Како влијае на тебе Христовото преображение
Четворица мажи штотуку се искачиле на една возвишена гора. На тие височини се случило нешто зачудувачко. Додека тројцата изненадени Исусови ученици гледале, тој претпрел промена пред нивни очи. Слушни како пишувачот на Евангелието Марко известува за овој возбудлив настан:
”ИСУС ги зеде со Себе Петра, Јакова и Јована и ги одведе сами во висока гора, насамо, и се преобрази пред нив. Алиштата Му станаа светли, многу бели, како снег, какви што белилка на земјата не може да избели. И им се јави Илија со Мојсеја, и разговараа со Исуса. Тогаш проговори Петар и Му рече на Исуса: ’Рави, добро ни е да бидеме овде; да направиме три сеници: една за Тебе, една за Мојсеја и една за Илија.‘ Зашто не знаеше што да каже, оти беа многу уплашени. И се појави, па ги засени; и од облакот дојде глас, кој велеше: ’Ова е Мојот возљубен Син. Него слушајте Го!‘ И одеднаш, кога погледнаа наоколу, никого веќе не видоа покрај себе, освен само Исуса.“ (Марко 9:2-8).
Претстави си! Исусовото лице блескало како сонце (Матеј 17:2). Неговата горна облека светлела многу посилно отколку што би можела ’да избели белилка на земјата‘. Се чул звукот на Божјиот моќен глас кој дал објава за својот Син. Каков величествен настан!
Грчкиот збор кој тука е преведен со ”преобразен“ значи ”да се промени во друг облик“. Тој исто така се појавува во Римјаните 12:2, (Ст), каде на христијаните им се советува да ”се променат“ со преобликување на своите мисли (An Expository Dictionary of New Testament Words, од В. Е. Вајн, том IV, стр. 148).
Да, се случил драматичен настан кога Исус се преобразил некое време после прославата на Пасхата 32. г.н.е. Што довело до ова чудо? Дали тоа има некоја посебна цел? Зошто биле вклучени Мојсеј и Илија? И како влијае на тебе Христовото преображение?
Претходните настани
Пред да се искачат на гората, Исус и неговите ученици биле во околината на Цезареа Филипова. Бидејќи овој град се наоѓал на околу 25 километри југозападно од планината Хермон, преображението можеби се случило на некој од неговите високи врвови.
Додека оделе кон ”високата гора“, Исус ги прашал своите ученици: ”За кого Ме мислат луѓето?“ Тие одговориле: ”За Јована Крстител, некои за Илија, а други, пак, за еден од пророците.“ Тогаш Христос прашал: ”А вие, за кого Ме мислите?“ Петар одговорил: ”Ти си Христос!“ На тоа Исус ’им забранил да говорат за Него кому и да било. Па почнал да ги учи дека Синот Човечки треба многу да пострада, да биде отфрлен од старешините, првосвештениците и книжниците, и да биде убиен и третиот ден да воскресне‘ (Марко 8:27-31).
Исус продолжил да го дава следново ветување: ”Тука стојат некои, што нема да вкусат смрт, дури не го видат царството Божјо, дојдено во сила“ (Марко 9:1; Матеј 16:28). Ова ветување било исполнето ”по шест дена“, кога Исус се молел и се преобразил пред Петар, Јаков и Јован. Лука вели дека тоа се случило ”осум дена подоцна“, очигледно затоа што тој го вброил денот кога било дадено ветувањето и денот на неговото исполнување (Матеј 17:1, 2, NW; Марко 9:2; Лука 9:28).
Не е само сон или нереалност
Исусовото преобразување не било сон. Тројцата апостоли не би можеле да го имаат истиот сон, а Исус го нарекол визија“. Со тоа не се подразбира нереалност, бидејќи грчкиот збор кој е употребен во Матеј 17:9 на друго место е преведен со ”видение“ (Дела на апостолите 7:31). Така набљудувачите биле потполно будни, и со свои очи и уши навистина го виделе и слушнале она што се случува (Лука 9:32).
Сосема буден, но не занејќи што да каже, Петар предложил да се подигнат три сеници — по една за Исус, Мојсеј и Илија (Лука 9:33). Облакот кој се формирал додека Петар говорел, очигледно укажува на Божјата присутност на гората, како во времето на израелскиот шатор за состаноци во пустината (2. Мојсеева 40:34-38; Лука 9:34). И сигурно дека апостолите не би биле успани кога ”Бог Отецот“ објавил: ”Ова е Мојот возљубен Син; Него послушајте Го!“ (2. Петрово 1:17, 18; Лука 9:35).
