Дали поучуваш како Исус?
„Народот се чудеше на Неговото учење, зашто Он ги поучуваше како Оној, Кој има власт, а не како книжниците“ (МАТЕЈ 7:28, 29).
1. Кој го следел Исуса додека поучувал во Галилеја, и како реагирал тој?
КАДЕ и да одел Исус, мноштвата се собирале кај него. „И одеше Исус по цела Галилеја и, кога поучуваше по синагогите, го проповедаше Евангелието на царството и лекуваше секаква болест и немоќ кај народот.“ Кога се расчул извештајот за неговите активности, „по Него одеше многу народ од Галилеја и од Десеттоградието, од Ерусалим и од Јудеја, отаде Јордан“ (Матеј 4:23, 25). Кога ги видел, ‚се сожалил, зашто биле изморени и прснати како овци без пастир‘. Додека поучувал, тие можеле да го осетат сочувството или нежната наклоност што ја чувствувал спрема нив; тоа било како ублажувачки мевлем на нивните рани, поради што биле привлечени кон него (Матеј 9:35, 36).
2. Освен Исусовите чуда, што уште ги привлекувало големите мноштва?
2 Какви чудесни физички оздравувања извршувал Исус — ги очистувал лепрозните, правел глувите да слушаат, слепите да гледаат, куците да одат, мртвите да оживуваат! Сигурно дека овие спектакуларни прикажувања на Јеховината моќ којашто делувала преку Исус, ги привлекувале мноштвата во голем број! Но чудата не биле единствените работи кои ги привлекувале; големи мноштва доаѓале и поради духовното лекување што го давал Исус кога поучувал. Забележи го нивниот одзив, на пример, кога ја слушнале неговата прочуена Проповед на гората: „И кога ги заврши овие зборови, народот се чудеше на Неговото учење, зашто Он ги поучуваше како Оној, Кој има власт, а не како книжниците“ (Матеј 7:28, 29). Нивните рабини цитирале усни преданија од древните рабини за да ги поткрепат своите учења. А Исус ги поучувал со авторитет од Бог: „Она што зборувам Јас, го зборувам така, како што Ми рече Отецот“ (Јован 12:50).
Неговото учење го допирало срцето
3. Како се разликувало Исусовото изнесување на неговата порака од она на книжниците и фарисеите?
3 Разликата помеѓу Исусовото поучување и она на книжниците и на фарисеите не била само во содржината — вистини од Бог наспроти тегобни усни преданија од луѓе — туку и во начинот на кој тоа било изнесувано. Книжниците и фарисеите биле арогантни и груби, надуено барале возвишени титули и со презир ги одбивале мноштвата како ‚проклет народ‘. Но, Исус бил кроток, благ, љубезен, сочувствителен и честопати попуштал и бил трогнуван од жал за нив. Тој не само што поучувал со точни зборови, туку и со привлечни зборови од своето срце, кои директно оделе до срцата на неговите слушатели. Неговата радосна порака ги привлекувала луѓето кон него, ги мотивирала да одат рано во храмот за да го слушаат, ги поттикнувала да се приврзат кон него и да го слушаат со задоволство. Доаѓале во голем број за да го слушаат, велејќи: „Никогаш човек не говорел така како Овој Човек“ (Јован 7:46-49; Марко 12:37; Лука 4:22; 19:48; 21:38).
4. Што било тоа во Исусовото проповедање, што особено привлекувало многу луѓе?
4 Секако, една од причините поради која луѓето се чувствувале привлечени кон неговото учење била неговата употреба на илустрации. Исус го гледал она што го гледале и другите, но тој мислел на работи за кои тие никогаш не помислувале. Криновите што растат в поле, птици кои градат свои гнезда, луѓе кои сеат жито, овчари кои носат изгубени јагниња, жени кои шијат крпи на стари облеки, деца кои си играат на плоштадот, рибари кои ги влечат своите мрежи — вообичаени работи што ги гледале сите — никогаш не биле обични во очите на Исус. Насекаде каде што ќе погледнел, тој го гледал она што би можел да го употреби за да го илустрира Бог и Неговото Царство или за да нагласи нешто од човечкото општество околу него.
5. На што ги темелел Исус своите илустрации, и што ги правело неговите параболи делотворни?
