Кому си му послушен ти — на Бог или на луѓето?
„Повеќе мораме да го слушаме Бог како владетел отколку луѓето“ (ДЕЛА 5:29).
1. а) На кој стих се темели оваа статија? б) Зошто апостолите биле уапсени?
СУДИИТЕ на еврејскиот врховен суд мора да биле многу гневни. Ги немало затворениците, кои биле апостоли на Исус Христос, човекот што врховниот суд го осудил на смрт неколку седмици претходно. Сега судот сакал да се справи со неговите најблиски следбеници. Но, кога чуварите отишле да ги доведат, нашле само празни ќелии, иако вратите биле заклучени. Наскоро чуварите дознале дека апостолите се во храмот во Ерусалим и дека бестрашно ги поучувале луѓето за Исус Христос — истата работа поради која биле уапсени! Чуварите веднаш отишле во храмот, повторно ги уапсиле апостолите и ги извеле пред суд (Дела 5:17-27).
2. Што им заповедал еден ангел на апостолите?
2 Еден ангел ги ослободил апостолите од затвор. Дали тоа го сторил за да ги поштеди од натамошно прогонство? Не, туку за жителите на Ерусалим да ја чујат добрата вест за Исус Христос. Ангелот им дал упатство на апостолите ‚да продолжат да му ги кажуваат на народот сите зборови за овој живот‘ (Дела 5:19, 20). Затоа, кога чуварите на храмот дошле кај апостолите, ги нашле како послушно ја извршуваат таа заповед.
3, 4. а) Што одговориле Петар и Јован кога им било заповедано да престанат да проповедаат? б) Што одговориле и другите апостоли?
3 Двајца од тие упорни проповедници, апостолите Петар и Јован, и претходно биле изведени пред судот, како што строго ги потсетил врховниот судија Јосиф Кајафа. Тој рекол: „Изречно ви наредивме повеќе да не учите на темел на [името на Исус], а сепак, еве, го наполнивте Ерусалим со вашето учење“ (Дела 5:28). Кајафа не требало да се изненади што повторно ги видел во судницата Петар и Јован. Уште првиот пат кога им било заповедано да престанат да проповедаат, двајцата апостоли одговориле: „Просудете сами дали е праведно во Божји очи повеќе да ве слушаме вас отколку Бог. А што се однесува до нас, ние не можеме да престанеме да зборуваме за она што сме го виделе и чуле“. Исто како пророкот Еремија од древно време, Петар и Јован не можеле а да не го извршат својот налог да проповедаат (Дела 4:18-20; Еремија 20:9).
4 Сега, не само Петар и Јован туку сите апостоли — вклучувајќи го и штотуку избраниот Матиј — имале прилика отворено да се изјаснат пред судот (Дела 1:21-26). Кога им било заповедано да престанат да проповедаат, и тие смело одговориле: „Повеќе мораме да го слушаме Бог како владетел отколку луѓето“ (Дела 5:29).
Послушни на Бог или послушни на човек
5, 6. Зошто апостолите не ја послушале заповедта што ја издал судот?
5 Апостолите биле луѓе што се придржувале за законот и обично не би биле непослушни на некоја судска наредба. Меѓутоа, ниеден човек, колку и да е моќен, нема право да му нареди на друг човек да не ги послуша Божјите заповеди. Јехова е „Севишен на целата земја“ (Псалм 83:18). Тој не само што е „Судија на целиот свет“ туку е и Врховен Законодавец и Цар на вечноста. Секоја судска заповед што ќе се обиде да поништи некоја од Божјите заповеди е неважечка во Божји очи (Битие 18:25; Исаија 33:22).
6 И некои од најголемите авторитети на полето на правото го сфатиле и го признале ова. На пример, прочуениот англиски правник Вилијам Блекстон, кој живеел во 18 век, напишал дека на ниеден човечки закон не смее да му се дозволи да го оспори „законот на откровението“ што се наоѓа во Библијата. Значи, Синедрионот си зел преголема слобода кога им наредил на апостолите да престанат да проповедаат. Апостолите едноставно не можеле да ја послушаат таа заповед.
7. Зошто главните свештеници се лутеле што се проповедало?
