Спасени од една ‚пакосна генерација‘
„О, роде [генерацијо, НС] неверен и развратен! До кога ќе бидам со вас и до кога ќе ве трпам?“ (ЛУКА 9:41).
1. а) Што навестуваат нашите кобни времиња? б) Што вели Библијата за оние кои ќе преживеат?
ЖИВЕЕМЕ во кобни времиња. Земјотреси, поплави, глад, болести, беззаконие, бомбардирања, грозни војни — овие и многу други несреќи го опкружувале човештвото во текот на нашиов XX век. Меѓутоа, најголемата од сите несреќи се приближува во блиската иднина. Што е тоа? Тоа е „мака [голема неволја, НС] каква што не била од почетокот на светот па досега, а и нема да биде“ (Матеј 24:21). Сепак, многумина од нас денес гледаат во пресрет на една радосна иднина! Зошто? Затоа што самата Божја Реч опишува едно „големо мноштво народ, кое што никој не можеше да го преброи, — од сите племиња и колена, народи и јазици; . . . ‚Тие се што дојдоа од големи маки [голема неволја, НС] . . . нема веќе да огладнат, ниту, пак, да ожеднат . . . Бог ќе им ја избрише секоја солза од очите нивни‘“ (Откровение 7:1, 9, 14-17).
2. Какво првобитно пророчко исполнување имале почетните стихови од Матеј 24, Марко 13 и Лука 21?
2 Инспирираниот извештај во Матеј 24:3-22, во Марко 13:3-20 и во Лука 21:7-24 дава вовед во Исусовиот пророчки опис на „свршетокот на светот“.a Ова пророштво првобитно се исполнило врз расипаниот еврејски систем на ствари во првиот век од нашата ера, а достигнало кулминација во една беспримерна ‚голема неволја‘ врз Евреите. Целата религиозна и политичка структура на еврејскиот систем, чие средиште бил храмот во Ерусалим, била укината и никогаш повеќе не била обновена.
3. Зошто денес е итно да го послушаме Исусовото пророштво?
3 Сега да ги разгледаме околностите кои постоеле при првото исполнување на Исусовото пророштво. Ова ќе ни помогне подобро да го разбереме денешното паралелно исполнување. Тоа ќе ни покаже колку е итно сега да преземеме позитивна акција за да ја преживееме најголемата од сите неволји која му се заканува на целото човештво (Римјаните 10:9-13; 15:4; 1. Коринтјаните 10:11; 15:58).
„Крајот“ — Кога?
4, 5. а) Зошто богобојазливите Евреи од I век н. е. биле заинтересирани за пророштвото од Даниил 9:24 -27? б) Како се исполнило ова пророштво?
4 Околу 539 година пр. н. е., на Божјиот пророк Даниил му била дадена визија за настани кои требало да се случат во текот на последната „седмица“ од еден период од ‚седумдесет [годишни] седмици‘ (Даниил 9:24-27). Овие „седмици“ започнале во 455 година пр. н. е., кога персискиот цар Артаксеркс заповедал повторно да се гради градот Ерусалим. Последната „седмица“ започнала со појавувањето на Месијата, Исус Христос, при неговото крштение и помазување во 29 година н. е.b Богобојазливите Евреи од првиот век н. е. биле потполно свесни за ова временско обележје на Данииловото пророштво. На пример, во врска со мноштвата кои се собирале за да ја слушнат проповедта на Јован Крстител во 29 година н. е., Лука 3:15 наведува: „Луѓето . . . чекаа и си помислуваа во срцата свои за Јована да не е тој Христос“.
5 Седумдесеттата „седмица“ требало да претставува период од седум години на посебна милост кон Евреите. Започнувајќи во 29 година н. е., таа ги опфаќала Исусовото крштевање и служба, неговата жртвена смрт „во половината на седмицата“, во 33 година н. е., и уште една ‚половина седмица‘ до 36 година н. е. За време на оваа ‚седмица‘, можноста да станат Исусови помазани ученици им била нудена само на богобојазливите Евреи и еврејските прозелити. Потоа, во 70 година н. е., на датум кој не бил познат однапред, римските легии под водството на Тит го уништиле отпадничкиот еврејски систем (Даниил 9:26, 27).
