Како да се пронајде вистинска среќа
ЕДЕН будистички верски водач, Далај Лама, рекол: „Верувам дека самата смисла на нашиот живот е да ја бараме среќата“. Потоа го објаснил своето мислење дека среќата може да се постигне со обучување, или дисциплинирање на умот и срцето. „Умот“, рекол тој, „е сета основна опрема што ни е потребна за да постигнеме целосна среќа.“ Верувањето во Бог, според него, е непотребно.a
За разлика од тоа, размисли за Исус, кој имал силна вера во Бог и чии учења влијаеле врз стотици милиони луѓе низ вековите. Исус бил заинтересиран за човековата среќа. Својата добро позната Проповед на гората ја започнал со девет блаженства — девет изрази кои започнуваат со: „Среќни се . . .“ (Матеј 5:1-12). Во истата проповед, тој ги поучил своите слушатели да ги испитаат, прочистат и дисциплинираат своите умови и срца — заменувајќи ги насилничките, неморалните и себичните мисли со мирољубиви, чисти и љубезни мисли (Матеј 5:21, 22, 27, 28; 6:19-21). Како што подоцна поттикнал еден негов ученик, треба ‚и понатаму да размислуваме‘ за работи кои се ‚вистинити, заслужуваат сериозно внимание, праведни, чесни, вредни за сакање, за кои добро се зборува, доблесни и вредни за фалба‘ (Филипјаните 4:8).
Исус знаел дека вистинската среќа ги вклучува односите со другите. Ние луѓето по природа сме друштвени, па затоа не можеме да бидеме вистински среќни ако се изолираме или ако постојано сме во конфликт со луѓето околу нас. Можеме да бидеме среќни само ако се чувствуваме сакани и ако ги сакаме другите. Исус поучувал дека темел за таквата љубов е нашиот однос со Бог. Посебно во овој поглед Исусовото учење се разликува од учењето на Далај Лама, зашто Исус учел дека луѓето не можат да бидат вистински среќни независно од Бог. Зошто? (Матеј 4:4; 22:37-39)
Размислувај за своите духовни потреби
Едно од блаженствата гласи: „Среќни се оние кои се свесни за своите духовни потреби“ (Матеј 5:3). Зошто го рекол Исус ова? Бидејќи, за разлика од животните, ние имаме духовни потреби. Бидејќи сме создадени според Божји лик, ние можеме до извесна мера да негуваме божествени особини, како што се љубов, правда, милост и мудрост (Битие 1:27; Михеј 6:8; 1. Јованово 4:8). Нашите духовни потреби ја вклучуваат и потребата да имаме смисла во својот живот.
Како можеме да ги задоволиме ваквите духовни потреби? Не преку трансцендентална медитација или само со самоиспитување. Наместо тоа, Исус рекол: „Нема да живее човек само од леб туку и од секоја изјава што излегува од Јеховината уста“ (Матеј 4:4). Забележи, Исус рекол дека Бог е изворот на „секоја изјава“ битна за нашиот живот. На некои прашања само Бог може да ни помогне да одговориме. Тој увид е особено навремен денес, имајќи го предвид изобилството теории за смислата на животот и за патот до среќата. Книжарниците посветуваат цели оддели на дела кои им ветуваат на читателите здравје, богатство и среќа. Отворени се Интернет сајтови кои конкретно се занимаваат со среќата.
Сепак, човечкото размислување на овие подрачја честопати е насочено во погрешен правец. Со тенденција е да ги задоволува себичните желби или своето „јас“. Се темели на ограничено спознание и искуство, и прилично често се заснова на погрешни претпоставки. На пример, сѐ позастапен тренд меѓу писателите на книги за самопомош е да ги темелат своите идеи врз теоријата на „еволуциона психологија“, која претпоставува дека човечките емоции се вкоренети во нашите наводни животински предци. Вистината е дека секој напор да се пронајде среќа која се темели на теорија што ја игнорира улогата на нашиот Творец не може да биде валидна и на крај ќе води до разочарување. Еден древен пророк рекол: „Мудреците ќе бидат засрамени . . . Ете, тие го презреа Господовото слово! А нивната мудрост — што им ползува?“ (Еремија 8:9).
