Дали те труе духот на светот?
НА 12 септември 1990, во една фабрика во Казахстан настана експлозија. Во атмосферата беше ослободена опасна радиоактивност, заканувајќи се на здравјето на 120.000 локални жители, од кои многумина излегоа на улиците во протест против смртоносниот отров.
Но, како што се обелоденуваа повеќе информации, тие открија дека со децении живееле во затруена животна средина. Низ годините, 100.000 тони радиоактивен отпад бил истоварен во незаштитена локација, на отворено. Иако опасноста била на нивниот праг, никој не ја сфаќал сериозно. Зошто не?
Секој ден, на локалниот спортски стадион службениците лепеле оглас за нивото на радијација, што оставало впечаток дека не постои никаква опасност. Бројките биле точни, но ја покажувале само гама радијацијата. Алфа радијацијата, која не била мерена, може да биде исто толку смртоносна. Многу мајки почнале да сфаќаат зошто нивните деца се толку болни.
Духовно говорејќи, и ние можеме да бидеме затруени од невидлива контаминација. И како тие несреќни луѓе во Казахстан, мнозинството е несвесно за оваа опасност која му се заканува на животот. Библијата го идентификува ова загадување како „духот на овој свет“ кој го оркестрира лично Сатана Ѓаволот (1. Коринтјаните 2:12). Божјиот Непријател злобно го користи тој дух — односно преовладувачки став — на светот за да ја поткопа нашата побожна оддаденост.
Како може духот на светот да ја подрие нашата духовна сила? Стимулирајќи ја желбата на очите и поигрувајќи си со нашата вродена себичност (Ефесјаните 2:1—3; 1. Јованово 2:16). Преку пример ќе разгледаме три различни подрачја на кои световното размислување би можело постепено да ја затруе нашата духовност.
Да го бараме најнапред Царството
Исус ги поттикнал христијаните да ‚го бараат најнапред Царството на Бога и Неговата правда‘ (Матеј 6:33). Од друга страна, пак, светскиот дух би можел да нѐ наведе да им придадеме претерана важност на сопствените интереси и удобности. Почетната опасност лежи, не во потполното напуштање на духовните интереси, туку во нивното деградирање на второ место. Би можеле да ја превидиме опасноста — како што направиле луѓето во Казахстан — поради лажното чувство на безбедност. Нашите години верна служба и нашето ценење за нашите духовни браќа и сестри би можеле да нѐ залулкаат да размислуваме дека никогаш не би можеле да го напуштиме патот на вистината. Можно е многумина во ефеското собрание да се чувствувале така.
Околу 96 н. е. Исус им го дал следниов совет: „Сум против тебе, зашто ја остави својата прва љубов“ (Откровение 2:4). Овие христијани кои служеле долго, поднеле многу тешкотии (Откровение 2:2, 3). Биле поучувани од верни старешини, вклучувајќи го и апостол Павле (Дела 20:17—21, 27). Меѓутоа, низ годините, нивната љубов кон Јехова опаднала и тие го изгубиле својот духовен замав (Откровение 2:5).
Веројатно, врз некои од ефесјаните влијаеле комерцијализмот и просперитетот во градот. За жал, материјалистичкото струење на денешново општество исто така однело со себе некои христијани. Одлучното стремење по удобен начин на живот неизбежно ќе нѐ одврати од духовните цели. (Спореди Матеј 6:24.)
Предупредувајќи за оваа опасност, Исус рекол: „Светило за телото е окото. И така, ако твоето око биде чисто [едноставно, НС] и целото твое тело ќе биде светло; ако, пак, твоето око биде лошо [,завидливо‘, фуснота НС], целото тело ќе ти биде темно“ (Матеј 6:22, 23). „Едноставно“ око е око кое во духовен поглед е во фокусот, око кое е фиксирано на Божјето Царство. Од друга страна, пак, „лошо“ или „завидливо“ око е кусогледо, способно да се фокусира само на непосредни телесни желби. Духовните цели и идните награди лежат вон неговиот видокруг.
