,Трчајте за да ја освоите наградата‘
„Трчајте така за да ја освоите [наградата]“ (1. КОР. 9:24)
1, 2. а) На кој начин Павле ги охрабрил еврејските христијани? б) Каков совет им дал тој на Божјите слуги?
ВО СВОЕТО послание до Евреите, апостол Павле употребил една силна споредба за да ги охрабри сохристијаните. Тој ги потсетил дека не се сами во трката за живот. Околу нив имало „голем облак од сведоци“ кои веќе ја завршиле трката. Ако размислувале за верните дела и за трудот што го вложиле овие сведоци, еврејските христијани ќе биле поттикнати да продолжат да трчаат и да не се откажуваат.
2 Во претходната статија, го разгледавме животот на некои од тие верни слуги на Јехова. Нивната непоколеблива вера им помогнала да му останат лојални на Бог, и да ја истрчаат трката до крај. Што можеме да научиме од нив? Како што видовме во таа статија, Павле им го дал следниов совет на своите соверници, кој важи и за нас: „Да го симнеме и ние секој товар и гревот, кој лесно може да нѐ намами во замка, и со истрајност да ја трчаме трката што е пред нас“ (Евр. 12:1).
3. Што можат да научат христијаните од она што го кажал Павле во врска со натпреварувачите во грчките трки?
3 Во врска со трките, кои биле многу популарни во тоа време, една книга вели дека „Грците вежбале и се натпреварувале голи“ (Backgrounds of Early Christianity — Светот во времето на првите христијани).a На тој начин се ослободувале од секаков додатен товар што би можел да ги забави. Иако денес вакво нешто е неприфатливо, тие трчале без никаква облека затоа што не сакале ништо да ги спречи да ја освојат наградата. Според тоа, Павле сакал да каже дека ние, како симболични тркачи, мора да го отстраниме сето она што би можело да нѐ спречи да ја освоиме наградата во трката за живот. Ова бил добар совет за тогашните христијани, но и за нас денес. Кои „товари“ би можеле да нѐ спречат да ја освоиме наградата во оваа симболична трка?
‚Да го симнеме секој товар‘
4. Со што биле зафатени луѓето во времето на Ное?
4 Павле нѐ советува да го ‚симнеме секој товар‘, односно сето она што би можело да ни го одвлече вниманието од трката или да нѐ спречи да даваме сѐ од себе додека трчаме. Кои работи би можеле да ни бидат товар? Во врска со времето на Ное — еден од Божјите слуги што ги спомнал Павле — Исус рекол: „Како што беше во деновите на Ное така ќе биде и во деновите на Синот човечки“ (Лука 17:26). Исус овде не зборувал главно за уништувањето што треба да дојде туку го споредил животот на луѓето во тоа време со начинот на кој ќе живеат луѓето денес. (Прочитај Матеј 24:37-39.) Повеќето од оние што живееле во деновите на Ное не се интересирале за Бог и не им паѓало на ум да му угодат. Со што биле зафатени? Со секојдневни работи — јадење, пиење, мажење и женење. Исус кажал што бил главниот проблем со нив: тие ‚не обрнувале внимание‘.
5. Што може да ни помогне да ја истрчаме трката до крај?
5 Исто како Ное и неговото семејство, и ние сме зафатени секој ден. Треба да се издржуваме и да се грижиме за себе и за своето семејство. Најверојатно на ова трошиме многу време, сила и средства. Особено во услови на економска криза, лесно е човек да почне претерано да се грижи за основните потреби. Како крстени христијани, имаме и важни теократски одговорности. Проповедаме, се подготвуваме и одиме на христијанските состаноци, и ја проучуваме Библијата како поединци и со нашето семејство. Иако Ное имал многу обврски додека му служел на Бог, за него се вели дека направил сѐ „токму така“ како што барал Јехова (1. Мој. 6:22). Ако сакаме да ја истрчаме христијанската трка до крај, мора да го сведеме товарот што го носиме на минимум, а и да не си ставаме непотребни товари.
6, 7. Кој совет од Исус треба да го имаме на ум?
6 Што сакал да каже Павле кога рекол да го симнеме „секој товар“? Се разбира, не можеме потполно да се ослободиме од сите наши обврски. Но, имај го на ум следниов совет на Исус: „Немојте да бидете загрижени и да велите: ‚Што ќе јадеме?‘ — или: ‚Што ќе пиеме?‘ — или: ‚Што ќе облечеме?‘ Зашто, со сето ова се преокупирани луѓето од светот. А вашиот небесен Татко знае дека ви е потребно сето тоа“ (Мат. 6:31, 32). Од овие стихови се гледа дека дури и најобичните работи, како што се храната и облеката, би можеле да ни станат товар или пречка ако им придаваме преголема важност.
