Што учиме од Марија
Дали некогаш си се чувствувал недораснат за некој неочекуван предизвик или одговорна задача? Се чувствуваш ли уморен од секојдневната трка да врзеш крај со крај? Можеби си еден од милионите што се збунети и уплашени затоа што морале да ја напуштат својата земја како бегалци. А кој од нас не доживеал длабока болка и празнина кога му умрел некој од најмилите?
СИ ЗНАЕЛ ЛИ дека Марија, мајка му на Исус, ги доживеала сите овие неволји? И не само што ги доживеала, туку успеала и да ги преброди! Што можеме да научиме од неа?
Марија е позната во целиот свет. Тоа не е ништо необично, бидејќи одиграла исклучителна улога во исполнувањето на Божјите намери. Освен тоа, неа ја обожаваат милиони луѓе. Католичката црква ја велича како Богородица и како пример за вера, надеж и добрина. На многумина им било кажано дека Марија е патот до Бог.
Како гледаш ти на Исусовата мајка? Што е уште поважно, како гледа Бог на неа?
Необична задача
Марија, која му била ќерка на Или, потекнувала од израелското племе Јуда. Во Библијата првпат е спомната во поврзаност со еден несекојдневен настан. Кај неа дошол еден ангел и ѝ рекол: „Здраво, со милост обдарена, Јехова е со тебе“. Отпрвин таа се уплашила и ‚почнала да размислува што би можел да значи тој поздрав‘. Тогаш ангелот ѝ рекол дека е избрана за една необична, но во исто време многу сериозна задача — да забремени, да го роди и да го одгледа Божјиот Син (Лука 1:26-33).
Колку голема одговорност ѝ била доверена на оваа млада девојка! Како реагирала таа? Можеби се прашувала дали некој ќе ѝ поверува. Дали поради таа бременост ќе ја изгуби љубовта на својот свршеник, Јосиф, и ќе биде изложена на јавен срам? (5. Мојсеева 22:20-24). И покрај сѐ, Марија не се двоумела да ја прифати оваа одговорна задача.
Бидејќи имала многу цврста вера, таа можела да се подложи на волјата на својот Бог, Јехова. Била уверена дека тој ќе се погрижи за неа. Затоа воскликнала: „Еве ја Јеховината робинка! Нека ми биде според твоите зборови!“ Марија била спремна да се соочи со предизвиците што стоеле пред неа затоа што ја ценела таа посебна задача што ѝ ја дал Бог (Лука 1:38).
Кога Марија му кажала на Јосиф дека е бремена, тој решил да ја раскине свршувачката. Сигурно тие моменти биле многу болни и за двајцата. Библијата не ни кажува колку време траел тој тежок период. Меѓутоа, и на Марија и на Јосиф веројатно многу им олеснало кога на Јосиф му се појавил Јеховин ангел. Овој Божји гласник му објаснил како дошло до необичната бременост на Марија и му рекол да ја одведе дома како своја жена (Матеј 1:19-24).
Тешки времиња
Денес, многу идни мајки со месеци однапред се подготвуваат за раѓањето на бебето, па сигурно тоа било случај и со Марија. Таа го очекувала своето прво дете! Меѓутоа, плановите ѝ ги побркале неочекувани настани. Цезарот Август наредил да се изврши попис на населението, што значело дека сите требало да се попишат во својот роден крај. Затоа Јосиф ја повел Марија, која веќе била во деветтиот месец од бременоста, на пат долг околу 150 километри, и тоа на магаре! Витлеем бил преполн, а на Марија ѝ требало тивко и осамено место за да се породи. Но, единственото место што можеле да го најдат била една штала. Сигурно ѝ било тешко да се породи во штала. Веројатно била збунета и исплашена.
