Поглавје 5
Чие обожавање го прифаќа Бог?
1. Што сакала една Самарјанка да дознае во врска со обожавањето?
ДАЛИ некогаш си се запрашал: ‚Чие обожавање го прифаќа Бог?‘ Една жена можеби го имала истото прашање на ум кога разговарала со Исус Христос, близу планината Гаризим во Самарија. Свртувајќи го вниманието на разликата помеѓу обожавањето на Самарјаните и она на Евреите, таа рекла: „Нашите татковци се клањаа [обожаваа, НС] во оваа планина, а вие велите дека во Ерусалим е местото каде што треба да се клањаме“ (Јован 4:20). Дали Исус ѝ рекол на Самарјанката дека Бог го прифаќа секое обожавање? Или, пак, се бараат некои конкретни работи за да му се угоди на Бог?
2. Што ѝ одговорил Исус на Самарјанката?
2 Исус дал изненадувачки одговор: „Иде часот, кога ни во оваа планина, ниту во Ерусалим ќе се поклонувате на Отецот“ (Јован 4:21). Самарјаните веќе долго време се плашеле од Јехова и обожавале други богови на планината Гаризим (4. Царства 17:25). Сега Исус Христос рекол дека ниту тоа место ниту Ерусалим ќе бидат важни во вистинското обожавање.
ДА СЕ ОБОЖАВА СО ДУХ И ВИСТИНА
3. а) Зошто Самарјаните не го познавале вистински Бога? б) Како можеле верните Евреи и другите да го запознаат Бог?
3 Исус понатаму ѝ рекол на Самарјанката: „Вие му се клањате на [го обожавате, НС] она, што не го знаете; а ние се клањаме на она што го знаеме; зашто спасението е од Јудејците“ (Јован 4:22). Самарјаните имале лажни религиозни идеи и ги прифаќале како инспирирани само првите пет книги од Библијата — и тоа само во нивната верзија позната како Самарјански Пентатеух. Затоа, тие всушност не го ни познавале Бога. Меѓутоа, на Евреите им било доверено библиско спознание (Римјаните 3:1, 2). На верните Евреи и на оние кои сакале да слушаат, Светото писмо им го дало она што им било потребно за да го запознаат Бог.
4. Според Исус, што требало да прават и Евреите и Самарјаните ако сакале нивното обожавање да биде прифатливо за Бог?
4 Всушност, Исус покажал дека и Евреите и Самарјаните требало да го прилагодат нивниот начин на обожавање за да му се допаднат на Бог. Тој рекол: „Доаѓа часот и веќе е, кога вистинските обожаватели ќе го обожаваат Таткото со дух и вистина; зашто, всушност, Таткото бара такви да го обожаваат“ (Јован 4:23, 24, НС). Треба да го обожаваме Бог „со дух“, мотивирани од срца полни со вера и љубов. Можно е да го обожаваме Бог „со вистина“ ако ја проучуваме неговата Реч, Библијата, и ако го обожаваме во склад со неговата откриена вистина. Дали си желен да го правиш тоа?
5. а) Што значи да се „обожава“? б) Што мораме да сториме ако сакаме Бог да го прифати нашето обожавање?
5 Исус истакнал дека Бог бара вистинско обожавање. Тоа покажува дека има облици на обожавање кои се неприфатливи за Јехова. Да се обожава Бог значи да му се оддава чест полна со почитување и да му се принесува света служба. Ако сакаш да му укажеш чест на некој моќен владетел, веројатно ќе бидеш желен да му служиш и да го правиш она што му е допадливо. Според тоа, секако дека сакаме да му се допаднеме на Бог. Затоа, место само да речеме: ‚Мојата религија ми одговара‘, треба да се увериме дали нашето обожавање ги исполнува Божјите барања.
ДА СЕ ВРШИ ВОЛЈАТА НА ОТЕЦОТ
6, 7. Зошто Исус не ги признава некои кои тврдат дека се негови ученици?
