”Жени кои се трудат во Господ“
”Поздравете ги Трифена и Трифоза, кои напорно се трудат во Господ“ (РИМЈАНИТЕ 16:12, Ст).
1. На кој начин Исусовата земска служба се покажала како благослов за жените?
ИСУСОВАТА земска служба била вистински благослов за еврејските жени. Делото кое тој го започнал донесувало утеха, надеж и ново достоинство за жените од сите раси. Не гледал на преданијата на јудаизмот коишто ’ја обезвредиле Речта Божја‘ (Матеј 15:6, NW). Многу од тие преданија ги презирале основните права на жените кои им ги дал Бог.
Исусовиот став спрема жените
2. Зошто може да се рече дека Исусовиот пристап кон жените бил револуционерен за тоа време?
2 Колкава е само разликата помеѓу и Исусовиот став и ставот што го покажувале еврејските религиозни водачи! Како што наведува Encyclopaedia Judaica, овие другите сметале дека жените се ”алчни, дека сакаат да прислушкуваат, мрзливи и љубоморни“. На разговорот со жена се гледало попреку, а ”за еден книжевник било срамота да разговара со жена на улица“ (Jerusalem in the Time of Jesus, од Јоаким Џеремијас; спореди Јован 4:27.) Бо можело уште многу да се зборува за презирниот став на водачите на јудаизмот спрема жените. Но, горенаведеното доволно покажува како Исусовиот пристап кон жените бил навистина револуционерен за тоа време.
3. Кои настани за време на Исусовата служба покажуваат дека тој драговолно ги поучувал жените за длабоки духовни вистини?
3 Исус дава совршен пример за тоа како мажите можат да имаат срдечен, а сепак чесен однос спрема жените. Не само што разговарал со нив, туку и ги поучувал за длабоки духовни вистини. Всушност, првата личност на која отворено ѝ открил дека е Месијата била токму жена, и тоа Самарјанка (Јован 4:7, 25, 26). Освен тоа, настанот во врска со Марта и Марија јасно покажува дека Исус, за разлика од еврејските религиозни водачи, не мислел дека жената нема право понекогаш да ги остави своите лонци и тави за да го зголеми своето духовно спознание. Во таа прилика, Марија ’го избрала подобриот дел‘, ставајќи ги духовните работи на прво место (Лука 10:38-42). Меѓутоа, неколку месеци подоцна, кога умрел нивниот брат, Марта, а не Марија, била таа која покажала поголема желба да го види Учителот. Колку само и ден денес се воодушевуваме кога го читаме тој длабок духовен разговор помеѓу Исус и Марта за надежта на воскресението! (Јован 11:20-27). Каква предност било тоа за Марта!
Жени кои му служеле на Исус
4, 5. Кој освен апостолите го следел Исус за време на неговата служба во Галилеја, и како тие му служеле?
4 Исус исто така ја прифатил и службата на жени додека патувал низ земјата. Во извештајот во своето Евангелие, Марко споменува ”жени (...) кои одеа по него [Исус] и кога беше во Галилеја, и му служеа“ (Марко 15:40, 41, ДК). Кои биле тие жени, и како му служеле на Исус? Не ни се познати сите имиња, но Лука кажува неколку и објаснува на каков начин тие му служеле на Исус.
5 Лука пишува: ”Потоа Он одеше по градовите и селата, проповедајќи и благовестувајќи го царството Божјо; а со Него беа дванаесетте, и некои жени, што беа излекувани од зли духови и болести: Марија, наречена Магдалина, од која беа излегле седум демони; и Јоана, жената на Хуза, настојникот Иродов, и Сусана, и многу други, кои Му служеа со своите имоти“ (Лука 8:1-3). Исус драговолно допуштил овие жени да го следат и да ги користат своите добра, служејќи на неговите материјални потреби како и на потребите на неговите апостоли.
6. (а) Кој го придружувал Исус на неговото последно патување во Ерусалим? (б) Кој стоел до Исус при неговата смрт, и како некои од нив биле наградени? (в) Што е значајно во врска со извештајот од Јован 20:11-18 од гледна точка на преданијата на јудаизмот?