Зошто бил виден Мојсеј
Кога преображението се случило, Мојсеј ’воопшто не бил свесен за ништо‘, бидејќи бил умрен со векови порано (Проповедник 9:5, 10, NW). Како Давид, тој не бил воскреснат, и затоа не бил лично присутен (Дела на апостолите 2:29-31). Но, зошто Мојсеј бил виден со Хистос во таа визија?
Бог му рекол на Мојсеј: ”Јас ќе им подигнам пророк од браќата нивни, каков што си ти, ќе ги ставам зборовите Мои во устата Негова и Он ќе им каже сѐ, што Јас ќе му заповедам“ (5. Мојсеева 18:18). Петар посебно го применил ова пророштво на Исус Христос (Дела на апостолите 3:20-23). Освен Исус, Мојсеј бил најголемиот пророк кој бил испратен кај израелската нација.
Постојат сличности помеѓу Мојсеј и поголемиот Мојсеј, Исус Христос. На пример, додека биле млади, животите на обајцата биле загрозени од тирански владетели, но Бог се погрижил бебињата да бидат поштедени (2. Мојсеева 1:20–2:10; Матеј 2:7-23). Обајцата мажи поминале 40 дена во постење на почетокот од својата кариера како Јеховини посебни слуги (2. Мојсеева 24:18; 34:28; 5. Мојсеева 9:18, 25; Матеј 4:1, 2). И Мојсеј и Исус вршеле чуда со Божја сила (2. Мојсеева 14:21-31; 16:11-36; Псалми 78:12-54; Марко 4:41; Лука 7:18-23; Јован 14:11).
Бог го употребил Мојсеј да ги ослободи Израелците од египетското ропство, исто како што Исус остварува духовно ослободување (2. Мојсеева 12:37–14:31; Јован 8:31, 32). Мојсеј имал предност да го посредува сојузот на Законот помеѓу Бог и Израелците, додека Исус е Посредникот на новиот сојуз (2. Мојсеева 19:3-9; 34:3-7; Еремија 31:31-34; Лука 22:20; Евреите 8:3-6; 9:15). Јехова исто така го употребил Мојсеј да си направи име пред Израелците, Египќаните и другите, исто како што Исус го величал Јеховиното свето име (2. Мојсеева 9:13-17; 1. Самоилова 6:6; Јован 12:28-30; 17:5, 6, 25, 26). Со тоа што Мојсеј се појавил со преобразениот Исус, Бог покажал дека Христос ќе служи со овие способности во многу поголем размер.
Зошто се појавил Илија
Иако мртвиот пророк Илија не бил воскреснат, било прикладно тој да се појави во визијата на преображението. Илија извршил огромно дело на обновување на чистото обожавање и посветување на Јеховиното име меѓу Израелците. Исус Христос го правел истото додека бил на Земјата и ќе направи дури и повеќе за да ја обнови чистата религија и да го посвети својот небесен Татко преку Месијанското Царство.
Пророкот Малахија покажал дека делото на Илија навестувало една идна активност. Преку Малахија, Бог рекол: ”Ете! Јас ќе го пратам при вас пророкот Илија, пред да настапи денот Господен [Јеховин, NW] — големиот и страшниот. И тој ќе ги обрне срцата на татковците — кон децата нивни, и срцата на децата кон татковците нивни; за да не ја поразам земјата со проклетство“ (Малахија 4:5, 6).
Ова пророштво имало свое исполнување во мало во делото на Јован Крстител. Исус го истакнал тоа после преображението кога неговите ученици го прашале зошто книжевниците рекле дека првин мора да дојде Илија — пред појавувањето на Месијата. Исус рекол: ”Илија веќе дојде и не го познаа, туку му направија како што сакаа; така и Синот Човечки ќе пострада од нив.“ Извештајот вели: ”Тогаш учениците разбраа, дека Он им зборува за Јована Крстител“ (Матеј 17:10-13).
Јован извршил дело слично на Илија кога ги крстил Евреите кои се покајале за своите гревови против законот на Сојузот. Што е уште поважно, Јован бил претходник на Месијата и го претставил Исус Христос (Матеј 11:11-15; Лука 1:11-17; Јован 1:29). Но, зошто Јовановото дело било само исполнување во мало на пророштвото од Малахија?
