Што е големата неволја?
Што вели Библијата:
Изразот „големата неволја“ се однесува на периодот во кој човештвото ќе го снајдат неволји од невидени размери. Според библиските пророштва, тоа ќе се случи во текот на „последните денови“, или „времето на крајот“ (2. Тимотеј 3:1; Даниел 12:4). Тоа ќе биде „неволја каква што немало од почетокот на светот, кој го создаде Бог, па сѐ дотогаш, и каква што ќе нема повторно“ (Марко 13:19; Даниел 12:1; Матеј 24:21, 22).
Настани што ќе се случуваат во текот на големата неволја
Уништување на лажната религија. Лажната религија ќе биде уништена со невидена брзина (Откровение 17:1, 5; 18:9, 10, 21). Политичките сили, претставени со Обединетите нации, на тој начин ќе ја извршат Божјата волја (Откровение 17:3, 15-18).a
Напад врз вистинската религија. Во видението на Езекиел се зборува за „Гог од земјата Магог“. Тоа е коалиција во која се вклучени сите народи, која ќе се обиде да ги уништи припадниците на вистинската религија. Но, Бог нема да дозволи неговите слуги да бидат уништени (Езекиел 38:1, 2, 9-12, 18-23).
Судење на луѓето на Земјата. Исус ќе му суди на целото човештво и „ќе ги одвои луѓето едни од други, како што пастирот ги одвојува овците од јарците“ (Матеј 25:31-33). Исус ќе им суди на луѓето на темел на тоа дали ги поддржувале неговите „браќа“, односно оние што ќе владеат со него на небото (Матеј 25:34-46).
Собирање на оние што ќе владеат во Царството. Верните луѓе кои се избрани да владеат заедно со Исус ќе го завршат својот живот на Земјата и ќе воскреснат за да живеат на небото (Матеј 24:31; 1. Коринќаните 15:50-53; 1. Солуњаните 4:15-17).
Армагедон. Оваа војна „која ќе се случи во големиот ден на Семоќниот Бог“ е наречена и „Јеховиниот ден“ (Откровение 16:14, 16; Исаија 13:9; 2. Петрово 3:12). Оние што добиле неповолна осуда од Христос ќе бидат уништени (Софонија 1:18; 2. Солуњаните 1:6-10). Тоа значи дека ќе биде уништен и светскиот политички систем, кој во Библијата е претставен со ѕвер со седум глави (Откровение 19:19-21).
Настани што ќе се случуваат по големата неволја
Сатана и демоните фрлени во бездна. Еден моќен ангел ќе ги фрли Сатана и неговите демони во „бездната“, што претставува состојба на неактивност слична на смрт (Откровение 20:1-3). Може да се каже дека тогаш Сатана ќе биде како во затвор. Додека се наоѓа во бездната, нема да може да влијае врз никого (Откровение 20:7).
Започнува Христовото илјадагодишно владеење. Божјето Царство ќе владее илјада години и ќе им донесе големи благослови на луѓето (Откровение 5:9, 10; 20:4, 6). Неброено „мноштво луѓе“ ќе ја преживеат „големата неволја“ и ќе бидат на Земјата уште од самиот почеток на Христовото илјадагодишно владеење (Откровение 7:9, 14; Псалм 37:9-11).
a Во библиската книга Откровение, лажната религија е претставена со изразот Големиот Вавилон, односно „големата блудница“ (Откровение 17:1, 5). Црвениот ѕвер, кој ќе го уништи Големиот Вавилон, ја претставува организацијата чија цел е да ги обедини и застапува сите народи во светот. Оваа организација најпрво постоела под името Лига на народите, а сега се нарекува Обединетите нации.