќе бидат отстранети. Наместо тоа, ‚жителите на светот ќе се учат на правда‘ (Исаија 26:9; 54:13). Со здрава духовна поука од година в година, „земјата ќе биде полна со познавање на Господа [со спознанието за Јехова, НС], како што водите го полнат морето“ (Исаија 11:9). Човештвото ќе го проникнуваат изградувачки мисли и постапки (Филипјаните 4:8). Замисли си — светско општество од луѓе слободни од криминал, егоизам, љубомора — меѓународно братство, каде што сите ги покажуваат плодовите на Божјиот дух. Всушност, големото мноштво уште сега ги негува таквите особини (Галатјаните 5:22, 23).
Зошто толку долго?
17. Зошто Јехова чекал толку долго додека ја уништи злобата?
17 Меѓутоа, зошто Јехова чекал толку долго додека ја отстрани злобата и го избави својот народ во новиот свет? Размисли што морало да се изврши. Најважно е оправдувањето на Јеховината сувереност, неговото право да владее. Со тоа што допуштил да помине доволно време, вон секакво сомневање, тој покажал дека човечкото владеење надвор од неговата сувереност се покажало како колосално промашување (Јеремија 10:23). Затоа, Јехова има потполно право човечкото владеење да го замени со владеењето на своето небесно Царство под Христос (Даниил 2:44; Матеј 6:9, 10).
18. Кога требало потомците на Авраам да ја наследат Хананската земја?
18 Она што се случило во текот на сиве овие векови е слично на она што се случило во времето на Авраам. Јехова му рекол на Авраам дека неговите потомци ќе ја наследат хананската земја — но дури после четиристотини години, „зашто мерката на беззаконијата Аморејски уште не превршила“ (1. Мојсеева 12:1—5; 15:13—16). Изразот ‚Аморејци‘ (едно доминантно племе) овде веројатно ги претставува луѓето од Ханан во целина. Затоа, требало да поминат отприлика четири века додека Јехова му овозможи на својот народ да го заземе Ханан. Во меѓувреме, Јехова ги оставил народите во Ханан да развиваат свои општества. Со какви последици?
19, 20. Какви општества развиле Хананејците?
19 Bible Handbook (Библискиот прирачник) од Хенри А. Хели забележува дека кај Мегидо археолозите ги откриле урнатините од еден храм на Ашторет, Вааловата сопруга-божица. Тој пишува: „Само на неколку чекори од овој храм имаше едни гробишта, каде што беа пронајдени многу ќупови што содржеа останки од деца кои биле жртвувани во овој храм . . . Пророците на Ваал и на Ашторет биле официјални убијци на мали дечиња“. „Еден друг ужасен обичај бил [оној] кого тие го нарекувале ‚жртви-темелници‘. Кога требало да се гради куќа, било жртвувано дете, а неговото тело било вградувано во ѕидот.“
20 Хели коментира: „Обожавањето на Ваал, на Ашторет и на други ханански богови се состоело од најекстравагантни оргии; нивните храмови биле центри на разврат . . . Хананејците обожавале преку оддавање на неморал . . . а потоа преку убивање на своите првородени деца, како жртва за истите овие богови. Се чини дека, во голема мера, хананската земја станала еден вид Содом и Гомор во национални рамки . . . Дали една цивилизација со таква одвратна гнасотија и бруталност имала некакво право и понатаму да постои? . . Археолозите кои копаат во урнатините на хананските градови, се чудат како Бог не ги уништил уште пред тоа“. (Спореди 3. Царства 21:25, 26.)
21. Каква сличност постои меѓу ситуацијата на Хананејците и ситуацијата во нашево време?
21 Злобата на Аморејците „превршила“. Затоа Јехова сега имал потполно право да ги истреби. Истото важи и денес. Овој свет е исполнет со насилство, неморал и презир спрема Божјите закони. А бидејќи исправно се грозиме од гнасните жртвувања на деца во древниот Ханан, што е со жртвите на десетици милиони млади луѓе во војните на овој свет, кои се далеку полоши од што и да било во Ханан? Секако дека Јехова сега има потполно право да му стави крај на овој зол систем.
Се извршува и нешто друго
22. Што се извршува преку Јеховината стрпливост во нашево време?
22 Преку Јеховината стрпливост во овие последни денови се извршува и нешто друго. Тој допушта време да се собере и образува големото мноштво, кое веќе брои над пет милиони. Под Јеховино водство, тие се формирани во една напредна организација. Мажи, жени и млади се обучуваат да поучуваат други за библиските вистини. Преку своите состаноци и библиските публикации, тие учат за Божјите патишта полни со љубов (Јован 13:34, 35; Колосјаните 3:14; Евреите 10:24, 25). Освен тоа, развиваат вештини и во градежништвото, електрониката, печатењето и другите области, со цел да го поддржат проповедањето на ‚Евангелието [добрата вест, НС]‘ (Матеј 24:14). Таквите вештини за поучување и градење веројатно ќе бидат нашироко користени во новиот свет.
23. Зошто е предност да се биде жив во ова време?
23 Да, Јехова денес ги подготвува своите слуги за да поминат низ ‚големата неволја‘ во еден праведен нов свет. Тогаш, нема да постојат Сатана и неговиот зол свет со кои треба да се бориме, ќе нема болест, тага и смрт. Со голема одушевеност и радост, Божјиот народ ќе започне со радосната задача да гради рај, каде што секој ден ќе има „изобилен мир“. Колкава само предност имаме што живееме во оваа кулминација на вековите, што го познаваме и му служиме на Јехова и што сфаќаме дека многу скоро ќе ги ‚подигнеме своите глави, зашто се приближува нашето спасение [избавување, НС]‘! (Лука 21:28; Псалм 145:5).
Прашања за повторување
◻ Што претставува ‚големата неволја‘ и како започнува таа?
◻ Зошто Гоговиот напад врз Јеховините слуги нема да успее?
◻ Како завршува ‚големата неволја‘?
◻ Какви прекрасни користи ќе донесе новиот свет?
◻ Зошто Јехова чекал толку долго додека го донесе крајот на овој систем?
[Слика на страница 16]
Целата Земја ќе биде претворена во рај