Продолжи да правиш добро
„Правете добро“ (ЛУКА 6:35).
1, 2. Зошто не е секогаш лесно да им правиме добро на другите?
НЕ Е секогаш лесно да им правиме добро на другите. Можеби оние на кои им покажуваме љубов не ни возвраќаат со иста мера. Иако даваме сѐ од себе за да им помогнеме на луѓето со тоа што им ја пренесуваме „славната добра вест на среќниот Бог“ и на неговиот Син, можеби тие се рамнодушни и не се благодарни за тоа (1. Тим. 1:11). А има дури и такви кои со омраза постапуваат како „непријатели на Христовиот маченички столб“ (Фил. 3:18). На кој начин треба ние, како христијани, да се однесуваме со нив?
2 Исус Христос им рекол на своите ученици: „Сакајте ги своите непријатели [и] правете добро“ (Лука 6:35). Да го разгледаме повнимателно овој совет. Освен тоа, ќе ни користи и разгледувањето на некои други мисли што Исус ги навел во врска со правењето добро на другите.
„Сакајте ги своите непријатели“
3. а) Наведи накратко што кажал Исус во Матеј 5:43-45. б) Каков став кон Евреите и не-Евреите се развил меѓу еврејските верски водачи?
3 Во својата позната Проповед на гората, Исус им рекол на оние што го слушале дека треба да ги сакаат своите непријатели и да се молат за оние што ги прогонуваат. (Прочитај Матеј 5:43-45.) Оваа проповед ја слушале Евреи, кои ја знаеле Божјата заповед: „Не одмаздувај се и не држи лутина кон синовите на својот народ. Сакај го својот ближен како самиот себе“ (3. Мој. 19:18). Еврејските верски водачи во првиот век сметале дека изразите „синовите на својот народ“ и „својот ближен“ се однесуваат само на Евреите. Иако Мојсеевиот закон заповедал Израелците да бидат одвоени од другите народи, со текот на времето се развил екстремен став дека секој не-Евреин треба да го сметаат за непријател што треба да го мразат.
4. Како требало учениците на Исус да се однесуваат со своите непријатели?
4 За разлика од нив, Исус изјавил: „Сакајте ги своите непријатели и молете се за оние што ве прогонуваат“ (Мат. 5:44). Неговите ученици требало да постапуваат со љубов кон оние што се однесувале непријателски со нив. Според евангелието на Лука, Исус рекол: „Вам кои слушате, ви велам: сакајте ги своите непријатели, правете им добро на оние што ве мразат, благословувајте ги оние што ве проколнуваат, молете се за оние што ве навредуваат“ (Лука 6:27, 28). Исто како лицата од првиот век кои ги зеле присрце Исусовите зборови, и ние ‚им правиме добро на оние што нѐ мразат‘ така што постапуваме пријателски со нив, иако тие се лошо настроени кон нас. ‚Ги благословуваме оние што нѐ проколнуваат‘ кога зборуваме љубезно со нив. И, ‚се молиме за оние што нѐ прогонуваат‘ и можеби се служат со физичко насилство или нѐ навредуваат на друг начин. Со таквите молби покажуваме дека ги сакаме нашите непријатели бидејќи бараме од Јехова да им се промени срцето за да преземат чекори со кои ќе ја стекнат неговата милост.
5, 6. Зошто треба да ги сакаме своите непријатели?
5 Зошто треба да им покажуваме љубов на непријателите? „За да бидете синови на својот Татко кој е на небесата“, рекол Исус (Мат. 5:45). Ако го послушаме овој совет, стануваме Божји „синови“ во таа смисла што постапуваме слично на нашиот Татко, Јехова, кој „дава неговото сонце да изгрева над злите и над добрите и да паѓа дожд на праведните и на неправедните“. Како што стои во извештајот на Лука, Бог „е милостив кон неблагодарните и кон злите“ (Лука 6:35).
