Да учиме од споредбата за талантите
„На едниот му даде пет таланти, на другиот два, на третиот, пак, еден“ (МАТ. 25:15)
1, 2. Кога Исус ја кажал споредбата за талантите?
ВО СПОРЕДБАТА за талантите, Исус јасно ни открил каква одговорност имаат неговите помазани следбеници. Треба да разбереме што значи оваа споредба бидејќи таа влијае врз сите вистински христијани, сеедно дали имаат надеж дека ќе живеат вечно на небото или на Земјата.
2 Исус ја дал споредбата за талантите кога им објаснувал на учениците кој ќе биде ‚знакот на неговата присутност и на свршетокот на овој поредок‘ (Мат. 24:3). Затоа може да кажеме дека таа главно се исполнува во наше време и е дел од знакот кој покажува дека Исус е присутен како Цар на Божјето Царство.
3. Што учиме од споредбите запишани во Матеј, поглавја 24 и 25?
3 Кога ја кажал споредбата за талантите, Исус дал уште три други споредби кои се запишани во Матеј 24:45 до 25:46 — споредбата за верниот и разборит роб, за десетте девици, и за овците и јарците. Сите тие се дел од знакот на неговата присутност. Во сите четири споредби, Исус нагласува кои особини мора да ги имаат неговите вистински следбеници во овие последни денови. Споредбите за робот, за девиците и за талантите се однесуваат на неговите помазани следбеници. Првата споредба е за верниот роб, односно за малата група помазаници кои имаат одговорност да им даваат духовна храна на Исусовите слуги. Тие треба да бидат верни и разборити. Во споредбата за девиците, Исус истакнува дека сите негови помазани следбеници треба да бидат подготвени и да бдеат, затоа што нема да знаат кога точно ќе дојде тој. Во споредбата за талантите, Исус покажува дека помазаниците треба да бидат трудољубиви додека ги извршуваат своите христијански одговорности. На крајот, тој ја дал споредбата за овците и јарците, која се однесува на оние што имаат надеж дека ќе живеат вечно на Земјата. Тој нагласува дека тие мора да бидат лојални, и целосно да ги поддржуваат Исусовите помазани браќа на Земјата.a Да ја разгледаме сега споредбата за талантите.
ГОСПОДАРОТ ИМ ДОВЕРУВА ГОЛЕМА СУМА ПАРИ НА СВОИТЕ РОБОВИ
4, 5. Кого го претставува човекот, односно господарот, и колку вредел еден дословен талант?
4 Прочитај Матеј 25:14-30. Во нашите публикации уште одамна беше објаснето дека човекот, односно господарот, во оваа споредба е Исус, и дека тој отпатувал во туѓина кога се вознел на небото во 33 год. од н.е. Во една претходна споредба, Исус открил дека ќе отпатува во туѓина „за да ја преземе царската власт“ (Лука 19:12). Но, тој не станал Цар веднаш штом се вратил на небото.b Наместо тоа, ‚седнал од десната страна на Бог, и оттогаш чекал неговите непријатели да бидат положени како подножје за неговите нозе‘ (Евр. 10:12, 13).
5 Човекот во споредбата поседувал осум таланти што во тоа време била огромна сума пари.c Пред да замине во туѓина, тој им ги поделил талантите на своите робови со цел да тргуваат со нив и да заработат повеќе пари. Слично на тој човек, Исус поседувал нешто многу скапоцено пред да се вознесе на небото. Тоа било делото што го вршел додека бил на Земјата.
6, 7. Што симболизираат талантите?
6 Проповедничкото дело му било многу важно на Исус. (Прочитај Лука 4:43.) Благодарение на неговата служба, мнозина ја прифатиле добрата вест, но тој знаел дека има уште работа и дека многу други искрени лица ќе станат негови следбеници. Всушност, тој им рекол на своите ученици: „Подигнете ги очите и погледнете ги полињата, зрели се за жетва!“ (Јован 4:35-38). Исто како еден добар земјоделец, Исус не ги оставил полињата што се зрели за жетва. Кратко откако воскреснал и пред да се вознесе на небото, тој им дал на своите следбеници една важна задача, кога им рекол: „Одете и правете ученици од луѓето од сите народи“ (Мат. 28:18-20). На тој начин, Исус им доверил скапоцено богатство — службата на проповедање (2. Кор. 4:7).