Јехова Бог го знае нашиот состав и знае што ќе нѐ направи вистински среќни. Тој знае зошто го поставил човекот на Земјата и што донесува иднината, и тие информации ги споделува со нас во Библијата. Она што тој го открива во таа инспирирана книга ги погодува во вистинската жица исправно настроените поединци и вдахнува среќа (Лука 10:21; Јован 8:32). Ова било случај со двајца Исусови ученици. По неговата смрт тие биле потиштени. Но, откако токму од устата на воскреснатиот Исус дознале за неговата улога во Божјата намера за спасение на човештвото, тие рекле: „Зарем не ни гореа срцата кога зборуваше по патот, додека во потполност ни го откриваше Писмото?“ (Лука 24:32).
Таквата радост се зголемува кога дозволуваме библиската вистина да го води нашиот живот. Во тој поглед среќата може да се спореди со виножито. Тоа се појавува кога условите се поволни, но станува уште посјајно — па дури настанува и двојно виножито — кога условите се совршени. Да разгледаме сега неколку примери за тоа како примената на библиските учења може да придонесе за уште поголема среќа.
Задржи едноставен живот
Прво, погледни каков совет дал Исус во врска со богатството. Откако советувал против тоа стремежот по богатство да се направи главно нешто во животот, дал една впечатлива изјава. Тој рекол: „Значи, ако окото ти е едноставно, целото тело ќе ти биде светло“ (Матеј 6:19-22). Во основа рекол дека ако страсно се стремиме по богатство, моќ или која и да е друга цел што си ја поставуваат луѓето, ќе ги пропуштиме поважните работи. Впрочем, како што рекол Исус во една друга прилика, „дури и кога некој има изобилство, неговиот живот не произлегува од она што го поседува“ (Лука 12:15). Ако на прво место ги ставаме работите кои навистина се важни, како што е нашиот однос со Бог, семејните грижи и други сродни работи, тогаш нашето ‚око‘ ќе биде „едноставно“, фокусирано.
Забележи, Исус не застапувал аскетизам или крајно самоодрекување. Впрочем, самиот Исус не бил аскет (Матеј 11:19; Јован 2:1-11). Наместо тоа, поучувал дека оние кои гледаат на животот само како на прилика да натрупаат богатство во суштина го пропуштаат животот.
Коментирајќи за некои кои станале многу богати уште рано во животот, еден психотерапевт во Сан Франциско (САД) рекол дека за нив парите се „корен на стрес и збрканост“. Овие луѓе, додал тој, „купуваат по две или три куќи, автомобил, трошат пари на разни работи. А кога тоа нема да им ги донесе очекуваните резултати [т.е. не ги прави среќни], стануваат депримирани, празни и не знаат што да прават со својот живот“. За разлика од нив, за оние кои внимаваат на Исусовиот совет да водат поедноставен живот во материјален поглед и да остават место за духовните работи, поголема е веројатноста да пронајдат вистинска среќа.
Том, градежник кој живее на Хаваи, доброволно се јавувал за да помага во изградба на места за обожавање на Пацифичките острови каде што луѓето имаат малку во материјален поглед. Том забележал нешто во врска со овие понизни луѓе. Тој рекол: „Моите христијански браќа и сестри на овие острови беа навистина среќни. Ми помогнаа уште појасно да увидам дека парите и поседите не се тајната на среќата“. Исто така, ги набљудувал доброволците кои работеле со него на островите и забележал колку биле задоволни. „Тие би можеле да спечалат многу пари“, рекол Том. „Но, избрале да ги стават духовните работи на прво место и да задржат едноставен начин на живот.“ Поттикнат од овие примери, Том го поедноставил сопствениот живот така што можел да поминува повеќе време со своето семејство и во стремењето по духовни работи — чекор за кој никогаш не зажалил.
Среќа и самопочит
За да бидеш среќен битно е да имаш чувство на лично достоинство, односно чувство дека вредиш како личност. Поради човечката несовршеност и слабостите кои се последица од неа, некои имаат негативно гледиште за себе, а кај многумина таквите чувства датираат уште од детството. Можеби е тешко да се совладаат вкоренетите чувства, но може да се успее во тоа. Решението лежи во применувањето на Божјата реч.
