”Да отфрлиме секакво бреме“
”Толку сум тажна и обесхрабрена“, признала Мери. Осврнувајќи се на товарот на христијански одговорности, оваа жена додала: ”Ги гледам пријателите како изгоруваат од работа. Јас исто така го чувствувам уморот и притисокот. Ве молам помогнете ми да разберам зошто.“
ДАЛИ и ти чувствуваш дека си под притисок, исто така уморен за да соодветно се грижиш за своите теократски одговорности? Дали понекогаш се чини дека христијанската служба е тежок товар, несносливо бреме? Многумина верни христијани се подложени на периоди на обесхрабрување, затоа што постојано сме опколени со негативни сили кои можат да ја намалат нашата радост. Да се биде прав христијанин денес навистина претставува предизвик. Затоа, понекогаш некои можеби чувствуваат дека христијанската служба е тежок товар.
Да се побара причината
Светото писмо објаснува дека Јехова не поставил неразумни барања од нас. Апостолот Јован рекол дека Божјите ”заповеди не се тешки“ (1. Јованово 5:3). Слично им рекол Исус на своите следбеници: ”Земете го мојот јарем на себе и учете од мене, зашто јас сум со блага нарав и понизен во срцето, и ќе најдете закрепа за своите души. Зашто мојот јарем е благ и мојот товар е лесен“ (Матеј 11:29, 30, NW). Јасно е дека не е Јеховина волја да се чувствуваме преоптоварени или притиснати од товарот на нашата служба за него.
Тогаш, како би можело на еден верен христијанин да му се случи на своите христијански одговорности да гледа како на тешко бреме? Очигледно, вклучени се неколку фактора. Забележи ги зборовите од апостолот Павле: ”Да отфрлиме секакво бреме (...), и да трчаме со истрајност во трката која е пред нас“ (Хебреите 12:1, NW). Павловите зборови покажуваат дека христијанинот понекогаш може да се оптоварува себеси со непотребни работи. Тоа не мора безусловно да вклучува сериозни гревови. Но, христијанинот може да погреши во просудувањето, што сериозно го комплицира неговиот живот, а што многу му отежнува да ја трча трката која е поставена пред нас.
Урамнотежено гледиште за материјалните работи
Да ја земеме за пример световната работа. Во многу земји економските услови не му дозволуваат на христијанинот поинаков избор, освен да работи по повеќе часови. Сепак, често луѓето земаат некоја работа за да напредуваат или да натрупуваат луксуз. Откако ги пресметале вистинските потреби, некои христијани откриле дека е мудро да направат промени околу своето вработување. Тоа бил случај со Деби и нејзиниот сопруг, обајцата Јеховини сведоци. Таа вели: ”Нашата финансиска ситуација се измени, и повеќе немаше потреба за мене да продолжам со осумчасовно работно време. Но, беше тешко да се откажам од неа.“ Наскоро почнала да го чувствува притисокот дека има премногу работа. Таа објаснува: ”Сабота беше мојот единствен слободен ден да се фатам за домашните работи. Честопати не ми се одеше во службата на проповедање. Ми беше тешко поради ова, совеста ме вознемируваше, а сепак ја сакав својата работа! Најпосле, морав да се соочам со реалноста. Постоеше само едно решение. Ја напуштив работата.“ Како што е познато, таква важна промена за некои не ќе биде можна. Меѓутоа, внимателното испитување на нашиот список на работи може да открие дека треба да се преземат некои промени.
Можат да постојат и други патишта да се ослободиме од непотребните бремиња. Што е со нашето намалување на честите патувања од задоволство, спортските активности или други забави — вклучувајќи го времето што се поминува во гледање телевизија? Па дури и по постигнувањето на саканата рамнотежа на овие подрачја, можат да бидат неопходни постојани исправки за да се одржи таквиот баланс.
Разумноста е од животоважно значење
Разумноста во таквите работи ќе ни помогне да се прилагодиме на новите околности кога ќе се појават. Затоа, можеме да задржиме позитивно гледиште за нашата служба (Ефесјаните 5:15-17; Филипјаните 4:5).
Дали се чувствуваш под притисок да држиш чекор со другите во Божјата служба? Тоа исто така може да додаде грижи и фрустрации во твојот живот. Иако добриот пример на другите може вистински да те охрабри да дадеш [или:да направиш] повеќе, разумноста ќе ти помогне да си поставиш реални цели во склад со своите лични околности и способности. Библијата ни вели: ”Секој нека си ги испита делата свои, и тогаш ќе има пофалба само во себеси, а не пред друг, оти секој ќе го понесе своето бреме“ (Галатјаните 6:4, 5).
Месните обичаи и традиции можат исто така да ги зголемат нашите товари. Во времето на Исус луѓето биле исцрпени од настојувањето да им се потчинат на многуте верски правила и традиции воспоставени од луѓе. Јеховиниот народ денес е ослободен од лажните религиозни традиции. (Спореди Јован 8:32.) Па сепак, некој христијанин може прекумерно биде преокупиран со месните обичаи. На пример, понекогаш таквите настани како што е свадбата, се составени од доста раскошни обичаи. Тие обичаи можеби не се погрешни, а можат дури и да бидат привлечни и интересни. Меѓутоа, христијаните можеби немаат време или финансиски средства да се придржуваат на сите тие работи, и ако тежнеат да го прават тоа, би можеле само да си додадат други непотребни товари.