6 Да прочитаме Матеј 7:21-23 и да видиме дали можеме да го издвоиме клучниот фактор којшто одредува дали секое обожавање е прифатливо за Бог. Исус рекол: „Не секој што Ми вели: ‚Господи, Господи‘, ќе влезе во царството небесно, а оној што ја исполнува волјата на Мојот Отец небесен. Мнозина ќе ми речат во оној ден: ‚Господи, Господи, не во Твое ли име пророкувавме? И зар во Твое име бесови [зли духовни суштества] не изгонувавме? И не во Твое ли име многу чуда правевме?‘ И тогаш Јас ќе им кажам: ‚Никогаш не сум ве познавал; бегајте од Мене вие што правите незаконски дела!‘“
7 Признавањето на Исус Христос како Господ е важно во вистинското обожавање. Но, овој стих покажува дека нешто ќе недостига во обожавањето на мнозина од оние кои тврдат дека се Исусови ученици. Исус рекол дека некои ќе прават „многу чуда“, како на пример, наводни чудотворни лечења. Меѓутоа, истите тие пропуштиле да го прават она за кое Исус рекол дека е животоважно — не ја ‚исполнувале волјата на [неговиот] Отец‘. Ако сакаме да му се допаднеме на Бог, мораме да научиме која е волјата на Отецот и потоа да ја вршиме.
ТОЧНОТО СПОЗНАНИЕ — ЗАШТИТА
8. Што се бара од нас доколку сакаме да ја вршиме Божјата волја, и кои погрешни гледишта мораме да ги избегнуваме?
8 Вршењето на Божјата волја изискува точно спознание и за Јехова Бог и за Исус Христос. Таквото спознание води до вечен живот. Тогаш, се разбира дека секој од нас ќе сака сериозно да го сфати стекнувањето на тоа точно спознание од Божјата Реч, Библијата. Некои велат дека нема потреба човек да биде загрижен, сѐ додека е искрен и ревносен во обожавањето. Други тврдат: ‚Колку помалку знаеш, толку помалку се очекува од тебе‘. Сепак, Библијата нѐ охрабрува да го зголемиме спознанието за Бог и за неговите намери (Ефесјаните 4:13; Филипјаните 1:9; Колосјаните 1:9).
9. На кој начин нѐ штити точното спознание, и зошто ни е потребна таква заштита?
9 Таквото спознание го штити нашето обожавање од загадување. Апостол Павле зборувал за извесно духовно суштество кое се преправа дека е „ангел на светлината“ (2. Коринтјаните 11:14). Така маскирано, ова духовно суштество — Сатана — се обидува да нѐ заведе да правиме работи што се спротивни на Божјата волја. Другите духовни суштества кои се поврзани со Сатана, исто така го загадуваат обожавањето на луѓето, зашто Павле рекол: „Она што го принесуваат незнабошците како жртва, го принесуваат на бесови [демони, НС], а не на Бога“ (1. Коринтјаните 10:20). Веројатно, многумина мислеле дека обожаваат на правиот начин, иако не го правеле она што Бог го барал. Биле заведени на нечисто лажно обожавање. Подоцна ќе научиме повеќе за Сатана и за неговите демони. Но, јасно е дека овие непријатели на Бог го загадиле обожавањето на човештвото.
10. Што би сторил ако некој намерно ти ја затруе водата, и за што нѐ опремува точното спознание од Божјата Реч?
10 Ако знаеш дека некој намерно ти ја затрул водата, дали ќе продолжиш да пиеш од неа? Секако, веднаш ќе стапиш во акција да пронајдеш извор на сигурна, чиста вода. Слично на тоа, точното спознание од Божјата Реч нѐ опремува да ја препознаеме вистинската религија и да ги отфрлиме нечистотиите кои го прават обожавањето неприфатливо за Бог.
ЧОВЕЧКИ ПОВЕЛБИ КАКО ДОКТРИНИ
11. Што било погрешно во обожавањето на многу Евреи?
11 Кога Исус бил на Земјата, многу Евреи не постапувале во склад со точното спознание за Бог. Затоа ја изгубиле приликата да имаат чиста положба пред Јехова. Во врска со нив, Павле напишал: „Јас им сведочам дека тие имаат ревност за Бога, но не по разумот [точното спознание, НС]“ (Римјаните 10:2). Тие самите одлучиле како да го обожаваат Бог, наместо да го послушаат она што го рекол тој.
12. Што го загадило обожавањето на Израел, и какви биле последиците?
12 Израелците во почетокот практицирале чиста религија што била дадена од Бог, но подоцна била загадена со човечки учења и филозофии (Јеремија 8:8, 9; Малахија 2:8, 9; Лука 11:52). Иако еврејските религиозни водачи, познати како фарисеи, мислеле дека нивното обожавање било прифатливо за Бог, Исус им рекол: „Добро пророкувал Исаија за вас лицемерите, како што е напишано: ‚Овој народ со уста Ме почитува, а со срцето свое стои далеку од Мене; но напразно Ме почитува, оти проповеда човечки повелби‘“ (Марко 7:6, 7).
