Пророштва за нашево време
ВО БИБЛИЈАТА е проречено дека Божјето Царство ќе воспостави траен мир и среќа на Земјата (Даниел 2:44). Во молитвата Оче наш, Исус ги поучил своите ученици да се молат: „Да дојде царството твое. Да биде волјата твоја, како на небото така и на земјата“ (Матеј 6:10). Во своето значајно пророштво што им го кажал на учениците на Маслинската Гора, Исус прорекол конкретни настани и ситуации што ќе се одвиваат непосредно пред доаѓањето на тоа Царство. Сите овие обележја сочинуваат еден знак кој ќе биде јасно видлив за сите искрени луѓе. Колку од следниве аспекти на тој знак ти се добро познати?
Светски војни. Исус прорекол: „Ќе се крене народ против народ и царство против царство“ (Матеј 24:7). Пред да избувне Првата светска војна во 1914 год., војните биле ограничени на одредени подрачја. Но, Првата светска војна не само што опфати големи делови од светот туку го забрза и развојот на оружје што е пострашно од она кое човештвото пред тоа го видело. На пример, авионот како нов изум се користеше за да се фрлаат бомби врз цивилно население. Масовното производство на оружје го зголеми крвопролевањето до невидени размери, бидејќи на бојното поле загинаа или беа ранети околу половина од 65-те милиони војници. Сепак, како што одминуваше 20 век, крвопролевањето се зголеми. Како што рекол еден историчар, „никогаш нема да може да им се знае точниот број“ на војниците и на цивилите загинати во Втората светска војна. А војни продолжуваат да се водат и денес.
Раширен глад. „Ќе има глад“, прорекол Исус (Матеј 24:7). Во 2005 год., во списанието Science пишуваше: „Во светот има 854 милиони луѓе (околу 14% од населението) што се хронично или акутно неисхранети“. Во 2007 год., еден извор на Обединетите нации извести дека 33 земји не можат да обезбедат доволно храна за своето население. Како е можно тоа, ако се земе предвид дека светското производство на жито се зголемува? Една работа е тоа што почвата и житото што би можеле да се користат за да се прехранат луѓето се користат за производство на етанол. „За да се добие етанол колку што е потребно за да се наполни само еднаш резервоарот на некое теренско возило, треба да се употреби толку жито колку што му е потребно на еден човек за да се прехрани во текот на цела година“, известува јужноафриканскиот весник The Witness. И во развиените земји, порастот на цените на прехранбените производи става многу луѓе пред избор дали да набават храна за вечера или, пак, тие пари да ги дадат за други неопходни работи, како што се лекарства или огрев.
Силни земјотреси. Исус рекол: „Ќе има силни земјотреси“ (Лука 21:11). Ако имаш впечаток дека денес од земјотрес се погодени повеќе луѓе отколку кога и да било порано, во право си. „Одеднаш гледаме зголемување на сеизмичката активност во целиот свет“, забележа индискиот сеизмолог Р. К. Чада во 2007 год. „Никој не знае зошто.“ Освен тоа, поради брзиот пораст на населението во трусните подрачја, се зголеми бројот на жртвите од овие катастрофи. Земјотресот што го погоди Индискиот Океан во 2004 год. и цунамито што следеше по него ја обележија таа година како „година со најголем број жртви од земјотреси во последниве 500 години“, како и „втора најкобна година во историјата“, вели Геолошкиот институт на САД.
Нескротливи болести. „Ќе има смртоносни зарази“, прорекол Исус (Лука 21:11). Во целиот свет, и стари и нови болести погодуваат сѐ повеќе луѓе, а сѐ уште не можат да се пронајдат лекови за нив. На пример, целта да се искорени маларијата во целиот свет и понатаму е недостижна затоа што никако не успеваат напорите оваа болест да се стави под контрола. Освен тоа, милиони луѓе умираат од стари болести, вклучувајќи ја и туберкулозата (ТБЦ), која сега напаѓа заедно со СИДА-та и со други нови болести. „Една третина од светското население во моментов го носи бацилот на ТБЦ“, известува Светската здравствена организација. Оваа организација, исто така, забележува дека во многу земји ХИВ придонесува за епидемијата на ТБЦ. Секоја секунда некое ново лице се инфицира со ТБЦ, а оваа болест станува сѐ поотпорна на лекови. Во 2007 год., кај еден пациент во Европа била утврдена ТБЦ врз која „не дејствувал ниту еден лек“, извести списанието New Scientist.
Морален и општествен распад. „Беззаконието ќе се зголеми, па кај мнозина љубовта ќе олади“, рекол Исус (Матеј 24:12). Освен она што го прорекол Исус, апостол Павле го посочил и падот на општествените и моралните норми. Тој ги опишал тешките ‚последни денови‘ што ќе настапат непосредно пред Божјето Царство да му стави крај на овој свет. „Луѓето ќе бидат себељубиви, алчни за пари, вообразени, надуени, хулители, непослушни на родителите, неблагодарни, нелојални, бесчувствителни кон другите, неспремни за каков и да било договор, клеветници, без самосовладување, сурови, без љубов кон добротата, предавници, своеглави, горди, повеќе ќе ги сакаат уживањата отколку Бог, и на изглед ќе бидат богобојазливи, но нема да живеат богобојазливо“ (2. Тимотеј 3:1-5). Зар не си забележал дека луѓето покажуваат вакви лоши особини повеќе отколку порано?
Исус и Павле не ги навеле сите историски, општествени и политички фактори што придонесуваат за ваквите услови во светот. Сепак, во нивните пророштва точно се претскажани настаните и ставовите што ги гледаме денес. А што велат за иднината? Пророштвата на Исаија, кои точно го претскажале доаѓањето на Месијата, ги опишуваат и убавите промени што Божјето Царство ќе ги донесе на Земјата. Нив ќе ги разгледаме во следната статија.
[Слика на страница 6]
„Ќе се крене народ против народ“
[Слика на страница 7]
„Ќе има смртоносни зарази“
[Извор на слика]
© WHO/P. Virot