7 Забележи дека Исус рекол: „Вашиот небесен Татко знае дека ви е потребно сето тоа“. Тој сакал да каже дека нашиот небесен Татко, Јехова, ќе се погрижи за нашите потреби. Се разбира, ова не значи дека ќе ги исполни сите наши желби. Сепак, Исус ни вели да не бидеме загрижени за работите со кои „се преокупирани луѓето од светот“ бидејќи така би биле слични на нив. Зошто е опасно да бидеме претерано загрижени за нашите потреби? Исус рекол: „Внимавајте на себе вашите срца да не бидат оптоварени со прекумерно јадење и со опивање и да не се оптоварат со животните грижи, па тој ден да ве затече и да ве изненади како замка“ (Лука 21:34, 35).
8. Зошто особено сега е време да ‚го симнеме секој товар‘?
8 Веќе сме пред самиот крај на нашата трка. Колку жално би било да си наметнеме непотребни товари кои би можеле да нѐ спречат да ја завршиме трката сега кога сме толку близу до целта! Затоа, советот што го содржи следнава изјава на апостол Павле е навистина мудар: „Оддаденоста на Бог е извор на голема добивка, кога човек е задоволен со она што го има“ (1. Тим. 6:6). Ако ги земеме присрце овие зборови на Павле, ќе ни биде многу полесно да ја завршиме трката и да ја освоиме наградата.
„Гревот, кој лесно може да нѐ намами во замка“
9, 10. а) Што е ‚гревот кој лесно може да нѐ намами во замка‘? б) Како би можеле да се заплеткаме?
9 Павле спомнал дека треба да го симнеме и „гревот, кој лесно може да нѐ намами во замка“. Грчкиот збор што е преведен со ‚лесно може да намами во замка‘ се појавува само во овој стих во Библијата, и буквално значи „лесно заплеткува“. Изучувачот Алберт Барнс вели: „Еден тркач морал да внимава да не носи облека која можела лесно да му се заплетка околу нозете и да му го отежне трчањето. На сличен начин, и христијанинот треба да го отстрани сето она што би му отежнало да ја трча трката [за живот]“. Што би можело да нѐ заплетка, односно да ни ја ослабне верата?
10 Еден христијанин не може да ја изгуби верата прекуноќ. Ова обично се случува постепено и незабележливо. Во првиот дел од своето послание, Павле предупредил дека постои опасност некој да биде ‚одвлечен од верата‘ и ‚да развие злобно срце во кое нема вера‘ (Евр. 2:1; 3:12). Ако нозете на тркачот се заплеткаат во облеката, тој сигурно ќе падне. Затоа мора да пази во каква облека трча. Зошто некој не би обрнал внимание на оваа опасност? Можеби затоа што е немарен, претерано самоуверен или, пак, умот му е во нешто друго. Што учиме од советот на Павле?
11. Кои работи би можеле да ни ја ослабнат верата?
11 Не смееме да заборавиме дека губењето на верата е последица на она што некој можеби го правел веќе извесно време. Во врска со „гревот, кој лесно може да нѐ намами во замка“, еден друг изучувач објаснил дека нашите околности, луѓето со кои се дружиме, како и нашите погрешни желби можат да имаат силно влијание врз нас и да ја ослабнат нашата вера, па дури и да ја уништат (Мат. 13:3-9).
12. На кои предупредувања треба да обрнеме внимание ако не сакаме да ја изгубиме верата?
12 Низ годините, верниот и разборит роб постојано нѐ потсетува да внимаваме што гледаме и што слушаме, бидејќи тоа влијае врз нашите мисли и желби. Бевме предупредувани и да не трчаме по пари и по материјални работи. Ако се занесеме по забавата што ја нуди овој свет или, пак, сакаме да го купиме секој нов електронски уред, би можеле да заборавиме на поважните работи. Опасно е да мислиме дека таквите совети се премногу строги или дека важат само за другите, а не и за нас, како ние на некој начин да сме имуни на тие искушенија. Сатана ги користи размислувањето и желбите на светот за да нѐ наведе да ги игнорираме предупредувањата. Некои доживеале бродолом на верата затоа што биле немарни, претерано самоуверени или, пак, дозволиле да се преокупираат со работите од светот. Ако вакво нешто ни се случи и нам, би можеле да ја изгубиме наградата — вечниот живот (1. Јов. 2:15-17).
13. Како можеме да се заштитиме од лошите влијанија во сатанскиот свет?
13 Секој ден сме опкружени со луѓе кои ги шират ставовите, вредностите и целите на сатанскиот свет. (Прочитај Ефешаните 2:1, 2.) Но, лично ние одлучуваме во колкава мера тие ќе влијаат врз нас. „Воздухот“ за кој зборувал Павле е смртоносен, и поради тоа мора постојано да внимаваме да не нѐ задуши. Во спротивно, нема да стигнеме до целта. Што ќе ни помогне да продолжиме да трчаме? Примерот на Исус. Тој е најдобриот тркач што ја истрчал трката до крај, и ние треба да се угледаме на него (Евр. 12:2). Освен тоа, може да учиме и од апостол Павле. И тој ја истрчал христијанската трка и ги поттикнал своите браќа да го следат неговиот пример (1. Кор. 11:1; Фил. 3:14).
