Достојни да бидат водени на извори на води на животот
„Јагнето... ќе ги пасе и ќе ги води на извори на води на животот“ (ОТК. 7:17).
1. Како ги нарекува Божјата реч помазаните христијани, и каква одговорност им доверил Исус?
БОЖЈАТА РЕЧ вели дека помазаните христијани што се грижат за Христовиот имот на Земјата се негов ‚верен и разборит роб‘. Кога Христос дошол да провери како работи овој „роб“ во 1918 год., видел дека тие помазаници на Земјата верно обезбедуваат духовна „храна во вистинско време“. Затоа Исус, Господарот, им го доверил „целиот свој имот“. (Прочитај Матеј 24:45-47.) Така помазаниците можат да им служат на другите Јеховини слуги на Земјата пред да го добијат своето наследство на небото.
2. Што спаѓа во имотот на Исус?
2 Еден господар има право да го користи својот имот како што сака. Имотот на Исус Христос, Царот устоличен од Јехова, ги вклучува сите работи што се поврзани со Царството на Земјата. Во тој имот спаѓа и „големото мноштво“ кое на апостол Јован му било покажано во видение. Тој го опишува ова големо мноштво со следниве зборови: „Потоа видов големо мноштво луѓе, кои никој не можеше да ги изброи, од сите народи и племиња и народности и јазици, како стојат пред престолот и пред Јагнето, облечени во бели долги облеки, со палмови гранки во рацете“ (Отк. 7:9).
3, 4. Каква голема чест имаат членовите на големото мноштво?
3 Членовите на големото мноштво спаѓаат во лицата што Исус ги нарекол свои „други овци“ (Јован 10:16). Тие имаат надеж дека ќе живеат засекогаш во Рајот на Земјата. Уверени се дека Исус ‚ќе ги води на извори на води на животот и дека Бог ќе ја избрише секоја солза од нивните очи‘. Бидејќи имаат ваква надеж, тие ‚ги испрале своите долги облеки и ги обелиле во крвта на Јагнето‘ (Отк. 7:14, 17). Затоа што имаат вера во жртвата на Исус, Бог им дава ‚долги бели облеки‘, односно ги прогласува за праведни како свои пријатели, исто како што било случај и со Авраам.
4 Освен тоа, бидејќи се праведни во Божји очи, овие други овци што му припаѓаат на сѐ побројното големо мноштво имаат основа да се надеваат дека во големата неволја ќе го преживеат уништувањето на овој поредок (Јак. 2:23-26). Можат да се зближат со Јехова и, како група, имаат прекрасна можност да го преживеат Армагедон (Јак. 4:8; Отк. 7:15). Тие не се независни, туку се спремни да служат подложувајќи му се на водството што им го даваат небесниот Цар и неговите помазани браќа на Земјата.
5. Како членовите на големото мноштво им помагаат на Христовите помазани браќа?
5 Помазаните христијани се соочиле, а и понатаму ќе се соочуваат со жестоко противење од светот на Сатана. Но, можат да сметаат на помошта од своите придружници од големото мноштво. Иако помазаните христијани сега се само малку на број, големото мноштво секоја година се зголемува за неколку стотици илјади. Помазаниците не се во состојба лично да ги надгледуваат приближно 100.000-те христијански собранија во светот. Според тоа, еден начин на кој другите овци им помагаат е така што способни мажи од големото мноштво служат како собраниски старешини. Тие се грижат за милионите христијани кои сега му се доверени на „верниот и разборит роб“.
6. Како била проречена помошта што ќе им ја дадат другите овци на помазаните христијани?
6 Пророкот Исаија претскажал дека другите овци спремно ќе им помагаат на помазаните христијани. Тој напишал: „Вака вели Јехова: ‚Неплатените египетски работници, етиопските трговци и Савејците, високи луѓе, самите ќе дојдат кај тебе и ќе бидат твои. Ќе одат по тебе‘“ (Иса. 45:14). Во симболична смисла, христијаните што имаат надеж да живеат на Земјата одат по помазаниот роб и по неговото Водечко тело така што го следат нивното водство. Како ‚неплатени работници‘, другите овци спремно и со сета душа ги трошат своите сили и средства за да го поддржат меѓународното проповедничко дело што Христос им го доверил на своите помазани следбеници на Земјата (Дела 1:8; Отк. 12:17).
7. За што добива обука големото мноштво?
7 Додека им помагаат на своите помазани браќа, членовите на големото мноштво добиваат обука која ќе им помогне да се зацврстат како темел на новото човечко општество што ќе постои по Армагедон. Овој темел мора да биде цврст и стабилен, а неговите членови мора да бидат спремни и способни да постапуваат според упатствата на Господарот. Секој христијанин има можност да покаже дека Царот, Исус Христос, може да го употреби. Ако покажува вера и лојалност уште сега, тоа е доказ дека спремно ќе ги слуша упатствата што Царот ќе му ги дава во новиот свет.