6 За да им нагласи на учениците колку е важно да ‚ги сакаат своите непријатели‘, Исус рекол: „Ако ги сакате оние што ве сакаат вас, каква ви е платата? Зарем не го прават истото и даночниците? И ако ги поздравувате само своите браќа, правите ли нешто посебно? Зарем не го прават истото и незнабошците?“ (Мат. 5:46, 47). Ако ги сакаме само оние што нѐ сакаат нас, не заслужуваме никаква посебна ‚плата‘, односно милост од Бог. Дури и даночниците, кои најчесто биле презрени, знаеле да покажат љубов кон оние што ги сакале нив (Лука 5:30; 7:34).
7. Зошто не правиме ништо посебно ако ги поздравуваме само нашите „браќа“?
7 Вообичаениот еврејски поздрав го вклучувал зборот „мир“ (Суд. 19:20; Јован 20:19). Со ова му се пожелувало добро здравје, среќа и успех на лицето на кое му бил упатен поздравот. Според тоа, не би правеле ‚ништо посебно‘ кога и денес би ги поздравувале, односно би им пожелувале добро само на оние што ги сметаме за свои „браќа“. Како што посочил Исус, слично нешто правеле и „незнабошците“.
8. На што ги поттикнал Исус своите слушатели кога рекол: „Бидете совршени“?
8 Поради наследениот грев, Христовите ученици не можат да бидат безгрешни, односно совршени (Рим. 5:12). Сепак, Исус го заклучил овој дел од својот говор со следниве зборови: „Според тоа, бидете совршени, како што е совршен вашиот небесен Татко“ (Мат. 5:48). Со ова ги поттикнал оние што го слушале да се угледаат на својот „небесен Татко“, Јехова, и да ја усовршуваат својата љубов — односно да се трудат да ги сакаат сите, дури и своите непријатели. Истото се очекува и од нас.
Зошто да простуваме?
9. Што значат зборовите: „Прости ни ги нашите долгови“?
9 Правиме добро и кога милосрдно му простуваме на некој што ни згрешил. Всушност, дел од пример-молитвата што ја кажал Исус гласи: „Прости ни ги нашите долгови, како што и ние им простуваме на нашите должници“ (Мат. 6:12). Се разбира, овде Исус не зборувал за парични долгови. Од Евангелието според Лука се гледа дека, кога Исус зборувал за ‚долговите‘, всушност мислел на гревовите. Таму стои: „Прости ни ги нашите гревови, зашто и ние му простуваме на секој наш должник“ (Лука 11:4).
10. Како би можеле да се угледаме на Бог во врска со простувањето?
10 Во ова треба да се угледаме на Бог, кој спремно им простува на покајничките грешници. Апостол Павле напишал: „Бидете милостиви еден спрема друг, имајте сомилост, спремно простувајќи си еден на друг како што и Бог преку Христос спремно ви прости вам“ (Еф. 4:32). Псалмистот Давид пеел: „Јехова е милосрден и добар, бавен на гнев и полн со милост... Не постапува со нас според нашите гревови и не ни го враќа она што го заслужуваме за нашите престапи... Колку што е исток далеку од запад толку ги оддалечува од нас нашите престапи. Како што е таткото милосрден кон своите синови така Јехова е милосрден кон оние што се бојат од него. Зашто, тој добро ја познава нашата градба, си спомнува дека сме прав“ (Пс. 103:8-14).
11. Кому му простува Бог?
11 Бог ќе им прости на луѓето само ако тие веќе им простиле на оние што ним им згрешиле (Мар. 11:25). За да го нагласи ова, Исус додал: „Зашто, ако вие им ги простите на луѓето нивните престапи, и вашиот небесен Татко ќе ви прости вам. Но, ако вие не им ги простите на луѓето нивните престапи, ниту вашиот Татко нема да ви ги прости вам вашите престапи“ (Мат. 6:14, 15). Да, Бог ќе им прости само на оние што се спремни да простуваат. Според тоа, ќе им правиме добро на другите ако го послушаме следниов совет од Павле: „Како што Јехова спремно ви прости вам, така правете и вие“ (Кол. 3:13).
