Поглавје 12
Повисок извор на мудрост
„Колку се многубројни делата Твои, Господи! Сѐ си направил премудро; земјата е полна со Твои созданија“ (Псалм 103:24). Да, од величественоста на неизмерниот универзум па до нежната убавина на цветот, созданието сведочи за неспоредливата мудрост на својот Создател. Технологијата на овој 20 век избледува во безначајност кога ќе се спореди со Божјите дела. Ако Библијата е Реч Божја, би очекувале таа да даде доказ за мудрост која е над човечките способности. Дали е така?
1. (Вклучи го и уводот.) а) Каде гледаме доказ за Божјата неспоредлива мудрост? б) Кој совет го дава Библијата во врска со мудроста?
БИБЛИЈАТА ја нагласува важноста на мудроста. Таа вели: „Главно е мудроста: придобивај мудрост и за сиот свој имот придобивај разумност“ (Изреки 4:7). Исто така, таа признава дека нам луѓето честопати ни недостига мудрост и затоа нѐ охрабрува: „Ако некому од вас не му достига мудрост, нека ја моли од Бога, Кој на сите им дава изобилно“ (Јаков 1:5).
2. Како може некој да ја зголеми својата мудрост?
2 На кој начин Бог ‚дава мудрост изобилно‘? Еден начин е преку тоа што нѐ охрабрува да ја читаме Библијата и да учиме од неа. Библиската книга Изреки поттикнува: „Синко, ако ги примиш зборовите на Моите заповеди и ги зачуваш во себеси, ако увото твое внимателно ја слуша мудроста . . . ќе го разбереш стравот Господов и ќе го најдеш знаењето за Бога. Зашто Господ дава мудрост“ (Изреки 2:1, 2, 5, 6). Кога го применуваме советот од Библијата и гледаме колку е делотворен, сфаќаме дека тој навистина претставува божествена мудрост.
Мудри изреки
3, 4. а) Што вели Библијата за ништожноста на љубовта кон парите? б) Каква добра урамнотеженост покажува Библијата кога нѐ советува за вредноста на парите?
3 За да го сфатиме ова подобро, да разгледаме неколку библиски стихови. Размисли за оваа мудра изрека: „Оние, што сакаат да се збогатат, паѓаат во искушение, во примки и во многу неразумни и штетни желби . . . Зашто коренот на сите зла е среброљубието“ (1. Тимотеј 6:9, 10). Спореди го ова со современото гледиште — барем во западното општество — кое ги охрабрува луѓето да тежнеат по пари како своја главна цел. За жал, многумина го стекнуваат богатството што го бараат, но и покрај тоа имаат чувство на празнина и незадоволство. Еден клинички психолог забележал: „Тоа што ќе станете човек бр. 1 и богат, не Ве прави да се чувствувате исполнет, задоволен, вистински почитуван или сакан“.1
4 Тоа не значи дека еден практичен човек треба потполно да им сврти грб на парите. Библијата покажува една извонредна урамнотежена мудрост кога вели: „Мудроста служи како заштита, исто како што и парите служат како заштита, но предноста на спознанието е во тоа што самата мудрост ги чува во живот оние што ја поседуваат“ (Проповедник 7:12, NW). Значи, Библијата ни помага да увидиме дека парите, иако се важни, не се и најважни. Тие се само средство за некоја цел и имаат ограничена вредност доколку немаме мудрост исправно да ги користиме.
5, 6. а) Зошто е мудар библискиот совет да избегнуваме лоши друштва? б) Како ни користи ‚одењето со мудрите‘?
5 Вистинита е и оваа библиска изјава: „Кој оди со мудри, ќе биде мудар, но кој се впушта со глупавите, лошо ќе помине“ (Изреки 13:20, NW). Дали некогаш си забележал колку силно влијание имаат врз нас оние со кои се дружиме? Притисокот од врсниците ги навел младите на пијанство, злоупотреба на дрога и неморал. Ако се мешаме со оние кои употребуваат нечист јазик, на крајот и ние ќе се најдеме како употребуваме нечист јазик. Дружењето со нечесните води кон тоа да нѐ направи и нас нечесни. Навистина, како што вели Библијата, „лошите друштва ги расипуваат корисните навики“ (1. Коринтјаните 15:33, NW).
