Како да се зајакнат брачните врски
„МОЖЕ ли човек да ја остави жената своја за каква и да било причина?“ — прашале фарисеите кои се обиделе да го фатат во замка Големиот Учител, Исус Христос. Тој им одговорил така што се осврнал на првиот човечки брак и го поставил мерилото за оваа работа: „Бог што составил, човек да не разделува“.
Фарисеите биле задоволни што Мојсеј дал можности за развод така што заповедал да се даде „разводно писмо“. Исус им одговорил: „Заради вашите жестоки срца Мојсеј ви разрешил да ги оставате жените свои; но во почетокот не беше така. Јас, пак, ви велам: оној што ќе ја остави својата жена, освен поради прељуба, и се ожени со друга, тој прави прељуба“ (Матеј 19:3-9).
На почетокот, бракот требало да биде трајна врска. Дури ни смртта не би ја разделила првата брачна двојка бидејќи биле создадени како совршени луѓе со изглед за бескраен живот. Меѓутоа, тие згрешиле. Нивниот грев го расипал човечкиот брак. Непријателката смрт почнала да ги раздвојува брачните двојки. Бог ја сметал смртта за крај на бракот, како што читаме во Библијата: „Жената е сврзана преку Законот, додека е жив мажот нејзин; а ако умре мажот нејзин, таа е слободна да се премажи за кого сака, но само во името на Господа“ (1. Коринтјаните 7:39). Ова многу се разликува од таквите религиозни идеи како што е сути, според која сопругата, кога ќе умре нејзиниот сопруг, е принудена да изгори заедно со него верувајќи дека брачната врска продолжува во некаков задгробен живот.
Можност дадена со Мојсеевиот закон
Кога бил даден Мојсеевиот закон, брачните односи биле расипани до тој степен што Јехова, поради тврдокорноста на срцата на Израелците, дал можности за развод (5. Мојсеева 24:1). Бог немал намера Израелците да го злоупотребат овој закон и да се разведуваат од своите жени поради ситни грешки, како што е очигледно од неговата заповед да ги сакаат ближните како самите себе (3. Мојсеева 19:18). Дури и давањето на разводно писмо служело како средство за одвраќање, бидејќи, како дел од процесот на пишување на писмото, сопругот кој барал развод морал да се посоветува со мажите кои биле овластени за тоа според прописот, а кои требало да настојуваат тие да се помират. Не, Бог не го дал овој закон за да воведе некакво право по кое некој би се развел од својата жена „за каква и да било причина“ (Матеј 19:3).
Но на крајот, Израелците во целост ја игнорирале намерата и вистинското значење на овој закон и ја искористиле оваа одредба за да се разведуваат поради секаков каприс. До петиот век пр.н. е., спрема жените од нивната младост се однесувале вероломно, разведувајќи се од нив за каква и да било причина. Јехова одлучно им рекол дека тој го мрази разводот (Малахија 2:14-16). Поради таквата основа, Исус го осудил разводот каков што го практикувале Израелците во негово време.
Развод само врз законска основа
Исус сепак споменал една законска основа за развод: блудот (Матеј 5:31, 32, Стварност; 19:8, 9, Ст). Зборот кој овде се преведува со „блуд“ вклучува секаков вид противзаконит сексуален однос вон границите на библискиот брак, без обѕир дали е со лице од истиот пол, од спротивниот или со животно.
Дури и тогаш Исус не препорачувал развод од неверните партнери. Останува на недолжниот сопружник да ги одмери последиците кои произлегуваат и да одлучи дали ќе бара развод. Сопругите, кои бараат развод поради оваа библиска причина, можеби би сакале да ја земат предвид Божјата изјава кога ја изрекол пресудата над првата жена за нејзиниот грев. Покрај смртната казна, Бог посебно ѝ рекол на Ева: „Ќе копнееш по твојот сопруг, а тој ќе господари над тебе“ (1. Мојсеева 3:16, New World Translation). Овој ‚копнеж‘, Commentary on the Old Testament (Коментар кон Стариот Завет) од К. Ф. Кајл (C. F. Keil) и Ф. Делич (F. Delitzsch) го опишува како „желба која е скоро како болест“. Се разбира, овој копнеж не е толку силен кај секоја жена, но кога недолжната сопруга размислува за развод, би постапила мудро кога би ги зела предвид емоционалните потреби кои жените ги наследиле од Ева. Меѓутоа, бидејќи вонбрачниот секс од страна на виновниот сопружник може да причини недолжниот сопружник да биде инфициран од болести кои се пренесуваат по полов пат, вклучувајќи ја и сидата, некои одлучиле да побараат развод, каков што го разложил Исус.
