„Кој ке биде знакот на твојата присутност?“
„Кога ќе биде тоа, и каков ќе биде знакот за Твоето доаѓање [присутност, НС] и за свршетокот на светот?“ (МАТЕЈ 24:3).
1, 2. Што покажува дека луѓето се заинтересирани за иднината?
ПОВЕЌЕТО луѓе се заинтересирани за иднината. Дали си и ти? Во својата книга Future Shock (Идниот шок), професор Алвин Тофлер (Alvin Toffler) пишувал за „ненадејното множење на организации посветени на проучување на иднината“. Тој додал: ‚Го доживеавме создавањето на институции за интелектуални услуги ориентирани кон иднината; појавата на футуристички журнали во Англија, Франција Италија, Германија и Соединетите Држави; ширењето на универзитетски курсеви по претскажување‘. Тофлер заклучил: „Се разбира, никој не може да ја ‚знае‘ иднината во некаква апсолутна смисла“.
2 Книгата Signs of Things to Come (Знаци на работите кои треба да дојдат), вели: „Гатање од дланка, гледање во кристална кугла, астрологија, гледање на карти, Ји Јинг, сето тоа се техники од поголема или помала сложеност кои треба да ни дадат некаква идеја за она што би можела да го донесе нашата лична иднина“. Но, наместо да се свртуваме кон човечки методи, подобро да се свртиме кон еден проверен извор — Јехова.
3. Зошто е прикладно да очекуваме од Бог спознание за иднината?
3 Вистинитиот Бог изјавил: „Како што намислив, така и ќе биде; како што решив [советував, НС], така и ќе стане“ (Исаија 14:24, 27; 42:9). Да, Јехова е во можност да го советува човештвото во поглед на она што ќе се случи, и честопати тоа го правел преку човечки говорници. Еден од овие пророци запишал: „Господ Бог не прави ништо додека не им ја открие тајната Своја на Своите слуги — пророците“ (Амос 3:7, 8; 2. Петрово 1:20, 21).
4, 5. а) Зошто може Исус да биде од помош, што се однесува до иднината? б) Кое сложено прашање го поставиле неговите апостоли?
4 Исус Христос бил најистакнатиот Божји пророк (Евреите 1:1, 2). Да се сосредоточиме на едно од Исусовите клучни пророштва кои претскажуваат работи кои се случуваат околу нас сега. Ова пророштво исто така ни нуди увид во она што наскоро ќе се случи додека не заврши сегашниот зол систем и додека Бог не го замени со земски рај.
5 Исус докажал дека бил пророк (Марко 6:4; Лука 13:33; 24:19; Јован 4:19; 6:14; 9:17). Затоа, разбирливо е зошто неговите апостоли сакале да го прашаат за иднината: „Кога ќе биде тоа, и каков ќе биде знакот за Твоето доаѓање [присутност, НС] и за свршетокот на светот?“ (Матеј 24:3; Марко 13:4).
6. Кој е односот помеѓу Матеј 24, Марко 13 и Лука 21; и кое прашање треба живо да нѐ интересира?
6 Нивното прашање и Исусовиот одговор ќе ги најдеш во Матеј, поглавје 24, Марко, поглавје 13 и Лука, поглавје 21.a Во многу аспекти извештаите се надополнуваат, но не се идентични. На пример, само Лука споменува ‚болести од едно место во друго‘ (Лука 21:10, 11, НС; Матеј 24:7; Марко 13:8). Логично, треба да прашаме: „Дали претскажувал Исус настани што требало да се случат само во текот на животот на неговите слушатели или го вклучил и нашето време и она што ни го носи иднината?
Апостолите сакале да знаат
7. За што посебно прашале апостолите, но каков бил обемот на Исусовиот одговор?
7 Неколку дена пред да биде убиен, Исус изјавил дека Бог го отфрлил Ерусалим, главниот град на Евреите. Градот и неговиот голем храм требало да бидат уништени. Тогаш некои од апостолите побарале ‚знак на Исусовата присутност и на завршетокот на системот на ствари‘ (Матеј 23:37–24:3, НС). Без сомнение, тие првенствено го имале на ум еврејскиот систем и Ерусалим, зашто не го сфатиле обемот на она што претстоело. Но, одговарајќи им, Исус гледал далеку зад она што се случило до и заклучно со 70. г. н. е., кога Римјаните го уништиле Ерусалим (Лука 19:11; Дела 1:6, 7).