6 Од друга страна, пак, добрите друштва можат да нѐ подобрат. Ако „одиме со мудрите“, и самите ќе станеме помудри. Добрите навики се пренесуваат исто како и лошите. Повторно, Библијата покажува мудрост со тоа што нѐ охрабрува внимателно да го избираме нашето друштво.
7. Што ја прави Библијата единствена како извор на совети?
7 Библијата има многу такви начела за да ни помогне давајќи ни водство во животот. Како извор на совети, таа е единствена. Нејзиниот совет секогаш е корисен. Тој никогаш не е само теорија и никогаш не е за наша штета. Широкиот опсег на библиски совети е неспоредлив. Оние кои ги применуваат во своите животи и гледаат како секогаш даваат резултати за нивно добро, почнале да ја ценат Библијата како единствен извор на мудрост.
Мудри начела
8. Како може Библијата да ни помогне дури и кога се соочуваме со некоја ситуација која не е конкретно спомната во неа?
8 Но, што ако се соочуваме со некоја ситуација која не е конкретно спомната во Библијата? Честопати наоѓаме опширни начела кои нѐ водат. На пример, кога и да е во животот, многумина се соочуваат со одлуката во врска со навиката да пушат тутун. Во Библијата не се спомнува тутунот затоа што во времето на Исус тој бил непознат на Средниот Исток. Меѓутоа, постојат соодветни библиски начела кои ни помагаат да донесеме мудра одлука во врска со оваа работа.
9-11. На кој начин библиските начела ни помагаат да дојдеме до мудра одлука во поглед на употребата на тутун, и како ни користи следењето на овие начела?
9 Иако пушењето тутун наводно причинува задоволство, тоа всушност вклучува вдишување на концентрирани загадувачи во белите дробови. Пушачот го загадува своето тело, својата облека и воздухот околу себе. Освен тоа, пушењето е зависност. Луѓето кои сакаат да престанат, честопати увидуваат дека тоа е многу тешко. Имајќи го ова на ум, можеме да побараме помош во Библијата за да дојдеме до мудар заклучок во врска со пушењето тутун.
10 Како прво, да го разгледаме проблемот на зависноста. Кога зборувал за храната, Павле рекол: „Ништо не сакам да завладее над мене“ (1. Коринтјаните 6:12). На Павле му било допуштено да јаде секаква храна, но тој знаел дека некои луѓе во тогашно време имале осетлива совест. Затоа рекол дека не е толку „зависен“ од извесна храна што не би можел да се откаже од неа ако треба, со цел да не ги спрепне другите. Ако едно лице не може да престане да пуши — или да џвака — тутун, тој дефинитивно е ‚завладеан‘ од него. Затоа, Павловата изјава во врска со храната е едно добро упатство за употребата на тутун. Не треба да допуштиме да станеме робови на некоја навика.
11 Второ, разгледај го проблемот со загадувањето. Библијата вели: „Да се исчистиме себеси од секаква валканост на телото и на духот“ (2. Коринтјаните 7:1, NW). Нема сомнение дека пушењето е валкање, односно загадување на телото. Сериозноста на ова загадување се гледа од фактот што, според Светската здравствена организација, секоја година тоа предизвикува предвремена смрт на повеќе од еден милион луѓе. Ако го следиме библиското начело да останеме чисти од валканостите на телото, ќе бидеме заштитени од сериозните здравствени опасности од пушењето, како и од дрогата и другите валканости.
Корисни зборови
12. Зошто библискиот совет секогаш е поврзан со нашата физичка и емоционална благосостојба?
12 Не треба да се изненадиме од тоа што следењето на библискиот совет ни користи во физички поглед. Библискиот совет доаѓа од Бог. Како наш Создател, тој има длабоко спознание за тоа како сме направени и што ни е потребно (Псалм 138:14—16). Неговиот совет секогаш е поврзан со нашата физичка и емоционална благосостојба.
13, 14. Зошто е мудар пат следењето на библискиот совет да не се кажуваат лаги?
