„Кажи ни, кога ке биде тоа?“
„Ново ќе известам; пред да стане тоа, Јас ќе ве известам“ (ИСАИЈА 42:9).
1, 2. а) Што прашале Исусовите апостоли во врска со иднината? б) Како се исполнил Исусовиот одговор во поглед на комбинираниот знак?
БОЖЕСТВЕНАТА поука извира и доаѓа од Јехова Бог, Оној кој ‚го навестува во почетокот она што ќе биде на крајот‘ (Исаија 46:10). Како што покажа претходната статија, апостолите барале таква поука од Исус, молејќи го: „Кажи ни, кога ќе биде тоа и кој е знакот, кога ќе се изврши сето тоа?“ (Марко 13:4).
2 Одговарајќи, Исус опишал еден комбиниран „знак“ составен од настани кои требало да докажат дека еврејскиот систем наскоро ќе заврши. Тоа се исполнило со уништувањето на Ерусалим во 70. н. е. Но, Исусовото пророштво требало да има поголемо исполнување после многу години во иднината. Штом „одредените времиња на народите“ завршиле во 1914, требало да се покаже еден знак од огромни размери кој ќе покаже дека сегашниот зол систем наскоро треба да заврши во „голема неволја“a (Лука 21:24, НС). Милиони живи денес можат да посведочат дека овој знак се исполнил преку светските војни и преку други значајни настани во овој 20. век. Тие исто така го означуваат главното исполнување на Исусовото пророштво, ова современо исполнување кое е симболизирано со она што се случило од 33. до 70. н. е.
3. Кои додатни настани ги прорекол Исус кога зборувал за еден друг знак?
3 Откако Лука ги споменува одредените времиња на народите, паралелните извештаи од Матеј, Марко и Лука опишуваат една идна серија од настани кои вклучуваат дополнителен знак кон комбинираниот ‚знак за свршетокот на светот‘ (Матеј 24:3). (На страница 15, оваа точка од извештајот стои под двојната испрекината линија.) Матеј вели: „И веднаш, по маките [по неволјата“, НС] на тие дни, сонцето ќе потемни и месечината нема да ја дава својата светлина, и ѕвездите ќе попаѓаат од небото, и силите небески ќе попуштат [ќе бидат растресени“, НС]. Тогаш ќе се јави на небото знакот на Синот Човечки, и [тогаш, НС] ќе се расплачат сите земни племиња, и ќе Го видат Синот Човечки како иде на небеските облаци, со голема слава и сила; и ќе ги испрати Своите ангели со голем трубен глас, и ќе ги соберат Неговите избраници од четирите ветра, од едниот до другиот крај на небесата“ (Матеј 24:29-31).
Неволја и небесни феномени
4. Кои прашања се покренуваат за небесните феномени коишто ги споменал Исус?
4 Кога требало да се исполни тоа? Сите три извештаја на Евангелијата споменуваат нешто што би можеле да го наречеме небесни феномени — Сонцето и Месечината потемнети и ѕвезди како паѓаат. Исус рекол дека тоа ќе уследи по „неволјата“ (НС). Дали ја имал Исус на ум неволјата која достигнала кулминација во 70. н. е., или зборувал за големата неволја која претстоела во иднина во нашите модерни времиња? (Матеј 24:29; Марко 13:24).
5. Какво било некогашното гледиште за неволјата во нашето време?
5 Уште од завршувањето на одредените времиња на народите во 1914, Божјиот народ бил живо заинтересиран за „големата неволја“ (Откровение 7:14, НС). Тие со години мислеле дека современата голема неволја ќе има почетен дел кој одговара на времето на I Светска војна, потоа период на прекин, и најпосле заклучен дел, ‚војната во големиот ден на Бога Седржителот‘. Ако било така, што би се случило во меѓувреме во текот на децениите од „свршетокот на светот“? (Откровение 16:14; Матеј 13:39; 24:3; 28:20).
6. Што се мислело дека е исполнение на Исусовото пророштво во поглед на небесните феномени?
6 Па, се мислело дека за време на овој период ќе се види комбинираниот знак, вклучувајќи го и делото на проповедање од страна на Божјиот собран народ. Исто така се чинело дека за време на периодот после почетната фаза во 1914-18 би можеле да се очекуваат претскажаните небесни феномени (Матеј 24:29; Марко 13:24, 25; Лука 21:25). Вниманието се сосредоточило на дословните работи на небесата — проби во вселената, ракети, космички или гама зраци и спуштања или бази на Месечината.
