„За сѐ постои одредено време“
„За сѐ постои одредено време, дури и време за секоја работа под небото“ (ПРОПОВЕДНИК 3:1, NW).
1. Каков проблем имаат несовршените луѓе, и до што водело ова во некои случаи?
ЛУЃЕТО честопати велат: „Требаше да го сторам тоа порано“. Или, можеби доцна сфатиле: „Требаше да почекам“. Таквите реакции покажуваат колку им е тешко на несовршените луѓе да го одредат исправното време за извесни работи. Ова ограничување кај некои предизвикало да си ги расипат добрите односи. Водело до разочарување и фрустрација. А што е најлошо од сѐ, тоа ја ослабнало верата на некои луѓе во Јехова и во неговата организација.
2, 3. а) Зошто прифаќањето на она што Јехова го одлучил за одреденото време е пат на мудрост? б) Какво урамнотежено гледиште треба да имаме во врска со исполнувањето на библиските пророштва?
2 Бидејќи ги поседува мудроста и увидот кои им недостигаат на луѓето, Јехова може однапред да го дознае, доколку сака, исходот на секоја постапка. Тој може да го знае „во почетокот она што ќе биде на крајот“ (Исаија 46:10). Според тоа, тој може непогрешливо да го избере најпогодното време за да стори сѐ што сака. Затоа, наместо да имаме доверба во сопственото погрешно чувство за темпирање, ќе бидеме мудри ако го прифатиме она што го одлучил Јехова за одреденото време!
3 На пример, зрелите христијани лојално го чекаат Јеховиното одредено време за исполнување на извесни библиски пророштва. Остануваат зафатени во неговата служба и цело време јасно го имаат на ум начелото од Плач Јеремиин 3:26: „Добро му е на оној, кој трпеливо го очекува спасението од Господа“. (Спореди Авакум 3:16, NW.) Истовремено, уверени се дека Јеховиното најавено извршување на судот „и ако се задржи . . . сигурно ќе се обистини. Нема да задоцни“ (Авакум 2:3, NW).
4. Како треба Амос 3:7 и Матеј 24:45 да ни помогнат стрпливо да чекаме на Јехова?
4 Од друга страна, пак, доколку пропуштиме во целост да разбереме некои библиски текстови или објаснувања кои се изнесени во публикациите на Watch Tower, дали имаме причина да станеме нестрпливи? Да се чека Јеховиното одредено време за разјаснување на работите е пат на мудрост. „Зашто Господ Бог не прави ништо додека не им ја открие тајната Своја на Своите слуги — пророците“ (Амос 3:7). Какво величествено ветување! Но, мораме да сфатиме дека Јехова ги открива своите доверливи работи во времето кое тој го смета за препорачливо. За таа цел Бог го овластил „верниот и разборит роб“ да му дава на неговиот народ „[духовна] храна во право време“ (Матеј 24:45, NW). Затоа, не постои причина да станеме претерано загрижени, па дури и вознемирени заради тоа што некои работи не се целосно објаснети. Наместо тоа, можеме да бидеме сигурни дека ако стрпливо чекаме на Јехова, тој преку верниот роб ќе го обезбеди она што е потребно во „право време“.
5. Од каква корист е разгледувањето на Проповедник 3:1—8?
5 Мудриот цар Соломон зборувал за 28 различни работи, и за секоја од нив има „одредено време“ (Проповедник 3:1—8, NW). Разбирањето на значењето и импликациите на она што го рекол Соломон ќе ни помогне да го одредиме исправното и погрешното време за извесни постапки, од гледна точка на Бог (Евреите 5:14). Ова, пак, од своја страна, ќе ни овозможи да го обликуваме својот живот во склад со тоа.
‚Време кога се плаче и време кога се смее‘
6, 7. а) Што е причина загрижените луѓе денес да ‚плачат‘? б) Како светот се обидува да работи против сериозната ситуација во која се наоѓа?
6 Иако постои „време кога се плаче, и време кога се смее“, кој е тој што повеќе не го сака второво? (Проповедник 3:4). Но, за жал, живееме во свет кој првенствено ни дава причини за плачење. Во медиумите преовладуваат депримирачки вести. Се згрозуваме од ужас кога слушаме како млади луѓе на училиште пукаат во соученици, како родители ги злоупотребуваат своите деца, како терористи убиваат или осакатуваат недолжни жртви и како таканаречени природни катастрофи пустошат човечки животи и имоти. Гладните деца со испиени очи и протераните бегалци кои бегаат се работи кои се натпреваруваат да ни го пленат вниманието на телевизискиот екран. Некои термини кои порано ни биле непознати, како што е етничко чистење, СИДА, биолошка војна и Ел Нињо, сега создаваат тегобна загриженост во нашите умови и срца — и тоа секој на свој сопствен начин.