13 Ова се гледа од советот да не кажуваме лаги. Лагите се наброени меѓу седумте работи кои Јехова ги мрази, а книгата Откровение ги вбројува лажливците меѓу оние за кои нема да има место во Божјиот нов свет (Изреки 6:19; Откровение 21:8). И покрај тоа, лажењето е раширено насекаде. Едно деловно списание забележува: „Во сета своја историја, САД го доживуваат најлошото избивање на измама, лага и слични злоупотреби“.2
14 Сепак, колку и да е вообичаено, лажењето е лошо како за општеството така и за поединецот. Колумнистот Клифорд Лонгли исправно забележува: „Лагите го повредуваат лажливецот и излажаниот до најдлабоката внатрешност на нивното битие, прекинувајќи ја онаа битна врска помеѓу мислите и реалноста“.3 The American Journal of Psychiatry наведува: „Психолошкиот удар врз лицата на кои им се упатени лагите може да биде разорен. Важни животни одлуки можеби се темелат на погрешни информации за кои се верувало дека се точни. Лагите може неповолно да се одразат и врз самите лажливци“.4 Колку само е подобро да се каже вистината, како што мудро советува Библијата!
15, 16. Во кој поглед ни користи следењето на библискиот совет да покажуваме љубов кон другите?
15 Во уште попозитивен правец, Библијата ни кажува дека треба да бидеме загрижени за другите, да покажуваме љубов кон нив и да им помагаме. Добро се познати Исусовите зборови: „Сѐ она што сакате да ви прават луѓето, правете им го и вие“ (Матеј 7:12).
16 Колку само би бил подобар светот кога секој би го следел ова правило! Освен тоа, според една психолошка студија спроведена во Соединетите Држави, луѓето би се чувствувале подобро. Оние 1.700 луѓе со кои била направена студијата изјавиле дека тоа што им помагале на другите им дало чувство на смиреност и олеснување на растројствата поврзани со стрес, како што е главоболката и губењето на гласот. Извештајот заклучува: „Значи, изгледа дека грижата за другите е исто толку дел од човечката природа колку што е и грижата за себе“.5 Ова нѐ потсетува на библиската заповед: „Возљуби го својот ближен како себеси!“ (Матеј 22:39; спореди Јован 13:34, 35). Природно е да се љубиме себеси. Но, Библијата вели дека, за да бидеме емоционално здрави, љубовта кон себеси треба да ја урамнотежиме со љубовта кон другите.
Брак и морал
17. Зошто библискиот совет понекогаш изгледа застарен?
17 Иако библискиот совет дава доказ за длабока мудрост, тој не го кажува секогаш она што луѓето сакаат да го чујат. Честопати, тој е обвинуван дека е застарен. Зошто? Затоа што, иако библискиот совет е за наше долгорочно добро, за неговата примена честопати е потребна дисциплина и самоодрекување — особини кои денес не се популарни.
18, 19. Кои се библиските мерила за бракот и за моралот?
18 Земи го за пример бракот и моралот. На ова поле мерилата на Библијата се многу строги. Таа пропишува моногамија, еден сопруг за една сопруга. И иако спомнува екстремни случаи каде што би бил можен развод или одвојување, општо земено, таа вели дека брачната врска е доживотна. „Не сте ли читале дека Оној што ги создаде во почетокот, ‚маж и жена ги создаде‘ и рече: ‚Затоа ќе остави човек татко и мајка и ќе се прилепи до жената своја и ќе бидат обата едно тело.‘ Па така, тие веќе не се двајца, а едно тело. А Бог што составил, човек да не разделува“ (Матеј 19:4—6; 1. Коринтјаните 7:12—15).
19 Освен тоа, Библијата вели дека единственото место за сексуална интимност е во рамките на брачната врска. Таа забранува секаков вид интимност надвор од бракот. Читаме: „Ниту блудниците, ниту идолопоклониците, ниту прељубодејците, ниту мажите кои се држат за неприродни цели, ниту мажите кои легнуваат со мажи . . . нема да го наследат Божјето Царство“ (1. Коринтјаните 6:9, 10).
20. Во кој поглед библиските мерила за моралот денес нашироко се игнорираат?
20 Денес, овие мерила нашироко се игнорираат. Професорот по социологија Дејвид Мејс забележува: „Во текот на овој век нашата култура претрпе опширни промени, а многу древни обичаи и институции беа потресени до своите темели. Бракот не беше исклучок“.6 Распуштените морални практики се вообичаени. Сексуалните односи помеѓу тинејџерските двојки кои се состануваат, честопати се сметаат за нормални. Заедничкото живеење пред бракот — ‚само за да бидат сигурни‘ — е често. А кога двојките ќе стапат во брак, вонбрачните сексуални афери не се невообичаени.
21. Кои се резултатите од распространетото игнорирање на библиските мерила за бракот и моралот?
