Јехова длабоко ја цени твојата служба со сета душа
„И сѐ, што правите, правете го од душата, како за Господа, а не за луѓе“ (КОЛОСЈАНИТЕ 3:23).
1, 2. а) Која е најголемата предност што воопшто би можеле да ја имаме? б) Зошто понекогаш можеби не сме во состојба да направиме сѐ што би сакале во служењето на Бог?
ДА СЕ служи на Јехова е најголемата предност што воопшто би можеле да ја имаме. Со добра причина, овој журнал долго време ги охрабрува христијаните да се вклучат во службата, па дури и да служат „повеќе“, секогаш кога е можно (1. Солунјаните 4:1). Меѓутоа, секогаш не сме во можност да сториме сѐ што нашето срце копнее да го стори во служењето на Бог. „Моите околности се такви што треба да работам цело работно време“ — објаснува една сестра самица, која се крстила пред скоро 40 години. „Мојата причина да работам не е за да стекнам некаква фантастична гардероба или, пак, да одам на одмор со крстарење, туку да ги покријам потребите, вклучувајќи медицински и забарски трошоци. Се чувствувам како на Јехова да му го давам она што преостанува.“
2 Љубовта кон Бог нѐ поттикнува да сакаме да правиме колку што можеме во проповедничкото дело. Но, околностите во животот честопати го ограничуваат она што можеме да го правиме. Грижењето за другите библиски одговорности, вклучувајќи ги и семејните обврски, може да ни одзема многу од нашето време и енергија (1. Тимотеј 5:4, 8). Во овие ‚критични времиња со кои тешко се излегува на крај‘, животот е сѐ попредизвикувачки (2. Тимотеј 3:1, НС). Кога не сме во можност да сториме сѐ што би сакале во службата, нашите срца може да нѐ мачат до извесен степен. Можеби се прашуваме дали на Бог му е угодно нашето обожавање.
Убавината на службата со сета душа
3. Што очекува Јехова од сите нас?
3 Во Псалм 102:14, Библијата срдечно нѐ уверува дека Јехова „го знае нашиот состав, помни дека ние сме земја“. Повеќе од кој и да е друг, тој ги разбира нашите ограничувања. Не бара повеќе отколку што можеме да дадеме. Што очекува тој? Нешто што може да го понуди секој, без оглед на неговата ситуација во животот: „И сѐ, што правите, правете го од душата, како за Господа, а не за луѓе“ (Колосјаните 3:23). Да, Јехова очекува — од сите нас — да му служиме со сета душа.
4. Што значи да му се служи на Јехова со сета душа?
4 Што значи да му се служи на Јехова со сета душа? Грчкиот збор преведен „со сета душа“ дословно значи „од душата“. „Душата“ се однесува на целото лице, со сите негови физички и умствени способности. Според тоа, служењето со сета душа значи да се даваме себеси, користејќи ги сите наши вештини и насочувајќи ја нашата енергија во Божјата служба во најпотполна можна мера. Едноставно речено, тоа значи да правиме сѐ што нашата душа може да прави (Марко 12:29, 30).
5. На кој начин примерот на апостолите покажува дека не мораат сите да прават исто во службата?
5 Дали да се биде со сета душа значи дека сите ние мораме да го даваме истиот износ во службата? Тоа едвај би било можно, бидејќи околностите и способностите се разликуваат од една душа до друга. Размисли за верните Исусови апостоли. Сите не биле кадарни да го дадат истиот износ. На пример, многу малку знаеме за некои од апостолите, како што се Симон Кананит и Јаков, синот Алфеев. Можеби нивните активности како апостоли биле прилично ограничени (Матеј 10:2—4). За разлика од тоа, Петар бил во можност да прифати бројни тешки одговорности — па, Исус дури му ги дал и ‚клучевите од царството‘! (Матеј 16:19). Сепак, Петар не бил возвишен над другите. Кога Јован ја добил визијата за Новиот Ерусалим во Откровението (околу 96 н. е.), тој видел 12 камен-темелници и на нив испишани „имињата на дванаесетте апостоли“a (Откровение 21:14). Јехова високо ја вреднувал службата на сите апостоли, иако некои очигледно биле во можност да сторат повеќе од другите.
6. Што се случува со семето посеано на „добра земја“ во Исусовата илустрација, и кои прашања се покренуваат?
6 На сличен начин, Јехова не бара ист износ на проповедање од сите нас. Исус го покажал тоа во илустрацијата за сејачот, во која проповедничкото дело го споредил со сеење семиња. Семето паднало на различни видови почва, илустрирајќи ги различните видови состојби на срцето што ги покажувале оние кои ја чуле пораката. „А посеаното на добра земја“ — објаснил Исус — „е оној, што го слуша словото и го разбира, и дава плод: еден сто, друг шеесет, а друг триесет“ (Матеј 13:3—8, 18—23). Што претставува овој плод, и зошто е произведен во различни износи?