6. а) Како стапила во акција „мерзоста на запустението“ во 66 година н. е., и како реагирале христијаните? б) Кој преживеал, и каква итна акција презел?
6 На тој начин било избришано еврејското свештенство кое го осквернило ерусалимскиот храм и кое сковало завера да го убие самиот Божји Син. Заедно со храмот биле уништени националните и племенските записи. После тоа, ниеден Евреин не можел законски да полага право на некакво свештенско или царско наследство. Но, за среќа, помазаните духовни Евреи биле одвоени како кралско свештенство ‚за да ги возвестат совршенствата [извонредностите, НС]‘ на Јехова Бог (1. Петрово 2:9). Во 66 година н. е., кога римската војска прв пат го опколила Ерусалим, поткопувајќи го дури и подрачјето на храмот, христијаните во таа воена сила ја виделе ‚мерзоста на запустението која стои на свето место, за која зборувал пророкот Даниил‘. Послушни на Исусовата пророчка заповед, христијаните од Ерусалим и Јудеја побегнале во планинските предели за да се заштитат (Матеј 24:15, 16; Лука 21:20, 21).
7, 8. Каков „знак“ виделе христијаните, но што им било непознато?
7 Тие верни еврејски христијани го посматрале исполнувањето на Данииловото пророштво и биле очевидци на трагични војни, глад, болести, земјотреси и беззаконие што ги прорекол Исус како дел од ‚знакот . . . за свршетокот на светот‘ (Матеј 24:3). Но, дали Исус им кажал кога Јехова всушност ќе изврши пресуда врз тој расипан систем? Не. Она што тој го прорекол во врска со кулминацијата на неговата идна кралска присутност секако важела и за ‚големата неволја‘ од првиот век: „За тој ден и час никој не знае, ниту ангелите небесни, [ниту Синот, НС], а само Мојот Отец“ (Матеј 24:36).
8 На темел на Данииловото пророштво Евреите можеле да го пресметаат временското ускладување на Исусовото појавување како Месија (Даниил 9:25). Но сепак, ним не им бил даден датум за ‚големата неволја‘ која на крајот го опустошила отпадничкиот еврејски систем на ствари. Дури после уништувањето на Ерусалим и на неговиот храм тие сфатиле дека тој датум бил 70 година н. е. Сепак, биле свесни за Исусовите пророчки зборови: „Нема да премине овој род [генерација, НС], додека сето тоа не се исполни“ (Матеј 24:34). Примената на изразот „генерација“ на ова место очигледно се разликува од онаа во Проповедник 1:4, која зборува за последователни генерации кои доаѓаат и заминуваат низ еден временски период.
‚Оваа генерација‘ — што е тоа?
9. Како лексиконите го дефинираат грчкиот збор генеа́?
9 Како го разбрале изразот ‚оваа генерација‘ четворицата апостоли коишто седеле со Исус на Маслинската гора, кога го слушнале неговото пророштво за „свршетокот на светот“? Во евангелијата, зборот „род [генерација, НС]“ е преведен од грчкиот збор генеа́, којшто денешните лексикони го дефинираат со следниве изрази: „Досл[овно], лица кои потекнуваат од еден заеднички предок“ (Валтер Бауер, Greek-English Lexicon of the New Testament [Грчко-англиски лексикон на Новиот завет]). „Она што било родено, семејство; . . . последователни членови на едно родословие . . . или на една раса од луѓе . . . или на цело мноштво луѓе кои живеат во исто време, Мат. 24:34; Марко 13:30; Лука 1:48; 21:32; Фил. 2:15, а особено оние од еврејската раса кои живееле во ист период“ (Expository Dictionary of New Testament Words [Толковен речник на Новозаветни зборови] од В. Е. Вајн). „Она што било родено, луѓе од иста лоза, семејство; . . . целото мноштво луѓе кои живеат во исто време: Мт. XXIV. 34; Мк. xiii. 30; Лк. i. 48 . . . употребено ос[обено] во врска со еврејската раса која живеела во еден ист период“ (Тајеров Greek-English Lexicon of the New Testament [Грчко-англиски лексикон на Новиот завет]).