Потеклото на семејните неволји
Потеклото на човековата тврдокорност е во гревот кој првата човечка двојка го направила против Бог (Римјаните 5:12). Семето за семејните судири било посеано кога првата човечка двојка згрешила против својот небесен Татко. Како? Првата жена, Ева, била искушана од змијата да јаде од забранетото дрво, а таа токму тоа и го сторила. Дури откако ја донела оваа значајна одлука, му рекла на својот сопруг за тоа што ѝ кажала змијата (1. Мојсеева 3:6). Да, таа постапила без да се консултира со својот сопруг. Тука лежи прототипот за проблемите со кои многу семејства се соочуваат денес — недостиг на отворена комуникација.
Кога подоцна се соочиле со последиците на својот грев, и Адам и Ева прибегнале кон слична тактика која многу двојки денес ја користат кога се во неволја, имено, да обвинуваат други. Првиот човек, Адам, за тоа што го сторил ги обвинил својата жена и Јехова, изјавувајќи: „Жената, која ми ја даде Ти, таа ми даде од дрвото, и јас јадев“. Жената пак, во своја одбрана рекла: „Змијата ме измами, и јас јадев“ (1. Мојсеева 3:12, 13).
Со изрекувањето на осудата над Адам и Ева, Јехова предвидел уште еден фактор за неволјите кои требало да се развиваат. За односот меѓу неа и нејзиниот сопруг, Јехова ѝ рекол на Ева: „Тој ќе господари над тебе“. Многу денешни сопрузи, слично на Исао кој беше спомнат во нашата прва статија, господарат над своите сопруги на еден свиреп начин, не осврнувајќи се на нивните чувства. Сепак, многу жени и понатаму копнеат по внимание од своите сопрузи. Кога тој копнеж не е задоволен, сопругите можат да го изискуваат тоа внимание, па се однесуваат себично. А бидејќи има многу сопрузи кои господарат и многу жени кои копнеат, преовладува себичноста, а мирот се губи. Во едно дело со наслов „Како да се анализираат денешните разводи“, Шунзуки Серизава рекол: „Ако го занемариме основниот проблем поврзан со ова прашање, а тоа е дека луѓето се склони на сопствените интереси да им дадат прво место, наеднаш станува невозможно да се анализираат денешните разводи“.
Меѓутоа, Јехова дал водство во својата Реч така што послушните брачни двојки можат да имаат извесна среќа во бракот дури и во нивната несовршена состојба. Исао го следел Божјето водство и денес ужива среќен семеен живот. Да видиме како библиските начела им помагаат на луѓето да ја зацврстат брачната врска.
Разговарајте
Во многу бракови недоволната комуникација, тенденцијата да се обвинуваат меѓусебно и себичните ставови создаваат потешкотии сопругот, односно сопругата да ги разбере чувствата на другиот. „Споделувањето на чувствата е услов за блискост, која од своја страна бара потполна доверба. А денес довербата е ретка појава“, вели научникот Керол С. Евери. Споделувањето на најдлабоките чувства ја гради таквата доверба. Тоа бара отворена комуникација меѓу сопругот и сопругата.
Во Соломонови изреки се користи една споредба со цел да се поттикне споделувањето на блиските мисли, и таа гласи: „Помислите во срцето на човекот се длабоки води, но разумен човек ги исцрпува“ (Соломонови изреки 20:5). Брачните другари треба да бидат остроумни за да ги исцрпат помислите кои се наоѓаат длабоко во срцето на сопружникот. Претстави си дека твојот сопружник е изнервиран. Наместо да речеш: „И јас денес имав напорен ден“, зошто љубезно не прашаш: „Дали имаше напорен ден? Што се случи?“. Можеби ќе ти одземе време и напор додека го сослушаш сопружникот, но тоа обично е попријатно, позадоволувачко и повеќе заштедува време, отколку да го игнорираш сопружникот и да имаш работа со жестоки емоции кои подоцна ќе избијат.
