Молитви кои сигурно ќе бидат исполнети
ПОСТОЈАТ молитви кои сигурно ќе бидат исполнети. Нивната суштина е отелотворена во примерната молитва која што Исус Христос им ја дал на своите ученици кога рекол: ”Туку молете се вака: Оче наш, Кој си на небесата, да се свети името Твое; да дојде царството Твое; да биде волјата Твоја, како на небото, така и на земјата“ (Матеј 6:9-13).
Тие зборови од Исусовата примерна молитва се повторувани повеќе милиони пати. Иако Христос не очекувал од своите вистински следбеници само да рецитираат таква молитва, нивните молби кои изразуваат слични мисли сигурно ќе бидат исполнети (Матеј 6:7, 8). Всушност, што значи да се свети Божјето име? Зошто да се молиме да дојде неговото Царство? И зошто да бараме да се врши Божјата волја?
”Да се свети името Твое“
Јехова, ”највисокиот над целата земја“, е Оној на кого Исус му се обратил со ”Оче наш, Кој си на небесата“ (Псалми 83:18, ДК). Бог ”се грижел како татко“ за Израелците со тоа што ги ослободил од египетско ропство и што влегол во сојузен однос со нив (5. Мојсеева 32:6, 18, NW; 2. Мојсеева 4:22; Исаија 63:16). Денес, помазаните христијани имаат искрено ценење спрема Јехова како спрема свој Татко (Римјаните 8:15). И нивните помошници, кои имаат земска надеж, исто така му се молат на Јехова Бог како на свој Татко (Јован 10:16; Откровение 7:1-9).
Но зошто да молиме да се свети Божјето име? Затоа што од побуната на првата човечка двојка во еденската градина, се натрупал срам на божественото име. Како исполнување на таквата молитва, Јехова ќе отстрани секаков срам кој е фрлен врз неговото спомен име (Псалми 135:13, ДК). Тој ќе го стори тоа така што ќе го отстрани злото од Земјата. Во врска со тоа време, Бог рекол преку пророкот Езекиел: ”И ќе се возвеличам, ќе се посветам и објавам пред сите народи, и ќе знаат дека јас сум Јахве“ (Езекиел 38:23, Ст).
Јехова Бог е свет и чист. Според тоа, неговото име треба да се свети, или да држи одвоено како свето. Тој ќе ја покаже својата светост така што ќе дејствува за да се посвети себеси пред целото творештво (Езекиел 36:23). Оние кои бараат негова наклоност и вечен живот мораат да го ценат Јехова со стравопочитување и да го светат неговото име со тоа што ќе го држат одвоено и повисоко од сите други (3. Мојсеева 22:32; Исаија 8:13; 29:23). Во согласност со тоа, Исус им рекол на своите следбеници да молат: ”Да се свети името Твое“ или, ”да се држи свето; да се третира како свето“. Можеме да бидеме сигурни дека Бог ќе го исполни овој дел од Исусовата примерна молитва.
”Да дојде царството Твое“
Исус исто така им рекол на своите следбеници да молат: ”Да дојде царството Твое.“ Молитвите за доаѓање на Божјето Царството сигурно ќе бидат исполнети. Царството е Јеховиното суверено владетелство изразено преку небесна Месијанска влада во рацете на неговиот Син, Исус Христос, и ”светите“ кои се здружени со него (Даниел 7:13, 14, 18, 22, 27, NW; Исаија 9:6, 7). Јеховините сведоци одамна докажале на темел на Библијата дека Исус бил устоличен како небесен Цар во 1914 година. Тогаш, зошто треба некој да моли Царството да ”дојде“?
Молењето да дојде Царството всушност значи да се бара тоа да дојде против сите противници на божественото владетелство на Земјата. Наскоро ”тоа [Божје] царство (...) ќе ги победи и разруши сите царства, а само тоа ќе остане вечно“ (Даниил 2:44). Овој развој ќе придонесе за посветување на Јеховиното свето име.
”Да биде волјата Твоја“
Исус понатаму ги учел своите ученици да се молат: ”Да биде волјата Твоја, како на небото, така и на земјата.“ Тоа е молба Јехова да постапи во склад со својата волја за Земјата. Таа е слична на изјавата на псалмистот: ”Сѐ што посака Господ [Јехова, NW], создаде на небото и на земјата, во морињата и во сите бездни; доведувајќи облаци од краиштата на земјата, молњи при дожд создаде, Он, Кој ги изведува ветровите од скровиштата нивни, Оној, Кој ги порази првородените во Египет од човек до добиток, покажа знаци и чудеса среде тебе, Египте, на Фараонот и врз сите слуги негови, порази многу народи и истреби силни цареви“ (Псалми 134:6-10 [135:6-10, ДК]).
Молењето да биде Јеховината волја на Земјата е молба да се спроведат неговите намери во врска со Земјината топка. Тоа го вклучува трајното отстранување на неговите противници, како што ги отстранил во мал обем во старо време (Псалми 83:9-18, ДК; Откровение 19:19-21). Молитвите да биде Јеховината волја ширум Земјата и вселената, сигурно ќе бидат исполнети.
Кога ќе владее Царството
Наместо злобата која сега се проткајува низ човечкото општество, што може да се очекува кога ќе владее Божјето Царството и кога на Земјата ќе биде божествената волја како што е на небото? Како што запишал апостол Петар, ”според Неговото [Божјето] ветување, очекуваме ново небо и нова земја, на кои ќе се настани правда“ (2. Петрово 3:13). ’Новото небо‘ се праведни духовни владејачки сили — Исус Христос и 144 000 сонаследници во небесното Царство (Римјаните 8:16, 17; Откровение 14:1-5; 20:4-6). ”Новата земја“ не е некоја друга Земјина топка. Тоа е всушност праведно општество на луѓе кои ќе живеат на Земјата. (Спореди Псалми 96:1, ДК)
Под царската влада, Земјата ќе биде претворена во сеопшт рај (Лука 23:43). Тогаш целото послушно човештво ќе се радува на вистински мир и благосостојба (Псалми 72:1-15, ДК; Откровение 21:1-5). Ти можеш да бидеш меѓу тоа среќно мноштво ако си лојален застапник на Месијанското владетелство над послушните земски поданици. Застапниците на таквата влада искрено се молат за посветувањето на Јеховиното име, да дојде неговото Царство и да биде неговата волја. Нивните искрени молитви сигурно ќе бидат исполнети.