Кој е Исус Христос?
ЗАМИСЛИ си колку мора да бил восхитен младиот Евреин Андреј кога прв пат ги слушнал зборовите на Исус од Назарет! Библијата вели дека Андреј се стрчал кон својот брат и му рекол: „Го најдовме Месијата [или Христос]“ (Јован 1:41). На хебрејски и на грчки јазик зборовите кои обично се преведуваат со „Месија“ и „Христос“ значат „Помазаник“. Исус бил Помазаникот или Избраникот Божји — ветениот Водач (Исаија 55:4). Светото писмо содржи пророштва за него и Евреите во тоа време го очекувале (Лука 3:15).
Од каде знаеме дека Исус навистина бил Божјиот Избраник? Па, да разгледаме што се случило во 29. година од н.е., кога Исус имал 30 години. Тој отишол да биде крстен од Јован Крстител во водите на реката Јордан. Библијата вели: „Откако се крсти, Исус веднаш излезе од водата; и гледај, небесата се отворија, и виде како Божјиот дух слегува како гулаб и доаѓа на него. И гледај, глас од небесата рече: ‚Ова е мојот Син, љубениот, кого го одобрив‘“ (Матеј 3:16, 17). Откако ги чул тие зборови, зарем Јован можел да се сомнева дека Исус е Божјиот Избраник? Со тоа што го излеал светиот дух врз Исус, Јехова Бог го помазал, или го назначил, да биде Цар на Неговото претстојно Царство. Така, Исус станал Исус Христос, или Исус Помазаникот. Меѓутоа, зошто Исус бил наречен Божји син? Од каде потекнувал?
Неговото потекло било од „дамнини“
Животот на Исус може да се подели на три периоди. Првиот започнал долго пред тој да се роди како човек. Неговото потекло било „од дамнини, од вечните времиња“, како што пишува во Михеј 5:2. Самиот Исус рекол: „Јас сум од горните области“ — односно од небото (Јован 8:23). Тој бил на небото како моќна духовна личност.
Поради тоа што сите творби имале свој почеток, едно време Бог бил сам. Меѓутоа, пред безброј години Бог почнал да создава, односно станал Творец. Кој бил неговата прва творба? Последната книга од Библијата го означува Исус како „почетокот на Божјето создавање“ (Откровение 3:14). Исус бил „првороден од сето создание“. Тоа е така „зашто преку него било создадено сѐ друго на небесата и на земјата, видливите и невидливите“ (Колошаните 1:15, 16). Да, Исус бил единствениот кој бил директно создаден лично од Бог. Затоа, тој е наречен Божји „единороден Син“ (Јован 3:16). Првородениот Син исто така ја носи титулата „Речта“ (Јован 1:14). Зошто? Затоа што пред да се роди како човек, тој служел на небото како оној што зборувал во името на Бог.
„Речта“ била со Јехова Бог „во почетокот“, кога биле создадени „небото и земјата“. Тој бил оној кому Бог му рекол: „Да направиме човек според Нашиот лик“ (Јован 1:1; Битие 1:1, 26). Јеховиниот првороден Син бил покрај Таткото, активно работејќи со него. Во Пословици 8:22-31 тој е претставен како вели: „Бев покрај Него [Творецот], како градежничка, бев радосна, од ден на ден, радувајќи се пред Него сето време“.
Додека работеле еден покрај друг, Јехова Бог и неговиот единороден Син сигурно од ден на ден станувале сѐ поблиски. Тоа блиско дружење со Јехова неброени години, длабоко влијаело врз Божјиот Син. Овој послушен Син станал ист како својот Татко, Јехова. Всушност, Колошаните 1:15 го нарекува Исус „сликата на невидливиот Бог“. Ова е една причина зошто е многу важно да го познаваме Исус за да ги задоволиме нашите духовни потреби и нашата природна желба да го запознаеме Бог. Сѐ што направил Исус додека бил на Земјата е токму она што Јехова го очекувал од него. Значи, со тоа што го запознаваме Исус, ние го запознаваме Јехова (Јован 8:28; 14:8-10). Но, како дошол Исус на Земјата?