7 Нема сомнение во тоа дека денешниов свет е полн со трагедии и болки во душата. Сепак, за да ја минимизира сериозноста на ситуацијата, индустријата за разонода редовно презентира површни, невкусни, честопати неморални и насилнички понуди, наменети да нѐ заведат да ја игнорираме бедата која ја доживуваат другите. Но, безгрижниот дух на неразумно шегување и лекоумна смеа предизвикан од таквата забава не треба да се помеша со вистинската радост. Радоста која е плод на Божјиот дух е нешто што сатанскиот свет едноставно не може да го даде (Галатјаните 5:22, 23; Ефесјаните 5:3, 4).
8. На што треба денешните христијани да даваат приоритет — на плачењето или на смеењето? Објасни.
8 Увидувајќи ја жалосната состојба на светот, можеме да сфатиме дека денес не е време да ѝ се даде висок приоритет на смеата. Не е време да се живее само за рекреација и разонода или да се дозволи ‚забавата‘ да добие предимство во однос на тежнеењето по духовни работи. (Спореди Проповедник 7:2—4.) „Оние кои го искористуваат светот“ треба да бидат како „такви кои не го искористуваат во потполност“, рекол апостол Павле. Зошто? Бидејќи „сцената на овој свет се менува“ (1. Коринтјаните 7:31, NW). Вистинските христијани секој ден го живеат целосно признавајќи ја сериозноста на времето во кое живеат (Филипјаните 4:8).
И покрај плачењето, вистински среќни!
9. Каква жалосна ситуација постоела во деновите пред потопот, и какво значење има тоа за нас денес?
9 На луѓето кои живееле во времето на глобалниот потоп им недостигало сериозно гледиште за животот. Тие си ја бркале својата секојдневна рутина и пропуштиле да плачат заради ‚злобата на човекот [која] била изобилна на Земјата‘, гледајќи со рамнодушност додека ‚Земјата се полнела со насилство‘ (1. Мојсеева 6:5, 11, NW). Исус укажал на таа жалосна состојба и претскажал сличен став кај луѓето во наше време. Тој предупредил: „Како што во деновите пред потопот јадеа и пиеја, се женеа и се мажеа до оној ден, кога Ное влезе во ковчегот, и не узнаа, додека не дојде потопот и истреби сѐ — така ќе биде и доаѓањето на Синот Човечки“ (Матеј 24:38, 39).
10. На кој начин Израелците кои живееле во деновите на Агеј покажале недостиг на ценење за Јеховиното одредено време?
10 Околу 1850 години после потопот, во деновите на Агеј, многу Израелци покажале сличен недостиг на сериозна грижа за духовните работи. Зафатени со тежнеење по лични интереси, тие пропуштиле да распознаат дека тоа било време да им се даде приоритет на Јеховините интереси. Читаме: „Овој народ говори: ‚Уште не е дојдено времето, не е време сега да се гради дом Господен‘. И би слово Господово преку пророкот Агеј, велејќи: ‚А за вас време ли е да живеете во своите украсени домови, кога е Светилиштето запустено?‘ Затоа сега вака вели Господ Саваот: ‚Свртете го срцето ваше врз вашите патишта‘“ (Агеј 1:1—5).
11. Кои прашања би можеле соодветно да си ги поставиме?
11 Како Јеховини сведоци денес, со одговорности и предности пред Јехова како и Израелците во времето на Агеј, и ние ќе правиме добро ако го свртиме срцето врз своите патишта, и тоа со сета сериозност. Дали ‚плачеме‘ заради светските околности и прекорот што тие му го нанесуваат на Божјето име? Дали сме навредени кога луѓето го порекнуваат постоењето на Бог или дрско ги игнорираат неговите праведни начела? Дали реагираме како што реагирале означените поединци кои ги видел Језекиил во визија пред 2.500 години? Во врска со нив, читаме: „И му рече Господ [на човекот со мастилница на појасот]: ‚Мини по средината на градот, по средината на Ерусалим, и стави им знак на челата од луѓето, оние што жалат, кои воздивнуваат за гадотиите, што се вршат во него‘“ (Језекиил 9:4).
