Благодарна за долгиот живот во Јеховината служба
РАСКАЖАЛА ОТИЛИЈА МИДЛЕНД
Кон крајот на 19 век, едрениците лежеа еден до друг во пристаништето Копервик во западна Норвешка. Во тие денови, мажите и коњите влечеа запрежни коли по улиците. Луѓето користеа ламби на газија за светлина, а бело бојадисаните дрвени куќи беа загревани на дрво и кокс. Родена сум таму во јуни 1898, како второ од пет деца.
ВО 1905, тате беше невработен, па затоа замина во Соединетите Држави. Се врати по три години со еден куфер наполнет со восхитувачки подароци за децата и свилени ткаенини и други предмети за мама. Но, неговите најскапоцени поседи беа томовите од Чарлс Тејз Расел, со наслов Studies in the Scriptures.
Тато почна на пријателите и на роднините да им кажува работи што ги научил од овие книги. На состаноците во локалната капела, тој ја користеше Библијата за да покаже дека не постои огнен пекол (Проповедник 9:5, 10). Во 1909, годината после враќањето на тате од Соединетите Држави, брат Расел ја посети Норвешка и одржа говори во Берген и во Кристијанија, сега Осло. Тате отиде во Берген за да го слуша.
Повеќето луѓе го обвинуваа тате за промовирање лажни учења. Јас го сожалував и му помагав во делењето библиски трактати на соседите. Во 1912, ѝ дадов еден трактат за пеколот на ќерката на еден свештеник. Таа нѐ наклевети мене и тате. Бев вчудовидена што ќерката на еден свештеник можеше да употреби таков поган говор!
И други Библиски студенти, како што тогаш беа наречени Јеховините сведоци, повремено нѐ посетуваа во Копервик, вклучувајќи го и Теодор Симонсен, еден способен говорник. Јас ги канев луѓето на говорите што тој ги држеше во нашиот дом. Пред својот говор свиреше на цитра и пееше, а после својот говор пееше песна за добра ноќ. Имавме длабока почит кон него.
Еден друг посетител во нашиот дом беше Ана Андерсен, една колпортерка, односно полновремена министерка. Таа патуваше од град до град низ цела Норвешка, главно со велосипед, врачувајќи им библиска литература на луѓето. Таа некогаш била офицер во Армијата на спасот и познаваше некои офицери од Армијата на спасот во Копервик. Тие ѝ дозволија да одржи библиски говор во нивната куќа за состанување, а јас ги поканив луѓето да дојдат и да ја слушаат.
Еден друг колпортер кој нѐ посетуваше во Копервик беше Карл Гунберг. Овој скромен, тивок, но хумористичен човек периодично служеше и како преведувач во канцеларијата на подружницата во Осло. Со години подоцна, таму работевме заедно.
Под влијание на религиозните гледишта
Во тоа време, повеќето луѓе не само што имаа цврста вера во Бог и во Библијата туку и вкоренети верувања, како на пример во пеколен оган и во тројство. Затоа, се создаде прилична возбуденост кога Библиските студенти учеа дека овие доктрини не се во согласност со Библијата. Јас бев под влијание на острите обвиненија на нашите соседи дека тате е еретик. Еднаш дури му реков: „Тоа што ти го поучуваш не е вистина. Тоа е ерес!“
„Дојди овде, Отилија“ — ме охрабри тој — „и види што вели Библијата.“ Потоа ми прочита од Писмото. Како резултат на тоа, порасна мојата доверба во него и во она што тој го поучуваше. Тој ме охрабри да ги читам Studies in the Scriptures, па така во текот на летото 1914 честопати седев и читав на едно ритче од кое се гледаше градот.
Во август 1914, луѓето се собраа пред зградата на локалниот весник, читајќи за избувнувањето на I светска војна. Се појави тате и виде што се случува. „Фала Богу!“ — извика тој. Во избувнувањето на војната тој го препозна исполнувањето на библиските пророштва за кои тој проповедаше (Матеј 24:7). Многу Библиски студенти тогаш веруваа дека наскоро ќе бидат земени на небо. Кога ова не се случи, некои се разочараа.
Мојот став за библиската вистина
Во 1915, на 17-годишна возраст, завршив средно училиште и почнав да работам световна работа во една канцеларија. Тогаш почнав редовно да ја читам Стражарска кула. Но, дури од 1918 почнаа да се одржуваат редовни состаноци во Копервик. На почетокот, нѐ имаше петмина кои присуствувавме. Ги читавме публикациите на Watch Tower Society, како што се Studies in the Scriptures и дискутиравме за материјалот со помош на прашања и одговори. Иако мама пред другите високо се изразуваше за Библиските студенти, таа никогаш не стана една од нас.
Во канцеларијата каде што работев, почнувајќи од 1918, се запознав со Антон Салтнес, кому можев да му помогнам да стане Библиски студент. Во ова време станав редовна објавителка и се крстив на еден собир во Берген во 1921.