8. Кои биле некои од настаните коишто ги прорекол Исус?
8 Како што можеш да прочиташ во трите извештаи од Евангелијата, Исус зборувал за тоа дека народ ќе се крене против народ и царство против царство, за оскудица на храна, земјотреси, страшни глетки и небесни знаци. Во годините помеѓу времето кога Исус го дал тој знак (33. н. е.) и опустошувањето на Ерусалим (66–70. н. е.), требало да се појават лажни пророци и лажни Христоси. Евреите требало да ги прогонуваат христијаните кои ја проповедале Исусовата порака.
9. Како се исполнило Исусовото пророштво во првиот век н. е.?
9 Овие карактеристики на знакот навистина се случиле, како што потврдува дури и историчарот Јосип Флавиј. Тој пишува дека уште и пред Римјаните да нападнат, лажни Месии подбуцнале бунт. Во Јудеја и на други места имало ужасни земјотреси. Во многу делови од Римската империја избувнале војни. Дали имало појави на општ глад? Да, навистина. (Спореди Дела 11:27-30.) А што е со делото на проповедање на Царството? До 60. или 61. н. е. кога била напишана книгата до Колосјаните, „надежта на Евангелието“ за Божјето Царство била нашироко слушната во Африка, Азија и Европаb (Колосјаните 1:23).
И „ТОГАШ“ крајот
10. Зошто треба да обрнеме внимание на грчкиот збор то́те, и какво е неговото значење?
10 Во некои делови од неговото пророштво, Исус прикажал настани како да се случуваат во последователност. Рекол: „Ќе биде проповедано ова евангелие за царството . . . и тогаш ќе дојде крајот“. Библиите на англиски често го употребуваат зборот „тогаш“ со едноставното значење „затоа“ или „но“ (Марко 4:15, 17, НС; Мр 13:23). Меѓутоа, во Матеј 24:14, „тогаш“ се темели на грчкиот прилог то́те.c Стручњаците по грчки јазик објаснуваат дека то́те е „показен прилог за време“ употребен „за да го воведе она што следува во времето“ или „да воведе некој подоцнежен настан“. Така Исус претскажал дека ќе биде проповедано Царството и тогаш (,после тоа‘ или ‚следствено‘) требало да дојде „крајот“. Кој крај?
11. Како се сосредоточил Исус на настани кои биле директно поврзани со уништувањето на Ерусалим?
11 Едно исполнување на Исусовото пророштво може да се види во настаните кои довеле до крајот на еврејскиот систем. Војни, земјотреси, оскудица на храна и така натаму, коишто Исус ги прорекол, се случувале низ период од три децении. Но, започнувајќи со Матеј 24:15, Марко 13:14 и Лука 21:20, читаме за настани кои биле директно поврзани со неизбежно уништување, кога крајот бил на прагот. (Забележи го извештајот до испрекинатата линија во табелата.)
12. Како биле вклучени римските војски во исполнувањето на Матеј 24:15?
12 Како реакција на еден еврејски револт во 66. н. е., Римјаните предводени од Цестеј Гал тргнале на Ерусалим и го опколиле овој град којшто Евреите го сметале за свет (Матеј 5:35). И покрај еврејските противнапади, Римјаните навлегле во градот. Така започнале ‚да стојат на свето место‘, според претскажувањето на Исус во Матеј 24:15 и Марко 13:14. А тогаш се случило нешто неочекувано. Иако го опколиле градот, Римјаните ненадејно се повлекле. Христијаните веднаш го препознале исполнувањето на Исусовото пророштво, а повлекувањето им овозможило да побегнат од Јудеја во планините отаде Јордан. Историјата кажува дека тие го сториле токму тоа.
13. Зошто христијаните биле во можност да го послушаат Исусовото предупредување да бегаат?