12. Какво значење има Језекиил 9:5, 6 за луѓето денес?
12 Значењето на овој извештај за нас денес станува јасно кога ги читаме упатствата кои им биле дадени на шесте мажи со убиствено оружје: „Одете по него во градот и убивајте; вашето око да не жали, и не штедете: старец, момче и девојка, младенец и жена, бијте ги до смрт, но не гибајте ни еден од луѓето кои имаат знак, а почнете од моето светилиште“ (Језекиил 9:5, 6). Нашето преживување во таа голема неволја која брзо се приближува зависи од тоа дали ќе признаеме дека денес првенствено е време кога се плаче.
13, 14. а) Кои луѓе Исус ги прогласува за среќни? б) Објасни зошто мислиш дека овој опис добро одговара на Јеховините сведоци.
13 Секако, фактот дека Јеховините слуги ‚плачат‘ заради жалосната состојба на светските работи не ги спречува да бидат среќни. Напротив! Тие се всушност најсреќната група луѓе во светот. Исус го дал критериумот за среќа кога рекол: „Среќни се оние кои се свесни за својата духовна потреба . . . оние кои тажат . . . оние со блага нарав . . . оние кои гладуваат и жеднеат по праведност . . . милосрдните . . . со чисто срце . . . мирољубивите . . . оние кои се прогонувани заради праведноста“ (Матеј 5:3—10, NW). Постојат изобилство докази кои покажуваат дека овој опис одговара на Јеховините сведоци во целина, и тоа подобро од која и да е друга религиозна организација.
14 Особено од обновувањето на вистинското обожавање во 1919 година, Јеховиниот среќен народ има причина да се ‚смее‘. Во духовен поглед, тие го делат радосното доживување на оние кои се вратиле од Вавилон во шестиот век пр. н. е.: „Кога Господ ги врати сионските заробеници, ние бевме како утешени; тогаш устата ни се исполни со радост [смеа, NW], и јазикот наш — со весела песна . . . Големи дела изврши Господ над нас: ние се развеселивме“ (Псалм 125:1—3). Сепак, дури и сред духовната смеа, Јеховините сведоци мудро ја задржуваат на ум сериозноста на времето. Тогаш кога новиот свет ќе стане реалност и жителите на Земјата ‚цврсто ќе го фатат вистинскиот живот‘ (NW), ќе дојде времето кога смеата ќе го замени плачењето за цела вечност (1. Тимотеј 6:19; Откровение 21:3, 4).
„Време кога се прегрнуваш, и време кога се одбегнуваат прегратки“
15. Зошто христијаните се избирливи при одбирањето пријатели?
15 Христијаните се избирливи во врска со тоа кого прегрнуваат во пријателство. Го задржуваат на ум Павловото предупредување: „Не лажете се: ‚Лошите зборови [друштва, NW] ги расипуваат добрите обичаи!“ (1. Коринтјаните 15:33). А мудриот цар Соломон забележал: „Кој се состанува со мудри, мудар ќе биде; а кој другарува со безумни, глупав ќе биде“ (Изреки 13:21).
16, 17. Како Јеховините сведоци гледаат на пријателството, излегувањето со некој од спротивниот пол и на бракот, и зошто?
16 Јеховините слуги за пријатели избираат поединци кои ја имаат истата љубов кон Јехова и кон правдата како и тие. Додека го ценат друштвото на своите пријатели и уживаат во него, тие мудро го избегнуваат попустливото, премногу слободно гледиште за излегувањето со некој од спротивниот пол кое преовладува во некои земји денес. Наместо да се впуштат во него како во безопасна забава, тие на излегувањето со некој од спротивниот пол гледаат како на сериозен чекор кон брак кој треба да се преземе само тогаш кога лицето е физички, умствено и духовно спремно — како и библиски слободно — да стапи во трајно партнерство (1. Коринтјаните 7:36).