За да се стекне доверба, и двајцата мораат да бидат искрени и да се обидат да ги искажуваат чувствата на начин кој другиот може да ги разбере. „Кажувајте си ја вистината“, поттикнува Божјата Реч, „бидејќи сме членови еден на друг“ (Ефесјаните 4:25). Кога се зборува вистината, потребна е остроумност. Претпостави дека една сопруга смета дека не е сослушана. Пред да зборува, би требало да ја земе предвид изреката: „Човек што знае ги воздржува своите зборови, а разумниот човек е со мирен дух“ (Соломонови изреки 17:27, Даничиќ-Караџиќ). Наместо да го обвинува својот сопруг со „Ти никогаш не ме сослушуваш!“, би било далеку подобро смирено да ги искаже своите чувства пред фрустрацијата и разочарувањето да нараснат во неа. Можеби може да му открие како таа се чувствува кога би му рекла нешто слично како „Знам дека си зафатен, но да сум малку повеќе време со тебе, тоа многу би ме усреќило“.
Навистина, „без советување намерите се растураат“ (Соломонови изреки 15:22). Твојата сопруга те сака, но тоа не значи дека може да ти ги чита мислите. На еден тактичен начин дај му до знаење на твојот брачен другар како ти се чувствуваш. Тоа ќе ви помогне, како христијанска брачна двојка, љубезно да направите прилагодувања „трудејќи се да го запазите единството на Духот преку врските на мирот“ (Ефесјаните 4:2, 3).
Земи го на пример, Казуо, „папучар“ кој имал страствена желба за коцкање. Заглавувал во долгови кои изнесувале неколку стотици илјади долари. Со зајмувањето пари за да ги плати долговите, тонел уште подлабоко во тиња. Тогаш почнал да ја студира Библијата и конечно пронашол храброст да ѝ каже на жена си за своите проблеми. Бил подготвен да се соочи со нејзините обвинувања. Меѓутоа, се изненадил кога неговата жена, која веќе подолго време ја проучувала Библијата, мирно му одговорила: „Да видиме како можеме да ги платиме тие долгови“.
Почнувајќи од наредниот ден, ги посетиле своите кредитори и почнале да им ги плаќаат долговите, дури ја продале и својата куќа. Речиси цела година ги исплатувале долговите. Што ја променило Кими, неговата сопруга? Таа вели: „Зборовите кои ги пронајдов во 6. и 7. стих од Филипјаните 4. поглавје, навистина се точни. ‚За ништо не грижете се, туку во сѐ преку молитва и молба со благодарност изјавувајте ги пред Бога своите барања; и мирот Божји, што надвишува секој ум, ќе ги запази вашите срца и вашите мисли во Исуса Христа‘“. И додава: „Една моја пријателка, кога виде колку сум среќна и покрај тешкотиите што ги имам, почна да ја студира Библијата со мене“. Казуо и неговата сопруга се крстени и денес се радуваат на среќен семеен живот.
Покрај довербата што ја имаат така што ја зборуваат вистината еден со друг, сопрузите и сопругите кои ги имале горниве искуства направиле нешто што им помогнало да ги решат своите брачни проблеми. Комуницирале со Основачот на брачното уредување, Јехова Бог. Наспроти притисоците и тешкотиите со кои се соочуваат брачните двојки, тој ги благословува со Божји мир кој ги надвишува сите мисли доколку тие сторат сѐ што можат за да ги применат неговите начела, а останатото да го препуштат во негови раце. Од помош може да биде и заедничкото молење. Сопругот треба да преземе водство и да ‚го отвори срцето свое‘ пред Бог, барајќи негово водство и упатство за секој проблем со кој се соочуваат тој и неговата сопруга (Псалми 61:28). Јехова Бог сигурно ги слуша таквите молитви.
Да, брачните врски можат да се зајакнат. Уште денес, брачните двојки можат да пронајдат значителна радост во својот однос, иако живееме со сите наши несовршености во едно немирно општество. Можеш да најдеш понатамошни практични предлози и божествени совети во книгата Направи го среќен семејниот живот издадена од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc. Што е уште поважно, двојките кои ревно работат на применување на библиските начела, можат да се надеваат дека ќе бидат поврзани во љубов, во новиот свет кој Бог ќе го направи и кој наскоро доаѓа.