7. Какво променето разбирање било пружено за големата неволја?
7 Меѓутоа, Стражарска кула од 1. декември 1970 (срп.) повторно го испитала Исусовото пророштво, особено идната голема неволја. Таа покажала дека со оглед на она што се случило во првиот век, современата неволја не би можела да има почетен дел во 1914-18, па пауза од неколку децении, и подоцна продолжение. Тоа списание заклучило: „,Големата неволја‘ каква што нема да се случи повторно, допрва претстои, бидејќи тоа значи уништување на светското царство на лажната религија (вклучувајќи го и христијанството), после кое следи ‚војната на големиот ден на Бога Седржителот‘ во Армагедон“.
8. Како бил објаснет Матеј 24:29 со променетото сфаќање за современата неволја?
8 Но Матеј 24:29 вели дека небесните феномени доаѓаат „веднаш по маката [неволјата, НС]“. Како би било можно тоа? Стражарска кула од 1. ноември 1975 (срп.) укажала дека овде „неволјата“ се однесувала на онаа која достигнала кулминација во 70. н. е. Но во која смисла би можело да се рече дека небесните феномени од нашето време се случувале „веднаш“ по еден настан од 70. н. е.? Се резонирало дека во Божји очи, вековите што би поминале во меѓувреме би биле кратки (Римјаните 16:20; 2. Петрово 3:8). Меѓутоа, едно подлабоко испитување на ова пророштво, особено на Матеј 24:29-31, укажува на едно сосема поинакво објаснување. Тоа илустрира како светлината свети „сѐ повеќе и повеќе до потполн ден“ (Изреки 4:18, American Standard Version).b Да разгледаме зошто е прикладно едно ново, односно изменето објаснение.
9. Како даваат Хебрејските списи позадина за Исусовите зборови за настаните на небесата?
9 На четворица од неговите апостоли, Исус им го дал пророштвото за ‚сонцето кое потемнува, месечината која нема да ја дава својата светлина, и ѕвездите кои паѓаат‘. Како Евреи, тие би го препознале таквиот јазик од Хебрејските списи, каде што во Софонија 1:15, на пример, времето на Божјиот суд било наречено „ден на запустување и уривање, ден на темнина и на мрак, ден облачен и маглив“. Различни еврејски пророци исто така го опишале Сонцето како потемнува, како Месечината не сјае и како ѕвездите не даваат светлина. Таков јазик ќе најдеш во божествените пораки против Вавилон, Едом, Египет и северното царство Израел (Исаија 13:9, 10; 34:4, 5; Јеремија 4:28; Језекиил 32:2, 6-8; Амос 5:20; 8:2, 9).
10, 11. а) Што прорекол Јоил во поглед на работите на небесата? б) Кои аспекти од Јоиловото пророштво се исполниле во 33. н. е., а кои не?
10 Кога слушнале што Исус рекол, Петар и тројцата други веројатно се сетиле на Јоиловото пророштво што се наоѓа во Јоил 2:28-31 и Јл 3:15: „Ќе излијам од Мојот Дух врз секоја плот, и синовите ваши и ќерките ваши ќе пророкуваат; . . . И ќе покажам знаци на небото и на земјата: крв, оган и столбови од дим. Сонцето ќе се преобрати во темнина, а месечината — во крв, пред да настапи денот Господен, великиот и страшниот [Јеховиниот голем ден што влева страв, НС]“. „Сонцето и месечината ќе потемнат, и ѕвездите ќе го изгубат својот сјај.“
11 Како што се раскажува во Дела 2:1-4 и 14-21, на Пентекост 33. н. е., Бог излил свет дух врз 120 ученици, и мажи и жени. Апостол Петар објавил дека тоа било она што го прорекол Јоил. Но, што е со Јоиловите зборови дека ‚сонцето ќе се претвори во темнина, месечината во крв и дека ѕвездите ќе го изгубат својот сјај‘? Ништо не укажува дека ова се исполнило во 33. н. е. или во текот на над 30-годишниот период од завршетокот на еврејскиот систем на ствари.
12, 13. Како се исполниле небесните феномени што ги прорекол Јоил?