13. Како би можеле да бидеме исти како фарисеите?
13 Дали е можно да бидеме исти како фарисеите? Тоа би можело да ни се случи доколку следиме религиозни традиции што ни биле пренесени, наместо да испитаме што рекол Бог за обожавањето. Предупредувајќи на оваа многу реална опасност, Павле напишал: „Духот јасно зборува дека во последните времиња некои ќе отстапат од верата, слушајќи измамливи духови и ѓаволски учења“ (1. Тимотеј 4:1). Според тоа, не е доволно само да заклучиме дека нашето обожавање му е угодно на Бог. Како Самарјанката која се сретнала со Исуса, можеби и ние сме го наследиле од своите родители нашиот начин на обожавање. Но, треба да се увериме дека она што го правиме има Божје одобрение.
ВНИМАВАЈ ДА НЕ ГО НАВРЕДИШ БОГ
14, 15. Зошто треба да бидеме внимателни, дури и ако имаме извесно спознание за Божјата волја?
14 Ако не сме внимателни, би можеле да сториме нешто што е неприфатливо за Бог. На пример, апостол Јован паднал пред нозете на еден ангел за ‚да му се поклони [да го обожава, НС]‘. Но ангелот предупредил: „Стој, не — јас сум слуга како и ти и браќата твои, што го имаат сведоштвото Исусово; поклони Му се на Бога“ (Откровение 19:10). Според тоа, дали ја увидуваш потребата да провериш дали твоето обожавање не е загадено со какво и да било идолопоклонство? (1. Коринтјаните 10:14).
15 Кога некои христијани почнале да практицираат религиозни обичаи кои не му се допаѓале на Бог, Павле прашал: „Како тоа пак да се враќате кон слабите и лоши стихии, на кои пак сакате одново да им служите? Гледате на деновите, месеците, времињата и годините. Се плашам за вас, да не би случајно залудо да сум се трудел меѓу вас“ (Галатјаните 4:8-11). Тие поединци стекнале спознание за Бог, но подоцна грешеле, славејќи религиозни обичаи и празници кои биле неприфатливи за Јехова. Како што рекол Павле, треба ‚и понатаму да се уверуваме во она што е прифатливо за Господа‘ (Ефесјаните 5:10, НС).
16. Како ни помагаат Јован 17:16 и 1. Петрово 4:3 да одредиме дали празниците и обичаите му се допадливи на Бог?
16 Мораме да се увериме дека ги избегнуваме религиозните празници и другите обичаи кои ги повредуваат Божјите начела (1. Солунјаните 5:20). На пример, за своите следбеници Исус рекол: „Тие не се од светот, како и Јас што не сум од него“ (Јован 17:16). Дали твојата религија е вмешана во церемонии и празници кои го повредуваат начелото за неутралност спрема работите од овој свет? Или, дали припадниците на твојата религија понекогаш учествуваат во обичаи и празници кои можеби вклучуваат однесување кое е исто како она што го опишал апостол Петар? Тој напишал: „Доволно е што минатото време на животот го поминавте во вршење волја на незнабошците, живеејќи во нечистотија, во похоти, во пијанство, во прејадување, во препивање и во нечестиво идолопоклонство“ (1. Петрово 4:3).
17. Зошто треба да избегнуваме сѐ што го одразува духот на светот?
17 Апостол Јован ја нагласил потребата да се избегнуваат секакви практики кои го одразуваат духот на безбожниот свет околу нас. Јован напишал: „Не сакајте го светот и сѐ што е во него. Ако некој го сака светот, во него нема љубов од Отецот. Зашто, сѐ што е во светот — похотта на телото, желбата на очите и гордоста на животот, не е од Отецот, туку од овој свет. А светот поминува и похотите негови, а оној, што ја извршува волјата Божја, останува довека“ (1. Јованово 2:15-17). Дали забележа дека оние кои ‚ја извршуваат волјата Божја‘ ќе останат довека? Да, ако ја вршиме Божјата волја и ги избегнуваме постапките кои го одразуваат духот на овој свет, можеме да ја имаме надежта за вечен живот!
ДРЖИ СЕ ЗА БОЖЈИТЕ ВИСОКИ МЕРИЛА
18. Како некои Коринтјани биле во заблуда во поглед на однесувањето, и што треба да научиме од ова?