7 Тогаш, што може да заклучиме? Кога им дал задача на своите следбеници да ги поучуваат луѓето, Исус, всушност, им го доверил „својот имот“ — своите таланти (Мат. 25:14). Едноставно кажано, талантите ја симболизираат нивната одговорност да проповедаат и да поучуваат.
8. Што очекувал господарот од сите свои робови иако им дал различен број таланти?
8 Исус рекол дека господарот му дал пет таланти на првиот роб, два таланта на вториот роб и еден талант на третиот (Мат. 25:15). Иако секој роб добил различен број таланти, господарот очекувал од сите тројца трудољубиво да ги употребат. На сличен начин, Исус очекува од своите помазани следбеници да даваат сѐ од себе во службата (Мат. 22:37; Кол. 3:23). Христовите следбеници почнале да тргуваат со талантите уште во првиот век, од Педесетница 33 год. од н.е. Книгата Дела содржи опширен запис за трудот што го вложувале да проповедаат и да ги поучуваат луѓетоd (Дела 6:7; 12:24; 19:20).
РОБОВИТЕ ТРГУВААТ СО ТАЛАНТИТЕ ВО ВРЕМЕТО НА КРАЈОТ
9. а) Што направиле двата верни роба со талантите, и на што укажува тоа? б) Што се очекува и од ‚другите овци‘?
9 И во времето на крајот, особено од 1919 год. наваму, Христовите верни помазани робови на Земјата тргуваат со талантите на својот Господар. Слично на првите два роба, помазаните браќа и сестри даваат сѐ од себе во проповедничкото дело. Нема потреба да погодуваме кој ги добил петте, а кој двата таланти. Во споредбата, и двата роба заработиле двојно повеќе од она што им го дал господарот. Значи, и двајцата биле трудољубиви. Но, дали само помазаниците треба ревносно да проповедаат и да поучуваат? Не. Исусовата споредба за овците и јарците покажува дека од оние што имаат надеж да живеат вечно на Земјата се очекува лојално да ги поддржуваат Христовите помазани браќа во делото на проповедање и поучување. Во овие тешки последни времиња, двете групи соработуваат како „едно стадо“ додека ревносно проповедаат и им помагаат на луѓето да станат Христови ученици (Јован 10:16).
10. Кое е едно истакнато обележје на знакот за последните денови?
10 Господарот со право очекувал да види добри резултати. Како што видовме, неговите верни ученици во првиот век навистина го зголемиле неговиот имот. А што може да се каже за ова време на крајот? Христовите верни и трудољубиви слуги го извршуваат најголемото дело на проповедање и поучување во историјата. Благодарение на нивниот заеднички труд, секоја година им се помага на стотици илјади луѓе да станат објавители на Царството. Сите овие активности, како и добрите резултати, јасно покажуваат дека проповедничкото дело е истакнато обележје на знакот за последните денови што го дал Исус. Нема сомнение дека тој е многу задоволен од своите работници!
КОГА ЌЕ ДОЈДЕ ГОСПОДАРОТ ДА ГИ СРЕДИ СМЕТКИТЕ?
11. Од каде знаеме дека Исус ќе ги среди сметките во текот на големата неволја?
11 Исус ќе дојде да ги среди сметките со своите робови при крајот на големата неволја која ќе започне наскоро. Од каде го знаеме ова? Па, во своето пророштво запишано во Матеј, поглавја 24 и 25, Исус повеќе пати го спомнал своето доаѓање. На пример, тој рекол дека луѓето „ќе го видат Синот човечки како доаѓа на облаците небесни“. Ова се однесува на времето во големата неволја кога тој ќе изврши суд. Освен тоа, ги предупредил своите следбеници кои ќе живеат во времето на крајот да бдеат. Тој рекол: „Не знаете во кој ден доаѓа вашиот Господар“ и „Синот човечки доаѓа во час кога не се надевате“ (Мат. 24:30, 42, 44). Според тоа, кога рекол дека ‚господарот на тие робови дошол и почнал да ги средува сметките со нив‘, Исус очигледно се осврнал на времето кога ќе дојде да изврши суд на крајот на овој злобен светe (Мат. 25:19).
12, 13. а) Што им вели господарот на првите два роба, и зошто? б) Кога помазаниците ќе го добијат конечното запечатување? (Види ја рамката „Прогласени за достојни пред да умрат“.) в) Каква награда ќе добијат оние што ќе бидат прогласени за овци?