„Престанете да судите“
12. Каков совет дал Исус во врска со судењето на другите?
12 Во Проповедта на гората, Исус изнел уште еден начин на кој може да се прави добро. Тој на своите слушатели им рекол да не им судат, односно да престанат да им судат на другите, а потоа им раскажал една незаборавна споредба за да нагласи колку е важно ова. (Прочитај Матеј 7:1-5 заедно со фуснотата.) Да видиме што мислел Исус кога рекол: „Престанете да судите“.
13. Што требало да прават слушателите на Исус?
13 Во Евангелието според Матеј пишува дека Исус рекол: „Престанете да судите, за да не бидете судени“ (Мат. 7:1, фуснота). Според Лука, Исус рекол: „Престанете да судите, и нема да ви биде судено. Не осудувајте, и нема да бидете осудени. Простувајте, и ќе ви биде простено“ (Лука 6:37, фуснота). Фарисеите во првиот век им суделе немилосрдно на луѓето, во склад со своите небиблиски традиции. Секој што го правел ова, а го слушал Исус, требало да ‚престане да суди‘. Наместо тоа, требало да им ги простува грешките на другите. Апостол Павле дал сличен совет во врска со простувањето, како што беше спомнато погоре.
14. Ако учениците на Исус биле спремни да простат, на што ќе ги поттикнеле и другите луѓе?
14 Ако самите простувале, учениците на Исус ќе ги поттикнеле и другите луѓе да бидат спремни да простуваат. Тој им рекол: „Со каков суд судите, со таков ќе ви се суди. И со каква мера мерите, со таква ќе ви се мери“ (Мат. 7:2). Кога станува збор за нашето однесување со другите, можеме да очекуваме да го пожнееме она што го сееме (Гал. 6:7).
15. Како покажал Исус дека е погрешно да ги критизираме другите?
15 Сети се дека, за да покаже колку е погрешно да ги критизираме другите, Исус рекол: „Зошто ја гледаш раската во окото на својот брат, а гредата во своето око не ја забележуваш? Или, како можеш да му речеш на брата си: ‚Дај да ти ја извадам раската од окото‘, кога самиот имаш греда во своето око?“ (Мат. 7:3, 4). Оној што е склон да ги критизира другите забележува дури и најмал недостаток во „окото“ на својот брат. Со други зборови, тој како да вели дека неговиот брат не ги гледа добро работите, и затоа не може добро да ги процени. Иако недостатокот на братот е мал како раска, оној што го критизира сака ‚да му ја извади‘, односно лицемерно му нуди помош за да може братот појасно да ги гледа работите.
16. Зошто може да се каже дека фарисеите имале „греда“ во своето око?
16 Особено еврејските верски водачи имале навика да ги критизираат другите. Да наведеме само еден пример. Кога еден слеп човек, кого Христос го излекувал, изјавил дека Исус сигурно е испратен од Бог, фарисеите остро му приговориле: „Сиот си во гревови роден! Ти ли нас ќе нѐ учиш?“ (Јован 9:30-34). Што се однесува до јасниот духовен вид и способноста исправно да просудат, фарисеите навистина имале симболична „греда“ во сопственото око и биле потполно слепи. Затоа Исус повикал: „Лицемеру! Извади ја најнапред гредата од своето око, па тогаш добро ќе видиш како да ја извадиш раската од окото на брата си“ (Мат. 7:5; Лука 6:42). Ако сме решени да правиме добро и убаво да се однесуваме со другите, тогаш нема постојано да бараме симболична раска во окото на нашите браќа и остро да ги критикуваме. Наместо тоа, ќе признаеме дека сме несовршени, и затоа ќе се трудиме да не им судиме и да не ги критизираме нашите соверници.
Како треба да се однесуваме со другите
17. Според Матеј 7:12, како треба да се однесуваме со другите?
