Дали се врши Божјата волја?
„Нека биде волјата твоја, како на небото така и на земјата“ (Матеј 6:10).
ХУЛИО и Кристина гледале со ужас додека нивните четири деца гореле во пожарот. Некој пијан возач удрил во нивниот паркиран автомобил кој се вивнал во пламен. Петтото дете, Маркос, било спасено од распламтениот оган, но пламенот му го изгорел телото и трајно го изобличил. Имал девет години. На татко му му било скршено срцето. Се тешел себеси и своето семејство со зборовите: „Добро, лошо, што и да е — Божја волја е, мораме да го прифатиме тоа“.
Кога ќе се соочат со некој трагичен настан како овој, многумина слично реагираат. ‚Ако Бог е семоќен и ако се грижи за нас‘, размислуваат тие, ‚тогаш она што се случува мора на некој начин да е за наше добро, колку и да ни е тешко да го сфатиме тоа‘. Се согласуваш ли со ова?
Гледиштето дека сѐ што се случува, добро или лошо, е одраз на Божјата волја, честопати се темели на зборовите на Исус во она што се нарекува молитвата Оченаш, која претходно беше цитирана. Па, Божјата волја се врши на небото, зарем не? Кога се молиме ‚нека биде волјата твоја на земјата‘, зарем не се согласуваме дека она што се случува на земјата е Божја волја?
Многумина не се баш сигурни во врска со ова гледиште. Според нив, тоа го прикажува Бог како некој што е неосетлив за чувствата на неговите човечки творби. ‚Како може еден љубезен Бог да им посакува нешто ужасно на невините луѓе?‘ прашуваат тие. ‚Ако треба ова да нѐ научи на нешто, тогаш што воопшто би можело да биде тоа?‘ Можеби и ти мислиш така.
Во врска со ова, полубратот на Исус, ученикот Јаков, напишал: „Никој, кога е во искушение, нека не вели: ‚Бог ме искушува‘. Зашто Бог не може да се искушува со зли работи ниту, пак, самиот тој некого искушува“ (Јаков 1:13). Бог не е извор на она што е лошо. Според тоа, очигледно е дека сѐ што се случува денес на земјата не е Божја волја. Писмото, исто така, зборува и за волјата на маж, волјата на нациите, па дури и за волјата на Ѓаволот (Јован 1:13; 2. Тимотеј 2:26; 1. Петрово 4:3). Се согласуваш ли дека она што му се случило на семејството на Хулио и Кристина не би можело да биде волјата на еден љубезен небесен Татко?
Тогаш, што навистина мислел Исус кога ги поучил своите ученици да се молат: ‚Нека се врши волјата твоја?‘ Дали тоа било само барање Бог да интервенира во конкретни случаи или, пак, Исус нѐ поучил да се молиме за нешто поважно и подобро, промена на која сите можат да се надеваат? Да испитаме што понатаму има да каже Библијата.
[Извори на слики на страница 3]
Автомобил: Dominique Faget-STF/AFP/Getty Images; дете: FAO photo/B. Imevbore