Разгледај што се случило кога Исус посетил една жена по име Марта. Наместо да извлече полна корист од неговата божествена мудрост, ”Марта се беше (...) зафатила со многу работи“. Била претоварена со многу поединости (Лука 10:40). Но Исус љубезно предложил дека би можела да ги поедностави подготовките за јадење за да извлече корист од неговите поуки (Лука 10:41, 42). Ова добро илустрира дека доброто просудување и разумноста ќе ти помогнат да постигнеш исправна рамнотежа во својата христијанска служба (Јаков 3:17).
Доброто просудување исто така е потребно кога избираш другари. Изреките 27:3 предупредуваат: ”Тежок е каменот, тешка е и песокта; но гневот на безумниот е потежок и од едното — и од другото“. Твоите блиски другари секогаш ќе имаат силно влијание на твојот начин на размислување. Дружењето со таквите кои се брзи да најдат грешки и да ги критизираат другите во собранието, може да посее семе на обесхрабрување и негативно размислување кај тебе.
Биди скромен во одењето со Бог
Во Михеј 6:8 (NW) го наоѓаме ова прашање кое поттикнува на размислување: ”Што бара Јехова од тебе освен (...) скромно да одиш со твојот Бог?“ Скромноста е дефинирана како свесност за своите ограничувања. Оние кои не ги увидуваат своите ограничувања можат да се затрупаат со премногу обврски. Тоа им се случило на зрели христијани, дури и на надгледници, кое за последица имало обесхрабрување, фрустрација и губење на радоста. Кенет, еден христијански старешина, признал: ”Се гледав себеси како запаѓам во депресија, и си реков: ’Нема да допуштам тоа да ми се случи‘. Затоа ограничив некои од своите обврски и се сосредоточив на она кое би можел да го направам.“
Дури и понизниот пророк Мојсеј имал тешкотија да ги увиди своите сопствени ограничувања. Затоа Јетро, неговиот тест, морал да го освести Мојсеј во поглед на прекумерната количина на работа којашто се трудел да ја изврши сам. ”Што правиш така со народот?“, прашал Јотор. ”Не е добро тоа, што го правиш ти. Ќе се измориш (...) оти таа работа е многу тешка за тебе; ти сам не можеш да ја извршуваш. (...) А ти од сиот народ одбери способни луѓе, (...) и да те известуваат за секое потешко дело; а за сите мали работи тие самите нека пресудат. Така ќе ти биде полесно и тие тебе ќе ти помагаат.“ Мојсеј веднаш почнал да отстапува делови од својата работа на други, и така нашол олеснување од она кое почнало да станува неснослив товар (2. Мојсеева 18:13-26).
Во една друга прилика Мојсеј му рекол на Јехова: ”Јас не можам да го носам сиот овој народ. Претешко е тоа за мене.“ Одговорот повторно бил да им ја пренесе работата на другите. Тоа може да биде решение и за тебе ако се чувствуваш затрупан со премногу обврски (Броеви 11:14-17, Ст).
Јехова ни помага да го носиме товарот
Исус рекол дека неговиот јарем е благ и неговиот товар бил лесен, но не без тежина. Јаремот за кој Исус нѐ повикал да го земеме на себе не е јарем на мрзеливост. Тоа е јарем на потполно предание на Бог како ученици на Исус Христос. Според тоа, одредена мера на товар или притисок се создава поради тоа што сме вистински хистијани (Матеј 16:24-26; 19:16-29; Лука 13:24). Бидејќи светската ситуација се влошува, притисоците ќе се зголемат. Меѓутоа, ние имаме причина за позитивен став, бидејќи Исусовиот повик значи дека другите можат да дојдат под неговиот јарем со него и дека тој ќе им помогне.a Значи, сѐ додека го следиме Исусовото водство, нашиот товар ќе биде поднослив, зашто тој ќе ни помага.
Бог се грижи за оние кои го љубат. Тој ги чува срцата и мисловните сили на сите оние кои во молитва го ставаат својот товар на него (Псалми 55:22; Филипјаните 4:6, 7; 1. Петрово 5:6, 7). ”Нека е благословен Јехова, кој секојдневно го носи товарот за нас, вистинскиот Бог на нашето спасение“, рекол псалмистот (Псалми 68:19, NW). Да, биди сигурен дека Бог секој ден ќе го носи товарот и за тебе ако го отфрлиш секое бреме и со истрајност ја трчаш трката која е поставена пред тебе.
[Фуснота]
a Преводот во фуснотата гласи: ”Дојдете со мене под мојот јарем.“
[Слика на страница 24]
Мудрите старешини се спремни да доверат некои задачи и да го делат товарот