10. а) Каква идентична дефиниција даваат два авторитета кога го цитираат Матеј 24:34? б) На кој начин еден теолошки речник и некои библиски преводи ја поддржуваат оваа дефиниција?
10 Значи, и Вајн и Тајер го цитираат Матеј 24:34 кога го дефинираат „овој род [генерација, НС]“ (хе генеа́ хау́те) како „целото мноштво луѓе кои живеат во исто време“. Theological Dictionary of the New Testament (Теолошкиот речник на Новиот завет, [1964]) ја поддржува оваа дефиниција, наведувајќи: „Исусовата употреба на изразот ‚генерација‘ ја изразува неговата сеопфатна цел: тој ги опфаќа сите луѓе и е свесен за нивното заедништво во гревот“. Таквото „заедништво во гревот“ навистина било очигледно кај еврејската нација во времето кога Исус бил на Земјата, по која се карактеризира и денешниот светски систем.c
11. а) Според кој авторитет треба првенствено да се водиме при одредувањето на примената на изразот хе генеа́ хау́те? б) На кој начин овој авторитет го употребил изразот?
11 Се разбира, христијаните кои ја проучуваат оваа тема, своето размислување првенствено го раководат според начинот на кој инспирираниот писател на евангелието го користел грчкиот израз хе генеа́ хау́те, односно „оваа генерација“, кога известува за Исусовите зборови. Изразот доследно бил користен на негативен начин. Затоа, еврејските религиозни водачи Исус ги нарекол „змии и породи аспидини“, додавајќи дека врз „овој род [генерација, НС]“ ќе биде извршена пресуда за Гехена (Матеј 23:33, 36). Меѓутоа, дали оваа пресуда се однесувала само на лицемерното свештенство? Никако не. Во повеќе прилики, учениците слушнале како Исус доследно го применува изразот „оваа генерација“ во една многу поширока смисла. Што било тоа?
„Овој пакостен род“
12. Како што слушнале неговите ученици, како ги поврзал Исус изразите „народ“ и „овој род [генерација, НС]“?
12 Во 31 година н. е., за време на Исусовата голема галилејска служба и кратко по Пасхата, неговите ученици го слушнале како му вели на „народот“: „Со кого да го споредам овој род [генерација, НС]? Тој личи на деца што седат по пазариштата, па им викаат на своите другари и велат: ‚Ви свиревме и не игравте; ви пеевме жални песни и не плачевте‘. Оти дојде Јован [Крстител], кој не јаде, ниту пие, а велат: ‚Бес има.‘ Дојде Синот Човечки [Исус], Кој и јаде и пие, и велат: ‚Еве човек ненаситен и пијаница, пријател на митниците и грешниците.‘“ Никако не можело да му се угоди на тој бескрупулозен „народ“! (Матеј 11:7, 16-19).
13. Кого Исус го идентификувал и осудил пред своите ученици како „овој пакостен род [генерација, НС]“?
13 Истата година подоцна, кога Исус и неговите ученици тргнале на своето второ проповедничко патување по Галилеја, „некои од книжниците и фарисеите“ побарале знак од Исуса. Ним и на „народот“ којшто бил присутен, тој им рекол: „Лукав и прељуботворен род бара знак; но нема да му се даде знак освен знакот на пророкот Јона; оти, како што Јона беше во утробата на китот три дни и три ноќи, така и Синот Човечки ќе биде во срцето на Земјата три дни и три ноќи. . . . Така ќе биде и со овој пакостен род [генерација, НС]“ (Матеј 12:38-46). Очигледно, во „овој пакостен род“ спаѓале и религиозните водачи и „народот“ кој никогаш не го разбрал знакот што се исполнил со Исусовата смрт и воскресение.d
14. Како ги осудил Исус садукеите и фарисеите пред своите ученици?