7. Кој е плодот од посеаното семе, и зошто е произведено во различни износи?
7 Поради тоа што семето кое е посеано е „словото за царството“, донесувањето плод се однесува на ширењето на таа реч, зборувањето за неа на другите (Матеј 13:19). Износот на произведениот плод варира — од триесеткратно до стократно, затоа што способностите и околностите во животот се разликуваат. Едно лице со добро здравје и физичка издржливост може да е способно да поминува повеќе време во проповедање отколку некој чија сила е исцрпена од некоја хронична здравствена состојба или од сѐ подлабоката старост. Еден млад самец кој е слободен од семејни одговорности, може да биде во состојба да прави повеќе отколку некој кој мора да работи цело работно време за да го згрижи своето семејство. (Спореди Изреки 20:29.)
8. Како гледа Јехова на оние кои го даваат најдоброто што нивната душа може да го даде?
8 Дали во Божји очи лицето кое со сета душа произведува триесеткратно, е помалку оддадено од лицето кое произведува стократно? Никако не! Износот на плодот може да варира, но на Јехова му е угодно сѐ додека извршената служба е најдобрата што нашата душа може да ја даде. Запомни, сите различни износи на плод потекнуваат од срца кои се „добра земја“. Грчкиот термин (кало́с), преведен со „добро“, опишува нешто што е „прекрасно“ и што „го восхитува срцето и им дава задоволство на очите“. Колку само е утешно да се знае дека, кога го правиме нашето најдобро, нашето срце е прекрасно во Божји очи!
Нема споредување едни со други
9, 10. а) На кој облик на негативно резонирање може да нѐ наведе нашето срце? б) Како илустрацијата од 1. Коринтјаните 12:14—26 покажува дека Јехова не нѐ споредува со другите во поглед на она што го правиме?
9 Меѓутоа, нашето несовршено срце може различно да ги просуди работите. Тоа може да ја споредува нашата служба со службата на другите. Тоа може да резонира: ‚Другите прават многу повеќе во службата отколку јас. Како би можел Јехова воопшто да биде задоволен со мојата служба?‘ (Спореди 1. Јованово 3:19, 20.)
10 Јеховините мисли и патишта се многу повисоки од нашите (Исаија 55:9). Некаков увид во начинот на кој Јехова гледа на нашите поединечни напори, добиваме од 1. Коринтјаните 12:14—26, каде што собранието е споредено со тело со многу членови — очи, раце, нозе, уши и така натаму. Размисли за момент за дословното тело. Колку само би било бесмислено своите очи да ги споредуваш со своите раце или, пак, своите нозе со своите уши! Секој член служи за поинаква функција, а сепак сите членови се корисни и се високо вреднувани. На сличен начин, Јехова длабоко ја цени твојата служба со сета душа, без разлика дали другите прават повеќе или помалку (Галатјаните 6:4, НС).
11, 12. а) Зошто некои може да се чувствуваат дека се „послаби“ или „понеугледни“? б) Како гледа Јехова на нашата служба?
11 Поради ограничувањата наметнати од слабото здравје, сѐ подлабоката старост или, пак, други околности, повремено некои од нас може да се чувствуваат дека се „послаби“ или „понеугледни“. Но, Јехова не гледа така на работите. Библијата ни кажува: „Оние органи од телото, кои ни изгледаат послаби, се многу попотребни; и на оние членови . . . за кои сметаме дека се понеугледни, им оддаваме повеќе чест . . . Но Бог го направи и телото така, што на најнезначајните органи им дал најголема чест“ (1. Коринтјаните 12:22—24). Според тоа, секој поединец може да му биде драг на Јехова. Тој високо ја цени нашата служба во рамките на нашите ограничувања. Зарем твоето срце не те мотивира да сакаш да сториш сѐ што можеш во служењето на еден таков Бог кој е полн со разбирање и љубов?
12 Тогаш, она што му е битно на Јехова не е да правиш онолку колку што прави некој друг, туку да го правиш она што ти — твојата душа — лично можеш да го правиш. Дека Јехова ги цени нашите лични напори било демонстрирано на еден многу трогателен начин преку Исусовите постапки со две многу различни жени во текот на последните денови од неговиот живот на Земјата.
‚Скапоцениот‘ дар на една жена полна со ценење
13. а) Во какви околности Марија го ставила парфимираното масло врз Исусовата глава и нозе? б) Колкава била материјалната вредност на Марииното масло?