5 Исусовите илустрации се темелат на секојдневни работи коишто луѓето многу пати ги виделе, а кога со овие познати работи ќе се поврзат вистини, тие се врежуваат брзо и длабоко во умовите на оние кои слушаат. Таквите вистини не само што се слушаат; тие и се гледаат со очите на разумот и подоцна лесно се враќаат во сеќавањето. Исусовите параболи се карактеризирале со едноставност, не биле натрупани со неважен материјал кој би можел да смета и да го попречи нивното разбирање на вистините. Разгледај ја, на пример, параболата за љубезниот Самарјанин. На живописен начин може да се види што значи добар ближен (Лука 10:29-37). Потоа, тука е параболата за двајцата синови — едниот кој рекол дека ќе работи во лозјето, но не отишол, и другиот кој рекол дека нема да оди, но отишол. Брзо согледуваш кој е крајниот резултат од вистинската послушност — да се изврши доделената работа (Матеј 21:28-31). Никој не дремел со мислите или не талкал додека Исус живо поучувал. Нивните умови биле презафатени како со слушање така и со гледање.
Исус попуштал кога љубовта го оправдувала тоа
6. Кога е особено корисно да се биде разумен, односно попустлив?
6 Многу пати кога Библијата зборува за разумноста, фуснотата укажува дека тоа значи да се биде попустлив. Мудроста од Бог е попустлива кога постојат олеснителни околности. Понекогаш, потребно е да бидеме разумни, или попустливи. Старешините треба да бидат спремни да попуштат кога љубовта го оправдува тоа, а покајанието го заслужува (1. Тимотеј 3:3; Јаков 3:17). Исус дал прекрасни примери за попуштањето, правејќи исклучоци од општите правила кога милоста или сочувството го барале тоа.
7. Кои се некои примери за тоа дека Исус бил попустлив?
7 Исус еднаш рекол: „Кој ќе се одрече од Мене пред луѓето, и Јас ќе се одречам од него пред Мојот Отец небесен“. Но, тој не го отфрлил Петар, иако овој трипати се одрекол од него. Постоеле олеснителни околности коишто Исус очигледно ги зел во обзир (Матеј 10:33; Лука 22:54-62). Исто така постоеле олеснителни околности кога една нечиста жена која имала течење на крв го прекршила Мојсеевиот закон со тоа што влегла во мноштвата. Исус не ја осудил ниту неа. Имал разбирање за нејзиниот очај (Марко 1:40-42; 5:25-34; види и Лука 5:12, 13). Исус им рекол на своите апостоли да не го идентификуваат како Месија, па сепак, не се држел строго за тоа правило кога се идентификувал како таков пред една Самарјанка на бунарот (Матеј 16:20; Јован 4:25, 26). Во сите овие случаи, љубовта, милоста и сочувството го оправдале ова попуштање (Јаков 2:13).
8. Кога книжниците и фарисеите се држеле за правилата, а кога не?
8 Со непопустливите книжници и фарисеи не било така. Кога се работело за нив, тие ги прекршувале нивните сабатни традиции за да го одведат својот бик на вода. Или, ако нивниот бик или нивниот син би паднел во бунар, тие го прекршувале сабатот за да го извадат. Но, за обичните луѓе не би попуштиле ни најмалку! Не сакале ‚ни со прст да ги помрднат [барањата]‘ (Матеј 23:4; Лука 14:5). За Исус, луѓето биле поважни од бројните правила; на фарисеите правилата им значеле повеќе отколку луѓето.
Да се стане „син на заповедта“
9, 10. Каде го нашле родителите Исуса кога се вратиле во Ерусалим, и што било важно во Исусовото испрашување?
9 Некои се жалат дека е запишана само една случка од Исусовото детство. Но, многумина пропуштаат да го увидат големото значење на тој настан. Во врска со тоа сме известени во Лука 2:46, 47: „По три дни Го најдоа во храмот како седи меѓу учители, ги слуша и ги прашува; сите што Го слушаа, се восхитуваа на Неговиот разум и на Неговите одговори“. Theological Dictionary of the New Testament (Теолошкиот речник на Новиот завет) од Кител ја изложува идејата дека во овој случај грчкиот збор за „прашува“ не означува само детска љубопитност. Зборот се однесува на прашување што се користело во судско испитување, истражување, вкрстено испрашување, па дури и „испитувачките и лукавите прашања од фарисеите и садукеите“, како оние што се споменати во Марко 10:2 и 12:18-23.