Неговиот живот како човек
Вториот период од животот на Исус започнал кога Бог го испратил својот Син на Земјата. Јехова преку чудо го пренел животот на Исус од небото во матката на една верна еврејска девица по име Марија. Исус не наследил несовршеност затоа што немал човечки татко. Јеховиниот свет дух, или активна сила, дејствувала врз Марија и неговата сила ја ‚засенила‘ предизвикувајќи преку чудо таа да забремени (Лука 1:34, 35). Затоа Марија родила совршено дете. Како посвоено дете од дрводелецот Јосиф, тој израснал во едно скромно семејство и бил првото од неколкуте деца во семејството (Исаија 7:14; Матеј 1:22, 23; Марко 6:3).
Малку се знае за детството на Исус, но една случка е вредна да се забележи. Кога имал 12 години, неговите родители го зеле со себе на годишната посета на Ерусалим за да ја прослават Пасхата. Додека биле таму, тој поминал прилично многу време во храмот, седнат „среде учителите, слушајќи ги и поставувајќи им прашања“. Освен тоа, ‚сите кои го слушале, постојано се восхитувале на неговото разбирање и на неговите одговори‘. Да, младиот Исус не само што поставувал интересни религиозни прашања, туку и давал интелигентни одговори од кои другите биле восхитени (Лука 2:41-50). Додека растел во градот Назарет, го научил дрводелскиот занает, несомнено од неговиот очув Јосиф (Матеј 13:55).
Исус живеел во Назарет до својата 30-та година. Потоа отишол кај Јован за да се крсти. По крштавањето, Исус започнал со својата енергична служба. За три и пол години, го пропатувал целиот роден крај објавувајќи ја добрата вест за Божјето Царство. Дал доказ дека бил испратен од Бог. Како? Со тоа што направил многу чуда — моќни дела што се над човечката способност! (Матеј 4:17; Лука 19:37, 38).
Исус исто така бил обѕирен и сочувствителен човек. Неговата обѕирност особено била очигледна во начинот на кој гледал на другите и се однесувал со нив. Затоа што бил пристаплив и љубезен, луѓето биле привлечени кон него. Дури и децата се чувствувале опуштено во негово друштво (Марко 10:13-16). Исус ги почитувал жените, иако во тоа време некои гледале со презир на нив (Јован 4:9, 27). Им помагал на сиромашните и измачените да ‚најдат освежување за своите души‘ (Матеј 11:28-30). Тој поучувал јасно, едноставно и практично. А тоа за што поучувал ја покажувало неговата искрена желба да ги запознае неговите слушатели со вистинскиот Бог, Јехова (Јован 17:6-8).
Користејќи го Божјиот свет дух за да прави чуда, Исус сочувствително ги лечел болните и измачените (Матеј 15:30, 31). На пример, еден човек што имал лепра дошол кај него и рекол: „Ако сакаш, можеш да ме исчистиш“. Што направил Исус? Ја испружил раката и го допрел човекот, велејќи му: „Сакам. Исчисти се“. И болниот човек бил излечен! (Матеј 8:2-4).
Исто така, разгледај една ситуација кога едно мноштво луѓе, кои дошле кај Исус, останале со него три дена без храна. Тој се сожалил на луѓето и преку чудо нахранил „четири илјади мажи, освен жени и мали деца“ (Матеј 15:32-38). Во друга прилика, Исус смирил една бура која ги довела во опасност неговите пријатели (Марко 4:37-39). Тој ги воскреснал, или ги вратил во живот оние што умрелеa (Лука 7:22; Јован 11:43, 44). Исус дури спремно го дал својот совршен човечки живот за да можат несовршените луѓе да имаат надеж за иднината. Каква длабока љубов имал Исус кон луѓето!
Каде е Исус денес?
Исус умрел на маченички столб на возраст од триесет и три и пол години.b Но, смртта не била крај на неговиот живот. Третиот период од неговиот живот започнал по околу три дена, кога Јехова Бог го воскреснал својот Син како духовна личност. Откако воскреснал, Исус им се појавил на стотици луѓе што живееле во првиот век од н.е. (1. Коринќаните 15:3-8). Потоа, тој ‚седнал откај десницата на Бог‘ и чекал да прими царска власт (Евреите 10:12, 13). Кога дошло времето за тоа, Исус почнал да владее како Цар. Според тоа, како треба да си го замислиме Исус денес? Дали како еден измачен човек кој е убиен? Или треба да го гледаме како некој што треба да се обожава? Денес Исус не е ниту човек ниту Семоќен Бог. Тој е моќно духовно суштество, владејачки Цар. Во многу скоро време, тој ќе почне да владее над нашата измачена Земја.