7 Цврстата решеност на апостолите да продолжат да проповедаат ги налутила главните свештеници. Некои од свештениците, вклучувајќи го и самиот Кајафа, биле садукеи, кои не верувале во воскресението (Дела 4:1, 2; 5:17). Сепак, апостолите упорно тврделе дека Исус воскреснал од мртвите. Освен тоа, некои од главните свештеници правеле сѐ за да ја стекнат наклоноста на римските власти. На судењето на Исус, кога имале прилика да го признаат Исус за свој цар, главните свештеници отишле дотаму што извикнале: „Ние немаме никаков цар освен цезарот“ (Јован 19:15).a Апостолите не само што тврделе дека Исус воскреснал туку учеле и дека освен Исусовото име, „нема друго име под небото дадено на луѓето преку кое би можеле да се спасиме“ (Дела 2:36; 4:12). Свештениците се плашеле дека, ако луѓето почнат да го сметаат воскреснатиот Исус за свој Водач, би можеле да дојдат Римјаните и тогаш еврејските водачи ќе го изгубеле ‚и своето место и својата нација‘ (Јован 11:48).
8. Кој мудар совет му го дал Гамалиел на Синедрионот?
8 Се чинело дека апостолите на Исус Христос нема да си поминат убаво. Судиите на Синедрионот биле решени да ги убијат (Дела 5:33). Меѓутоа, настаните добиле неочекуван тек. Гамалиел, кој добро го познавал Законот, станал и ги опоменал своите колеги да не избрзуваат. Мудро забележал: „Ако оваа замисла или ова дело е од луѓе, ќе пропадне; но ако е од Бог, не ќе можете да ги уништите“. Потоа, Гамалиел додал нешто многу значајно: „Инаку би можеле да се најдете како борци против самиот Бог“ (Дела 5:34, 38, 39).
9. Што докажува дека делото на апостолите било од Бог?
9 На големо изненадување, судот го прифатил советот на Гамалиел. Синедрионот ‚ги свикал апостолите, ги истепале и им наредиле да престанат да зборуваат на темел на Исусовото име и ги пуштиле‘. Но, наместо да се уплашат, апостолите биле решени да ја послушаат заповедта што им ја дал ангелот и да проповедаат. Така, откако биле пуштени, ‚секој ден во храмот и од куќа до куќа продолжиле без престан да поучуваат и да ја објавуваат добрата вест за Христос, Исус‘ (Дела 5:40, 42). Јехова ги благословил во тоа. Колку? „Божјата реч и понатаму растеше, и бројот на учениците во Ерусалим многу се зголемуваше.“ Всушност, „големо мноштво свештеници почнаа да ѝ стануваат послушни на верата“ (Дела 6:7). Тоа сигурно бил тежок пораз за главните свештеници! Имало еден куп докази: Делото на апостолите навистина било од Бог!
Оние што се борат против Бог не можат да успеат
10. Од човечка гледна точка, зошто Кајафа можеби сметал дека му е сигурна положбата што ја имал, но зошто може да се рече дека неговата доверба била ставена на погрешно место?
10 Во првиот век, еврејските главни свештеници биле поставувани на својата положба од страна на римските власти. Богатиот Јосиф Кајафа ја добил својата положба од Валериј Гратус, и ја задржал подолго од многу свештеници пред него. Кајафа веројатно сметал дека тој успех се должи на неговата вештина како дипломат и на неговото блиско пријателство со Пилат, а не на тоа дека Бог ги води работите. Како и да е, се покажало дека згрешил што својата доверба ја полагал во луѓе. Само три години откако апостолите биле изведени пред Синедрионот, Кајафа паднал во немилост на римските власти и бил тргнат од положбата на првосвештеник.
11. Како завршиле Понтиј Пилат и еврејскиот поредок, и каков заклучок извлекуваш од ова?
11 Наредбата да се тргне Кајафа од неговата положба дошла од претпоставениот на Пилат, Луциј Вителиј, кој бил управител на Сирија, и затоа Пилат, иако му бил близок пријател на Кајафа, не можел да стори ништо за да го спречи тоа. Всушност, само една година откако Кајафа ја изгубил положбата, и самиот Пилат ја изгубил положбата и бил повикан да се врати во Рим за да одговара за сериозни обвиненија. А што се однесува до еврејските водачи што имале доверба во цезарот, Римјаните сепак ги зазеле ‚и нивното место и нивната нација‘. Ова се случило во 70 година од н.е., кога римските војски потполно го уништиле Ерусалим заедно со храмот и салата каде што заседавал Синедрионот. Во овој случај сосема се исполниле зборовите на псалмистот: „Не надевајте се на [Немајте доверба во, NW] кнезовите, ниту во човечки син, од кого нема спасение!“ (Јован 11:48; Псалм 146:3).