Големото мноштво ја покажува својата вера
8, 9. Како членовите на големото мноштво ја покажуваат својата вера?
8 Другите овци, кои му се придружиле на собранието од помазани христијани, ја покажуваат својата вера на различни начини. Прво, тие им помагаат на помазаниците со тоа што ја објавуваат добрата вест за Божјето Царство (Мат. 24:14; 28:19, 20). Второ, спремно се подложуваат на упатствата што ги дава Водечкото тело (Евр. 13:17; прочитај Захарија 8:23).
9 Трето, членовите на големото мноштво ги поддржуваат своите помазани браќа со тоа што живеат во склад со Јеховините праведни мерила. Тие се трудат да негуваат „љубов, радост, мир, долготрпеливост, љубезност, доброта, вера, благост, самосовладување“ (Гал. 5:22, 23). Денес, во свет во кој изобилуваат „делата на телото“, не се гледа со одобрување на оние што се трудат да ги покажуваат овие позитивни особини. Сепак, членовите на големото мноштво се решени кај нив да нема „блуд, нечистотија, бесрамност, идолопоклонство, гатање, непријателства, караници, љубомора, изливи на гнев, судири, поделби, секти, завист, пијанки, разуздани гозби и други слични работи“ (Гал. 5:19-21).
10. На што се решени членовите на големото мноштво?
10 Со оглед на тоа што сме несовршени, не ни е лесно да ги покажуваме плодовите на духот, да не ги вршиме делата на телото и да им се спротивставиме на притисоците што доаѓаат од светот на Сатана. Но, и покрај сѐ, решени сме да не дозволиме обесхрабрувањето од личните слабости и моментални пропусти или од физичките ограничувања да ни ја ослабне верата или да ни ја изгасне љубовта кон Јехова. Знаеме дека Бог ќе го исполни она што го ветил — ќе го зачува големото мноштво кога ќе дојде големата неволја.
11. Кои тактики ги користи Сатана за да им ја ослабне верата на христијаните?
11 Сепак, постојано остануваме на штрек бидејќи знаеме дека нашиот вистински непријател е Ѓаволот, а тој не се откажува лесно. (Прочитај 1. Петрово 5:8.) Сатана се обидува да ги искористи отпадниците, а и други лица, за да нѐ убеди дека нашите верувања се погрешни. Но, таа тактика обично не му успева. На сличен начин, иако понекогаш го забавува проповедањето, прогонството честопати придонесува и да им се зајакне верата на оние што се прогонувани. Затоа, Сатана сѐ повеќе користи една друга метода која веројатно смета дека може повеќе да ја ослабне нашата вера. Тој го користи обесхрабрувањето. Во врска со оваа опасност, на христијаните во првиот век им било дадено следново предупредување: „Добро погледнете го [Христос] што поднесе такво противење од устата на оние што грешеа против себе“. Зошто? „За да не се уморите и душите да не ви папсаат“ (Евр. 12:3).
12. Како советите од Библијата ги зајакнуваат оние што се обесхрабрени?
12 Дали некогаш ти доаѓа да кренеш раце од сѐ? Дали на моменти ти се чини дека ништо не правиш како што треба? Иако можеби имаш вакви чувства, немој да му дозволиш на Сатана да ги искористи и да те спречи да му служиш на Јехова. Задлабочи се во проучувањето на Библијата, моли се горливо, не пропуштај ги состаноците и дружи се со соверниците. Тоа ќе ти ја даде потребната сила, и твојата ‚душа нема да папса‘. Јехова ветува дека ќе им ги обнови силите на оние што му служат, и тој си стои на зборот. (Прочитај Исаија 40:30, 31.) Концентрирај се на христијанските активности. Не дозволувај ништо неважно да ти го краде времето и давај сѐ од себе за да им помагаш на другите. Само така ќе можеш да истраеш ако понекогаш се обесхрабриш (Гал. 6:1, 2).
Избавените од неволјата влегуваат во новиот свет
13. Која задача ги чека оние што ќе го преживеат Армагедон?