13 Но, ако Римјаните се повлекле од околината на Ерусалим, зошто некој би требало да бега? Исусовите зборови покажале дека она што се случило докажало ‚дека се приближило запустувањето на Ерусалим‘ (Лука 21:20). Да, опустошување. Тој прорекол ‚мака [неволја, НС], каква што не била од почетокот на светот па досега, а и нема да биде‘. Околу три и пол години подоцна, во 70. н. е., Ерусалим навистина доживеал „голема неволја“ (НС) од римската војска под генерал Тит (Матеј 24:21; Марко 13:19). Но, зошто Исус би го опишал ова како неволја поголема од која и да било друга пред или после тоа?
14. Зошто можеме да речеме дека она што му се случило на Ерусалим во 70. н. е. било „голема неволја“ каква што не се случила пред, ни после тоа?
14 Ерусалим бил разорен од Вавилонците во 607. пр. н. е., а во нашиов век градот доживеал ужасни борби. Па сепак, она што се случило во 70. н. е., било неспоредлива голема неволја. Во еден поход што траел околу пет месеци, борците на Тит ги поразиле Евреите. Убиле околу 1.100.000, а скоро 100.000 одвеле во ропство. Освен тоа, Римјаните го разурнале Ерусалим. Тоа докажало дека еврејскиот систем на порано одобрено обожавање кое се сосредоточувало на храмот, бил трајно окончан (Евреите 1:2). Да, настаните од 70. н. е. со право можеле да се сметаат за „мака [неволја, НС] каква што не била [врз тој град, нација и систем] од почетокот на светот па досега, а и нема да биде“ (Матеј 24:21).d
Како што било проречено, тоа не било сѐ
15. а) Какви настани прорекол Исус дека ќе дојдат по неволјата врз Ерусалим? б) Што мораме да заклучиме за исполнувањето на Исусовото пророштво со оглед на Матеј 24:23-28?
15 Исус, меѓутоа, не го ограничил своето претскажување на неволјата од првиот век. Библијата покажува дека после таа неволја требало да следи уште, како што навестува употребата на то́те, или „тогаш“, во Матеј 24:23 и Марко 13:21. Што ќе се одвива во периодот што следи по 70. н. е.? По неволјата врз еврејскиот систем, требало да се појават уште лажни Христоси и лажни пророци. (Спореди Марко 13:6 со Мр 13:21-23.) Историјата потврдува дека такви поединци се појавувале низ вековите уште од уништувањето на Ерусалим во 70. н. е., иако не ги завеле луѓето кои имале јасна духовна визија и кои ја очекувале „присутноста“ (НС) на Христос (Матеј 24:27, 28). И покрај тоа, овие настани по големата неволја од 70. н. е. се показател дека Исус гледал зад таа неволја, која била само почетно исполнување.
16. Каков аспект му додава Лука 21:24 на Исусовото пророштво, и какво значење има тоа?
16 Ако споредиме Матеј 24:15-28 и Марко 13:14-23 со Лука 21:20-24, наоѓаме втор показател дека Исусовото претскажување се протегало зад уништувањето на Ерусалим. Сети се дека само Лука споменал чуми. Исто така, само тој го завршил овој дел со Исусовите зборови: „Ерусалим ќе го газат незнабошци, сѐ додека не се свршат времињата на незнабошците [времињата на паганите, King James Version]“e (Лука 21:24). Вавилонците го отстраниле последниот еврејски цар во 607. пр. н. е., а после тоа, Ерусалим, кој го претсавувал Божјето Царство, бил газен (4. Царства 25:1-26; 1. Летописи 29:23; Језекиил 21:25-27). Во Лука 21:24 Исус покажал дека таа ситуација ќе трае до иднината, додека не дојде времето Бог повторно да воспостави Царство.
17. Кој трет показател го имаме дека Исусовото пророштво требало да допре до далечната иднина?
17 Еве и еден трет показател дека Исус укажувал и на едно далечно исполнување: Според Библијата, Месијата требало да умре и да биде воскреснат, после што требало да седи оддесно на Бога додека Таткото не го испрати да потчинува (Псалм 109:1, 2). Исус алудирал на тоа дека морал да седи оддесно на својот Татко (Марко 14:62). Апостол Павле потврдил дека воскреснатиот Исус бил оддесно на Јехова, очекувајќи го времето да биде Цар и Божји Извршител (Римјаните 8:34; Колосјаните 3:1; Евреите 10:12, 13).