12. Како она што му се случило на Исус докажува дека е мудро да му бидеме послушни на Бог?
12 За разлика од тоа, Бог го именувал воскреснатиот Исус Христос за Првосвештеник на еден голем духовен храм. Ниеден човек не може да го поништи тоа именување. Всушност, Исус има „свештенство без никакви наследници“ (Евреите 2:9; 7:17, 24; 9:11). Бог го поставил Исус и за Судија на живите и на мртвите (1. Петрово 4:5). Во тоа својство, Исус ќе одреди дали постои некаква можност Јосиф Кајафа и Понтиј Пилат да живеат во иднина (Матеј 23:33; Дела 24:15).
Бестрашни проповедници на Царството во денешно време
13. Во денешно време, кое дело се докажало дека е од луѓе, а кое дело дека е од Бог? Од каде знаеме?
13 Во денешно време, исто како во првиот век, има многу ‚борци против Бог‘ (Дела 5:39). На пример, кога Јеховините сведоци во Германија одбиле да го поздрават Адолф Хитлер како нивни Фирер (Водач), Хитлер се заколнал дека ќе ги истреби (Матеј 23:10). Изгледало дека неговата ефикасна машинерија со која сеел смрт е сосема способна да ја изврши таа задача. Нацистите успеале да уапсат илјадници Сведоци и да ги испратат во концентрациони логори. Успеале дури и да убијат некои Сведоци. Но, не успеале да ги поколебаат Сведоците во нивната решеност да го обожаваат само Бог, и не успеале да ги истребат Божјите слуги како група. Делото на тие христијани било од Бог, а не од човек, а Божјето дело не може да се спречи. Шеесет години подоцна, верните лица што ги преживеале концентрационите логори на Хитлер сѐ уште му служат на Јехова „со сето свое срце и со сета своја душа и со сиот свој ум“, додека Хитлер и неговата нацистичка партија се памтат само по злосторствата што ги направиле (Матеј 22:37).
14. а) Како се обидуваат противниците да ги клеветат Божјите слуги, и со каков резултат? б) Дали таквите обиди ќе му нанесат трајна штета на Божјиот народ? (Евреите 13:5, 6).
14 Во годините по нацистичкото противење, и други се придружиле во залудната борба против Јехова и неговиот народ. Во неколку европски земји, препредените верски и политички елементи се обидувале да ги означат Јеховините сведоци како ‚опасна секта‘, истата работа за која биле обвинети и христијаните во првиот век (Дела 28:22). Но, Европскиот суд за човековите права ги признал Јеховините сведоци како религија, а не како секта. Противниците сигурно го знаат тоа. Сепак, упорно ги клеветат Сведоците. Како директен резултат од тоа што се така погрешно претставени, некои христијани биле отпуштени од работа. Децата на Сведоците биле малтретирани во училиштата. Плашливите сопственици ги укинале договорите за објектите што Сведоците долго време ги користеле за да одржуваат состаноци. Во неколку случаи, државните органи дури и одбиле да им дадат државјанство на некои лица само затоа што се Јеховини сведоци! Сепак, ништо не може да ги запре Сведоците.
15, 16. Како реагирале Јеховините сведоци во Франција на противењето на нивното христијанско дело, и зошто и понатаму проповедаат?
15 На пример, во Франција луѓето обично се разумни и непристрасни. Меѓутоа, некои противници издадоа закони за да го спречат делото за Царството. Како реагираа Јеховините сведоци во таа земја? Ја засилија својата активност на полето како никогаш досега и имаат извонредни резултати (Јаков 4:7). Па, во период од само шест месеци, бројот на лица што ја проучуваат Библијата во таа земја се зголеми за извонредни 33 проценти! Ѓаволот сигурно врие од гнев што гледа како луѓето со искрени срца во Франција ја прифаќаат добрата вест (Откровение 12:17). Нашите сохристијани во Франција се уверени дека зборовите што ги кажал пророкот Исаија ќе се исполнат и врз нив: „Не ќе успее оружјето исковано против тебе. Ќе докажеш дека е зол секој јазик што ќе се подигне против тебе на суд“ (Исаија 54:17).
