Матеј
5 Кога ги виде насобраните луѓе, се качи на планината и седна, а неговите ученици дојдоа до него. 2 Тогаш почна да поучува:
3 „Среќни се оние што се свесни дека им е потребно водство од Бог,* зашто нивно е Царството небесно.
4 Среќни се оние што тагуваат, зашто ќе бидат утешени.
5 Среќни се кротките,* зашто ќе ја наследат земјата.
6 Среќни се оние што се гладни и жедни за праведност, зашто ќе бидат наситени.
7 Среќни се оние што покажуваат милост, зашто ќе им биде покажана милост.
8 Среќни се оние што имаат чисто срце, зашто ќе го видат Бог.
9 Среќни се оние што градат мир, зашто ќе бидат наречени Божји деца.*
10 Среќни се оние што се прогонувани поради праведноста, зашто нивно е Царството небесно.
11 Среќни сте кога поради мене ве навредуваат и ве прогонуваат и зборуваат секакви злобни лаги за вас. 12 Така ги прогонуваа и пророците пред вас. Затоа, радувајте се и бидете пресреќни, зашто ве чека голема награда на небото.
13 Вие сте солта на земјата. Но, ако солта стане несолена, кој може да направи пак да стане солена? Таа веќе не може да се користи за ништо. Може само да се фрли надвор, каде што луѓето ќе ја газат.
14 Вие сте светлината на светот. Град кој се наоѓа на планина не може да се скрие. 15 Светилка не се пали за да се стави под кошница,* туку на светилник за да им свети на сите во куќата. 16 Така, нека свети вашата светлина пред луѓето за да ги видат вашите добри дела и да го слават вашиот Татко, кој е на небесата.
17 Немојте да мислите дека дојдов да го поништам Законот или она што го кажаа пророците. Не дојдов да поништам, туку да исполнам. 18 Вистина ви велам, дури и небото и земјата да исчезнат, нема да исчезне ни најмалата буква или делче од буква од Законот додека сето тоа не се исполни. 19 Според тоа, кој ќе прекрши една од овие најмали заповеди и ги учи и другите да го прават тоа, тој нема да биде достоен да влезе* во Царството небесно. А кој ги извршува и ги учи и другите да го прават тоа, тој ќе биде достоен да влезе* во Царството небесно. 20 Зашто, ви велам, ако не сте поправедни од познавачите на Законот* и од фарисеите, нема да влезете во Царството небесно.
21 Сте слушнале дека на старите им било речено: ’Не убивај. Кој ќе убие, ќе одговара пред суд‘. 22 А јас ви велам дека секој што упорно се гневи на својот брат ќе одговара пред суд. А оној што му се обраќа на својот брат со навредливи зборови ќе одговара пред највисокиот суд. А оној што ќе му рече: ’Ништо не вредиш, одвратна будало!‘ би можел да биде потполно уништен.*
23 Така, ако го носиш својот дар на жртвеникот и таму се сетиш дека твојот брат има нешто против тебе, 24 остави го својот дар пред жртвеникот, па оди и прво смири се со братот, а потоа врати се и принеси го својот дар.
25 Гледај брзо да го решиш несогласувањето со оној што те тужи, уште пред да стигнете до суд, за да не те предаде тој на судијата, а судијата на стражарот, и на крај да бидеш фрлен во затвор. 26 Вистина ти велам, нема да излезеш оттаму додека не ја исплатиш и последната паричка.*
27 Сте слушнале дека било речено: ’Не прави прељуба‘. 28 А јас ви велам дека секој што гледа некоја жена со страст, веќе направил прељуба со неа во своето срце. 29 Според тоа, ако твоето десно око те наведува на грев,* извади го и фрли го од себе. Зашто, подобро ти е да изгубиш еден од своите делови на телото отколку целото твое тело да биде потполно уништено.* 30 И, ако твојата десна рака те наведува на грев, отсечи ја и фрли ја од себе. Зашто, подобро ти е да изгубиш еден од своите делови на телото отколку целото твое тело да биде потполно уништено.*
31 Освен тоа, било речено: ’Кој ќе се разведе од својата жена, нека ѝ даде потврда за развод‘. 32 А јас ви велам дека секој што ќе се разведе од својата жена, освен поради сексуален неморал,* ја доведува во ситуација да направи прељуба. И кој ќе се ожени со разведена жена, прави прељуба.
33 А сте слушнале и дека на старите им било речено: ’Не давај заклетва без потоа да ја исполниш, туку исполнувај ги своите завети пред Јехова‘. 34 А јас ви велам: не заколнувајте се никако, ни во небото, бидејќи е престол на Бог, 35 ни во земјата, бидејќи е подножје на неговите нозе, ни во Ерусалим, бидејќи е град на големиот Цар. 36 Не заколнувајте се ни во својата глава, бидејќи не можете ниту едно влакно да го направите бело или црно. 37 Затоа, кога ќе речете ’да‘, тоа нека значи ’да‘, а кога ќе речете ’не‘, тоа нека значи ’не‘, зашто ако некој не си стои на зборот, тоа е од Злобниот.
38 Сте слушнале дека било речено: ’Око за око и заб за заб‘. 39 А јас ви велам: не спротивставувајте му се на оној што е злобен. Напротив, ако некој ти удри шлаканица по десниот образ, сврти му го и другиот. 40 И, ако некој сака да те води на суд и да ти ја земе облеката, дај му ја и наметката. 41 И, ако некој што има власт те натера да одиш една милја,* оди со него две. 42 Ако некој ти побара нешто, дај му, и не одбивај го оној што бара од тебе пари на заем.*
43 Сте слушнале дека било речено: ’Сакај ги своите ближни* и мрази ги своите непријатели‘. 44 А јас ви велам: сакајте ги своите непријатели и молете се за оние што ве прогонуваат. 45 Така ќе покажете дека сте деца* на вашиот Татко, кој е на небесата, бидејќи тој дава неговото сонце да изгрева и над злите и над добрите и да паѓа дожд и на праведните и на неправедните. 46 Зашто, ако ги сакате само оние што ве сакаат вас, заслужувате ли награда за тоа? Зарем не го прават истото и даночниците? 47 И, ако ги поздравувате само своите браќа, правите ли нешто посебно? Зарем не го прават истото и луѓето од другите народи? 48 Според тоа, бидете совршени,* како што е совршен вашиот небесен Татко.