10 Истиот речник продолжува: „Со оглед на ваквата употреба, би можеле да се запрашаме дали . . . [Лука] 2:46 го покажува не испитувачката љубопитност на детето, туку напротив, Неговото успешно аргументирање. [Стих] 47 би се вклопил во второво гледиште“.a Преводот од Ротерхам ја прикажува стих 47 како драматична конфронтација: „А сите кои го слушаа, беа вон себе поради неговото разбирање и неговите одговори“. Word Pictures in the New Testament (Слики со зборови во Новиот завет) од Робертсон вели дека нивната постојана зачуденост значи дека „биле вон себе како да имале ококорени очи“.
11. Како реагирале Марија и Јосиф на она што го виделе и чуле, на што укажува и еден теолошки речник?
11 Кога Исусовите родители конечно дошле во храмот, ‚се зачудиле‘ (Лука 2:48). Робертсон вели дека грчкиот збор за овој израз значи „да погоди, да истера со удар“. Тој додава дека Јосиф и Марија ‚биле погодени‘ од она што го виделе и чуле. Во извесна смисла, Исус веќе бил зачудувачки учител. А со оглед на оваа случка во храмот, Кителовото дело тврди дека „Исус веќе во Своето детство го започнува конфликтот во кој Неговите противници на крајот ќе мораат да се предадат“.
12. Што ги карактеризирало Исусовите подоцнежни дискусии со верските водачи?
12 И навистина се предале! Со години подоцна, токму со такво испрашување Исус ги победил фарисеите, така што ‚од тој ден никој веќе не се осмелил да Го праша‘ (Матеј 22:41-46). Садукеите биле на сличен начин замолкнати во врска со прашањето за воскресението, и ‚не смееле повеќе за ништо да Го прашаат‘ (Лука 20:27-40). Книжниците не поминале ништо поарно. Откако еден од нив имал дискусија со Исус, ‚никој веќе не смеел да Го прашува‘ (Марко 12:28-34).
13. Што е тоа што го направило настанот во храмот значаен во Исусовиот живот, и на каква натамошна свесност укажува тоа?
13 Зошто беше избран за раскажување овој настан од Исусовото детство, во кој се вклучени Исус и учителите во храмот? Тој бил пресвртница во животот на Исус. Кога бил на околу 12-годишна возраст тој станал она што Евреите го нарекувале „син на заповедта“ — одговорен за држењето на сите прописи. Кога Марија му се пожалила на Исус за душевната болка што им ја предизвикал нејзе и на Јосиф, одговорот на нејзиниот син покажал дека тој веројатно ја сфаќал чудесната природа на своето раѓање и Месијанската иднина. Тоа е навестено така што забележал дека на еден многу директен начин Бог бил негов Татко: „Што сте Ме барале? Зар не знаете дека Јас треба да бидам во она [во куќата, НС], кое што е на Мојот Отец?“ Патем речено, ова се првите Исусови зборови што се забележани во Библијата, и тие покажуваат дека бил свесен за Јеховината намера заради која бил испратен на Земјата. Затоа, целата оваа епизода е од големо значење (Лука 2:48, 49).
Исус ги сака и ги разбира децата
14. Кои интересни гледишта би можел да им ги предочи на младите извештајот за младиот Исус во храмот?
14 Овој извештај треба да биде особено возбудлив за вас младите. Тој покажува колку марливо Исус мора да проучувал додека растел кон мажевно доба. Рабините во храмот биле обземени со стравопочитување од мудроста на овој 12-годишен „син на заповедта“. Па сепак, тој сѐ уште работел со Јосиф во дрводелскиот дуќан, ‚им бил послушен‘ нему и на Марија и растел „во благодатта пред Бога и кај луѓето“ (Лука 2:51, 52).
15. Како Исус ги поддржувал младите за време на неговата земска служба, и што значи тоа за денешните млади?
15 Исус многу ги поддржувал младите луѓе за време на својата земска служба: „А првосвештениците и книжниците, гледајќи ги чудесата што ги направи Он, и слушајќи ги децата како викаа во храмот и велеа: ‚Осана на Давидовиот Син!‘, се расрдија, и Му рекоа: ‚Слушаш ли што велат тие?‘ А Исус им рече: ‚Да! Зар никогаш не сте читале: „Од устата на младенците и од оние што цицаат Ти си приготвил пофалба“?‘“ (Матеј 21:15, 16; Псалм 8:2). Тој и денес ги поддржува стотиците илјади млади луѓе кои ја чуваат својата беспрекорност и кои го фалат, а некои од нив го прават тоа дури и по цена на својот живот!
16. а) Каква лекција им дал Исус на своите апостоли кога ставил едно детенце меѓу нив? б) Во кое пресудно време од животот Исус сѐ уште имал време за децата?