17 Некои можеби мислат дека заземањето такво гледиште за излегувањето со некој од спротивниот пол и за бракот е старомодно. Но, Јеховините сведоци не дозволуваат притисокот од врсниците да влијае врз нивниот избор на пријатели или одлуки во врска со излегувањето со некој од спротивниот пол и бракот. Тие знаат дека ‚премудроста се оправдува со своите дела‘ (Матеј 11:19). Јехова секогаш го знае најдоброто, па затоа тие сериозно го сфаќаат неговиот совет да стапуваат во брак „само во Господа“ (1. Коринтјаните 7:39; 2. Коринтјаните 6:14). Избегнуваат да брзаат да стапат во брак погрешно размислувајќи дека ако врската запне, тогаш разводот или раздвојувањето се прифатливи можности. Тие одвојуваат време да си најдат погоден партнер, сфаќајќи дека штом се склопат брачните завети, тогаш важи Јеховиниот закон: „Не се веќе двајца, а едно тело. А Бог што составил, човек да не разделува“ (Матеј 19:6; Марко 10:9).
18. Што може да служи како појдовна точка за среќен брак?
18 Бракот претставува доживотна приврзаност која заслужува грижливо планирање. Мажот логично ќе се запраша: ‚Дали всушност таа е вистинската личност за мене?‘ Но еднакво е важно и да се праша: ‚Дали всушност јас сум вистинската личност за неа? Дали сум зрел христијанин кој може да се грижи за нејзините духовни потреби?‘ Обата идни партнера пред Јехова имаат обврска да бидат духовно јаки, способни да формираат цврста брачна заедница која заслужува божествено одобрување. Илјадници христијански парови можат да посведочат дека, поради тоа што нагласокот го ставаат на давањето а не на добивањето, полновремената служба е одлична појдовна точка за среќен брак.
19. Зошто некои христијани остануваат самци?
19 Некои христијани „одбегнуваат прегратки“ така што одлучуваат да останат самци заради добрата вест (Проповедник 3:5). Други го одложуваат бракот сѐ додека не станат духовно квалификувани за да привлечат погоден партнер. Но, да се сетиме и на оние христијани самци кои копнеат по интимноста и благодетите на бракот, но сепак, не успеваат да најдат партнер. Можеме да бидеме уверени дека Јехова се радува што тие одбиваат да ги компромитираат божествените начела во своето тежнеење по брак. Исто така, ќе биде добро ако ја цениме нивната лојалност и ако им ја пружиме соодветната поддршка која ја заслужуваат.
20. Зошто дури и брачните партнери понекогаш „одбегнуваат прегратки“?
20 Дали треба дури и брачните парови повремено да „одбегнуваат прегратки“? Очигледно ‚да‘, во извесна смисла, зашто Павле забележал: „Ова ви го велам, браќа, оти времето натаму е кратко, та оние, што имаат жена, да бидат како да ја немаат“ (1. Коринтјаните 7:29). Според тоа, радостите и благословите на бракот понекогаш мора да бидат второстепени во однос на теократските одговорности. Урамнотеженото гледиште за оваа работа нема да го ослабне бракот туку ќе го зајакне, бидејќи обата партнера ги потсетува дека Јехова секогаш мора да биде главна стабилизирачка личност во нивниот однос (Проповедник 4:12).
21. Зошто не треба да ги осудуваме брачните парови во врска со родителството?
21 Освен тоа, некои брачни двојки се воздржуваат да имаат деца за да бидат послободни да ја извршуваат својата служба на Бог. Тоа значи жртва од нивна страна, и Јехова ќе ги награди заради тоа. Освен тоа, додека Библијата охрабрува на самештво заради добрата вест, таа не дава директен коментар да се остане без деца од истата причина (Матеј 19:10—12; 1. Коринтјаните 7:38; спореди Матеј 24:19 и Лука 23:28—30). Затоа, брачните парови мора да донесат своја одлука на темел на личните околности и сопствените совесни чувства. Без разлика каква одлука ќе донесат, брачните парови не треба да бидат критикувани.
22. Што е важно да одредиме?
22 Да, „за сѐ постои одредено време, дури и време за секоја работа под небото“ (NW). Дури има и „време за војна, и време за мир“ (Проповедник 3:1, 8). Следната статија ќе објасни зошто е важно да одредиме за кое од овие две сега е време.
Можеш ли да објасниш?
◻ Зошто е животоважно да знаеме дека „за сѐ постои одредено време“?
◻ Зошто денес главно е „време кога се плаче“?
◻ Зошто христијаните, иако ‚плачат‘, се вистински среќни?
◻ Како некои христијани покажуваат дека на денешново време гледаат како на „време кога се одбегнуваат прегратки“?
[Слики на страници 6 и 7]
Иако христијаните ‚плачат‘ поради светските околности. . .
. . . тие всушност се најсреќните луѓе на светот
[Слика на страница 8]
Полновремената служба е одличен темел за среќен брак