Како можеш ‚да ја освоиш‘ наградата?
14. Колку му било важно на Павле да ја истрча трката до крај?
14 Колку му било важно на Павле да ја истрча трката до крај? Кога последен пат зборувал со старешините од Ефес, тој рекол: „Ни најмалку не се грижам за својот живот, само сакам да ја довршам својата трка и службата што ја примив од Господарот Исус“ (Дела 20:24). Тој бил спремен да жртвува сѐ, дури и својот живот, за да ја заврши трката. Сметал дека сиот труд што го вложил за да ја проповеда добрата вест би бил залуден ако од некоја причина не успеел да стигне до целта. Сепак, не бил самоуверен и не мислел дека сигурно ќе победи. (Прочитај Филипјаните 3:12, 13.) Дури при крајот на својот живот можел да каже: „Добро се борев, трката ја истрчав до крај, верата ја зачував“ (2. Тим. 4:7).
15. Каков поттик им дал Павле на оние што трчале во трката заедно со него?
15 Освен тоа, Павле искрено сакал и неговите сохристијани да не се откажат и да ја завршат трката. На пример, тој ги поттикнал христијаните во Филипи да работат на своето спасение „цврсто држејќи се за речта на животот“. А потоа додал: „За да можам во Христовиот ден да се радувам што не сум трчал залудно, ниту сум се трудел залудно“ (Фил. 2:16). Затоа ги поттикнал и христијаните во Коринт со следниве зборови: „Трчајте така за да ја освоите [наградата]“ (1. Кор. 9:24).
16. Зошто треба постојано да ја имаме пред очи целта, односно наградата?
16 Во една долга трка како што е маратонот, целта во почетокот не се гледа. Сепак, тркачот постојано мисли на неа. А кога знае дека веќе е близу, тој е уште поодлучен да истрча до крај. Бидејќи учествуваме во слична трка, и ние мора постојано да ја имаме пред очи целта, односно наградата. Тоа ќе ни помогне да ја освоиме.
17. Како верата ни помага постојано да мислиме на наградата?
17 Павле напишал: „Верата е цврста увереност дека ќе се случи она на кое се надеваме, доказ за она што е вистинско, иако не се гледа“ (Евр. 11:1). Авраам и Сара биле спремни да го остават удобниот живот во Ур и да престојуваат како „туѓинци и привремени жители“ во Ханаан. Што им помогнало да го направат тоа? Тие ‚го виделе оддалеку‘ исполнувањето на Божјите ветувања. Мојсеј ги отфрлил „минливите грешни задоволства“ и ‚богатството од египетските ризници‘. Што му дало сила и вера да го стори тоа? Тој ‚го насочил погледот кон наградата‘ што требало да ја добие (Евр. 11:8-13, 24-26). Павле рекол дека овие Божји слуги постапиле „со вера“. Верата им помогнала да не мислат само на моменталните неволји и тешкотии, и да сфатат дека Бог им помага и дека неговите ветувања за иднината сигурно ќе се исполнат.
18. Кои чекори може да ги направиме за да го симнеме „гревот, кој лесно може да нѐ намами во замка“?
18 Ако размислуваме за верните мажи и жени спомнати во Евреите 11. поглавје и ако го следиме нивниот пример, ќе имаме поцврста вера и ќе можеме да го симнеме „гревот, кој лесно може да нѐ намами во замка“ (Евр. 12:1). Освен тоа, можеме „да размислуваме еден за друг за да се поттикнуваме кон љубов и кон добри дела“ така што се собираме заедно со луѓе кои исто така сакаат да ја зајакнат својата вера (Евр. 10:24).
19. Зошто денес е важно да продолжиме да ја трчаме трката?
19 Сега сме пред самиот крај на нашата трка и веќе можеме да ја видиме целта. Со вера и со Јеховина помош и ние ќе успееме ‚да го симнеме секој товар и гревот, кој лесно може да нѐ намами во замка‘. Навистина, можеме да трчаме за да ја освоиме наградата — благословите што ни ги ветил нашиот Бог и Татко, Јехова.
[Фуснота]
a Ова било неприфатливо за Евреите во старо време. Според апокрифната книга 2. Макавејска, многу Евреи се разгневиле кога отпадничкиот првосвештеник Јасон предложил во Ерусалим да се изгради фискултурна сала исто како што имале Грците (2. Мак. 4:7-17).
Се сеќаваш ли?
• Што значи да се симне „секој товар“?
• Зошто еден христијанин би можел да ја изгуби верата?
• Зошто мора постојано да мислиме на наградата?
[Слика на страница 23]
Што е ‚гревот кој лесно нѐ намамува во замка‘, и како може да ни ја отежне трката?