16 Јеховините сведоци не се радуваат кога се прогонувани. Меѓутоа, од послушност на заповедта што им ја дал Бог на сите христијани, не можат и нема да престанат да зборуваат за она што го чуле. Тие се трудат да бидат добри граѓани. Меѓутоа, кога Божјиот и човечкиот закон ќе дојдат во судир, тие мораат да го слушаат Бог како владетел.
Не плашете се од нив
17. а) Зошто не треба да се плашиме од нашите непријатели? б) Каков став треба да имаме кон оние што нѐ прогонуваат?
17 Нашите непријатели се наоѓаат во една многу опасна положба. Тие се борат против Бог. Затоа, во склад со Исусовата заповед, наместо да се плашиме од оние што нѐ прогонуваат, ние се молиме за нив (Матеј 5:44). Се молиме Јехова милостиво да му ги отвори очите на секој што му се противи на Бог од незнаење, како што правел Савле од Тарс, и да ја препознае вистината (2. Коринќаните 4:4). Савле станал христијанскиот апостол Павле и многу пострадал од рацете на властите во негово време. Сепак, постојано ги потсетувал соверниците „да бидат подложни и послушни на владите и на властите како на владетели, да бидат спремни за секое добро дело, да не зборуваат лошо за никого [па дури ни за оние што најжестоко ги прогонуваат], да не бидат воинствени, да бидат разумни, покажувајќи секаква благост спрема сите луѓе“ (Тит 3:1, 2). Јеховините сведоци во Франција и во други земји го прифаќаат овој совет.
18. а) На кои начини Јехова може да го избави својот народ? б) Каков ќе биде конечниот исход?
18 Бог му рекол на пророкот Еремија: „Јас Сум со тебе за да те избавам“ (Еремија 1:8). Како може Јехова да нѐ избави од прогонството денес? Би можел да постави некој непристрасен судија каков што бил Гамалиел. Или, пак, би можел да се погрижи некој корумпиран или непријателски настроен функционер неочекувано да биде заменет со некој поразумен. Но, понекогаш, Јехова може да дозволи прогонството на неговиот народ да потрае (2. Тимотеј 3:12). Ако Бог допушта да бидеме прогонувани, секогаш ќе ни даде сила да го издржиме тоа прогонство (1. Коринќаните 10:13). И без оглед на тоа што ќе дозволи Бог, воопшто не се сомневаме во конечниот исход: Оние што се борат против Божјиот народ се борат против Бог, а оние што се борат против Бог нема да победат.
19. Како гласи годишниот стих за 2006 година, и зошто е сосема соодветен?
19 Исус им рекол на своите ученици да очекуваат дека ќе имаат неволји (Јован 16:33). Со оглед на ова, зборовите што се запишани во Дела 5:29 денес се сосема соодветни: „Повеќе мораме да го слушаме Бог како владетел отколку луѓето“. Затоа, овие трогателни зборови се избрани за да бидат годишен стих на Јеховините сведоци за 2006 година. Да бидеме цврсто решени претстојнава година, и во сета вечност, да го слушаме Бог како Владетел без оглед на жртвите!
[Фуснота]
a „Цезарот“ што во таа прилика јавно го избрале главните свештеници бил презрениот римски император Тибериј, кој бил лицемерен човек и убиец. Тибериј бил познат и по своите расипани сексуални практики (Даниел 11:15, 21).
Можеш ли да одговориш?
• Кој охрабрувачки пример ни го дале апостолите со начинот на кој се соочиле со противењето?
• Зошто треба секогаш да го слушаме Бог како владетел наместо луѓето?
• Против кого, всушност, се борат нашите противници?
• Каков исход можат да очекуваат оние што се прогонувани?
[Истакната мисла на страница 23]
Годишниот стих за 2006 година ќе гласи: „Повеќе мораме да го слушаме Бог како владетел отколку луѓето“ (Дела 5:29).
[Слика на страница 19]
„Повеќе мораме да го слушаме Бог како владетел отколку луѓето“
[Слика на страница 21]
Кајафа имал доверба во луѓето наместо во Бог