13 Во петок навечер, 8 низан, Исус пристигнал во Витанија, едно мало село на источната падина од Маслинската гора, на околу три километри од Ерусалим. Во овој град Исус имал драги пријатели — Марија, Марта и нивниот брат Лазар. Исус бил гостин во нивниот дом, веројатно честопати. Но, во сабота навечер, Исус и неговите пријатели вечерале во домот на Симон, еден поранешен лепрозен кој веројатно бил излекуван од Исус. Додека Исус седел до трпезата, Марија извршила еден понизен гест, кој ја покажал нејзината длабока љубов кон човекот кој го воскреснал брат ѝ. Таа со кршење отворила едно шишенце што содржело парфимирано масло, „скапоцено“. Навистина скапоцено! Тоа вредело 300 динарии, што отприлика е еднакво на една годишна заработувачка. Таа го истурила ова миризливо масло врз Исусовата глава и врз неговите нозе. Дури и му ги избришала нозете со својата коса (Марко 14:3; Лука 10:38—42; Јован 11:38—44; 12:1—3).
14. а) Како реагирале учениците на гестот на Марија? б) На кој начин Исус застанал во одбрана на Марија?
14 Учениците биле разгневени! ‚Зошто ова растурање?‘ — прашале тие. Јуда, криејќи ги своите крадачки мотиви зад предлогот за добротворност спрема бедните, рекол: „Зошто не се продаде ова миро за триста динарии, и да се раздадеше на сиромаси?“ Марија молчела. Меѓутоа, Исус им рекол на учениците: „Оставете ја неа; зошто ја буните? Таа направи добро [еден облик на кало́с] дело за Мене . . . Тоа што можеше, таа го направи: испревари да го помаже телото Мое за погребение. Вистина ви велам: каде и да се проповеда ова Евангелие, по целиот свет ќе се прикажува за нејзин спомен и тоа, што го направи таа“. Колку само срдечноста на Исусовите зборови мора да го смирила срцето на Марија! (Марко 14:4—9; Јован 12:4—8).
15. Зошто Исус бил толку трогнат од она што го сторила Марија, и што учиме ние од тоа во поглед на службата со сета душа?
15 Исус бил длабоко трогнат од она што го сторила Марија. Според неговата проценка, таа извршила едно пофално дело. Не била материјалната вредност на дарот тоа што било битно за Исус, туку фактот дека ‚го направила тоа што можела‘. Таа ја искористила приликата и го дала она што била во можност да го даде. Други преводи ги превеле овие зборови вака: „Таа стори сѐ што можеше“ или: „Таа го стори она што беше во нејзина моќ“ (Dr. Ivan Šarič; The Jerusalem Bible). Марииното давање било со сета душа, бидејќи го дала најдоброто. Ете, тоа е суштината на службата со сета душа.
‚Двете лепти‘ на една вдовица
16. а) Како Исус дошол до тоа да го посматра прилогот на една сиромашна вдовица? б) Колку вределе паричките на вдовицата?
16 Неколку дена подоцна, на 11 низан, Исус поминал еден долг ден во храмот, каде што неговиот авторитет бил ставен во прашање и одговарал на незгодни прашања во врска со даноците, воскресението и други работи. Тој ги разобличил книжниците и фарисеите, меѓу другото и за ‚подјадување на домовите на вдовиците‘ (Марко 12:40). Потоа, Исус седнал, очигледно во Дворот на жените, каде што според еврејската традиција имало 13 благајнички ковчези. Тој поседел некое време, внимателно посматрајќи додека луѓето ги пуштале своите прилози. Дошле мнозина богати луѓе, некои можеби со изглед на самоправедност, па дури и со парадирање. (Спореди Матеј 6:2.) Исусовиот вкочанет поглед се фиксирал на една особена жена. Просечните очи можеби не би забележале ништо невообичаено во врска со неа или, пак, нејзиниот дар. Но Исус, кој можел да ги знае срцата на другите, знаел дека таа е „бедна вдовица“. Исто така, го знаел точниот износ на нејзиниот дар — „две лепти“b (Марко 12:41, 42).
17. Како го проценил Исус прилогот на вдовицата, и што учиме од тоа во врска со давањето на Бог?
17 Исус ги викнал своите ученици кај себе, бидејќи сакал од прва рака да ја видат поуката за која штотуку ќе ги поучи. Таа „даде повеќе од сите, што пуштија во ковчежето“ — рекол Исус. Според неговата проценка, таа пуштила повеќе од сите други заедно. Дала „сѐ што имала“ — својата последна трошка пари. Правејќи го тоа, таа се ставила во Јеховините грижливи раце. Лицето кое на овој начин било издвоено како пример за давањето на Бог, било лице чиј дар бил скоро безвреден во материјална вредност. Меѓутоа, во Божји очи тој бил бесценет! (Марко 12:43, 44; Јаков 1:27).