13 Откако ќе помине Армагедон, ќе воскреснат мноштва неправедни луѓе кои ќе треба да бидат поучени за Јехова и за неговите мерила (Дела 24:15). Ќе треба да дознаат дека Исус го дал својот живот како откупна жртва, но ќе мора да бидат поучени и да покажат вера во таа жртва ако сакаат да имаат корист од неа. Ќе треба да ги отфрлат сите религиозни лаги во кои верувале пред тоа и да го остават својот поранешен начин на живот. Ќе мора да научат да ја облечат новата личност по која се познаваат вистинските христијани (Еф. 4:22-24; Кол. 3:9, 10). ‚Другите овци‘ што ќе го преживеат Армагедон ќе ги чека многу работа. Колку ќе бидат радосни што ќе можат да му служат на Јехова на таков начин, потполно ослободени од притисоците и пречките на сегашниов злобен свет!
14, 15. Опиши какви разговори ќе се водат меѓу преживеаните од големата неволја и воскреснатите праведници.
14 И верните слуги на Јехова кои умреле пред Исус да ја врши својата служба на Земјата ќе треба да научат многу работи во тоа време. Ќе дознаат кој бил ветениот Месија на кого се надевале, но никогаш не го виделе. Додека биле живи, тие веќе покажале дека се спремни да бидат поучени од Јехова. Замисли каква радост и чест ќе биде да им помогнеме на тие луѓе — на пример, да му објасниме на Даниел како се исполниле пророштвата што ги запишал, но не ги разбирал! (Дан. 12:8, 9).
15 Се разбира, воскреснатите ќе треба да дознаат многу работи од нас, но и ние ќе имаме многу прашања за нив. Тие ќе можат подробно да ни ги опишат настаните што се спомнати во Библијата, но не се објаснети во детали. Замисли колку ќе биде возбудливо да слушнеме лични работи за Исус од неговиот братучед Јован Крстител! Без сомнение, она што ќе го дознаеме од тие верни сведоци уште повеќе ќе го зголеми нашето ценење за Божјата реч. Верните слуги на Јехова кои умреле — меѓу кои ќе бидат и оние од големото мноштво што умираат во времето на крајот — ќе добијат „подобро воскресение“. Тие почнале да му служат на Јехова уште во светот со кој владеел Сатана. Колку ќе бидат радосни што ќе можат да продолжат да му служат во многу подобри околности во новиот свет! (Евр. 11:35; 1. Јов. 5:19).
16. Според она што е проречено, што ќе се случува во Судниот ден?
16 Во текот на Судниот ден, во одредено време, ќе бидат отворени свитоци. На темел на овие свитоци и на темел на Библијата, ќе им биде судено на сите живи за да се види дали се достојни да добијат вечен живот. (Прочитај Откровение 20:12, 13.) До крајот на Судниот ден, секој ќе има доволно време и можност да покаже каде стои во однос на спорното прашање во врска со владеењето. Дали ќе се подложи на Божјето Царство и ќе му дозволи на Јагнето да го води на „извори на води на животот“ или, пак, ќе се спротивстави и ќе одбие да му биде подложен на ова Царство? (Отк. 7:17; Иса. 65:20). Дотогаш, сите на Земјата ќе имаат можност лично да донесат одлука, без врз нив да влијае наследениот грев или злобниот свет. Никој нема да може да каже дека Јеховиниот конечен суд не бил исправен. Само оние што се злобни ќе бидат уништени засекогаш (Отк. 20:14, 15).
17, 18. На што се радуваат помазаните христијани и другите овци во врска со Судниот ден?
17 Помазаните христијани денес, кои се прогласени за достојни да го примат Царството, со душа чекаат да владеат во Судниот ден. Каква огромна чест е тоа за нив! Оваа прекрасна надеж ги мотивира да го послушаат советот што Петар им го дал на нивните браќа во првиот век: „Дајте сѐ од себе за да ги потврдите својот позив и избор, зашто ако го правите тоа, никогаш нема да паднете. Всушност, на тој начин ќе ви биде великодушно овозможено да влезете во вечното царство на нашиот Господар и Спасител Исус Христос“ (2. Пет. 1:10, 11).
18 Другите овци се радуваат поради своите помазани браќа и решени се да им помагаат. Како Божји пријатели денес, мотивирани се да дадат сѐ од себе во службата за Бог. Во Судниот ден, радосно и со сета душа ќе ги следат упатствата од Бог додека Исус ги води на извори на води на животот. Тогаш — конечно — ќе станат достојни да бидат Јеховини слуги на Земјата во сета вечност! (Рим. 8:20, 21; Отк. 21:1-7).
Дали се сеќаваш?
• Што спаѓа во имотот на Исус?
• Како членовите на големото мноштво им помагаат на своите помазани браќа?
• Каква единствена служба и можност ќе имаат членовите на големото мноштво?
• Како гледаш на Судниот ден?
[Слика на страница 25]
Членовите на големото мноштво ги испрале своите долги облеки и ги обелиле во крвта на Јагнето
[Слика на страница 27]
Што очекуваш да дознаеш од верните лица што ќе воскреснат?