6 Кога Исус бил погубен, ”имаше многу жени и гледаа оддалеку кои одеа по Исус од Галилеја и му служеа. Меѓу кои беше Марија Магдалина и Марија мајката на Јаков и Јосија“ (Матеј 27:55, 56, ДК). Значи, многу жени верници биле покрај Исус за време на неговата смрт. Исто така е вредно да се забележи дека првите сведоци на неговото воскресение биле жени (Матеј 28:1-10). Тоа самото по себе било удар за еврејската традиција, зашто во рамките на јудаизмот се сметало дека жените се недостојни да бидат законски сведоци. Имајќи го тоа на ум, да го прочитаме Јован 20:11-18, и да се обидеме да си го претставиме нивното силното возбудување кое Марија Магдалена сигурно го почувствувала кога ѝ се појавил воскреснатиот Учител, ја повикал по име и ја употребил како свој сведок да ги извести неговите ученици дека тој навистина е жив!
Верни христијанки после Пентакост
7, 8. (а) Како знаеме дека биле присутни жени кога на Пентакост бил излиен светиот дух? (б) Како христијанските жени учествувале во раното ширење на христијанството?
7 После Исусовото вознесување на небото, побожни жени биле присутни со верните апостоли во горната соба во Ерусалим (Дела 1:12-14). Очигледно е дека имало жени меѓу оние над кои бил излиен светиот дух на Пентакост. Зошто? Затоа што Петар, кога објаснувал што се случило, го цитирал Јоил 2:28-30, каде посебно се споменуваат ”ќерки“ и ”слугинки“ или ”женски робови“ (Дела 2:1, 4, 14-18, NW). Такви со дух родени, помазани христијанки, биле дел од христијанското собрание од самото негово основање.
8 Жените играле важна, иако не главна улога во ширењето на христијанството. Марија, мајката на Марко и тетка на Варнава, ја ставила на располагање својата очигледно голема куќа на ерусалимското собрание (Дела 12:12). Го сторила тоа доброволно во време кога изибиле нови прогонства на христијаните (Дела 12:1-5). Четирите ќерки на евангелизаторот Филип имале предност да бидат христијански пророчици (Дела 21:9; 1. Коринтјаните 12:4, 10).
Ставот на Павле спрема жените
9. Кој совет го дал Павле во врска со христијанките во своето прво писмо до Коринтјаните, и на кое божествено начело ги охрабрувал жените да го почитуваат?
9 Понекогаш апостол Павле го обвинуваат дека бил женомрзец, дека покажувал омраза и недоверба спрема жените. Вистина е дека Павле бил тој кој барал жените да го задржат своето соодветно место во христијанското собрание. Во нормални услови, тие не смееле да поучуваат на христијанските состаноци (1. Коринтјаните 14:33-35). Ако христијанката зборувала на состанокот затоа што не бил присутен ниеден машки христијанин или затоа што пророкувала под водство на светиот дух, се барало да носи покривало на главата. Тоа покривало било ”знак на подложност“, видлив доказ дека жената го признава Божјето уредување на поглаварство (1. Коринтјаните 11:3-6, 10, Ст).
10. За што некои го обвинуваат апостол Павле, но што докажува дека тоа обвинение е лажно?
10 Павле очигледно нашол за потребно да ги потсети првите христијани на тие теократски начела за да на христијанските состаноци ’сѐ биде пристојно‘ (1. Коринтјаните 14:40, Ст). Но дали тоа значи дека Павле бил противник на жените, како што тврдат некои? Не, никако. Зарем Павле не бил тој кој испратил топли поздрави до девет христијанки во завршното поглавие од своето писмо до Римјаните? Зарем не покажал длабоко ценење за Фива, Прискила, Трифена и Трифоза, нарекувајќи ги последниве две ”жени кои се трудат во Господ“? (Римјаните 16:1-4, 6, 12, 13, 15, Ст). Покрај тоа, Павле бил тој кој под инспирација напишал: ”Сите вие, кои сте се крстиле во Христос, сте го облекле Христос. Нема ни Евреин ни Грк, нема ни роб ни слободен, нема ниту машко ниту женско; зашто сите сте едно во заедница со Христос Исус“ (Галатјаните 3:27, 28, NW). Павле очигледно ги сакал и ценел своите христијански сестри, вклучувајќи ја и Лидија, која покажала примерна гостопримливост во време на искушение (Дела 16:12-15, 40; Филипјаните 4:2, 3).
Жени кои многу се трудат денес
11, 12. (а) Како денес дословно се исполнува Псалм 68:11? (б) Во каква ситуација се наоѓаат многу наши сестри, и зошто ним им е потребна нашата наклоност и молитви?
11 Во христијанското собрание денес има многу христијанки кои ”се трудат во Господ“. Всушност, статистиките покажуваат дека ’жените кои ја објавуваат добрата вест се голема војска‘, дека го сочинуваат главниот дел од војската на Сведоци кои Јехова ги употребува во ова време на крајот (Псалми 68:11, NW). Овие вредни христијанки кои се трудат си стекнале добро име, додека се борат да ја исполнат својата улога на сопруги, мајки, домаќинки, хранителки, како и улогата на христијански проповедници.