Во претходниот стих Исус рекол: „Каде што е богатството ваше, таму ќе биде и срцето ваше“ (Матеј 6:21). Како можеме да знаеме дали нашето срце е сосредоточено на духовни или на материјални работи? Можеби најдобриот водич е нашиот разговор, бидејќи „од преполнето срце зборува устата“ (Лука 6:45). Доколку увидиме дека постојано зборуваме за материјални работи или за световните достигнувања, тоа е доказ дека нашето срце е поделено и дека нашата духовна визија е дефектна.
Кармен, една шпанска сестра, се борела со тој проблем.a „Бев порасната во вистината“, објаснува Кармен, „но на 18-годишна возраст започнав сопствен бизнис со детска градинка. После три години имав четири вработени, бизнисот цветаше, а јас заработував многу пари. Но, она што можеби најмногу ме задоволуваше, беше фактот што имав финансиска независност и бев ‚успешна‘. Да бидам искрена, моето срце беше во мојот бизнис — тоа беше мојата најголема љубов.
Мислев дека би можела сѐ уште да бидам Сведок додека најмногу од моето време посветував на интересите на бизнисот. Од друга страна, пак, имав и чувство кое постојано ме мачеше дека би можела да сторам повеќе за да му служам на Јехова. Она што на крај ме наговори да ги ставам интересите на Царството на прво место беше примерот на две пријателки кои беа пионерки. Едната од нив, Хулијана, беше во моето собрание. Таа не вршеше притисок на мене да пионерам, но нејзините разговори и радоста која таа јасно ја извлекуваше од нејзината служба ми помогнаа повторно да размислам за моите сопствени духовни вредности.
После некое време, додека бев на одмор во Соединетите Држави, престојував кај Глорија, една сестра пионерка. Таа од неодамна беше вдовица и се грижеше за нејзината петгодишна ќерка и за мајка ѝ која имаше рак. Сепак, пионереше. Нејзиниот пример и искрено ценење кон службата го трогнаа моето срце. Четирите кратки дена кои ги поминав во нејзиниот дом ме направија одлучна да му го дадам на Јехова најдоброто од мене. Првин станав општ пионер, а по неколку години мојот сопруг и јас бевме поканети да служиме во Бетел. Се опростив од мојот бизнис — препрека за мојот духовен напредок — и сега чувствувам дека мојот живот е успешен во Јеховини очи, нешто што навистина е важно“ (Лука 14:33).
Учењето да ‚се увериме во поважните работи‘, како што сторила Кармен, ќе ни помогне да донесуваме здрави одлуки во поглед на нашето вработување, образование, живеалиште и начин на живот (Филипјаните 1:10, НС). Но, дали се уверуваме во поважните работи кога станува збор и за рекреацијата? Тоа е едно друго подрачје каде што духот на светот врши огромно влијание.
Задржи го слободното време на неговото исправно место
Духот на светот препредено ја искористува природната желба на луѓето за одмор и слободно време. Бидејќи повеќето луѓе немаат вистинска надеж за иднината, разбирливо е што бараат да ја исполнат сегашноста со забава и релаксација. (Спореди Исаија 22:13; 1. Коринтјаните 15:32.) Дали увидуваме дека му придаваме сѐ поголема важност на слободното време? Тоа би можело да биде знак дека световниот начин на размислување го обликува нашето гледиште.
Библијата предупредува: „Кој сака веселби [„забава“, Lamsa] ќе осиромаши“ (Изреки 21:17). Човек да се забавува не е погрешно, но да го сака тоа или да му придава првенствена важност, ќе го води до духовно осиромашување. Нашиот духовен апетит неизбежно ќе ослабне и ќе имаме на располагање помалку време за проповедање на добрата вест.
Од таа причина, Божјата Реч нѐ советува да „бидеме ментално соблечени за акција, со совршено самосовладување“ (1. Петрово 1:13, The New English Bible). Самосовладувањето е потребно за да го ограничи нашето слободно време на она што е разумно. Да се биде соблечен за акција значи да се биде спремен за духовна активност, без разлика дали тоа е проучување, состаноци или служба на теренот.