Во мај 1925, во Еребру (Шведска) имаше конгрес за цела Скандинавија. Беа присутни преку 500 лица, вклучувајќи го и Џозеф Ф. Ратерфорд, претседателот на Watch Tower Society. Околу 30 од нас патувавме од Осло со воз во еден резервиран вагон.
На овој собир беше известено дека во Копенхаген (Данска) ќе биде отворена северноевропска канцеларија за да се грижи за проповедничкото дело ширум Скандинавија и за балтичките земји. Вилијам Деј од Шкотска беше доделен да го надгледува проповедничкото дело. Тој беше многу омилен, и набргу стана познат како Големиот Шкотланѓанец. Во почетокот, брат Деј немаше познавање на ниеден скандинавски јазик, па за време на состаноците и собирите ќе седеше одзади и ќе се грижеше за децата за да можат нивните родители да се сконцентрираат на она што се кажуваше од бината.
Стражарска кула од 1 март 1925 дискутираше за Откровение, поглавје 12, и објасни дека ова поглавје се однесува на раѓањето на Божјето Царство и дека ова раѓање се случило на небото во 1914. Ми беше тешко да го разберам тоа, па затоа статијата ја препрочитував секогаш одново. Кога најпосле ја разбрав, се чувствував многу среќна.
Кога беа направени преиначувања во нашето разбирање на библиските теми, некои се спрепнаа и се повлекоа од Божјиот народ. Но, кога беше тешко да се сфати едно такво преиначување, секогаш одново го препрочитував материјалот за да се обидам да го разберам резонирањето. Ако сѐ уште не го имав разбрано новото објаснување, чекав појаснување. Секогаш одново бев наградувана поради таквата стрпливост.
Служба во Бетел
Неколку години работев како книговодителка, секретарка и окружен ревизор. Во 1928, лицето кое се грижеше за финансиските сметки на Заедницата, се разболе и мораше да го напушти Бетелот. Поради тоа што имав искуство со таква работа, бев замолена да ја преземам. Со бетелска служба почнав во јуни 1928. Понекогаш, брат Деј нѐ посетуваше и ги прегледуваше моите сметки. Нашата бетелска фамилија, исто така, го преземаше водството во јавното проповедничко дело во Осло, каде што тогаш имавме само едно собрание.
Некои од нас му помагаа на брат Саксхамер, слугата за испраќање во Бетелот, околу пакувањето и испорачувањето на The Golden Age (сега Разбудете се!). Браќата Симонсен и Гунберг беа едни од оние кои ни помагаа. Поминувавме пријатни моменти, честопати пеејќи песни додека работевме.
Уверени во надежта за Царството
Во 1935, разбравме дека „големото мноштво“ не била второстепена небесна класа. Место тоа, дознавме дека тоа претставува класа што ја преживува големата неволја и ја има приликата да живее засекогаш во рајот на Земјата (Откровение 7:9—14). Со ова ново разбирање, некои кои земаа од симболите на Меморијалот, сфатија дека нивната надеж е земна, па престанаа да земаат.
Иако никогаш не сум имала сомневања околу мојата небесна надеж, честопати си мислев: ‚Зошто Бог ме сака мене?‘ Се чувствував недостојна за една таква голема предност. Како малечка, срамежлива жена, ми беше чудно за себеси да мислам како за цар кој владее со Христос на небото (2. Тимотеј 2:11, 12; Откровение 5:10, НС). Меѓутоа, размислував за зборовите на апостол Павле дека „не мнозина силни“ се повикани, туку „Бог го избра она, што е слабо во овој свет, за да ги посрами силните“ (1. Коринтјаните 1:26, 27).
Активност за време на II светска војна
На 9 април 1940, Норвешка беше нападната од германски трупи, и набрзо земјата беше окупирана. Како последица од војната, мнозина станаа приемчиви за пораката на Царството. Од октомври 1940 до јуни 1941, врачивме повеќе од 272.000 книги и џебни брошури. Тоа значи дека во текот на тие девет месеци секој од над 470-те Сведоци кои беа тогаш во Норвешка, во просек врачил по 570 книги и џебни брошури!
На 8 јули 1941, Гестапо ги посети сите претседавачки надгледници и им кажа дека, ако проповедничкото дело не запре, тие ќе бидат испратени во концентрациони логори. Петмина германски полициски офицери дојдоа во Бетелот и конфискуваа голем дел од имотот на Watch Tower Society. Бетелската фамилија беше одведена и сослушувана, но никој од нас не беше затворен. Најпосле, на 21 јули 1941, зградата на Заедницата, Инкогнитогатен 28 б, беше конфискувана, а нашето проповедничко дело беше забрането. Јас се преселив назад во Копервик каде што добив световна работа за да се издржувам.