18, 19. Каква поврзаност има Откровение 6:2-8 со паралелното пророштво во Евангелијата?
18 Како четврт и последен показател дека Исусовото пророштво за свршетокот на системот на ствари се однесува на времето после првиот век, можеме да свртиме во Откровение, поглавје 6. Пишувајќи со децении после 70. н. е., апостол Јован опишал една силна сцена на активни коњаници (Откровение 6:2-8). Овој пророчки поглед во „Господовиот ден“ — денот на неговата присутност — го идентификува нашиов 20. век како време на истакнати војни (От 6 стих 4), раширена оскудица на храна (От 6 стихови 5 и 6) и „помор“ (От 6 стих 8). Очигледно, ова е паралелно со она што го рекол Исус во Евангелијата и докажува дека неговото пророштво има поголемо исполнување во овој ‚Господов ден‘ (Откровение 1:10, НС).
19 Упатените луѓе признаваат дека комбинираниот знак претскажан во Матеј 24:7-14 и Откровение 6:2-8 бил видлив од првото избувнување на светска војна во 1914. Јеховините сведоци објавувале по целиот свет дека Исусовото пророштво сега има свое второ и поголемо исполнување, кое се гледа по бруталните војни, опустошувачки земјотреси, трагичен глад и раширени болести. Во врска со последново, U.S.News & World Report (27. јули 1992) навел: „Епидемијата на сида . . . испраќа милиони жртви во смрт и наскоро би можела да стане најскапата и најкатастрофална напаст во историјата. Во 14. век, црната чума убила околу 25 милиони страдалници. Но, до 2000-та година, 30 до 110 милиони луѓе од денешниве 12 милиони, ќе носат ХИВ — вирус кој предизвикува сида. Бидејќи нема лек, сите тие се соочени со сигурна смрт“.
20. Што требало да опфати почетното исполнување на Матеј 24:4-22, но кое друго исполнување е очигледно?
20 Тогаш, што треба да заклучиме од тоа како Исус одговорил на прашањето од апостолите? Неговото пророштво точно прорекло работи кои довеле до и го опфатиле уништувањето на Ерусалим, и споменало некои работи кои требало да следат по 70. н. е. Но поголемиот дел од тоа требало да има второ и поголемо исполнување во иднината, што ќе доведе до голема неволја која ќе го оконча сегашниот зол систем на ствари. Ова значи дека Исусовото претскажување во Матеј 24:4-22 и паралелите во Марко и Лука се исполниле од 33. н. е. па до неволјата во 70. н. е. Но, истите стихови требало да имаат второ исполнување, кое би вклучило поголема неволја во иднината. Ова поголемо исполнување е пред нас; можеме секојдневно да го видиме.f
До што ќе доведат?
21, 22. Каде наоѓаме пророчки показател дека требало да се случат додатни настани?
21 Исус не го завршил своето пророштво споменувајќи лажни пророци кои извршуваат заводливи знаци за време на долгиот период пред да „се свршат времињата на незнабошците“ (Лука 21:24; Матеј 24:23-26; Марко 13:21-23). Тој продолжил да кажува за други потресни работи кои требало да се случат, работи кои биле забележани ширум Земјата. Тие требало да бидат придружени со доаѓањето на Синот човечки во моќ и слава. Марко 13:24-27 го претставува неговото продолжено пророштво:
22 „Во тие дни, по жалоста [по таа неволја, НС], сонцето ќе потемни и месечината нема да ја дава својата светлина, и ѕвездите небески ќе попаѓаат, и силите, што се на небото, ќе попуштат [ќе бидат растресени, НС]. И тогаш ќе Го видат Синот Човечки, како иде на облаци со голема слава и сила. И Он тогаш ќе ги испрати ангелите Свои и ќе ги собере Своите избрани од четирите ветра, од крајот на земјата до крајот на небото“.
23. Зошто можеме да го очекуваме исполнувањето на Матеј 24:29-31 долго по првиот век н. е.?
