Јован
10 „Вистина, вистина ви велам, кој не влегува во овчото трло низ вратата, туку се прекачува од друго место, тој е крадец и разбојник. 2 А оној што влегува низ вратата е пастирот на овците. 3 Нему вратарот му отвора, и овците го слушаат неговиот глас. Тој ги вика своите овци по име и ги изведува од трлото. 4 А кога ќе ги изведе сите свои овци, оди пред нив, и тие одат по него, бидејќи го познаваат неговиот глас. 5 А по туѓинец нема да одат, туку ќе бегаат од него, зашто не го познаваат гласот на туѓинците.“ 6 Исус им ја кажа оваа споредба, но тие не сфатија што сакаше да им каже со тоа.
7 Затоа Исус повторно рече: „Вистина, вистина ви велам, јас сум вратата низ која овците влегуваат. 8 Сите што се претставуваа со моето име се крадци и разбојници, но овците не ги слушаа. 9 Јас сум вратата. Кој ќе влезе низ мене, ќе биде спасен. Ќе влегува и ќе излегува, и ќе најде пасиште. 10 Крадецот доаѓа само за да украде, да заколе и да уништи. Јас дојдов за овците да имаат живот, и тоа вечен живот. 11 Јас сум добриот пастир. Добриот пастир го дава својот живот за овците. 12 А човекот кој е најмен да ги чува овците не е пастир и овците не се негови. Затоа, кога гледа дека доаѓа волкот, ги остава овците и бега, а волкот ги напаѓа овците и го растерува стадото. 13 Тој бега бидејќи е само најмен работник и не му е грижа за овците. 14 Јас сум добриот пастир. Јас ги познавам моите овци, и моите овци ме познаваат мене, 15 како што Таткото ме познава мене и како што јас го познавам Таткото. И својот живот го давам за овците.
16 Имам и други овци, кои не се од ова трло. И нив морам да ги доведам, и тие ќе го слушаат мојот глас, па сите ќе бидат едно стадо со еден пастир. 17 Таткото ме сака бидејќи го давам својот живот за повторно да го примам. 18 Никој не ми го одзема, туку јас самиот го давам. Имам право да го дадам и имам право повторно да го примам. Оваа заповед ја добив од мојот Татко“.
19 И повторно настана поделба меѓу Евреите поради овие зборови. 20 Мнозина од нив велеа: „Во него има демон и полудел. Зошто го слушате?“ 21 Други велеа: „Ова не се зборови на човек обземен од демон. Зар може демон да му го врати видот на слеп човек?“
22 Во тоа време во Ерусалим се одржа Празникот на посветувањето.* Беше зима. 23 Исус беше во храмот и одеше по Соломоновиот трем.* 24 Тогаш Евреите го опколија и почнаа да му велат: „До кога ќе нѐ држиш во неизвесност? Ако си ти Христос, кажи ни отворено!“ 25 А Исус им одговори: „Ви кажав, но вие не верувате. Делата што ги правам јас во името на мојот Татко сведочат за мене. 26 Но вие не верувате, бидејќи не сте мои овци. 27 Моите овци го слушаат мојот глас, јас ги познавам, и тие одат по мене. 28 Јас ќе им дадам вечен живот, и никогаш нема да бидат уништени, и никој нема да ги грабне од моите раце. 29 Оние што ми ги даде мојот Татко се повредни од сѐ друго, и никој не може да ги грабне од раката на Таткото. 30 Јас и Таткото сме едно“.*
31 Тогаш Евреите пак зедоа камења за да го каменуваат. 32 Исус им рече: „Пред вас направив многу добри дела во името на мојот Татко. За кое од тие дела сакате да ме каменувате?“ 33 Евреите му одговорија: „Не те каменуваме поради добро дело, туку поради тоа што хулиш. Зашто, иако си човек, се правиш бог“. 34 Исус им одговори: „Зарем не е запишано во вашиот Закон дека Бог рекол: ’Вие сте богови‘?* 35 Ако Бог ги нарекол ’богови‘ оние кои неговата реч ги осудува — а Писмото не може да се поништи — 36 како, тогаш, ме обвинувате мене дека хулам затоа што велам дека сум Божји Син, кога Таткото ме посвети и ме испрати во светот? 37 Ако не го правам она што мојот Татко сака да го правам, немојте да ми верувате. 38 Но, ако го правам тоа, дури и да не ми верувате мене, верувајте им на делата, за да разберете и да знаете дека Таткото е во единство со мене и јас сум во единство со Таткото“. 39 Тогаш пак се обидоа да го фатат, но тој им избега.
40 И повторно отиде на другата страна на Јордан, на местото каде што Јован на почетокот крштаваше, и остана таму. 41 Многу луѓе дојдоа кај него и си велеа еден на друг: „Јован не направи ниту едно чудо, но сѐ што рече Јован за овој човек беше вистина“. 42 И мнозина таму поверуваа во него.