ДВАЕСЕТ И ТРЕТО ПОГЛАВЈЕ
Од својот Господар научил да простува
1. Кој бил најлошиот момент во животот на Петар?
ПЕТАР никогаш не го заборавил тој ужасен миг кога им се сретнале погледите. Дали во очите на Исус видел разочарување или прекор? Можеме само да нагаѓаме бидејќи во Библијата не пишува ништо друго освен дека ‚Господарот се завртел и го погледнал‘ (Лука 22:61). Но, на Петар и тој единствен поглед му бил доволен за да ја почувствува целата тежина на својата грешка. Сфатил дека тукушто се исполнило она што го прорекол Исус. Се одрекол од својот сакан Учител иако се колнел дека никогаш нема да го стори тоа. Ова било тежок удар за Петар, веројатно најлошиот момент во најлошиот ден од неговиот живот.
2. Што требало да сфати Петар, и како тоа што му се случило може да ни помогне и нам?
2 Меѓутоа, не било изгубено сѐ. Бидејќи имал силна вера, Петар сѐ уште имал прилика да научи нешто од своите грешки и да продолжи понатаму, но и да сфати една од најголемите поуки што ги кажал Исус — дека треба да се простува. И секој од нас треба да научи да простува. Затоа, да видиме што научил Петар за простувањето од своето болно искуство.
Морал многу да учи
3, 4. а) Кое прашање му го поставил Петар на Исус, и што можеби си мислел? б) Како Исус покажал дека врз Петар влијаеле ставовите раширени во тоа време?
3 Околу пола година претходно, во својот роден град Капернаум, Петар му пристапил на Исус и го прашал: „Господару, колкупати може да ми згреши мојот брат, а јас да му простам? До седум пати?“ Можеби Петар си мислел дека е многу милостив. Всушност, верските водачи во тоа време го поучувале народот дека човек е должен да му прости на својот ближен само трипати. Исус му одговорил: „Не ти велам до седумпати, туку до седумдесет и седум пати“ (Мат. 18:21, 22).
4 Дали Исус сакал да каже дека Петар треба да води прецизна евиденција за грешките на другите? Не. Напротив, со тоа што му рекол на Петар да прости не само 7 туку 77 пати, Исус сакал да каже дека, ако ги сакаме другите, воопшто нема да водиме сметка за тоа кој колку ни згрешил (1. Кор. 13:4, 5). Со она што го рекол, Исус покажал дека врз Петар влијаеле ставовите на луѓето што живееле во тоа време, кои биле немилостиви и непопустливи, па затоа долго ги памтеле и тешко ги простувале туѓите грешки. Од друга страна, Бог нѐ учи спремно да простуваме, и тоа неограничено. (Прочитај 1. Јованово 1:7-9.)
5. Кога учиме најмногу за простувањето?
5 Во таа прилика, Петар не му противречел на Исус. Но, дали поуката што му ја дал Господарот навистина допрела до неговото срце? За простувањето најмногу учиме кога нам лично очајно ни треба простување. Затоа, да се осврнеме на настаните кои ѝ претходеле на Исусовата смрт. Во тие мачни часови, Петар повеќепати почувствувал колку многу простува неговиот Господар.
Од грешка во грешка
6. Како реагирал Петар кога Исус сакал да ги поучи апостолите да бидат понизни, и што направил Исус?
6 Таа била исклучително важна ноќ — последната ноќ од Исусовиот живот на Земјата. Тој сакал да ги поучи своите апостоли уште за многу работи. На пример, сакал да им покаже што е вистинска понизност. Тоа го направил така што им ги измил нозете, задача што ја извршувал еден обичен слуга. Во почетокот, Петар се зачудил кога видел што прави Исус. Потоа, одбил Исус да му ги измие нозете. А на крајот, побарал да му ги измие не само нозете туку и рацете и главата. Исус не го изгубил трпението, туку спокојно го објаснил значењето на својата постапка (Јован 13:1-17).