23 Синот човечки, воскреснатиот Исус Христос, не дошол на таков спектакуларен начин по разурнувачкиот крај на еврејскиот систем во 70. н. е. Секако дека не го препознале сите племиња на Земјата, како што забележува Матеј 24:30, ниту пак небеските ангели потоа ги собрале сите помазани христијани од целата Земја. Па, кога ќе се исполни овој додатен дел од Исусовото чудесно пророштво? Дали се исполнува во она што се случува околу нас сега, или пак дава божествен увид во работите коишто можеме да ги очекуваме во блиската иднина? Сигурно сакаме да го знаеме тоа, зашто Лука ја забележува Исусовата опомена: „Кога ќе почне тоа да станува, исправете се и подигнете ги главите свои, зашто се приближува вашето спасение“ (Лука 21:28).
[Фусноти]
a Делови од овие поглавја можат да се најдат во табелата на страници 14 и 15; под испрекинатите линии се наоѓаат паралелните извештаи.
b За историски цитати во врска со овие настани, види Стражарска кула од 1. декември 1970, стр. 11-13 (срп.).
c То́те се појавува преку 80 пати во Матеј (9 пати во Мт поглавје 24) и 15 пати во книгата на Лука. Марко го употребува то́те само шест пати, но четири од нив го вклучуваат „знакот“.
d Британскиот автор Метју Хенри коментирал: „Уништувањето на Ерусалим од Халдејците било ужасно, но ова го надминало. Им се заканувал сеопшт колеж на сите . . . Евреи“.
e Многумина гледаат една промена во нагласувањето на Лукиниот извештај после Лука 21:24. Д-р Леон Морис забележува: „Исус понатаму зборува за времињата на Паганите. . . . Според сфаќањето на повеќето научници, вниманието сега се свртува кон доаѓањето на Синот човечки“. Професор Р. Гинс пишува: „Доаѓањето на Синот Човечки (Мт 24:29-31; Мр 13:24-27). Споменувањето на ‚времињата на паганите‘ служи како увод за оваа тема; гледиштето [на Лука] сега оди зад уривањето на Ерусалим кон иднината“.
f Професор Волтер Л. Лифелд (Walter L. Liefeld) пишува: „Сосема е можно да се заклучи дека Исусовите претскажувања вклучиле две фази: 1) настаните од А.Д. 70, кои го вклучуваат храмот; и 2) оние во далечна иднина, опишани со повеќе апокалиптични термини“. Коментарот издаден од Џ.Р. Дамелоу (J.R. Dummelow) вели: „Повеќето од најсериозните тешкотии на овој величествен говор исчезнуваат кога ќе се сфати дека нашиот Господ во него се осврнал не на еден настан, туку на два, и дека првиот бил претслика на вториот. . . . Особено [Лука] Лк 21:24, каде што се зборува за ‚времињата на паганите‘, . . . поместува еден неодреден интервал помеѓу падот на Ерусалим и крајот на светот“.
Дали се сеќаваш?
◻ Какво исполнување имал Исусовиот одговор на прашањето од Матеј 24:3 (НС), коешто водело до 70. н. е.?
◻ Како ни помага употребата на зборот то́те да го разбереме Исусовото пророштво?
◻ Во која смисла во првиот век имало „голема неволја“ каква не се случила порано?
◻ На кои два единствени аспекта од Исусовото пророштво се осврнува Лука, коишто нѐ вклучуваат нас денес?
◻ Кои показатели укажуваат на второ и поголемо исполнување на пророштвото од Матеј 24:4-22?
[Табела на страници 14 и 15]
4 „А Исус им одговори и рече: ‚Пазете се, да не ве излаже некој; 5 зашто мнозина ќе дојдат во Мое име, говорејќи: „Јас сум Христос!“ и ќе прелажат мнозина. 6 Ќе слушате боеви и гласови за војни. Гледајте да не се уплашите, оти сето тоа треба да биде; ама тоа уште не е крајот.
7 Зашто ќе се дигне народ против народ, и царство против царство; и на места ќе има глад, помор и потреси; 8 а сето тоа е почеток на болките.