16 Кога апостолите се препирале за тоа кој бил најголемиот, Исус им рекол на 12-мината: „,Кој сака да биде прв, нека биде последен од сите, и на сите — слуга!‘ И кога зеде едно дете, го постави меѓу нив, го прегрна и им рече: ‚Кој прими едно такво дете во Мое име, Мене Ме прима, а кој Ме прима Мене, не [само, НС] Мене Ме прима, туку [и, НС] Оној, Кој Ме пратил‘“ (Марко 9:35-37). Освен тоа, последниот пат кога патувал за Ерусалим, за да се соочи со едно грозно искушение и смрт, тој одвоил време и за децата: „Оставете ги децата да приоѓаат кај Мене и не пречете им, зашто на такви е царството Божјо“. Потоа ‚ги прегрнал, ги положил рацете врз нив и ги благословувал‘ (Марко 10:13-16).
17. Зошто за Исуса било лесно да се поврзе со децата, и што мораат децата да запомнат во врска со него?
17 Исус знае како е да бидеш дете во свет на возрасни. Тој живеел со возрасните, работел со нив, доживеал да им биде подложен и исто така го осетил срдечното, сигурно чувство да биде сакан од нив. Деца, истиот овој Исус е и ваш пријател; тој умрел за вас, а вие ќе живеете вечно ако ги слушате неговите заповеди (Јован 15:13, 14).
18. Која возбудлива помисла треба да ја имаме на ум, особено во времиња на стрес или опасност?
18 Да се прави она што го заповеда Исус не е толку тешко колку што можеби се чини. Млади, тој е готов да ве поддржи вас и секој друг, како што читаме во Матеј 11:28-30: „Дојдете при мене сите изморени и обременети и Јас ќе ве успокојам [закрепнам, НС]; земете го Мојот јарем на себе [или: „дојдете со мене под мојот јарем“, фуснота НС] и поучете се од Мене, бидејќи сум кроток и смирен по срце, и ќе најдете мир за душите ваши; зашто јаремот Мој е благ и бремето Мое е лесно“. Само замисли си — додека одиш низ животот служејќи му на Јехова, Исус оди покрај тебе ублажувајќи ти го јаремот и олеснувајќи ти го товарот. Тоа е воодушевувачка помисла за сите нас!
19. Кои прашања за Исусовите начини на поучување можеме да си ги повториме одвреме навреме?
19 Откако разгледавме само неколку од начините на кои Исус поучувал, дали заклучуваме дека и ние поучуваме како него? Кога ќе ги видиме оние кои се физички болни или духовно изгладнети, дали се сожалуваме да го сториме она што можеме за да им помогнеме? Кога ги поучуваме другите, дали поучуваме за Божјата Реч, или, пак, како фарисеите, поучуваме за наши лични идеи? Дали сме будни да ги видиме секојдневните работи околу нас кои можат да се употребат за да се разјасни, претстави, искристализира и зголеми разбирањето на духовните вистини? Дали избегнуваме да се држиме круто за извесни правила кога, поради околностите, е поумесно да покажеме љубов и милост така што ќе попуштиме во применувањето на таквите правила? А како е со децата? Дали спрема нив ја покажуваме истата нежна грижа и љубезна доброљубивост како што тоа го правел Исус? Дали ги охрабруваш твоите деца да проучуваат како што проучувал Исус кога бил момче? Дали ќе постапуваш со цврстина како Исус, а сепак да бидеш спремен срдечно да ги примиш покајниците на начин како што кокошката ги собира пилињата под своите крилја? (Матеј 23:37).
20. Со која прекрасна помисла можеме да се утешиме додека му служиме на нашиот Бог?
20 Ако се трудиме да го дадеме најдоброто за да ги поучиме другите како што поучува Исус, тој сигурно ќе нѐ ‚земе со себе под неговиот јарем‘ (Матеј 11:28-30).
[Фуснота]
a Се разбира, имаме причина да веруваме дека Исус покажувал соодветна почит спрема постарите од него, особено спрема оние со седа коса и спрема свештениците. (Спореди 3. Мојсеева 19:32; Дела 23:2-5.)
Дали се сеќаваш?
◻ Зошто мноштвата се собирале кај Исус?
◻ Зошто Исус понекогаш попуштал во некои правила?
◻ Што можеме да научиме од Исусовото испрашување на храмските учители?
◻ Каква поука можеме да извлечеме од Исусовиот однос со децата?