Што те мотивира да му служиш на Бог?
„Возљуби Го Господа, твојот Бог, со сето свое срце и со сета своја душа, и со сиот свој разум, и со сета своја сила!“ (МАРКО 12:30).
1, 2. Какви восхитувачки работи се постигнуваат во врска со делото на проповедање?
ВИСТИНСКАТА вредност на еден автомобил не зависи само од неговиот изглед. Бојата може да ја разубави неговата надворешност, а елегантниот дизајн може да го привлече потенцијалниот купувач; но многу поважни се работите што не се гледаат на прв поглед — моторот кој го движи возилото заедно со сите други уреди што го контролираат.
2 Слично е и со службата за Бог што ја врши еден христијанин. Јеховините сведоци изобилуваат со побожни дела. Секоја година трошат преку една милијарда часови во проповедање на добрата вест за Божјето Царство. Освен тоа, се водат милиони библиски студии, а лицата кои се крштеваат, бројат на стотици илјади. Ако си објавител на добрата вест, ти си имал удел во овие возбудливи статистики, иако навидум мал. И можеш да бидеш уверен дека ‚Бог не е неправеден, та да го заборави делото твое и трудот на љубовта, што си ги покажал во Негово име‘ (Евреите 6:10).
3. Што, освен делата, треба да биде од животоважен интерес за христијаните, и зошто?
3 Меѓутоа, вистинската вредност на нашата служба — колективно или поединечно — не се мери само со броеви. На Самуил му било речено: „Човек гледа на лицето, а Господ гледа на срцето“ (1. Царства 16:7). Да, она што вреди пред Бог е какви сме однатре. Точно, битни се и делата. Делата на побожна оддаденост ја украсуваат Јеховината наука и ги привлекуваат потенцијалните ученици (Матеј 5:14-16; Тит 2:10; 2. Петрово 3:11). Сепак, нашите дела не ја кажуваат целата приказна. Воскреснатиот Исус имал причина за загриженост во врска со собранието во Ефес — и покрај извештајот за нивните добри дела. „Ги знам делата твои“, им рекол. „Но сум против тебе, зашто ја остави својата прва љубов“ (Откровение 2:1-4).
4. а) На кој начин нашата служба за Бог би можела да стане еден вид задолжителен ритуал? б) Зошто е потребно самоиспитување?
4 Постои и една опасност. По извесен период, нашата служба за Бог би можела да стане еден вид задолжителен ритуал. Една христијанка ја опишала својата ситуација на следниов начин: „Одев во служба, на состаноци, проучував, се молев — но сето тоа го правев автоматски, без никакви емоции“. Се разбира, Божјите слуги треба да бидат пофалени кога се напрегаат и покрај тоа што се чувствуваат ‚кутнати‘ или ‚потиштени‘ (2. Коринтјаните 4:9; 7:6, НС). Меѓутоа, кога нашата христијанска рутина ќе западне во едноличност, треба, така да се рече, да ѕирнеме во моторот. Дури и најдобрите автомобили треба одвреме навреме да се одржуваат; слично на тоа, сите христијани треба редовно да се самоиспитуваат (2. Коринтјаните 13:5). Другите луѓе можат да ги видат нашите дела, но тие не можат да распознаат што ги мотивира нашите постапки. Затоа, секој од нас треба да биде заинтересиран за прашањето: ‚Што ме мотивира мене да му служам на Бог?‘
Препреки за исправна мотивација
5. Кој закон што го кажал Исус, бил најголем од сите?
5 Кога бил запрашан кој е најголем од сите закони што му биле дадени на Израел, Исус цитирал една заповед која не се сосредоточувала на надворешниот изглед, туку на внатрешниот мотив: „Возљуби Го Господа, твојот Бог, со сето свое срце и со сета своја душа, и со сиот свој разум, и со сета своја сила!“ (Марко 12:28-30). Со тоа, Исус ја открил движечката сила што треба да стои зад нашата служба за Бог, имено љубовта.
6, 7. а) На кој начин Сатана подмолно го напаѓа семејниот круг, и зошто? (2. Коринтјаните 2:11). б) Како може воспитувањето да влијае врз ставот на лицето спрема божествениот авторитет?