7, 8. а) Како Петар повторно ја ставил на испит стрпливоста на Исус? б) Како Исус покажал дека е добар и спремен да прости?
7 Меѓутоа, кратко потоа Петар повторно ја ставил на испит стрпливоста на Исус. Апостолите почнале да се препираат кој од нив е најголем и Петар сигурно учествувал во таа срамна препирка. Преку неа на површина испливала гордоста на апостолите. Сепак, Исус благо ги советувал, па дури и ги пофалил за тоа што верно го следеле. Но, прорекол и дека сите тие ќе го напуштат. Петар на тоа одговорил дека ќе остане со Исус дури и по цена на својот живот. Исус рекол дека ќе се случи токму спротивното — дека уште истата ноќ, пред петелот да запее двапати, Петар трипати ќе се одрече од својот Учител. На тоа, Петар му се спротивставил на Исус и се фалел дека ќе покаже поголема верност од сите други апостоли! (Мат. 26:31-35; Мар. 14:27-31; Лука 22:24-28; Јован 13:36-38).
8 Дали Исус го изгубил трпението кон Петар? Не. Всушност, и во тој тежок период ги барал добрите страни на своите несовршени апостоли. Иако знаел дека Петар ќе го изневери, му рекол: „Сесрдно се молев за тебе, твојата вера да не ослаби. А ти, штом ќе се вратиш, зајакни ги своите браќа!“ (Лука 22:32). Така, Исус покажал доверба дека Петар духовно пак ќе застане на нозе и ќе продолжи верно да му служи. Исус навистина бил добар и спремен да прости!
9, 10. а) Каква исправка му требала на Петар во градината Гетсиманија? б) На што нѐ потсетуваат пропустите на Петар?
9 Подоцна, во градината Гетсиманија, на Петар во повеќе наврати му требала исправка. Исус им рекол нему, на Јаков и на Јован да бдеат додека тој се моли. Иако му требало поддршка затоа што минувал низ тешка душевна мака, Петар и другите неколкупати заспале. Исус не им замерил поради тоа, туку со сочувство им рекол: „Духот, навистина, е спремен, но телото е слабо“ (Мар. 14:32-41).
10 Кратко потоа, дошла толпа луѓе кои носеле факли и биле вооружени со мечеви и стапови. Во таа ситуација требало да се постапи претпазливо. Но, Петар брзоплето тргнал во акција. Со меч го нападнал Малх, кој му бил роб на првосвештеникот, и му го отсекол увото. Исус со смирен глас го прекорил Петар, го излекувал ранетиот роб и објаснил дека неговите ученици не смеат да прибегнуваат кон насилство. Ова начело ги води Исусовите ученици до ден-денес (Мат. 26:47-55; Лука 22:47-51; Јован 18:10, 11). Таа ноќ Исус повеќепати му простил на Петар. Неговите пропусти може да нѐ потсетат дека „сите ние честопати грешиме“. (Прочитај Јаков 3:2.) Кому од нас Бог не треба да му простува секој ден? Но, Петар не бил ни свесен што го очекува таа иста ноќ. Најлошото допрва доаѓало.
Го допрел дното
11, 12. а) Како Петар покажал храброст откако Исус бил уапсен? б) Каква љубов и оддаденост пропуштил да покаже Петар?
11 Исус ѝ рекол на толпата луѓе дека, ако го бараат него, треба да ги пуштат апостолите. Петар беспомошно гледал додека луѓето го врзувале Исус. А потоа побегнал заедно со другите апостоли.
12 По некое време, Петар и Јован престанале да бегаат и можеби застанале во близина на куќата на поранешниот првосвештеник Ана, каде што Исус најнапред бил одведен на сослушување. Додека го изнесувале оттаму, Петар и Јован тргнале по Исус, но го следеле „оддалеку“ (Мат. 26:58; Јован 18:12, 13). Петар не бил кукавица. Била потребна храброст за воопшто да појде по Исус. Луѓето од толпата биле вооружени, а Петар веќе повредил еден од нив. Меѓутоа, не ги покажал љубовта и оддаденоста на кои се заколнал кога рекол дека, ако е потребно, и ќе умре за својот Учител (Мар. 14:31).