Со симболичен јазик, Откровение 19:11-16 го опишува Исус Христос како цар кој јава на бел коњ и доаѓа праведно да суди и да војува. Тој има „остар долг меч, за да ги удри со него нациите“. Да, Исус ќе ја употреби својата голема моќ да ги уништи злобните. А што ќе се случи со оние што се трудат да го следат примерот што го дал тој додека бил на Земјата? (1. Петрово 2:21). Тој и неговиот Татко ќе ги заштитат во претстојната „војна на големиот ден на Семоќниот Бог“ — честопати наречена Армагедон — за да можат вечно да живеат како земни поданици на Божјето небесно Царство (Откровение 7:9, 14; 16:14, 16; 21:3, 4).
Во текот на своето мирољубиво владеење, Исус ќе направи многу чуда во корист на целото човештво! (Исаија 9:6, 7; 11:1-10). Ќе ги излекува болестите и ќе ѝ стави крај на смртта. Преку него Бог ќе воскресне милијарди луѓе, со што ќе им даде можност да живеат вечно на Земјата (Јован 5:28, 29). Не можеме ниту да си замислиме колку ќе биде прекрасен нашиот живот под власта на Царството. Затоа, важно е да продолжиме да учиме од Библијата и подобро да го запознаеме Исус Христос!
[Фусноти]
a Чудата што ги направил Исус биле општо познати. Дури и неговите непријатели признале дека ‚правел многу знаци‘ (Јован 11:47, 48).
b За објаснување за тоа дали Христос умрел на столб или на крст, види на страници 190-191 од книгата Расудување на темел на Писмото, издадена од Јеховините сведоци.
[Рамка на страница 7]
ДАЛИ ИСУС Е СЕМОЌЕН БОГ?
Многу религиозни луѓе велат дека Исус е Бог. Некои тврдат дека Бог е Тројство. Според ова учење, „Таткото е Бог, Синот е Бог и Светиот дух е Бог, а сепак нема три Бога туку еден Бог“. Се верува дека сите тројца се „еднакво вечни и еднакво рамноправни“ (The Catholic Encyclopedia). Дали тие гледишта се точни?
Јехова Бог е Творецот (Откровение 4:11). Тој е без почеток или крај, и тој е семоќен (Псалм 90:2). Од друга страна, Исус имал почеток (Колошаните 1:15, 16). Зборувајќи за Бог како за свој Татко, Исус рекол: „Таткото е поголем од мене“ (Јован 14:28). Исто така, Исус објаснил дека некои работи не ги знаат ниту тој ниту ангелите, а ги знае само неговиот Татко (Марко 13:32).
Освен тоа, Исус му се молел на својот Татко: „Нека не биде мојата волја, туку твојата“ (Лука 22:42). На кого му се молел Исус, ако не на некоја Личност со повисок авторитет? Покрај тоа, Исус не се воскреснал самиот себеси од мртвите, туку Бог го воскреснал (Дела 2:32). Очигледно, Таткото и Синот не биле еднакви пред Исус да дојде на Земјата или во текот на неговиот земен живот. А како било откако Исус воскреснал на небото? Во 1. Коринќаните 11:3 се вели: „Глава на Христос е Бог“. Всушност, Синот секогаш ќе му биде подложен на Бог (1. Коринќаните 15:28). Според тоа, Светото писмо покажува дека Исус не е Семоќен Бог. Тој е Божји Син.
Таканаречената трета личност од Тројството — светиот дух — не е личност. Кога му се обратил на Бог во молитва, псалмистот рекол: „Го испраќаш Својот Дух, пак се создаваат“ (Псалм 104:30). Овој дух не е самиот Бог; тоа е активна сила што тој ја праќа или ја користи за да исполни сѐ што сака. Со помош на овој дух, Бог ги создал физичкото небо, Земјата и сите живи суштества (Битие 1:2). Бог го употребил својот свет дух да ги инспирира луѓето што ја запишале Библијата (2. Петрово 1:20, 21). Според тоа, Тројството не е Библиско учење.c „Господ е наш Бог, Господ е Еден“ вели Библијата (Второзаконие 6:4).
[Фуснота]
c За дополнителни информации, види ја брошурата Дали треба да се верува во тројство?, издадена од Јеховините сведоци.
[Слика на страница 5]
Кога се крстил, Исус станал Божјиот Помазаник
[Слика на страница 7]
Исус ја посветил својата енергија на работата што му ја доделил Бог
[Слика на страница 7]
Денес, Исус е моќен Цар