6 Сатана сака да ја попречи нашата способност да ја негуваме животоважната особина — љубовта. За да го постигне тоа, еден од методите што ги користи е нападот врз семејниот круг. Зошто? Затоа што тука се формираат нашите први и најтрајни впечатоци за љубовта. Сатана добро го познава библиското начело дека она што ќе се научи во детството може да биде од голема вредност во зрелите години (Изреки 22:6). Уште кога сме во раните години, тој подмолно се обидува да го искриви нашето сфаќање за љубовта. Како ‚бог од овој свет‘, Сатана смета дека неговите намери успеале кога многумина ќе пораснат во домови кои не претставуваат места на сигурност и на љубов, туку се бојни полиња на огорченост, гнев и расипан говор (2. Коринтјаните 4:4; Ефесјаните 4:31, 32; 6:4, НС, фуснота; Колосјаните 3:21).
7 Книгата Making Your Family Life Happy (Направи го среќен семејниот живот) забележала дека начинот на којшто еден татко ја врши својата родителска улога „може да има траен ефект врз подоцнежниот став на неговите деца кон авторитетот, било човечки или божествен“.a Еден христијанин кој бил воспитуван под цврстата рака на својот суров татко, признава: „Мене ми е лесно да го слушам Јехова; но да го сакам ми е многу потешко“. Се разбира, послушноста е животоважна зашто во Божји очи „послушноста е подобра од жртвата“ (1. Царства 15:22). Но, што може да ни помогне не само да го слушаме туку и да негуваме љубов кон Јехова како мотивирачка сила во нашето обожавање?
„Љубовта Христова нѐ гони“
8, 9. На кој начин Исусовата откупна жртва треба да ја поттикне нашата љубов кон Јехова?
8 Најголемиот поттик да негуваме сесрдна љубов кон Јехова е ценењето за откупната жртва на Исус Христос. „Божјата љубов кон нас се покажа во тоа, што Бог Го испрати во светот Својот Единороден Син, за да живееме преку Него“ (1. Јованово 4:9). Штом еднаш сме го разбрале и сфатиле, овој чин на љубов нѐ наведува да реагираме со љубов. „Ние Го сакаме, бидејќи [Јехова] порано нѐ засака“ (1. Јованово 4:19).
9 Исус спремно ја прифатил својата задача да послужи како Спасител на човекот. „Љубовта ја познаваме по тоа, што Он ја положи за нас душата Своја“ (1. Јованово 3:16; Јован 15:13). Исусовата самопожртвувана љубов треба да нѐ поттикне да реагираме со благодарност. За илустрација: Да претпоставиме дека си бил спасен од давење. Дали би можел едноставно да си заминеш дома, да се исушиш и да заборавиш на тоа? Се разбира, не! Би се чувствувал должен кон лицето кое те спасило. На крајот на краиштата, на тоа лице му го должиш својот живот. Зарем на Јехова Бог и на Исус Христос им должиме нешто помалку? Без откупнината, секој од нас, така да се рече, би се удавил во грев и смрт. Наместо тоа, поради овој голем чин на љубов, ние го имаме изгледот да живееме засекогаш на рајска Земја (Римјаните 5:12, 18; 1. Петрово 2:24).
10. а) Како можеме откупнината да ја направиме наша своина? б) На кој начин Христовата љубов нѐ гони?
10 Медитирај за откупнината. Примени ја лично, како што сторил Павле: „А тоа што сега живеам во тело, живеам со верата во Синот Божји, Кој ме засака и Себеси се предаде за мене“ (Галатјаните 2:20). Таквото размислување ќе ја поттикне искрената мотивација, бидејќи Павле на Коринтјаните им напишал: „Љубовта Христова нѐ гони . . . Христос умре за сите, та живите да живеат не веќе за себеси, а за Оној, Кој умре за нив и воскресна“ (2. Коринтјаните 5:14, 15). The Jerusalem Bible вели дека Христовата љубов „нѐ обзема“. Кога размислуваме за Христовата љубов, ние сме поттикнати, длабоко мотивирани, па дури и обземени од неа. Таа ги трогнува нашите срца и нѐ поттикнува на акција. Преводот од Џ. Б. Филипс овој стих вака го парафразира: „Христовата љубов е самиот извор на нашите постапки“. Кој и да било друг вид на мотивација нема да даде траен плод во нас, како што се покажало од примерот на фарисеите.
„Чувајте се од квасот фарисејски“
11. Опиши го ставот на фарисеите спрема религиозните дела.
11 Фарисеите го задушиле сиот живот на обожавањето на Бог. Наместо да ја нагласуваат љубовта кон Бог, тие ги нагласувале делата како мерило за духовност. Нивната преокупираност со детални правила ги правела да изгледаат праведни однадвор, но однатре биле „полни со мртовечки коски и секаква нечистотија“ (Матеј 23:27).