Во тоа време, тате служеше како пионер. Еден ден, нацистите дојдоа и ја пребараа куќата на тате. Му ја зедоа сета литература, вклучувајќи ги и неговите Библии и библиски конкорданци. Во текот на овој период, добивавме само една бедна залиха од духовна храна. За да останеме цврсти во духовен поглед, секогаш одново ги проучувавме старите книги, како што е книгата Government, и продолживме да проповедаме.
За жал, на многу места браќата беа поделени. Некои беа на мислење дека треба отворено да проповедаме и да одиме од куќа до куќа додека, пак, други мислеа дека треба да работиме поскришно, контактирајќи со луѓето на други начини. На тој начин, угледни браќа, кои пред тоа многу добро соработуваа и кои многу ги сакавме, не зборуваа меѓу себе. Поделбата меѓу нив ми предизвика поголема болка во срцето од која и да е друга ситуација во мојот живот како Сведок.
Обновена активност после војната
После војната, летото 1945, брат Деј ја посети Норвешка и одржа состаноци во Осло, Скиен и Берген. Тој апелираше браќата да ги закопаат секирите и ги замоли да станат сите оние кои посакуваа да го сторат тоа. Сите станаа на нозе! Спорот беше трајно решен во декември 1945, после една посета од брат Натан Х. Нор, тогашниот претседател на Watch Tower Society.
Во меѓувреме, на 17 јули 1945, добив телеграма од слугата на подружницата, брат Енок Еман, која гласеше: ‚Кога можеш да се вратиш во Бетелот?‘ Некои рекоа дека треба да останам дома и да се грижам за татко ми, кој тогаш имаше преку 70 години. Но, тате ме охрабри да ѝ се вратам повторно на бетелската служба, кое и го сторив. Во 1946, Марвин Ф. Андерсон, еден брат од Соединетите Држави, стана наш надгледник на подружницата, и така проповедничкото дело беше реорганизирано.
Во текот на летните одмори се враќав во Копервик за да го видам моето семејство. Моите двајца браќа и двете сестри не станаа Сведоци, но секогаш беа пријателски настроени спрема тате и мене. Едниот брат стана пристанишен капетан и капетан на брод, а другиот беше наставник. Иако јас имав малку во материјален поглед, тате ќе им речеше: „Отилија е побогата од вас“. И тоа беше точно! Она што тие го имаа не можеше да се спореди со духовното богатство што го уживав јас! Тато умре на возраст од 78 години во 1951. Мама премина во 1928.
Една врвна точка во мојот живот беше присуствувањето на меѓународниот конгрес на Јеховиниот народ во Њујорк Сити во 1953. Таа година, светското поле ја премина бројката од 500.000 објавители, а на конгресот присуствуваа преку 165.000! Пред конгресот во 1953, една седмица работев во бруклинскиот Бетел, главното седиште на Јеховината организација на Земјата.
Правам што можам
Во последниве години, видот ми се влоши поради катаракт. Со помош на јаки очила и со лупа, сѐ уште можам по малку да читам крупен печат. А христијанските сестри ме посетуваат и ми читаат двапати седмично, за што сум многу благодарна.
Мојата проповедничка активност исто така е ограничена. Во текот на летото, христијанските сестри повремено ме изведуваат со мојата инвалидска количка на некое место каде што можам малку да проповедам. Исто така, редовно испраќам списанија и брошури до училиштата во Копервик, како што е основното училиште во кое бев ученичка пред речиси 100 години. Драго ми е што сѐ уште можам да бидам редовен објавител.
За среќа, трпезаријата и Салата на Царството се на истиот спрат со мојата соба во Бетелот, кој од 1983 е сместен на Итре Енебак, надвор од Осло. Така сум во можност со помош на одалка да доаѓам на утринското обожавање, на оброците, како и на нашите состаноци. И среќна сум што уште можам да одам на конгреси и на собири. Уживам да се среќавам со пријателите кои ги знам долги години, како и со новите браќа и сестри и многуте мили деца.
Задржување на верата до крајот
Благослов е да се биде опкружен со активен, пријатен и духовен народ овде во Бетелот. Кога започнав со мојата бетелска служба, целото семејство беше составено од оние кои имаа небесна надеж (Филипјаните 3:14). Сега, секој во Бетелот, освен мене, радосно исчекува да живее засекогаш на Земјата.
Вистина, очекувавме дека Јехова ќе преземе акција порано. Па сепак, се радувам што гледам како големото мноштво се зголемува сѐ повеќе и повеќе. Колкав само пораст видов! Кога првпат се зафатив со службата, имаше околу 5.000 објавители ширум светот. Сега има преку 5.400.000! Навистина, видов како ‚малиот се намножува во илјади, и најслабиот — во силен народ‘ (Исаија 60:22). Треба да бидеме во исчекување на Јехова, како што напишал пророкот Авакум: „Дури и ако се задржи, исчекувај ја; зашто сигурно ќе се обистини“ (Авакум 2:3, НС).