Дали Исус зборувал за пекол?
НЕКОИ што веруваат во пекол се повикуваат на Исусовите зборови кои се запишани во Марко 9:48 (или стихови 44, 46). Тој спомнал црви што не умираат и оган што не гасне. Кога некој би те прашал што значат овие зборови, како би одговорил?
Во зависност од тоа кој превод на Библијата го користи, тој може да ги прочита стихови 44, 46 или 48, бидејќи во извесни преводи тие се многу слични.a Во Преводот Нов свет стои: „Ако твоето око те наведува на грев, извади го! Подобро ти е со едно око да влезеш во Божјето царство отколку со двете очи да бидеш фрлен во геената, каде што црвите не умираат и огнот не гасне“ (Мар. 9:47, 48).
Како и да е, некои тврдат дека оваа изјава на Исус оди во прилог на заклучокот дека по смртта душите на злите вечно се мачат. На пример, во една белешка во шпанската Sagrada Biblia од Универзитетот во Навара, стои: „Нашиот Господар ги користи [овие зборови] за да се осврне на мачење во пеколот. Вообичаеното објаснување е дека ‚црвот што не умира‘ го означува вечното каење кое го чувствуваат оние што се во пеколот, а ‚огнот што не гасне‘ ја означува нивната физичка болка“.
Меѓутоа, спореди ги зборовите на Исус со последниот стих од пророштвото на Исаија.b Зарем не е јасно дека Исус се осврнал на зборовите во стихот од 66. поглавје на Исаија? Очигледно пророкот на ова место зборува за заминување „од Ерусалим во соседната долина на Еном (геена), каде што во минатото се принесувале човечки жртви (Ерем. 7:31), но која подоцна била претворена во градско буниште“ (The Jerome Biblical Commentary). Јасно е дека симболиката во Исаија 66:24 не се однесува на мачење на луѓето, бидејќи таму станува збор за трупови, односно лешеви. Она што не умира се црвите, а не живи луѓе или бесмртни души. Според тоа, кое е значењето на зборовите што ги кажал Исус?
Забележи каков коментар дава едно католичко дело во врска со Марко 9:48: „Фразата е земена од Исаија (66, 24). Таму пророкот зборува за двата начина на кои обично биле уништувани труповите: со распаѓање и со горење... Тоа што се спомнуваат на исто место и црви и оган уште повеќе ја засилува идејата за уништување... И двете уништувачки сили се опишани како трајни (,не гасне, не умираат‘): едноставно нема спас од нив. Во овој опис, вечни се само црвите и огнот — а не луѓето — и тие уништуваат сѐ пред себе. Според тоа, ова не е опис на вечно мачење, туку на целосно уништување кое е исто што и конечна смрт, односно смрт од која нема воскресение. Значи, [огнот е] симбол на потполно уништување“ (El evangelio de Marcos. Análisis lingüístico y comentario exegético, том II).
Сите што знаат дека вистинскиот Бог е праведен и дека многу нѐ сака можат лесно да видат колку е логично да се разберат зборовите на Исус токму на ваков начин. Тој не кажал дека злите ќе бидат вечно мачени. Напротив, тие се во опасност да бидат уништени засекогаш и никогаш да не бидат воскреснати.
[Фусноти]
a Во најверодостојните библиски ракописи ги нема стихови 44 и 46. Изучувачите признаваат дека овие два стиха веројатно биле додадени подоцна. Професор Арчибалд Т. Робертсон пишува: „Во најстарите и најдобри ракописи овие стихови не постојат. Тие првпат се појавуваат во класата на Западни и Сириски (Византиски) ракописи и во нив само се повторува 48. стих. Затоа [ги испуштаме] стихови 44 и 46 како неавтентични“.
b „Ќе заминуваат и ќе ги гледаат труповите на луѓето што ми грешеле, зашто црвите на нив нема да умрат и нивниот оган нема да угасне, и ќе им бидат одвратни на сите луѓе“ (Иса. 66:24).