14 По Пасхата во 32 година н. е., кога Исус и неговите ученици дошле во галилејскиот предел Магдал, садукеите и фарисеите пак побарале знак од Исуса. Тој повторно им рекол: „,Род лукав и прељуботворен бара знак, но знак нема да му се даде освен знакот на пророкот Јона.‘ Па како ги остави, си замина“ (Матеј 16:1-4). Тие религиозни лицемери навистина заслужувале најголем прекор како водачи помеѓу неверниот ‚народ‘ кого Исус го осудил како „овој пакостен род“.
15. Каква средба имале Исус и неговите ученици со ‚оваа генерација‘ кратко пред и веднаш по преображението?
15 Кон крајот на својата галилејска служба, Исус ги викнал кај себе мноштвото и своите ученици и рекол: „Кој се срами од Мене и од зборовите Мои во овој прељубодеен и грешен род, и Синот Човечки ќе се срами од него“ (Марко 8:34, 38). Затоа, масите од непокајнички Евреи од тоа време очигледно го сочинувале „овој прељубодеен и грешен род“. Неколку дена подоцна, по своето преображение, кога Исус и неговите ученици ‚дошле при народот‘, некој човек го замолил да му го излечи синот. Исус прокоментирал: „О, роде неверен и развратен! До кога ќе бидам со вас? До кога ќе ве трпам?“ (Матеј 17:14 -17; Лука 9:37- 41).
16. а) Која осуда на „народот“ ја повторил Исус во Јудеја? б) На кој начин ‚оваа генерација‘ го извршила најголемиот злочин?
16 Настанот веројатно се случил во Јудеја, по празникот Сеници во 32 година н. е., додека ‚народот се собирал‘ околу Исуса, кога тој ја повторил својата осуда против нив, велејќи: „Лукав е овој род; бара знаци, но нема да му се даде знак, освен знакот на пророкот Јона“ (Лука 11:29). Конечно, кога религиозните водачи го извеле Исус на суд, Пилат понудил да го ослободи. Извештајот вели: „Но првосвештениците и старешините го наговорија народот да го измоли Варава, а Исуса да Го погуби. . . . Пилат им рече: ‚А што да направам со Исуса, наречен Христос?‘ Му одговорија сите: ‚Да биде распнат!‘ Управникот рече: ‚Па какво зло направил?‘ Но тие уште посилно извикаа и рекоа: ‚Да биде распнат!‘“ Тој „пакостен род“ ја барал Исусовата крв! (Матеј 27:20-25).
17. Како реагирале некои од ‚оваа пакосна генерација‘ на Петровата проповед на Пентакост?
17 На тој начин, еден ‚неверен и развратен род‘, подбуцнат од своите религиозни водачи, одиграл клучна улога во убивањето на Господ Исус Христос. По педесет дена, на Пентакост 33 година н. е., учениците добиле свет дух и почнале да зборуваат на различни јазици. Кога ја чуле буката, ‚се собрал многу народ‘ и апостол Петар им се обратил како на „луѓе Јудејци и вие сите што живеете во Ерусалим“, велејќи: „Него [Исус] . . . Го приковавте со рацете на беззакониците, Го убивте“. Како реагирале некои од тие слушатели? „Во срцата им стана мило [Ги прободело в срце, НС]“. Тогаш Петар ги повикал да се покајат. Тој ‚со многу други зборови сведочел и ги молел, велејќи: „Спасувајте се од овој пакостен род!“‘ Како реакција на тоа, околу три илјади лица ‚ги примиле неговите зборови и се крстиле‘ (Дела 2:6, 14, 23, 37, 40, 41).
Идентификување на ‚оваа генерација‘
18. Во каков контекст Исус доследно го употребувал изразот ‚оваа генерација‘?
18 Тогаш, која е генерацијата што Исус толку често ја споменувал пред своите ученици? Како ги разбирале неговите зборови: „Нема да премине овој род [генерација, НС], додека сето тоа не се исполни“? Секако, Исус не ја променил својата вообичаена употреба на изразот „овој род [генерација, НС]“, што доследно го применувал на современите маси и на нивните „слепи водачи“, кои заедно ја сочинувале еврејската нација (Матеј 15:14). ‚Оваа генерација‘ ги доживеала сите неволји што ги прорекол Исус и потоа завршила со својот живот во една неспоредлива „голема неволја“ (НС) која дошла врз Ерусалим (Матеј 24:21, 34).