13. Кој е единствениот исправен начин да го следиме Христос?
13 Исто како Петар, многу луѓе денес се обидуваат да го следат Христос „оддалеку“ за да не ги види никој. Но, како што подоцна напишал и самиот Петар, вистински следбеници на Христос можеме да бидеме само ако се трудиме во сѐ да одиме по неговите стапки, без оглед на последиците. (Прочитај 1. Петрово 2:21.)
14. Како Петар ја минал ноќта додека судењето на Исус било во тек?
14 Петар внимателно го следел Исус и стигнал пред портата на една од најголемите куќи во Ерусалим. Тоа бил домот на Кајафа, богатиот и влијателен првосвештеник. Таквите куќи обично имале внатрешен двор. Петар дошол до портата, но не го пуштиле внатре. Тогаш Јован, кој го познавал првосвештеникот и веќе бил во дворот, разговарал со слугинката да го пушти Петар да влезе. Изгледа дека Петар не останал со Јован ниту се обидел да влезе во куќата за да биде покрај својот Господар. Останал во дворот, каде што некои робови и слуги во студената ноќ се грееле околу распламтен оган. Петар гледал како лажните сведоци доаѓале и си оделе додека во куќата траело судењето (Мар. 14:54-57; Јован 18:15, 16, 18).
15, 16. Објасни како се исполнило пророштвото на Исус дека Петар трипати ќе се одрече од него.
15 На светлината од огнот, девојката што го пуштила Петар во дворот можела подобро да го види неговото лице. Го препознала и веднаш го обвинила: „И ти беше со Исус Галилеецот!“ Затекнат од нејзините зборови, Петар одрекол дека го познава Исус, па дури и тврдел дека не знае за што зборува оваа девојка. Потоа, отишол до портата, настојувајќи да не привлекува големо внимание. Меѓутоа, една друга девојка го видела и рекла нешто слично: „Овој беше со Исус Назареќанецот“. Петар почнал да се колне: „Не го познавам тој човек!“ (Мат. 26:69-72; Мар. 14:66-68). Откако по вторпат се одрекол од Исус, можеби чул како петелот почнал да кукурига, но бил премногу вознемирен да се сети што прорекол Исус само неколку часа претходно.
16 Малку подоцна, Петар сѐ уште со сите сили се трудел да остане незабележан. Но, тоа не му тргнало од рака затоа што му пристапила една група луѓе кои стоеле во дворот. Едниот од нив му бил роднина на Малх, робот на кој Петар му го отсекол увото. Тој човек го прашал: „Зар не те видов тебе во градината со него?“ Петар почнал да ги уверува дека грешат. Се заколнал дека не го познава Исус, веројатно велејќи дека ќе биде проклет ако лаже. Со тоа по третпат се одрекол од Исус. Веднаш штом ги кажал тие зборови, го чул петелот по вторпат таа ноќ (Јован 18:26, 27; Мар. 14:71, 72).
17, 18. а) Како реагирал Петар кога сфатил дека го изневерил својот Господар? б) Како можеби размислувал Петар?
17 Во тој момент Исус бил на балконот и гледал во дворот. Погледите им се сретнале, како што беше спомнато во почетокот на ова поглавје. Тогаш Петар сфатил што направил. Го изневерил својот Господар! Обземен од чувство на вина, излегол од дворот. Полната месечина сјаела на ноќното небо, а нејзината светлина го следела Петар додека избезумено одел по градските улички. Очите толку му се наполниле со солзи што погледот му се замаглил. Потполно скршен, почнал горко да плаче (Мар. 14:72; Лука 22:61, 62).
18 Кога некој ќе направи тежок грев, лесно би можел да помисли дека не може да му биде простено. Можеби и Петар размислувал така. Но, дали навистина направил непростлив грев?