12 Очигледно тој втор дел од Јоиловото пророштво било потесно поврзано со „доаѓањето на Јеховиниот голем ден што влева страв“ — уништувањето на Ерусалим. Стражарска кула од 1. септември 1967 (срп.), пишувала за неволјата која што го снашла Ерусалим во 70. н. е.: „Тоа сигурно бил ‚Јеховин ден‘ за Ерусалим и неговите деца. А во врска со тој ден имало многу ‚крв и оган и чад‘, Сонцето не го осветлувало мракот на градот дење, а Месечината потсетувала на пролеана крв, а не на мирољубива, сребрена ноќна месечева светлина“.c
13 Да, како и со останатите пророштва што ги забележавме, небесните феномени што ги прорекол Јоил требало да се исполнат кога Јехова извршил суд. Наместо да се протега низ целиот период на завршетокот на еврејскиот систем, потемнувањето на Сонцето, Месечината и ѕвездите се случило кога казнените сили дошле против Ерусалим. Логично, можеме да очекуваме поголемо исполнување на тој дел од Јоиловото пророштво кога ќе започне Божјата казна над сегашниот систем.
Која неволја пред небесните феномени?
14, 15. Какво влијание има Јоиловото пророштво врз нашето разбирање на Матеј 24:29?
14 Исполнувањето на Јоиловото пророштво (во склад со останатите пророштва кои користат сличен јазик) ни помага да ги разбереме зборовите од Матеј 24:29. Јасно, она што го рекол Исус дека ‚сонцето ќе потемни, дека месечината нема да ја дава својата светлина и дека ѕвездите ќе попаѓаат‘, не се однесува на работите кои се случуваат низ многуте децении од завршетокот на сегашниот систем, како што се вселенски ракети, спуштања на Месечината и слично. Не, тој укажал на работи што се поврзани со „големиот Јеховин ден кој влева страв“, уништувањето кое допрва треба да дојде.
15 Ова може да се поврзе со нашето разбирање за тоа како небесните феномени ќе се случат „веднаш, по маките“. Исус не се осврнал на неволјата која кулминирала во 70. н. е. Наместо тоа, укажал на почетокот на големата неволја која требало да го погоди светскиот систем во иднина и да ја доведе до кулминација неговата ветена „присутност“ (Матеј 24:3). Таа неволја допрва претстои.
16. На која неволја укажувал Марко 13:24, и зошто е така?
16 А што е со зборовите од Марко 13:24 (ДК): „Во тие денови, после таа неволја, сонцето ќе потемни, и месечината ќе ја изгуби својата светлост?“ Овде, обата збора „тие“ и „таа“ се облици на грчкиот збор екеи́нос, показна заменка што покажува нешто што е далечно во времето. Екеи́нос може да се употреби за да означи нешто што одамна поминало (или што претходно било споменато) или за нешто во далечна иднина (Матеј 3:1; 7:22; 10:19; 24:38 (НС); Марко 13:11, 17, 32; 14:25; Лука 10:12; 2. Солунјаните 1:10). Затоа, Марко 13:24 (ДК) укажува на „таа неволја“, не на неволјата што ја предизвикале Римјаните, туку на Јеховиното моќно дело на крајот од сегашниот систем.
17, 18. Како го расветлува Откровение развојот на големата неволја?
17 Поглавјата 17 до 19 од Откровение се согласуваат и го потврдуваат ова исправено разбирање на Матеј 24:29-31, Марко 13:24-27 и Лука 21:25-28. На кој начин? Евангелијата покажуваат дека оваа неволја нема да почне и да заврши во еден налет; откако таа ќе започне, некои од непослушното човештво сѐ уште ќе бидат живи за да го видат „знакот на Синот Човечки“ и да реагираат — да лелекаат и, како што стои во Лука 21:26, да „умираат од страв и од исчекување на она што ќе го снајде светот“. Тој поразен страв ќе се должи на тоа што ќе го видат „знакот“ што го навестува нивното неминовно уништување.
18 Извештајот од Откровение покажува дека идната голема неволја ќе започне кога милитаризираните „рогови“ на интернационалниот „ѕвер“ ќе ја соборат „големата блудница“, Големиот Вавилонd (Откровение 17:1, 10-16). Но ќе останат многу луѓе, зашто цареви, трговци, бродски капетани и други го оплакуваат крајот на лажната религија. Без сомнение, многумина ќе увидат дека потоа следи нивниот суд (Откровение 18:9-19).