19. Кога и како исчезнале „небото и земјата“ на еврејскиот систем?
19 Во првиот век, Јехова му судел на еврејскиот народ. Покајниците кои почнале да покажуваат вера во Јеховината милосрдна подготовка преку Христос, биле спасени од таа „голема неволја“. Точно како што претскажал Исус, се исполниле сите проречени работи, а потоа исчезнале „небото и земјата“ на еврејскиот систем на ствари — целата нација заедно со нејзините религиозни водачи и злобното општество од луѓе. Јехова извршил пресуда! (Матеј 24:35; спореди 2. Петрово 3:7).
20. Која навремена опомена неодложно важи за сите христијани?
20 Оние Евреи кои обрнале внимание на Исусовите пророчки зборови, сфатиле дека нивното спасение не зависело од обидот да се пресмета времетраењето на една „генерација“ или на некои утврдени ‚времиња или години‘, туку од тоа да се чуваат одделени од тогашната злобна генерација и ревносно да ја вршат Божјата волја. Иако последните зборови од Исусовото пророштво се однесуваат на главното исполнување во нашево време, еврејските христијани од првиот век исто така морале да ја слушаат опомената: „Бидете будни во секое време и молете се, за да го избегнете сето она, што ќе настане, и да се исправите пред Синот Човечки!“ (Лука 21:32-36; Дела 1:6-8).
21. Каков ненадеен настан можеме да очекуваме во блиска иднина?
21 Денес, ‚великиот ден Господов [Јеховин, НС] е близу и многу брза‘ (Софонија 1:14-18; Исаија 13:9, 13). Ненадејно, во „ден и час“ што Јехова однапред ги одредил, неговиот гнев ќе се истури врз религиозните, политичките и комерцијалните елементи на светот, како и врз своеглавите луѓе кои го сочинуваат овој современ „лукав и прељуботворен род [генерација, НС]“ (Матеј 12:39; 24:36; Откровение 7:1-3, 9, 14). Како можеш ти да се спасиш од ‚големата неволја‘? На тоа ќе одговори нашата следна статија која ќе ни зборува за величествената надеж за иднината.
[Фусноти]
a За детален преглед на ова пророштво, молиме види ја картата во Стражарска кула од 15 февруари 1994 година, страници 14-15.
b За натамошни информации за годишните ‚седмици‘, види ја книгата The Bible—God’s Word or Man’s? (Библијата — Реч Божја или човечка?), страници 130 -132, издадена од Библиското и трактатно друштво Стражарска кула од Њујорк, Инк.
c Изразот хе генеа́ хау́те во Матеј 24:34 некои Библии го преведуваат на следниов начин: „овие луѓе“ (The Holy Bible in the Language of Today [1976], од В. Ф. Бек); „оваа нација“ (The New Testament—An Expanded Translation [1961], од К. С. Вист); „овој народ“ (Jewish New Testament [1979], од Д. Х. Стерн).
d Овој неверен „народ“ не е ист со ам-хаа́рецот, односно „луѓето од земја“, со коишто горделивите религиозни водачи не сакале да се дружат, а на кои Исус ‚се сожалил‘ (Матеј 9:36; Јован 7:49).
Како би одговорил?
◻ Што учиме од исполнувањето на Даниил 9:24 -27?
◻ Како го дефинираат денешните лексикони изразот „оваа генерација“ според начинот на кој е употребен во Библијата?
◻ На кој начин Исус доследно го употребувал изразот „генерација“?
◻ Како се исполнил Матеј 24:34, 35 во првиот век?
[Слика на страница 12]
Исус ја споредил „оваа генерација“ со мноштва од непокорни деца
[Слика на страница 15]
Само Јехова однапред го знаел часот за извршување на суд над злобниот еврејски систем