Дали Петар направил непростлив грев?
19. Како се чувствувал Петар поради тоа што го направил, но од каде знаеме дека не му се предал на очајот?
19 Тешко е да се замисли колкав јад чувствувал Петар тоа утро. Но, ни денот не му донел утеха. Квечерината, откако бил мачен со часови, Исус умрел. Петар мора да мислел сѐ најлошо за себе. Сигурно срцето му се кинело од болка секогаш кога ќе помислел дека и тој уште повеќе му ја зголемил болката на својот Учител во последниот ден од неговиот земски живот. Иако бил бескрајно жалосен, не му се предал на очајот. Од каде го знаеме тоа? Библијата ни кажува дека набрзо повторно бил со своите духовни браќа (Лука 24:33). Без сомнение, на сите апостоли им било жал за нивното однесување последната ноќ од животот на Исус. Но, бидејќи биле заедно, можеле барем донекаде да се утешат еден со друг.
20. Што можеме да научиме од одлуката што ја донел Петар кога му било најтешко?
20 И покрај тоа што му било тешко, тогаш Петар донел една од своите најмудри одлуки. Кога еден Божји слуга ќе падне, не е толку важно колку голем е падот, туку дали ќе собере сили повторно да стане и да го поправи својот однос со Бог. (Прочитај Изреки 24:16.) Петар покажал дека има вистинска вера со тоа што, иако бил многу потиштен, бил заедно со своите браќа. Кога некој е обземен од тага или го гризе совеста, лесно може да падне во замката да се повлече во себе. Но, тоа е опасно! (Изр. 18:1). Во такви ситуации најмудро е да останеме близу до соверниците и повторно да собереме духовна сила (Евр. 10:24, 25).
21. Која вест ја чул Петар поради тоа што бил со своите духовни браќа?
21 Поради тоа што бил со своите духовни браќа, Петар ја чул неверојатната вест дека телото на Исус повеќе не било во гробот. Тој и Јован отрчале до гробницата во која бил положен Исус и на чиј влез бил ставен огромен камен. Јован веројатно бил помлад, па затоа стигнал прв. Иако гробницата била отворена, тој се колебал да влезе. Но, Петар не се двоумел ни секунда, иако бил уморен од трчањето. Веднаш влегол и видел дека гробницата била празна (Јован 20:3-9).
22. Зошто од срцето на Петар исчезнала секоја ронка сомнеж и тага?
22 Дали Петар поверувал дека Исус воскреснал? Во почетокот не, дури ни кога жените кои верно го следеле Исус рекле дека ангелите им објавиле дека Исус станал од мртвите (Лука 23:55—24:11). Но, до крајот на денот, од срцето на Петар исчезнала секоја ронка сомнеж и тага. Исус бил жив! Воскреснал како моќно духовно суштество и им се покажал на сите свои апостоли. Но, пред кого се појавил најпрвин, и тоа насамо? Тој ден апостолите рекле: „Господарот навистина воскреснал и му се појавил на Симон!“ (Лука 24:34). Подоцна, нешто слично напишал и апостол Павле, имено, дека на тој значаен ден Исус ‚му се појавил на Кифа, а потоа на дванаесеттемина‘ (1. Кор. 15:5). Петар бил познат и под имињата Кифа и Симон. Значи, тој ден Исус му се појавил на Петар, и тоа најверојатно насамо.
Исус повеќепати му простил на Петар. Но, кому од нас не му треба простување секој ден?
23. Зошто еден христијанин, ако направи грев, треба да се сети на Петар?
23 Библијата не ни открива како изгледала таа трогателна средба меѓу Исус и Петар. Не можеме ни да си замислиме како се чувствувал Петар кога го видел својот сакан Господар жив. Конечно имал прилика да му каже колку му било жал и колку се каел заради тоа што го направил. Повеќе од сѐ друго Петар сакал да му биде простено. Зар некој би можел да се посомнева дека Исус не му простил, и тоа во потполност? Денес, ако еден христијанин направи грев, треба да се сети на Петар. Никогаш не смееме да мислиме дека Бог не може да ни прости. Исус, кој е совршена слика на својот Татко, покажал дека Јехова ‚простува великодушно‘ (Иса. 55:7).