12. Како покажале фарисеите дека се бесчувствителни во срцата откако Исус излекувал еден човек?
12 Во една прилика Исус сочувствително излечил еден човек чија рака била исушена. Колку само среќен мора да бил овој човек кога доживеал моментално оздравување од една болест која несомнено му причинувала голема телесна и емоционална неудобност! Сепак, фарисеите не се радувале со него. Напротив, се жалеле на една формалност — дека Исус помогнал на сабат. Преокупирани со нивното формално толкување на Законот, фарисеите потполно го превиделе духот на Законот. Не е ни чудо што на Исус ‚Му било тешко поради нивните скаменети срца‘! (Марко 3:1-5). Понатаму, тој ги предупредил своите ученици: „Чувајте се од квасот фарисејски и садукејски!“ (Матеј 16:6). Нивните постапки и ставови се разоткриени во Библијата за наша корист.
13. Каква поука извлекуваме од примерот на фарисеите?
13 Примерот на фарисеите нѐ учи дека треба да имаме разумно гледиште кон делата. Вистина, делата се битни зашто „верата без дела е мртва“ (Јаков 2:26). Меѓутоа, несовршените луѓе имаат склоност да ги проценуваат другите на темел на она што го прават, а не на темел на она што се. Повремено, би можеле да се процениме дури и себеси на овој начин. Би можеле да бидеме опседнати со вршењето на дела, како да е тоа единствениот критериум за нашата духовност. Би можеле да ја заборавиме важноста од испитувањето на нашите мотиви. (Спореди 2. Коринтјаните 5:12.) Би можеле да станеме непопустливи лица кои претерано се држат за закони и правила и кои ‚го цедат комарецот, а камилата ја проголтуваат‘, слушајќи го словото на законот, а повредувајќи ја неговата цел (Матеј 23:24).
14. На кој начин фарисеите биле како нечиста чаша или чинија?
14 Она што фарисеите не го сфатиле е тоа дека, ако човек навистина го сака Јехова, делата на побожна оддаденост ќе си дојдат сами по себе. Духовноста тече однатре кон надвор. Исус остро ги осудил фарисеите поради нивното погрешно размислување во овој поглед, велејќи: „Тешко вам, книжници и фарисеи, лицемери, зашто ја чистите чашата и чинијата однадвор, додека внатре тие се полни со грабеж и неправда. Слепи фарисеју, очисти ја чашата и чинијата најнапред внатре, за да бидат чисти и однадвор“ (Матеј 23:25, 26).
15. Наведи примери кои покажуваат дека Исус гледа зад надворешниот изглед.
15 Надворешниот изглед на една чаша, чинија или дури и некоја градба, не открива сѐ. Исусовите ученици биле исполнети со стравопочитување од убавината на ерусалимскиот храм, којшто Исус го нарекол „разбојничко гнездо“ поради она што се случувало внатре (Марко 11:17; 13:1). Она што важело за храмот, важи и за милиони лица кои се исповедаат како христијани, како што покажува и историјата на христијанскиот свет. Исус рекол дека некои кои вршеле „многу чуда“ во негово име, тој ќе ги осуди како извршители на „незаконски дела“ (Матеј 7:22, 23). Во остра спротивност на тоа, за една вдовица која приложила една скоро занемарлива сума пари во храмот, тој рекол: „Оваа сиромашна вдовица даде повеќе од сите, што пуштија во ковчежето; . . . таа од својата сиромаштија даде сѐ што имаше, целата своја прехрана“ (Марко 12:41-44). Дали се ова недоследни заклучоци? Воопшто не. Во обете ситуации, Исус го одразил Јеховиното гледиште (Јован 8:16). Тој ги видел мотивите што стоеле зад делата и судел според нив.
‚Секој според својата способност‘
16. Зошто не треба нашата активност секогаш да ја споредуваме со активноста на некој друг христијанин?
16 Ако нашите мотиви се исправни, нема потреба постојано да се прават споредби. На пример, мала е користа ако натпреварувачки се стремиме да го поминеме истиот износ на време во службата што го поминува некој христијанин или да се споредуваме со неговите постигнувања во проповедањето. Исус рекол да го сакаме Јехова со сето свое срце, ум, душа и сила — а не со срцето, умот, душата и силата на некој друг. Способностите, силата и околностите на секое лице се различни. Ако твојата ситуација ти дозволува, љубовта ќе те мотивира да поминуваш повеќе време во службата — можеби дури и како полновремен пионер. Меѓутоа, ако се бориш против некоја болест, времето што го поминуваш во службата може да биде помало отколку што би сакал ти. Не обесхрабрувај се. Верноста спрема Бог не се мери со часови. Ако имаш чисти мотиви, ќе имаш причина за радост. Павле напишал: „Секој нека си ги испита делата свои, и тогаш ќе има пофалба само во себеси, а не пред [во споредба со, НС] друг“ (Галатјаните 6:4).