17 Во Проповедта на гората, Исус истакнал дека Бог се однесува како татко со своите слуги на тој начин што им одговара на молитвите. (Прочитај Матеј 7:7-12.) Вредно е да се забележи дека Исус го поставил следново правило на однесување: „Сѐ што сакате луѓето да ви прават вам, правете им го и вие ним“ (Мат. 7:12). Само ако се однесуваме со своите ближни на таков начин, ќе докажеме дека сме вистински следбеници на Исус Христос.
18. На кој начин покажал „Законот“ дека треба да се однесуваме со другите како што сакаме тие да се однесуваат со нас?
18 Откако кажал дека треба да постапуваме со луѓето како што сакаме тие да постапуваат со нас, Исус додал: „Тоа е смислата на Законот и Пророците“. Кога се однесуваме со другите како што кажал Исус, ние постапуваме во духот на „Законот“ — списите кои се дел од библиските книги Прва до Петта Мојсеева. Освен што откриваат дека Јехова има намера да обезбеди потомство кое ќе му стави крај на злото, овие книги го содржат и Законот што Бог му го дал на израелскиот народ преку Мојсеј во 1513 год. пр.н.е. (1. Мој. 3:15). Меѓу другото, Законот јасно барал од Израелците да бидат праведни, да не бидат пристрасни и да им прават добро на страдалниците и на дојденците (3. Мој. 19:9, 10, 15, 34).
19. Како „Пророците“ покажуваат дека треба да правиме добро?
19 Кога ги спомнал „Пророците“, Исус мислел на пророчките книги во Хебрејските списи. Тие содржат месијански пророштва кои се исполниле токму на него. Овие списи исто така покажуваат дека Бог ги благословува своите слуги кога го прават она што е добро во Негови очи и се однесуваат со другите на исправен начин. На пример, во пророштвото на Исаија им бил даден следниов совет на Израелците: „Вака вели Јехова: ‚Држете се за правдата и правете го она што е праведно!.. Среќен е смртниот човек кој прави така и синот човечки кој се придржува кон тоа... и ја чува својата рака да не направи никакво зло‘“ (Иса. 56:1, 2). Да, Бог очекува неговиот народ да прави добро.
Секогаш прави им добро на другите
20, 21. Како реагирало мноштвото на Исусовата Проповед на гората, и зошто треба да размислуваш за неа?
20 Разгледавме само неколку од многуте животоважни мисли што ги изнел Исус во својата неповторлива Проповед на гората. Сепак, потполно разбираме како се чувствувале оние што лично ги слушале неговите зборови. Вдахновениот извештај вели: „А кога Исус го заврши својот говор, мноштвата беа восхитени од неговото поучување, зашто ги поучуваше како некој зад чии зборови стои Бог, а не како нивните книжници“ (Мат. 7:28, 29).
21 Нема сомнение, Исус Христос докажал дека е проречениот „Прекрасен Советник“ (Иса. 9:6). Проповедта на гората е извонреден показател за тоа дека Исус многу добро знаел како неговиот небесен Татко гледа на работите. Освен мислите што ги разгледавме, во тој говор зборувал многу за вистинската среќа, за тоа како да не направиме неморал, како да постапуваме праведно, што да правиме за да имаме сигурна и радосна иднина, и многу други работи. Зошто не ги прочиташ уште еднаш внимателно поглавја 5 — 7 од Матеј барајќи притоа водство во молитва? Размислувај за прекрасните совети што Исус ги дал таму. Примени го во животот она што Христос го изнел во својата Проповед на гората. Тогаш ќе можеш уште повеќе да му угодиш на Јехова, да се однесуваш исправно со другите и да правиш добро.
Како би одговорил?
• Како треба да се однесуваме со нашите непријатели?
• Зошто треба да простуваме?
• Што рекол Исус во врска со судењето на луѓето?
• Според Матеј 7:12, како треба да се однесуваме со другите?
[Истакната мисла на страница 10]
Знаеш ли зошто Исус рекол: „Престанете да судите“?
[Слика на страница 8]
Зошто треба да се молиме за оние што нѐ прогонуваат?
[Слика на страница 10]
Дали секогаш постапуваш со другите како што сакаш тие да постапуваат со тебе?