12 Во склад со споредбата, кога господарот ќе дојде, ќе види дека првите два роба — оној што добил пет таланти и оној што добил два — биле верни и заработиле уште толку. Господарот им го вели истото и на двајцата: „Одлично, добар и верен робу! Беше верен во малку и затоа ќе те поставам над многу“ (Мат. 25:21, 23). Според тоа, што може да очекуваме да се случи кога Господарот, прославениот Исус, ќе дојде да суди во иднина?
13 Пред да започне големата неволја, Христовите трудољубиви помазани ученици кои се претставени со двата роба и кои ќе бидат на Земјата во тоа време, ќе го добијат конечното запечатување (Отк. 7:1-3). Потоа, пред да почне војната Армагедон, Исус ќе им ја даде ветената небесна награда. А што ќе се случи со оние кои имаат надеж за вечен живот на Земјата и кои ги поддржувале Христовите браќа во проповедањето? Тие ќе добијат поволна пресуда и ќе бидат одвоени како „овци“. Ним ќе им биде дадена чест да живеат на Земјата под власта на Божјето Царство (Мат. 25:34).
ЗОЛ И МРЗЛИВ РОБ
14, 15. Дали Исус сакал да каже дека многу помазаници ќе станат зли и мрзливи? Објасни.
14 Во споредбата, третиот роб го закопал својот талант наместо да тргува со него или да го вложи кај банкарите. Овој роб покажал погрешен став бидејќи не презел ништо за да го зголеми имотот на својот господар. Затоа господарот со право го нарекол „зол и мрзлив“. Потоа му го одзел талантот и му го дал на оној што имал десет. На крајот овој зол роб бил исфрлен „надвор во темнината“. Исус рекол: „Таму ќе плаче и ќе чкрта со забите“ (Мат. 25:24-30; Лука 19:22, 23).
15 Кога рекол дека едниот од трите роба бил зол и мрзлив, Исус не сакал да каже дека една третина од неговите помазани следбеници ќе бидат зли и мрзливи. До овој заклучок доаѓаме ако го разгледаме контекстот. Во споредбата за верниот и разборит роб, Исус спомнал еден зол роб кој ги тепал другите робови. Но, со тоа не сакал да претскаже дека ќе има посебна група претставена со тој зол роб. Напротив, го предупредил верниот роб да не стане како злиот роб. Слично на ова, со споредбата за десетте девици, Исус не сакал да каже дека половина од неговите помазани следбеници ќе бидат како петте глупави девици. Наместо тоа, ги предупредил своите духовни браќа објаснувајќи што ќе се случи ако не бидат подготвени и ако престанат да бдеат.f Според тоа, разумно е да заклучиме дека, во споредбата за талантите, Исус не сакал да каже дека голем број од неговите помазани браќа во овие последни денови ќе бидат зли и мрзливи. Наместо тоа, тој ги предупредил своите помазани следбеници да бидат трудољубиви, односно да ‚тргуваат‘ со талантот кој им бил доверен, и да внимаваат да не станат како злиот роб од оваа споредба (Мат. 25:16).
16. а) Што учиме од споредбата за талантите? б) Како оваа статија ни помогна подобро да ја разбереме споредбата за талантите? (Види ја рамката „Што значи споредбата за талантите?“)
16 Што учиме од споредбата за талантите? Прво, Господарот, Христос, им доверил на своите помазани следбеници нешто што е многу скапоцено во негови очи — им дал задача да проповедаат и да поучуваат. Второ, Исус очекува сите ние трудољубиво да го вршиме проповедничкото дело. Ако го правиме тоа, може да бидеме сигурни дека тој ќе нѐ награди поради нашата вера, будност и лојалност (Мат. 25:21, 23, 34).
a Во Стражарска кула од 15 јули 2013, страници 21-22, пасуси 8-10, беше објаснето кој е верниот и разборит роб. Во претходната статија од ова списание беше објаснето кои се девиците. Споредбата за овците и јарците е објаснета во Стражарска кула од 15 октомври 1995, страници 23-28, и во следната статија од ова списание.
b Види ја рамката „Сличности во споредбите за талантите и за мините“.
c Во времето на Исус, еден талант имал иста вредност како 6.000 денарии. Еден работник, кој заработувал по денариј на ден, морал да работи 20 години за да спечали само еден талант.
d Кратко по смртта на апостолите, отпадништвото се раширило во сите собранија. Низ столетијата што следеле, не се правело речиси ништо во поглед на проповедањето. Но, ова требало да се промени во времето на „жетвата“, односно во последните денови (Мат. 13:24-30, 36-43). Види во Стражарска кула од 15 јули 2013, страници 9-12.