17. Со свои зборови раскажи ја накусо параболата за талантите.
17 Размисли и за Исусовата парабола за талантите, запишана во Матеј 25:14-30. Некој човек кој требало да отпатува во странство, ги собрал своите робови и им го предал својот имот. „На едниот му даде пет таланти, на другиот два, на третиот еден; секому според силата [способноста, НС] негова.“ Кога господарот се вратил за да ги среди сметките со своите робови, што нашол? Робот на кого му биле дадени пет таланти, спечалил уште пет. Исто така, и робот на кого му биле дадени два таланта, спечалил уште два. А робот на кого му бил даден еден талант, го закопал в земја и не сторил ништо за да го зголеми богатството на својот господар. Како господарот ја проценил ситуацијата?
18, 19. а) Зошто господарот не го споредувал робот на кој му биле дадени два таланта со робот кој добил пет? б) Што нѐ учи параболата за талантите во врска со пофалбата и споредбите? в) Зошто третиот роб бил неповолно осуден?
18 Како прво, да се задржиме на робовите на кои им биле дадени пет и два таланти. На секој од овие робови господарот му рекол: „Убаво, добри и верни слуго!“ Дали би му го рекол тоа на робот со пет таланти ако тој спечалел само два? Тешко! Од друга страна, на робот кој спечалил два таланта, не му рекол: ‚Зошто ти не си спечалил пет? Па, види колку спечалил овој роб за мене!‘ Не, сочувствителниот господар, кој го претставува Исуса, не направил такви споредби. Тој им ги дал талантите „секому според силата [способноста, НС] негова“ и не очекувал ништо повеќе од она што можел секој од нив да даде. Обата роба добиле еднаква пофалба, зашто обајцата работеле сесрдно за нивниот господар. Сите ние можеме да учиме од ова.
19 Секако, третиот роб не бил пофален. Всушност, тој бил исфрлен надвор во темнината. Со оглед на тоа што добил само еден талант, од него не би се очекувало да направи исто колку и робот со пет таланти. Но, тој не се ни потрудил! Неговата неповолна пресуда била дефинитивна поради неговиот ‚лукав и мрзлив‘ став на срцето, што одразувало недостиг на љубов кон господарот.
20. Како гледа Јехова на нашите ограничувања?
20 Јехова очекува секој од нас да го сака со сета своја сила, но сепак, колку е охрабрувачки што „Он го знае нашиот состав, помни дека ние сме земја“ (Псалм 102:14). Изреки 21:2 вели дека „Господ ги мери срцата“, а не статистиките. Тој ги разбира сите ограничувања над коишто ние немаме контрола, без разлика дали се финансиски, телесни, емоционални или други (Исаија 63:9). Во исто време, тој очекува од нас да го сториме најдоброто со сите средства што можеби ги имаме. Јехова е совршен, но во постапките со неговите несовршени обожаватели, тој не е перфекционист. Тој не е ниту неразумен во своите постапки ниту, пак, нереалистичен во своите очекувања.
21. Какви добри резултати ќе уследат ако нашата служба за Бог е мотивирана од љубов?
21 Да се сака Јехова со сето свое срце, душа, ум и сила е „повеќе од сите прилози и жртви“ (Марко 12:33). Ако сме мотивирани од љубов, тогаш ќе правиме сѐ што можеме во Божјата служба. Петар напишал дека ако побожните особини, вклучувајќи ја и љубовта, ‚постојат во нас и изобилуваат, ќе нѐ спречат да не бидеме ниту неактивни ниту бесплодни во поглед на точното спознание за нашиот Господ Исус Христос“ (2. Петрово 1:8, НС).
[Фуснота]
a Издадена од Библиското и трактатно друштво Стражарска кула од Њујорк, Инк.
За повторување
◻ Што треба да биде движечката сила зад нашата служба за Бог?
◻ Како нѐ гони Христовата љубов да му служиме на Јехова?
◻ Која преокупација на фарисеите мораме да ја избегнуваме?
◻ Зошто не е мудро нашата служба постојано да ја споредуваме со службата на некој друг христијанин?
[Слики на страница 16]
Способностите, силата и околностите се разликуваат од човек до човек