21 Дали ваквата разлабавена морална клима донела среќа? Не, таа не донела ништо друго освен метеж — и тоа скапо платен метеж — од кој произлегле несреќа и распаднати домови. Има и пандемија од сексуално преносливи болести кои директно потекнуваат од лабавиот морал. Ширењето на гонореата, сифилисот и хламидијата, меѓу другите, е вон контрола. Во последниве години, проституцијата и хомосексуалните постапки го забрзаа ширењето на СИДА-та. Има епидемија од млади девојки кои имаат бебиња додека и тие самите штотуку престанале да бидат деца. Ladies’ Home Journal забележал: „Нагласокот врз сексот, кој беше обележје на шеесеттите и седумдесеттите, не му донесе на човекот бескрајна среќа, туку тешка мизерија“.7
22. Во поглед на моралот, што донесува најголема среќа?
22 Затоа, денес слушаме коментари како што е следниов коментар од професорот по социологија, Карлфред Б. Бродерик: „Можеби сме доволно возрасни за да процениме дали повеќе не би ни користело да унапредуваме предбрачна апстиненција како начин на постапување кој најмногу одговара на потребите на нашите граѓани и на нивното право на слобода: слобода од болести и слобода од несакана бременост“.8 Навистина, се покажало дека библиското мерило за морал, долгорочно гледано, донесува најголема среќа.
Начела кои навистина се делотворни
23. а) Ако бракот не е среќен, дали разводот е единственото можно решение? б) Кои се два клуча за еден среќен, стабилен брак?
23 Бидејќи бракот требало да трае цел живот, потребно е да знаеме како да го направиме успешен. Некои аргументирале дека е подобро да се излезе од еден брак кој не е среќен отколку да се остане во него и да се живее мизерно. Но, постои уште една алтернатива: да се работи на решавање на проблемите кои предизвикуваат да се биде несреќен. Ова е уште едно подрачје на кое Библијата помага. Веќе видовме како нѐ советува да му бидеме верни на својот брачен партнер, а тоа е еден клуч за среќен, стабилен брак. Друг клуч е да признаеме дека може да има само една глава во бракот, а Библијата вели дека тоа мора да биде сопругот. Сопругата е советувана да го поддржува својот сопруг и да не ја оспорува неговата положба. Од друга страна, пак, на мажот му е речено да ја користи својата положба за доброто на својата жена и да не биде себичен (1. Коринтјаните 11:3; 1. Тимотеј 2:11—14).
24, 25. Како Библијата ги охрабрува сопрузите и сопругите да ја исполнат својата исправна улога во бракот?
24 За сопругот Библијата вели: „Мажите се должни да ги сакаат жените свои како што ги сакаат своите тела; оти, кој ја сака жената своја, тој се сака и самиот себеси. Зашто никој никогаш не го намразил телото свое“ (Ефесјаните 5:28, 29). Сопругот кој е полн со љубов го спроведува својот авторитет на еден обѕирен начин. Има на ум дека, иако тој е главата, треба да ја зема предвид својата сопруга и да се консултира со неа. Бракот е партнерство, а не диктаторство.
25 Библискиот совет за сопругите ги вклучува овие зборови: „Жената треба да има длабоко почитување спрема својот маж“ (Ефесјаните 5:33, NW). Таа го почитува својот сопруг поради неговата положба, а доказ за нејзиното почитување ќе биде тоа што ќе го поддржува, исто како што доказ за љубовта на нејзиниот сопруг ќе биде тоа што ќе се грижи за неа. За многу луѓе со современ начин на размислување, ваквиот совет е неприфатлив. Но, партнерствата кои го темелат својот однос на љубов и почитување — како што советува Библијата — секогаш се среќни.
26. Дали библиските мерила за бракот навистина функционираат? Илустрирај.
26 Фактот што библискиот совет на ова подрачје навистина функционира се гледа од едно искуство од Јужните мориња. После десет години поминати заедно, една брачна двојка била уверена дека нивниот брак е промашен. Затоа, почнале да планираат да се одвојат. Тогаш сопругата разговарала со еден Јеховин сведок. Таа и Сведокот заеднички го проучиле библискиот совет за брачните двојки. Сопругот известува: „Додека мојата сопруга ги учеше библиските начела, се трудеше да ги примени во својот живот. За неколку седмици почнав да забележувам некои промени“. Фасциниран, се согласил да ѝ се придружи на сопругата во проучувањето на Библијата и научил кој е библискиот совет за оженетите мажи. Со каков резултат? Тој вели: „Сега го пронајдовме темелот за еден навистина среќен семеен живот“.