9 Тогаш ќе ве предадат на маки и ќе ве убијат; и ќе бидете мразени од сите народи, заради Моето име. 10 Тогаш мнозина ќе се соблазнат и еден со друг ќе се предаваат, и еден со друг ќе се мразат; 11 многу лажни пророци ќе се појават и ќе прелажат мнозина; 12 и бидејќи беззаконијата ќе се умножат, кај мнозина љубовта ќе олади. 13 А кој претрпи до крај, тој ќе биде спасен. 14 И ќе биде проповедано ова Евангелие за царството по целиот свет, за сведоштво на сите народи; и тогаш ќе дојде крајот.
------------------------------------------------------------------
15 Па така, штом ја видите мерзоста на запустението да стои на свето место, за која е зборувано преку пророк Даниил — кој чита, нека разбере, 16 тогаш оние, што се наоѓаат во Јудеја, да бегаат по планините; 17 кој е на покрив, нека не слегува да земе нешто од куќата своја; 18 и кој е на нива, нека не се враќа дома за да ги земе алиштата свои! 19 Но тешко на бремените и на оние што дојат во тие дни. 20 Затоа молете се да не стане бегањето ваше зиме, или во сабота; 21 оти тогаш ќе биде мака, каква што не била од почетокот на светот па досега, а и нема да биде. 22 И, ако не се скратат оние дни, никој не би се спасил; но заради избраните ќе се скратат тие дни.
------------------------------------------------------------------
23 Тогаш, ако ви каже некој: „Еве, овде е Христос, или таму е“, не верувајте! 24 Оти ќе се појават лажни христоси и лажни пророци, и ќе покажат големи знаци и чуда, за да ги прелажат, ако е можно, избраните. 25 Ете, однапред ви кажав. 26 И така, ако ви речат: „Ете, во пустињата е Он“ — не излегувајте; „Ете, во тајна соба е“ — не верувајте! 27 Зашто, како молњата што излегува од исток и се гледа дури до запад, така ќе биде доаѓањето на Синот Човечки. 28 Оти, каде што е трупот, таму се собираат и орлите.
------------------------------------------------------------------
------------------------------------------------------------------
29 И веднаш, по маките на тие дни, сонцето ќе потемни и месечината нема да ја дава својата светлина, и ѕвездите ќе попаѓаат од небото, и силите небески ќе попуштат. 30 Тогаш ќе се јави на небото знакот на Синот Човечки и ќе се расплачат сите земни племиња, и ќе Го видат Синот Човечки како иде на небеските облаци, со голема слава и сила; 31 и ќе ги испрати Своите ангели со голем трубен глас, и ќе ги соберат Неговите избраници од четирите ветра, од едниот до другиот крај на небесата‘.“
5 „Исус, одговарајќи им, почна да зборува: ‚Чувајте се да не ве прелаже некој. 6 Оти мнозина ќе дојдат во Мое име, говорејќи дека сум Јас; и ќе прелажат мнозина. 7 А кога ќе чуете за боеви и гласови за војни, не плашете се; зашто сето тоа треба да стане; но тоа уште не е крајот.
8 Ќе се дигне народ против народ, и царство против царство; а на некои места ќе има и потреси, и глад, и маки. Тоа е почетокот на болките.
9 Но вие чувајте се сами, зашто ќе ве предадат на судови; а по синагогите ќе ве бијат, и пред управници и пред цареви ќе бидете изведени заради Мене, за сведоштво пред нив. 10 И кај сите народи најнапред треба да се проповеда Евангелието. 11 Кога, пак, ќе ве поведат, за да ве предадат, не грижете се однапред што ќе говорите, ниту размислувајте; а она, што ќе ви се даде во тој час, тоа кажете го; не сте вие што ќе зборувате, туку Светиот Дух. 12 И брат брата ќе предаде на смрт, и татко чедо, и ќе се дигнат децата против родителите, и ќе ги убијат. 13 Ќе бидете намразени од сите заради Моето име; кој претрпи до крај, тој ќе биде спасен.