Што доаѓа?
19. Што можеме да очекуваме кога ќе започне големата неволја?
19 Пасусите од Евангелијата на Матеј, Марко и Лука се комбинираат со Откровение, поглавја 17-19, за значително да го расветлат она што наскоро ќе се случи. Во Божје утврдено време, големата неволја ќе започне со напад врз светското царство на лажната религија (Големиот Вавилон). Тој особено ќе биде силен против т. н. христијанство, кое одговара на неверниот Ерусалим. „Веднаш по“ оваа фаза на неволјата, „ќе има знаци на сонцето, и на месечината, и на ѕвездите; а на земјата — [беспримерна] тага кај народите“ (Матеј 24:29; Лука 21:25).
20. Какви небесни феномени можеме допрва да очекуваме?
20 Во која смисла ‚сонцето ќе потемни, месечината нема да ја дава својата светлина, ѕвездите ќе попаѓаат од небото и силите небески ќе попуштат‘? Несомнено, во раниот дел од големата неволја многу светлечки тела — угледни свештеници од подрачјето на религијата — ќе бидат разоткриени и отстранети од страна на „десетте рогови“ споменати во Откровение 17:16. Нема сомнение дека и политичките сили исто така ќе бидат растресени. Дали би можело да има застрашувачки настани на дословните небеса? Сосема веројатно, и тоа далеку позастрашувачки од оние што ги опишал Јосип дека се случувале кон крајот на еврејскиот систем. Ние знаеме дека во старо време Бог ја покажувал својата моќ за да предизвика такви разорни ефекти, и тој може пак да го стори тоа (2. Мојсеева 10:21-23; Исус Навин 10:12-14; Судии Израилеви Су 5:20; Лука 23:44, 45).
21. Како ќе се случи еден иден „знак“?
21 На ова место, сите тројца писатели на Евангелијата употребуваат то́те (тогаш) за да го воведат следниот настан. „Тогаш ќе се јави на небото знакот на Синот Човечки“ (Матеј 24:30; Марко 13:26; Лука 21:27). Од I Светска војна наваму, за разлика од повеќето луѓе, Исусовите вистински ученици го распознале комбинираниот знак на неговата невидлива присутност. Но, Матеј 24:30 понатаму укажува на еден натамошен „знак“ што се појавува во иднината, оној на „Синот Човечки“, којшто сите народи ќе бидат присилени да го забележат. Кога Исус доаѓа со облаци на невидливост, противнички настроените луѓе ширум светот ќе мораат да го препознаат тоа „доаѓање“ (на грчки: ерхо́менон) затоа што неговата царска моќ ќе се покаже на натприроден начин (Откровение 1:7).
22. Каква ќе биде последицата кога ќе го видат „знакот“ од Матеј 24:30?
22 Матеј 24:30 пак го употребува то́те за да го воведе она што доаѓа како следно. Потоа народите, претчувствувајќи ги последиците на нивната ситуација, ќе се удираат себеси и ќе лелекаат, и можеби ќе сфатат дека нивното уништување е неизбежно. Колку ќе биде поинаку со Божјите слуги, затоа што ќе можеме да ги кренеме нашите глави, знаејќи дека е близу ослободување! (Лука 21:28). Откровение 19:1-6 исто така ги покажува вистинските обожаватели на небото и на Земјата како се радуваат на крајот на големата блудница.
23. а) Каква акција ќе преземе Исус во поглед на избраните? б) Што може да се рече за тоа дека остатокот ќе биде земен на небо?