Во оваа визија Илија бил виден како зборува со Исус. Тоа било по смртта на Јован Крстител, и затоа подразбира дека во иднина требало да се започне дело слично на она од Илија. Уште повеќе, пророштвото покажало дека ова дело ќе биде извршено пред ’големиот и страшен ден Господов [Јеховин]‘. Тој настан кој брзо се приближува ја вклучува ’војната на големиот ден на Бог Седржителот‘ во Хар-Магедон или Армагедон (Откровение 16:14-16). Тоа значело дека на тоа идно воспоставување на Божјето небесно Царство ќе му претходи дело кое одговара на активноста на Илија и неговиот наследник, Елисеј. И веќе преку еден век, Јеховините современи Сведоци продолжуваат со дело кое го вклучува обновувањето на чистото обожавање и славење на Божјето име (Псалми 145:9-13; Матеј 24:14).
Неговата цел
Преображението сигурно го зацврстило Исус за страдањата и смртта што требало да ја претрпи. Слушајќи го својот небесен Татко како зборува за него како за Син кого Тој го одобрува, тоа сигурно ја зајакнало Исусовата вера. Но, што постигнало преображението за другите?
Исусовото преображение исто така ја зајакнало верата на набљудувачите. Во нивните мисли тоа оставило впечаток дека Исус Христос е Божји Син. Навистина, затоа што Јеховиниот Главен Говорник, Речта, тогаш бил во нивната средина, тие го слушнале Божјиот глас како изјавува: ”Ова е Мојот возљубен Син, Кој е по мојата волја!“ Иако Јехова дал слично сведоштво кога Исус се крстил, за време на преображението Бог додал дека учениците треба да го слушаат Неговиот Син (Матеј 3:13-17; 17:5; Јован 1:1-3, 14).
Преображението било зајакнувачко за верата и на друг начин. За време на визијата, Исус, ”Мојсеј“ и ”Илија“ говореле за ”заминувањето кое [Исус] требало да го исполни во Ерусалим“ (Лука 9:31, NW). Изразот ”заминување“ е преведен од грчкиот збор еʹгзодос. Овој егзодус, или заминување, очигледно ја вклучувало и Исусовата смрт и неговото воскресение од Бог во духовен живот (1. Петрово 3:18). Така, преображението ја зајакнало верата во Христовото воскресение. Тоа посебно ја изградило верата така што пружило убедлив доказ дека Исус ќе биде Царот на Божјето Месијанско Царство. Уште повеќе, визијата покажала дека Царството ќе биде славно.
Преображението исто така ја зајакнало верата во библиското пророштво. Отприлика 32 години подоцна (околу 64. г.н.е. Петар сѐ уште се сеќавал на ова искуство и напишал: ”Не, не ви ја објавивме моќта и присутноста на нашиот Господ Исус Христос следејќи уметнички измислени лажни приказни, туку така што станавме очевидци на неговата величественост. Зашто тој прими од Бог, Таткото, чест и слава, кога од величествената слава му беа упатени зборови како овие: ’Ова е мојот Син, мојот љубен, кого го одобрувам.‘ Да, овие зборови ги чувме како доаѓаат од небото, додека бевме со него на светата гора. Според тоа, ја имаме дотолку поцврста пророчката реч; и добро правите што ѝ посветувате внимание како на лампа која светли на темно место, додека се раздени ден и изгрее ѕвезда деница, во вашите срца“ (2. Петрово 1:16-19, NW).
Нејзиното значење за тебе
Да, Петар го сметал Исусовото преображение како моќна потврда на Божјата пророчка реч. Апостолот Јован можеби исто така мислел на оваа визија кога рекол: ”Речта стана тело и живееше меѓу нас, и ја гледавме неговата слава, слава каква што му припаѓа на единороден син од таткото; и беше полн со незаслужена доброљубивост и вистина“ (Јован 1:14, NW). На сличен начин, преображението може да ја изгради твојата вера во Јеховината пророчка реч.
Преображението и сличните настани можат да ја зајакнат твојата вера дека Исус Христос е Божји Син и проречен Месија. Може да го поткрепи твоето верување во Исусовото воскресение во духовен живот на небото. Оваа зачудувачка визија би требало исто така да ја зголеми твојата вера во Божјата влада, затоа што преображението било претслика на Христовата слава и Царска сила.
Таа е посебно зајакнувачка за верата ако се знае дека Христовото преображение укажало на нашите денови кога Исусовата присутност е реалност (Матеј 24:3-14). Од 1914 тој владее како Божји наименуван Цар на небесата. Неговото од Бога дадено овластување и моќ наскоро ќе се покажат против сите непријатели на божествената влада, отварајќи го патот во нов свет (2. Петрово 3:13). Можеш да се радуваш на бескрајни благослови ако покажуваш вера во прекрасните работи кои се опишани во преображението на Исус Христос.