А што е со потребниот одмор? Треба ли да се чувствуваме виновни кога земаме слободно време за да се релаксираме? Во никој случај. Одморот е неопходен, особено во денешниот свет полн со стресови. Сепак, како предадени христијани не можеме да дозволиме нашиот живот да се сосредоточува околу слободното време. Премногу слободно време може да нѐ залулка да вршиме помалку и помалку значајна активност. Тоа може да го намали нашето чувство на итност и може дури и да охрабри на претерана самодопустливост. Тогаш, како можеме да имаме урамнотежено гледиште кон одморот?
Библијата препорачува да се земе малку одмор наместо претерано да се мачиме — особено ако световната работа не е потребна (Проповедник 4:6, НС). Иако одморот му помага на нашето тело повторно да собере сила, изворот на духовната енергија е Божјата активна сила (Исаија 40:29—31). Тој свет дух го добиваме во поврзаност со нашите христијански активности. Личната студија го храни нашето срце и ги стимулира исправните желби. Присуството на состаноците негува ценење кон нашиот Творец. Учеството во христијанската служба потхранува чувства кон другите (1. Коринтјаните 9:22, 23). Како што Павле реалистично објаснил, „надворешниот човек навистина страда и се кине, но секој ден внатрешниот човек добива свежа сила“ (2. Коринтјаните 4:16, Phillips).
Илеана, мајка на шест деца и сопруга на маж кој не е соверник, води еден многу исполнет живот. Таа има одговорности кон сопственото семејство и неколку други роднини, што значи дека изгледа како секогаш да брза насекаде. Сепак, таа дава и пример вреден за внимание во проповедањето и во подготовката за состаноци. Како може да се справи со толку многу активности?
„Состаноците и службата на теренот навистина ми помагаат да излезам накрај со другите мои одговорности“, објаснува Илеана. „На пример, после проповедањето имам изобилство работи за кои можам да размислувам додека ја вршам мојата домашна работа. Честопати пеам додека го правам тоа. Од друга страна, пак, доколку пропуштам некој состанок или сум сторила малку во службата на теренот, домашните работи стануваат вистински напор.“
Каков контраст во однос на претераната важност која му се придава на слободното време!
Духовната убавина му е угодна на Јехова
Живееме во свет кој сѐ повеќе е обземен со физичкиот изглед. Луѓето трошат огромна сума на третмани наменети за да го подобрат нивниот изглед и да ги намалат ефектите од стареењето. Тоа вклучува пресадување и фарбање коса, имплантирање дојки, како и козметичка хирургија. Милиони посетуваат центри за намалување на тежината, фискултурни сали и класови за аеробик или купуваат видеокасети за вежбање и книги за диета. Светот би сакал да веруваме дека пасошот за среќата е нашиот физички изглед — дека нашиот „имиџ“ е сѐ.
Во Соединетите Држави, една анкета цитирана во списанието Newsweek открила дека 90 проценти од американските тинејџери белци биле „незадоволни со своето тело“. Очајната потрага по идеална фигура може да влијае врз нашата духовност. Дора била млад Сведок на Јехова која се чувствувала засрамено поради нејзиниот физички изглед бидејќи имала малку поголема тежина. „Кога одев да купувам, беше тешко да најдам погодна облека од мојот број“, објаснува таа. „Се чинеше дека елегантната облека е направена само за слаби тинејџери. Што е уште полошо, луѓето даваа потценувачки коментари за мојата тежина, што многу ме вознемируваше, особено кога тие ќе дојдеа од моите духовни браќа и сестри.