23 Исусовото пророштво продолжува понатаму во Марко 13:27: „Тогаш [то́те] ќе ги испрати ангелите Свои и ќе ги собере Своите избрани од четирите ветра, од крајот на земјата до крајот на небото“. Исус овде се сосредоточува на остатокот од 144.000 „избрани“ кои сѐ уште се живи на Земјата. Во раниот период од свршетокот на системот на ствари, овие помазани Исусови ученици биле доведени во теократско единство. Но, според исходот што е вклучен, Марко 13:27 и Матеј 24:31 опишуваат нешто друго. „Со голем трубен глас“ преостанатите „избрани“ ќе бидат собрани од краиштата на Земјата. Како ќе бидат собрани? Несомнено, Јехова ќе ги ‚одбележи со печат‘ и јасно ќе ги идентификува како дел од ‚повиканите и избраните и верните‘. А во Божје одредено време, ќе бидат собрани на небото за да бидат цареви-свештеници.e Тоа ќе им донесе радост ним и на нивните верни придружници, „големото мноштво“, кои сакаат да бидат означени за ‚излегување од големата неволја‘ (НС) за да се радуваат на благословите на рајската Земја (Матеј 24:22; Откровение 7:3, 4, 9-17; 17:14; 20:6; Језекиил 9:4, 6).
24. Каква последователност открива Матеј 24:29-31 во однос на идните настани?
24 Кога апостолите рекле: „Кажи ни . . .“, Исусовиот одговор опфатил повеќе отколку што можеле да сфатат. Па сепак, за време на нивниот живот, тие се радувале да го видат симболичното исполнување на неговото пророштво. Нашата студија на Исусовиот одговор се сосредоточи на оној дел од неговото пророштво кој ќе се исполни во блиската иднина (Матеј 24:29-31; Марко 13:24-27; Лука 21:25-28). Веќе можеме да видиме дека нашето ослободување сѐ повеќе се приближува. Можеме радосно да го очекуваме почетокот на големата неволја, тогаш знакот на Синот човечки, и тогаш Бог да ги собере избраните. Најпосле, како Јеховин Извршител во Армагедон, нашиот Цар-воин, устоличениот Исус, ќе ја „доврши својата победа“ (Откровение 6:2, НС). Јеховиниот ден кога тој извршува одмазда, ќе дојде како величествено финале на „свршетокот на светот“ кој го одбележал денот на Господ Исус од 1914 наваму.
25. Како можеме да учествуваме во идното исполнување на Лука 21:28?
25 Продолжи да извлекуваш корист од божествената поука, со цел да се оѕвиеш на идното исполнување на Исусовите зборови: „Кога ќе почне тоа да станува, исправете се и подигнете ги главите свои, зашто се приближува вашето спасение“ (Лука 21:28). Каква величествена иднина лежи пред избраните и пред големото мноштво, додека Јехова продолжува да го посветува своето свето име!
[Фусноти]
a Јеховините сведоци радо пружаат доказ за ова, покажувајќи како физичките факти од нашето време го исполнуваат библиското пророштво.
b Додатен материјал се појави на стр. 195-220 во книгата Божјето илјадагодишно царство се приближило, издадена во 1976 од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc., и во Стражарска кула од 1. 1. 1983, стр. 20-24 (срп.).
c Јосип пишува за настаните помеѓу првиот напад на Римјаните врз Ерусалим (66. н. е.) и неговото уништување. „Во текот на ноќта избувна опустошувачка бура; беснееше оркан, паѓаше дожд во потоци, постојано болскаа молњи, ударите на громови беа ужасни, земјата се тресеше со заглушувачки татнежи. Несреќата врз човечкиот род беше јасно предочена со овој колапс на целиот состав на ствари, и никој не можеше да се сомнева дека овие знаци претскажуваат катастрофа без преседан.“
d Она за што Исус зборувал како за „голема неволја“ и „неволја“ во нејзината прва примена било уништувањето на еврејскиот систем. Но во стиховите што се однесуваат само на нашето време, ја употребил членската форма за определеност [-те; -та], велејќи „маките [неволјата, НС]“ (Матеј 24:21, 29; Марко 13:19, 24, НС). Откровение 7:14 (НС) го нарекува овој иден настан „големата неволја“, или дословно „неволјата голема“.
e Види „Прашања од читателите“ во Стражарска кула од 1. април 1990.
Дали се сеќаваш?
◻ Како се исполниле во првиот век некои аспекти на Јоил 2:28-31 и Јл 3:15?
◻ На која неволја се осврнува Матеј 24:29, и од каде го заклучуваме тоа?
◻ На какви небесни феномени укажува Матеј 24:29, и како може да биде тоа непосредно по неволјата?
◻ Како ќе биде исполнет Лука 21:26, 28 во иднината?
[Слика на страници 16 и 17]
Подрачјето на храмот
[Извор на слика]
Pictorial Archive (Near Eastern History) Est.