27. Примената на кои библиски начела може да им помогне на христијаните кои страдаат од економска сиромаштија?
27 Справувањето со сиромаштијата е уште едно подрачје на кое советот од Библијата се покажал корисен. На пример, пушењето и пијанството, и двете спротивни на библиските начела, ги трошат ограничените парични средства (Изреки 23:19—21). Понатаму, Библијата препорачува трудољубивост, бидејќи оној кој напорно работи, почесто може да најде начин како да го прехрани своето семејство отколку мрзливиот или, пак, оној кој се препушта на очајот (Изреки 6:6—11; 10:26). Освен тоа, следењето на советот да не им се ‚завидува на оние кои чинат неправда‘ спречува да се прибегне кон такви работи како што се криминалот или коцкањето, како начини да се ублажи сиромаштијата (Псалм 36:1). Може да изгледа дека таквите постапки нудат брзо решение за финансиските тешкотии, но нивниот долгорочен резултат е многу горчлив.
28-30. а) Како примената на библиските начела ѝ помогнала на една христијанка да се справи со сиромаштијата? б) Што сведочат искуствата на илјадници христијани во економски сиромашни околности?
28 Дали овој совет навистина им помага на оние што се многу сиромашни или, пак, тој е само една идеалистичка теорија? Одговорот гласи: Советот е делотворен, како што покажуваат многуте искуства ширум светот. Да земеме само еден пример — една христијанка од Азија која останала вдовица без никаков приход и со синчето за кое требала да се грижи. Како им помогнала Библијата на неа и на нејзиниот син?
29 Таа била трудољубива, како што советува Библијата, и почнала да шие облека и да ја продава. Затоа што била чесна и доверлива, како што повторно советува Библијата, таа наскоро имала редовни муштерии (Колосјаните 3:23). Потоа, една мала соба од својата куќа претворила во мала гостилница и секое утро станувала околу четири часот за да подготвува храна што ќе ја продава, и тоа го зголемило нејзиниот приход. „Дури и така“, вели таа, „мораме да живееме едноставно.“ Но, таа се сеќава на библискиот совет: „Кога имаме храна и облекло, со тоа да бидеме задоволни“ (1. Тимотеј 6:8).
30 Таа додава: „Иако живеам на работ на сиромаштијата, не сум лута или огорчена. Библиската вистина ме исполнува со позитивно гледиште“. Освен тоа, увидела дека во нејзиниот случај навистина се исполнува едно значајно ветување што го дал Исус. Тој рекол: „Но барајте го најнапред царството на Бога и Неговата правда, и сѐ ова [материјалните потреби] ќе ви се придаде“ (Матеј 6:33). Од искуство видела дека, со тоа што ја ставила својата служба на Бог на прво место во својот живот, на каков и да е начин таа секогаш ги добива своите материјални потреби. Искуството на оваа христијанка, заедно со искуствата на безброј други христијани кои се сиромашни во економски поглед, го зголемува сведоштвото дека библискиот совет навистина е делотворен.
31. Што се случува кога го следиме библискиот совет, и за што сведочи овој факт?
31 Во ова поглавје само го допревме неизмерното богатство од совети што го содржи Библијата и видовме само неколку случаи во кои овие совети биле делотворни. Може да се набројат уште илјадници искуства како овие што ги спомнавме. Кога луѓето ја следат Библијата, секогаш имаат корист. Кога ја игнорираат, страдаат. Ниту еден друг збир совети, древни или современи, не е толку доследно корисен и не важи за луѓето од сите раси. Ваквиот мудар совет не може да биде само народна мудрост. Фактот што Библијата е толку богата ризница од таква мудрост е силен доказ дека таа е Реч Божја.
[Истакната мисла на страница 168]
Ставот на помагање им користи на сите
[Слика на страница 163]
Одењето со мудрите нѐ прави мудри, но дружењето со глупавите ќе влијае лошо врз нас
[Слика на страница 165]
Пушењето тутун треба да се одбегнува затоа што се коси со библиските начела
[Слика на страница 171]
Оние што го следат библискиот совет во бракот имаат цврста основа за среќа
[Слика на страница 173]
Примената на библискиот совет им помага на луѓето да се справат со тешките проблеми на сиромаштијата