12 Голем број од овие прекрасни сестри имаат мажи кои не се во верата. Мораат деноноќно да се борат со таа ситуација. Некои со години се напрегале да бидат добри сопруги додека воедно ги исполнувале условите за лојални слуги на Јехова. Тоа не било лесно, но издржале, секогаш имајќи надеж дека нивните мажи ’би можеле да бидат придобиени без збор‘ со нивното добро христијанско однесување. И каква радост дели целото семејство кога таквиот сопруг позитивно реагира на тоа! (1. Петрово 3:1, 2, NW). Во меѓувреме, на таквите верни сестри сигурно им е потребна братска наклоност и молитви од другите членови на собранието. Токму како што ”тихиот и благ дух“ кој се трудат да го покажуваат е ”од голема вредност во Божјите очи“, така и нивната непоколеблива беспрекорност е драгоцена во нашите очи (1. Петрово 3:3-6, NW).
13. Зошто може да се каже дека нашите сестри пионерки се жени ”кои се трудат во Господ“, и како би требало да се гледа на нив во нивните собранија?
13 За сестрите кои служат како пионери сосема сигурно може да се каже дека ”се трудат во Господ“. Многу од нив имаат дом, сопруг и деца за кои се грижат, покрај својата служба на проповедање. Некои работат скратено за да ги задоволат своите материјални потреби. Сето тоа бара добра организација, одлучност, истрајност и многу труд. Таквите христијанки би требало да ја почувствуваат љубовта и поддршката на оние на кои околностите не им дозволуваат како пионери да се посветат на делото на проповедање.
14. (а) Кој прекрасен пример на истрајност се споменува? (б) Кои други христијанки заслужуваат пофалба, и зошто? Спомни некои месни примери.
14 Некои христијанки покажале извонредна истрајност во пионерската служба. Грејс Лонзбери од Канада првпат ја вкусила пионерската служба во 1914. Поради болест морала да прекине со пионерската служба во 1918, но во 1924 повторно се вратила во полновремената служба. Додека ова го пишуваме, таа сѐ уште служи како пионер, иако има 104 години! Многу сестри мисионерки, кои во 1940-те биле оспособувани во првите класови на Библиската школа Гилеад на Друштвото Стражарска кула, сѐ уште верно служат, било како мисионери или како членови на бетелската фамилија во Бруклин или во една од подружниците на Друштвото Стражарска кула. Сите овие христијански жени, и секако сите сестри кои ѝ се посветуваат на службата во Бетел, покажуваат самопожртвуван дух и претставуваат извонреден пример. Дали некогаш им даваме до знаење дека ги цениме?
Сопругите на патувачките надгледници
15, 16. Која група на христијанки посебно ја заслужуваат нашата срдечна пофалба, и зошто?
15 Сопругите на патувачките надгледници сочинуваат уште една група на христијанки кои заслужуваат срдечна пофалба и охрабрување. Таквите драги сестри се спремни да ги следат своите сопрузи додека одат од собрание до собрание, или од покраина до покраина, за да духовно ги изградуваат своите браќа. Повеќето од нив се одрекле од удобностите на домот; секоја недела спијат во различен кревет, кој не е секогаш удобен. Но, тие среќно прифаќаат сѐ што браќата можат да понудат. Тие се прекрасен пример за своите духовни сестри.
16 Овие христијански жени исто така им даваат непроценлива поддршка на своите сопрузи, многу слично на побожните жени кои го следеле Исус за да ”го придружуваат и му служат“ (Марко 15:41, NW). Тие не можат да поминуваат многу време насамо со своите мажи, кои секогаш се ’богато вработени во делото Господово‘ (1. Коринтјаните 15:58, NW). Некои од нив, како Роза Зумега од Франција, која стапила во полновремената служба во 1948, им ги спремаат куферите на своите сопрузи и патуваат заедно со нив 30 или 40 години. Тие се спремни да се жртвуваат за Јехова и за своите браќа и сестри. Тие го заслужуваат нашето ценење, љубов и молитви.
Сопругите на старешините
17, 18. (а) Кои особини се бараат од сопругите на браќата кои се наименувани за службени положби? (б) Кои жртви за Јехова и своите браќа доброволно ги прават сопругите на старешините, и на кој начин можат другите сопруги да им помогнат на своите сопрузи?