Библијата објаснува што мисли Творецот за нас. Зарем неговото гледиште не е поважно од гледиштето на кој и да е човек — па дури и од нашето сопствено? Како персонификација на љубов, Бог нѐ гледа без предрасуди или злоба. Тој нѐ гледа онакви какви што сме, а нѐ гледа и такви какви што можеме да бидеме (1. Самоил 16:7; 1. Јованово 4:8). Всушност, оние кои сакаат да му угодат ги смета за скапоцени, да, пожелни, и покрај нивните несовршености (Даниел 9:23; Агеј 2:7, обата NW).
Се разбира, Бог не ги игнорира слабостите и гревовите кои ги правиме. Тој очекува напорно да се трудиме да го правиме она што е исправно, и нѐ поддржува кога го правиме тоа (Лука 13:24). Сепак, Библијата вели: „Како што таткото ги милува синовите, така Господ ги милува оние, кои се бојат од Него“. Исто така, таа вели: „Ако си спомнуваш, Господи, за гревот, Господи, кој ќе опстане? Но во Тебе е проштавањето, за да се бојат од Тебе“ (Псалм 103:13; 130:3, 4).
Затоа, научи да гледаш на себеси со Божји очи. Сознанието дека оние кои го љубат ги смета за пожелни и дека има доверба во нив — дури и ако можеби самите сметаат дека не вредат — може многу да придонесе да се зголеми среќата на едно лице (1. Јованово 3:19, 20).
Надеж — битна за среќа
Еден неодамна промовиран концепт наречен позитивна психологија смета дека оптимизмот, кој се негува со позитивно размислување и сосредоточување на личните сили, може да доведе до среќа. Малкумина би негирале дека оптимистичното гледиште за животот и за иднината придонесува за нашата среќа. Меѓутоа, таквиот оптимизам мора да се темели на факти, не само на пуста желба. Освен тоа, никаков оптимизам или позитивно размислување нема да ја отстрани војната, гладувањето, загаденоста, староста, болеста или смртта — работи кои на многумина им ја одземаат среќата. Сепак, и оптимизмот си има свое место.
Интересно е тоа што Библијата не го користи зборот оптимизам; таа користи еден посилен збор — надеж. Vine’s Complete Expository Dictionary го дефинира зборот „надеж“ кој се користи во Библијата како „поволно и доверливо очекување . . . среќно исчекување на добро“. Според начинот на кој се користи во Библијата, надежта значи повеќе отколку само да се има оптимистично гледиште за ситуацијата. Таа укажува и на она на што е сосредоточена нечија надеж (Ефешаните 4:4; 1. Петрово 1:3). Христијанската надеж, на пример, е дека сите непожелни работи спомнати во претходниот пасус наскоро ќе бидат збришани (Псалм 37:9-11, 29). Но, вклучува и повеќе од тоа.
Христијаните со нетрпение го чекаат времето кога верните луѓе ќе добијат еден совршен живот на рајска Земја (Лука 23:42, 43). Зборувајќи понатаму за таа надеж, Откровение 21:3, 4 вели: „Гледај, Божјиот шатор е со луѓето, и тој ќе престојува со нив, и тие ќе бидат негови народи . . . И тој ќе ја избрише секоја солза од нивните очи, и смрт нема да има веќе, ниту ќе има веќе тага ни пискот ни болка. Поранешните работи поминаа“.
Секој кој очекува да доживее таква иднина има причина да биде среќен, дури и ако неговите сегашни околности се многу незадоволителни (Јаков 1:12). Тогаш, зошто не ја испиташ Библијата и не откриеш зошто можеш да веруваш во неа? Јакни ја својата надеж на тој начин што секој ден ќе одвојуваш време да ја читаш Библијата. Тоа ќе ја збогати твојата духовност, ќе ти помогне да ги избегнеш работите кои им ја одземаат среќата на луѓето и ќе создаде во тебе чувство на задоволство. Да, најголемата тајна за вистинска среќа е вршењето на Божјата волја (Проповедник 12:13). Живот изграден врз послушност на библиските правила е среќен живот, бидејќи Исус рекол: „Среќни се оние кои ја слушаат речта Божја и ја држат!“ (Лука 11:28).
[Фуснота]
a Верувањето во Бог е непотребно за будистот.
[Слики на страница 5]
Среќата не може да се најде во трупањето богатство, изолирањето од другите или во довербата во ограниченото знаење на човекот
[Слика на страница 6]
Среќен е оној живот кој се темели на послушност на Божјата реч
[Слика на страница 7]
Христијанската надеж го прави човекот среќен