18 Бог ги сака за свои обожаватели оние кои се покоруваат на неговите високи морални мерила. Во стариот Коринт, некои погрешно мислеле дека Бог ќе толерира неморално однесување. Ако прочитаме 1. Коринтјаните 6:9, 10, можеме да видиме во каква заблуда биле тие. Ако сакаме да го обожаваме Бог на прифатлив начин, мораме да му угодиме како со зборови така и со дела. Дали твојот начин на обожавање ти овозможува да го правиш тоа? (Матеј 15:8; 23:1-3).
19. Како влијае вистинското обожавање врз нашето постапување со другите луѓе?
19 Нашите постапки со другите луѓе може исто така да ги одразуваат Божјите мерила. Исус Христос нѐ охрабрил со другите да постапуваме онака како што би сакале и тие да постапуваат со нас, бидејќи тоа е дел од вистинското обожавање (Матеј 7:12). Забележи исто така што рекол во врска со покажувањето на братска љубов: „По тоа ќе ве познаат сите дека сте Мои ученици, ако имате љубов помеѓу себе“ (Јован 13:35). Исусовите ученици мораат да се сакаат едни со други и да им прават добро на своите сообожаватели и на другите луѓе (Галатјаните 6:10).
ОБОЖАВАЊЕ СО СЕТА ДУША
20, 21. а) Каков вид обожавање бара Бог? б) Зошто Јехова го отфрлил обожавањето на Израел во времето на Малахија?
20 Можеби во своето срце сакаш да го обожаваш Бог на прифатлив начин. Ако е така, мораш да го имаш Јеховиното гледиште за обожавањето. Ученикот Јаков нагласил дека е важно Божјето гледиште, а не нашето. Тој рекол: „Чиста и непорочна вера пред Бога и Отецот е оваа: да пригледуваш сираци и вдовици во нивните маки и да се пазиш да останеш неосквернет од светот“ (Јаков 1:27). Со желба да му се допаднеме на Бог, секој од нас треба да го испита своето обожавање за да се увери дека не е загадено со безбожни обичаи или дека не пропуштаме нешто што тој го смета за животоважно (Јаков 1:26).
21 Само чистото обожавање, обожавањето со сета душа, му е угодно на Јехова (Матеј 22:37; Колосјаните 3:23). Кога израелската нација му давала помалку од тоа, Бог рекол: „Синот го почитува татка си, а робот — господарот свој; а ако сум Јас татко, тогаш каде е почитта кон Мене? И ако сум Јас [Господар, НС], тогаш каде е стравот пред Мене“. Тие го навредувале Бог со тоа што за жртва му принесувале слепи, сакати и болни животни, и затоа тој ги отфрлил таквите постапки на обожавање (Малахија 1:6-8). Јехова е достоен за нашиот најчист облик на обожавање и тој не прифаќа ништо друго освен исклучителна оддаденост (2. Мојсеева 20:5; Изреки 3:9; Откровение 4:11).
22. Ако сакаме нашето обожавање да биде прифатено од Бог, што ќе избегнуваме а што ќе правиме?
22 Самарјанката која разговарала со Исус, навидум била заинтересирана да го обожава Бог на начинот што Тој го одобрува. Ако е тоа и наша желба, ќе избегнуваме секакви загадувачки учења и обичаи (2. Коринтјаните 6:14-18). Наместо нив, ќе се трудиме да постигнеме точно спознание за Бог и да ја вршиме неговата волја. Тесно ќе се држиме за неговите барања за прифатливо обожавање (1. Тимотеј 2:3, 4). Јеховините сведоци се стремат да го прават токму тоа, и тие срдечно те поттикнуваат да им се придружиш во обожавањето на Бог „со дух и со вистина“ (Јован 4:24). Исус рекол: „Таткото бара такви да го обожаваат“ (Јован 4:23, НС). Се надеваме дека и ти си таква личност. Како таа Самарјанка, без сомнение, и ти би сакал да имаш вечен живот (Јован 4:13-15). Но, гледаш како луѓето стареат и умираат. Следното поглавје ќе ни објасни зошто.
ПРОВЕРИ ГО СВОЕТО СПОЗНАНИЕ
Како што покажува Јован 4:23, 24, чие обожавање го прифаќа Бог?
Како можеме да одредиме дали на Бог му се допаѓаат извесни обичаи и празници?
Кои се некои од барањата за прифатливо обожавање?
[Слика на целата страница 44]