17 Кога ги наброил предусловите за браќата кои можат да бидат наименувани за старешини и слуги помошници, апостол Павле исто така споменал жени, и напишал: ”Така и жените да бидат сериозни, не клеветнички, умерени во навиките, верни во сѐ“ (1. Тимотеј 3:11, NW). Вистина, овој општ совет се однесува на сите христијанки. Но, со оглед на контекстот, очигледно е дека сопрузите на браќата кои се поставени на службени положби би требало на примерен начин да го следат тој совет.
18 За среќа, ова е случај со многу илјадници сопруги на христијански надгледници. Тие се умерени во своите навики и облекувањето, сериозни во поглед на христијанскиот начин на живот, внимаваат што зборуваат и искрено се трудат да бидат верни во сѐ. Исто така доброволно се жртвуваат, така што прифаќаат нивните сопрузи да им го посветуваат на собраниските работи времето кое инаку би можеле да го поминат со нив. Овие верни христијанки ја заслужуваат нашата срдечна љубов и охрабрување. Можеби во многу собранија повеќе браќа би посегнале по предносни служби ако нивните сопруги понизно би се согласиле да направат такви жртви за доброто на сите.
Верни ”старици“
19. Зошто многу верни ”старици“ се многу ценети во своите собранија, и какви треба да бидат нашите чувства спрема нив?
19 Нашето разгледување на жените споменати во Библијата ни овозможи да видиме дека годините не ги спречуваат верните жени да му служат на Јехова. Овој факт беше илустриран со примерите на Сара, Елисавета и Ана. Денес има многу христијанки во години кои се прекрасни примери на вера и истајност. Освен тоа, тие можат дискретно да им помагаат на старешините така што ќе им помагаат на помладите сестри. Користејќи го своето големо искуство, можат да им дадат мудар совет на помладите жени, токму како што Библијата и ги ополномоштува да прават (Тит 2:3-5). Можеби понекогаш е потребно и на постарата сестра да ѝ се даде совет. Ако е така, старешината кој го прави тоа, треба ’да се однесува кон неа како кон мајка‘. Старешините треба ’да им искажуваат чест на вдовиците‘ и, ако е потребно, да организираат материјална помош за нив (1. Тимотеј 5:1-3, 5, 9, 10, NW). Нашите драги постари сестри сосема сигурно треба да се чувствуваат дека се сакани и ценети.
Владетели со Христос
20. Која возвишена предност им е понудена на многу христијанки, и зошто другите овци можат да бидат среќни поради тоа?
20 Од Библијата е многу јасно дека ”во Бог нема пристрасност“ во поглед на раса или пол (Римјаните 2:10, 11, Ст; Галатјаните 3:28). Ова исто така важи и за начинот на кој Јехова ги избира оние кои треба да учествуваат со неговиот Син во царската влада (Јован 6:44). Колку може да биде благодарно големото мноштво од други овци што верни жени, како Исусовата мајка Марија, Марија Магдалена, Прискила, Трифена, Трифоза и ред други од раното христијанско собрание, сега учествуваат во царската власт, збогатувајќи ја таа влада со своето лично разбирање за чувствата и искуствата на жените! Каква предвидливост и мудрост полна со љубов од Јеховина страна! (Римјаните 11:33-36).
21. Какви се нашите чувства денес спрема ’жените кои се трудат во Господ‘?
21 Ние можеме денес да ги делиме чувствата на апостол Павле кога зборувал со љубов и ценење за ”тие жени кои рамо до рамо се трудеа со мене за добрата вест“ (Филипјаните 4:3, NW). Сите Јеховини сведоци, мажи и жени, сметаат дека е радост и предност да се работи рамо до рамо со ’големата војска од жени кои ја објавуваат добрата вест‘, да, ”жени кои се трудат во Господ“ (Псалми 68:11, NW; Римјаните 16:12, NW).
Прашања за повторување
◻ Како Исус покажал дека не учествува во предрасудите на еврејските религиозни водачи спрема жените?
◻ На кој начин богобојазливите жени му служеле на Исус, и каква голема предност добиле некои од нив?
◻ Кој совет го дал Павле во поглед на жените на собраниските состаноци?
◻ Која групи на наши сестри ја заслужуваат нашата посебна наклоност и поддршка, и зошто?
◻ Што би требало да чувствуваме спрема сите жени денес кои ”се трудат во Господ“?
[Слика на страници 16 и 17]
Жени му служеле на Исус и на неговите апостоли
[Слики на страница 18]
Самопожртвуваните сопруги на патувачките надгледници и на другите старешини даваат драгоцен придонес за Божјето дело