Силен доказ дека му било простено
24, 25. а) Опиши што се случило ноќта кога Петар отишол да лови риба на Галилејското Море. б) Како реагирал Петар на чудото што го направил Исус следното утро?
24 Исус им рекол на апостолите да појдат во Галилеја, каде што требало пак да се сретнат со него. Кога стигнале таму, Петар решил да појде на Галилејското Море за да лови риба. Со него отишле уште неколку ученици. Така, Петар повторно се нашол на езерото каде што го поминал поголемиот дел од својот живот. Повторно го слушал крцкањето на даските од чамецот и шумот на брановите, а во рацете повторно ги држел грубите рибарски мрежи. Сето тоа го потсетувало на неговиот поранешен начин на живот, кој не му бил толку неизвесен. Петар и останатите цела ноќ не уловиле ништо (Мат. 26:32; Јован 21:1-3).
25 Но, во мугрите некој човек им довикнал од брегот да ги фрлат мрежите од другата страна на чамецот. Тие послушале и извлекле полна мрежа со риби. Во неа имало дури 153 риби! Петар сфатил кој е тој човек и затоа скокнал од чамецот и допливал до брегот. Кога и другите стигнале на брегот, Исус им дал печена риба која ја подготвил за своите верни пријатели. Потоа му се обратил на Петар (Јован 21:4-14).
26, 27. а) Каква прилика Исус трипати му дал на Петар? б) Каков силен доказ му дал Исус на Петар дека му простил?
26 Исус го прашал Петар дали го сака „повеќе отколку овие“ и притоа очигледно покажал на големиот куп риби што ги уловиле. Дали во срцето на Петар се водела борба меѓу љубовта кон рибарењето и љубовта кон Исус? Петар трипати се одрекол од својот Господар, а Исус сега му дал прилика пред другите ученици трипати да ја потврди својата љубов кон него. Секојпат кога Петар ќе речел дека го сака, Исус истакнувал како може да го покаже тоа. Требало да ги храни Христовите овци, односно неговите верни следбеници, да ги зајакнува и да се грижи за нив. Така ќе се видело дека светата служба му била пред сѐ друго (Лука 22:32; Јован 21:15-17).
27 На тој начин, Исус покажал дека Петар сѐ уште е скапоцен за него и за неговиот Татко. Петар требало да има важна улога во Христовото собрание. Тоа навистина било силен доказ дека Исус потполно му простил. Без сомнение, таквата милост му оставила длабок впечаток на овој апостол.
28. Како Петар докажал дека живее во склад со своето име?
28 Петар со години верно ја извршувал својата служба. Ги зајакнувал своите браќа, токму како што му заповедал Исус вечерта пред да умре. Љубезно и стрпливо ги хранел и се грижел за Христовите следбеници. Докажал дека Исус со право му го дал името Петар, што значи карпа, бидејќи во собранието бил духовен столб. Во прилог на ова се и двете негови писма кои зрачат со топлина. Тие се скапоцен дел од Библијата. Од нив јасно се гледа дека Петар не го заборавил она што го научил од Исус за простувањето. (Прочитај 1. Петрово 3:8, 9; 4:8.)
29. Како можеме да се угледаме на верата на Петар и на милоста на неговиот Учител?
29 Како е со нас? И ние треба да ја извлечеме истата поука. Дали секојдневно го молиме Бог да ни ги прости многуте грешки што ги правиме? Дали потоа имаме чувство дека навистина ни е простено и веруваме ли дека Божјето простување нѐ чисти од гревот? Дали и ние им простуваме на другите? Ако размислуваме и постапуваме на овој начин, ќе покажеме дека сме се угледале на верата на Петар и дека сме милостиви како неговиот Учител.