Како последица на тоа, станував сѐ повеќе и повеќе обземена со мојот изглед, до тој степен што духовните вредности почнаа да заземаат второ место во мојот живот. Беше како мојата среќа да зависеше од мојот струк. Поминаа неколку години и сега кога созреав како жена и како христијанка, работите ги гледам поинаку. Иако водам сметка за мојот изглед, увидувам дека најважна е духовната убавина и дека тоа е она што ми дава најголемо задоволство. Штом го разбрав тоа, можев да ги ставам интересите на Царството на нивното исправно место.“
Сара била верна жена од дамнина, која го имала тоа урамнотежено гледиште. Иако Библијата зборува за нејзината физичка убавина кога била на преку 60-годишна возраст, таа свртува внимание главно на нејзините добри особини — тајната личност на срцето (1. Мојсеева 12:11; 1. Петрово 3:4—6). Таа покажувала благ и кроток дух, и покорно го слушала својот сопруг. Сара не била претерано загрижена за тоа како ја гледале другите. Иако таа дошла од една богата позадина, спремно живеела во шатори повеќе од 60 години. Кротко и несебично го поддржувала својот сопруг; таа била жена од вера. Тоа е она што ја направило вистински убава жена (Изреки 31:30; Евреите 11:11).
Како христијани, ние сме заинтересирани за подобрување на нашата духовна убавина, убавина која, ако редовно се негува, ќе се зголеми и ќе истрае (Колосјаните 1:9, 10). Можеме да се грижиме за својот духовен изглед на два главни начина.
Стануваме поубави во Јеховини очи додека учествуваме во нашата животоспасувачка служба (Исаија 52:7; 2. Коринтјаните 3:18—4:2). Понатаму, како што учиме да ги манифестираме христијанските особини, нашата убавина се продлабочува. Приликите за подобрување на нашата духовна убавина изобилуваат: „Еден спрема друг бидете љубезни . . . натпреварувајте се во почитувањето еден кон друг . . . духот да ви биде пламенен . . . трудете се да бидете гостопримливи . . . Радувајте се со радосните, и плачете со расплаканите . . . никому не враќајте зло за зло . . . бидете во мир со сите луѓе“ (Римјаните 12:10—18). Негувајќи такви ставови ќе му станеме мили и на Бог и на луѓето, а тоа ќе го минимизира грдиот изглед на нашите наследни грешни склоности (Галатјаните 5:22, 23; 2. Петрово 1:5—8).
Можеме да се бориме против светскиот дух!
На толку многу префинети начини, отровниот дух од светот може да го ослабне нашиот интегритет. Може да нѐ направи незадоволни од она што го имаме и тегобно загрижени да ги ставаме сопствените потреби и интереси пред Божјите. Или може да нѐ доведе да размислуваме со човечки мисли наместо со Божји, придавајќи му на слободното време или на физичкиот изглед претерана важност. (Спореди Матеј 16:21—23.)
Сатана е одлучен да ја уништи нашата духовност, а духот на светот е едно од неговите главни оружја. Запомни дека Ѓаволот може да ги промени своите тактики — од лав што рика па сѐ до претпазлива змија (1. Мојсеева 3:1; 1. Петрово 5:8). Повремено, светот победува некој христијанин преку брутално прогонство, но почесто го труе полека. Павле бил позагрижен за последнава опасност: „Се плашам, да не би како што змијата со своето лукавство ја измами Ева, така и вашите мисли да се одвратат поради вашата простота во Христа“ (2. Коринтјаните 11:3).
За да се заштитиме од лукавството на змијата, треба да ја идентификуваме пропагандата која „потекнува од светот“ и потоа цврсто да ја отфрлиме (1. Јованово 2:16, НС). Не смееме да бидеме измамени да веруваме дека световниот начин на размислување е безопасен. Отровниот воздух на сатанскиот систем достигнал алармантни нивоа (Ефесјаните 2:2).
Штом го идентификуваме световното размислување, можеме да се бориме против него, со тоа што ќе ги исполнуваме нашите умови и срца со Јеховината чиста поука. Слично на цар Давид, да кажеме: „Покажи ми ги, Господи, патиштата Твои и научи ме да врвам по патеките Твои. Упати ме кон Твојата вистина и научи ме, зашто Ти си Бог на моето спасение“ (Псалм 24:4, 5).
[Фуснота]
a Употребени се изменети имиња.
[Слика на страница 26]
Стремењето по удобен начин на живот може да нѐ одврати од духовните цели