Да се учи од Јеховиното гледиште за службата со сета душа
18. Што учиме од Исусовите постапки со двете жени?
18 Од Исусовите постапки со овие две жени учиме некои поуки кои го радуваат срцето, во врска со тоа како Јехова гледа на службата со сета душа (Јован 5:19). Исус не ја споредил вдовицата со Марија. Двете парички на вдовицата тој не ги вреднувал ништо помалку од ‚скапоценото‘ масло на Марија. Со оглед на тоа дека секоја жена го дала своето најдобро, во Божји очи обата нивни дара биле од вредност. Според тоа, ако ти надојдат чувства на безвредност затоа што не си во можност да сториш сѐ што ти сакаш во служењето на Бог, не очајувај. Јехова е задоволен да го прифати најдоброто што можеш да го дадеш. Запомни, Јехова „гледа на срцето“, и затоа е потполно свесен за копнежите на твоето срце (1. Царства 16:7).
19. Зошто не треба да бидеме осудувачки настроени околу тоа што другите прават во служењето на Бог?
19 Јеховиното гледиште за службата со сета душа треба да влијае врз начинот на кој се гледаме и се третираме еден со друг. Колку само би било без љубов да ги критизираме напорите на другите или, пак, службата на едно лице да ја споредуваме со службата на друго лице! За жал, една христијанка напишала: „Понекогаш, некои оставаат впечаток дека или си пионер или си ништо. И оние од нас кои се борат да продолжат ‚само‘ како редовни објавители на Царството, имаат потреба да се чувствуваат ценети“. Да запомниме дека ние не сме овластени да судиме што сочинува служба со сета душа за некој сохристијанин (Римјаните 14:10—12). Јехова длабоко ја цени службата со сета душа на секој еден од милионите верни објавители на Царството, и треба да ја цениме и ние.
20. Што е најдобро да претпоставиме во врска со нашите сообожаватели?
20 Тогаш, што ако се чини дека некои во службата прават помалку отколку што можат? Опаѓањето на активноста на некој соверник веројатно ќе им укаже на загрижените старешини дека постои потреба од помош или охрабрување. Истовремено, не смееме да заборавиме дека за некои службата со сета душа може повеќе да личи на малите парички на вдовицата отколку на скапото масло на Марија. Обично е најдобро да претпоставиме дека нашите браќа и сестри го љубат Јехова и дека таквата љубов ќе ги поттикне да прават колку што можат повеќе — а не помалку. Секако дека ниеден совесен слуга на Јехова нема да избере да прави помалку отколку што може во служењето на Бог! (1. Коринтјаните 13:4, 7).
21. По каква наградувачка кариера се стремат мнозина, и кои прашања се покренуваат?
21 Меѓутоа, за мнозина од Божјиот народ службата со сета душа значела да се стремат по една крајно наградувачка кариера — пионерската служба. Какви благослови добиваат тие? И што е со оние од нас кои сѐ уште не можеле да пионерат — како можеме да го покажуваме пионерскиот дух? Овие прашања ќе бидат дискутирани во следната статија.
[Фусноти]
a Со оглед на тоа дека Матиј го заменил Јуда како апостол, неговото име — а не Павловото — би се појавило меѓу имињата на 12-те камен-темелници. Иако Павле бил апостол, тој не бил еден од 12-мината.
b Секоја од овие парички претставувала една лепта — најмалата еврејска паричка што била во оптек во тоа време. Две лепти биле еднакви на 1/64 од дневницата. Според Матеј 10:29, за една паричка асариј (еквивалент од осум лепти) човек можел да купи две врапчиња, кои биле меѓу најевтините птици што сиромашните ги користеле за храна. Според тоа, оваа вдовица навистина била сиромашна, бидејќи ја имала само половината од износот што бил потребен за да купи едно врапче, едвај доволно за еден оброк.
Како би одговорил?
◻ Што значи да му се служи на Јехова со сета душа?
◻ На кој начин илустрацијата во 1. Коринтјаните 12:14—26 покажува дека Јехова не нѐ споредува со другите?
◻ Што учиме за давањето со сета душа од Исусовите коментари за скапото масло на Марија и двете мали парички на вдовицата?
◻ Како треба Јеховиното гледиште за службата со сета душа да влијае врз начинот на кој гледаме едни на други?
[Слика на страница 15]
Марија го дала своето најдобро, парфимирајќи го Исусовото тело со „скапоцено“ масло
[Слика на страница 16]
Паричките на вдовицата — скоро безвредни во материјален поглед, но бесценети во Јеховини очи