------------------------------------------------------------------
14 А кога ќе видите, „мерзоста на запустението“, како што рекол пророкот Даниил, да стои каде што не треба — кој чита, нека разбере — тогаш, оние што се во Јудеја, нека бегаат по планините; 15 и кој е на покривот, да не слегува во куќата, ниту да влегува да земе нешто од куќата своја; 16 и кој е на нива, да не се враќа за да го земе облеклото свое! 17 Но тешко на бремените и на оние што дојат во тие дни! 18 Туку молете се, бегањето ваше да не биде зиме! 19 Зашто во тие дни ќе биде мака, каква што не била досега од почетокот на светов, што го создаде Бог, а и нема да биде. 20 И ако Бог не ги скратеше тие дни, тогаш не би се спасил ниеден човек; но заради избраните, кои ги избра Он, ќе ги скрати дните.
------------------------------------------------------------------
21 Тогаш, ако ви каже некој: „Еве, овде е Христос“, или „Ене, таму е“, не верувајте! 22 Зашто, ќе се појават лажни христоси и лажни пророци, и ќе покажат знаци и чуда, за да ги прелажат, ако е можно, и избраните. 23 Но вие — чувајте се: ете, сѐ однапред ви кажав!
------------------------------------------------------------------
------------------------------------------------------------------
24 Во тие дни, по жалоста, сонцето ќе потемни и месечината нема да ја дава својата светлина, 25 и ѕвездите небески ќе попаѓаат, и силите, што се на небото, ќе попуштат. 26 И тогаш ќе Го видат Синот Човечки, како иде на облаци со голема слава и сила. 27 И Он тогаш ќе ги испрати ангелите Свои и ќе ги собере Своите избрани од четирите ветра, од крајот на земјата до крајот на небото‘.“
8 „Он рече: ‚Чувајте се, да не ве прелажат; зашто мнозина ќе дојдат во Мое име и ќе зборуваат оти сум Јас, и дека времето се приближи. Но, не одете по нив! 9 А кога ќе чуете за војни и бунтови, не плашете се; сето тоа треба да стане, но сѐ уште не е крајот.‘
10 Тогаш им рече: ‚Ќе се крене народ против народ и царство против царство; 11 а на некои места ќе има и големи потреси, и глад и помор; ќе има стравотии и големи знаци на небото.
12 А пред сето тоа ќе стават раце на вас и ќе ве изгонат, предавајќи ве на синагогите и затворите, и ќе ве водат пред цареви и управници, заради Моето име. 13 И тоа ќе ви биде вам за сведоштво. 14 И така, ставете си при срце да не размислувате однапред што ќе одговарате, 15 зашто Јас ќе ви дадам уста и мудрост, на која не ќе можат да ѝ противречат ниту да ѝ се противстават сите ваши противници. 16 Ќе бидете предадени исто така и од родители, и од браќа и од роднини, и од пријатели, а некои од вас ќе бидат и убиени; 17 и ќе бидете намразени од сите, заради Моето име. 18 Но, ни влакно од главата ваша нема да загине; 19 со трпение спасувајте си ги душите.
------------------------------------------------------------------
20 А кога ќе го видите Ерусалим опколен од војски, знајте — дека се приближило неговото запустување. 21 Тогаш, оние што се наоѓаат во Јудеја, нека бегаат во планините; и кои се во градот, да излезат од него; а кои се по околните места, нека не влегуваат во него, 22 зашто тоа се дните на одмазда, за да се изврши сѐ што е напишано. 23 Но тешко на бремените и доилките во тие дни: зашто голема мака ќе биде на земјата, и гнев врз овој народ; 24 и ќе паднат од сечилото на мечот, и ќе бидат одведени во плен по сите народи;
------------------------------------------------------------------
а Ерусалим ќе го газат незнабошци, сѐ додека не се свршат времињата на незнабошците.
------------------------------------------------------------------
------------------------------------------------------------------
25 И ќе има знаци на сонцето, и на месечината, и на ѕвездите; а на земјата — тага кај народите од неизвесноста и од бучењето на морето, и од брановите; 26 луѓето, пак, ќе умираат од страв и од исчекување на она што ќе го снајде светот, зашто и силите небески ќе попуштат. 27 И тогаш ќе Го видат Синот Човечки како доаѓа на облаци, со сила и слава голема. 28 А кога ќе почне тоа да станува, исправете се и подигнете ги главите свои, зашто се приближува вашето спасение.‘ “
[Слика на страница 10]
Неволјата во 70. н. е. била најголемата што Ерусалим и еврејскиот систем некогаш ја доживеале