Во тие пресудни моменти од својот живот, Марија сигурно му го излевала своето срце на Јехова со доверба дека тој ќе се погрижи за неа и за бебето. Подоцна стигнале некои овчари, кои многу сакале да го видат бебенцето. Раскажале дека им се појавиле ангели, кои го нарекле тоа дете „Спасител — Христос, Господарот“. Потоа читаме: „Марија ги чуваше сите тие зборови во своето срце и размислуваше за нив“. Таа размислувала за тие зборови и црпела сила од нив (Лука 2:11, 16-19).
А како е со нас? Најверојатно и ние ќе имаме болни моменти во животот. Освен тоа, Библијата покажува дека „времето и непредвидените настани“ можат да нѐ погодат сите и да доведат до многу тешкотии и предизвици во животот (Проповедник 9:11). Ако се случи такво нешто, дали се огорчуваме и го обвинуваме Бог? Зар не би било подобро, исто како Марија, да му се приближиме на Јехова Бог со тоа што ќе ја читаме неговата Реч, Библијата, а потоа ќе размислуваме за она што сме го научиле? Ова сигурно ќе ни помогне да ги издржиме неволјите.
Сиромашна и во бегство
Марија се соочила и со други тешкотии — била сиромашна и морала да бега од својата земја. Дали и ти си доживеал нешто слично во животот? Според еден извештај, „половина луѓе во светот — речиси три милијарди — живеат со помалку од два долара на ден“, а уште милиони други едвај успеваат да врзат крај со крај дури и ако живеат во таканаречените богати земји. А ти? Дали секојдневната мачна работа за да му обезбедиш храна, облека и покрив над главата на своето семејство толку те уморува што понекогаш ти се чини дека не можеш повеќе да издржиш?
Библијата покажува дека Јосиф и Марија биле прилично сиромашни. Од каде знаеме? Меѓу другото, во врска со оваа брачна двојка, евангелијата според Матеј, Марко, Лука и Јован ни откриваат дека 40 дена откако Марија се породила, таа и Јосиф отишле во храмот за да ја принесат жртвата што се барала со законот — „две грлици или два млади гулаба“a (Лука 2:22-24). Ваква жртва смееле да принесат само оние што биле премногу сиромашни за да принесат машко јагне. Значи, најверојатно Јосиф и Марија едвај врзувале крај со крај. И покрај тоа, успеале да создадат пријатна семејна атмосфера. Без сомнение, духовните работи им биле на прво место (5. Мојсеева 6:6, 7).
Кратко по раѓањето на Исус, животот на Марија повторно драстично се променил. Еден ангел му рекол на Јосиф да побегне со семејството во Египет (Матеј 2:13-15). Ова било вторпат Марија да мора да го напушти својот дом, но овој пат требало да замине во друга земја. Во Египет имало голема еврејска заедница, па веројатно Јосиф и Марија живееле меѓу луѓе од својот народ. Сепак, не е лесно да се живее во туѓа земја. Дали и ти со своето семејство си еден од милионите лица што морале да заминат од својата татковина, можеби затоа што си загрижен за доброто на твоите деца или затоа што ви се заканувала некоја опасност? Ако е така, веројатно сфаќаш со какви проблеми морала да се соочи Марија во Египет.
Самопожртвувана сопруга и мајка
Марија не се спомнува многу во евангелијата, освен кога се зборува за раѓањето и детството на Исус. Сепак, знаеме дека таа и Јосиф имале уште најмалку шест други деца. Ова можеби ќе те изненади. Меѓутоа, разгледај што велат евангелијата.
Јосиф многу ја ценел посебната чест што ја имала Марија да го роди Божјиот Син. Затоа, со неа немал полови односи пред да се роди Исус. Во Матеј 1:25 пишува дека Јосиф ‚немал односи со неа додека не родила син‘. Зборот „додека“ во овој стих покажува дека, откако се родил Исус, Јосиф и Марија имале нормални полови односи како маж и жена. Во евангелијата пишува дека, како резултат на тоа, Марија имала деца со Јосиф, како синови така и ќерки. Јаков, Јосиф, Симон и Јуда му биле полубраќа на Исус. Таа имала и најмалку две ќерки (Матеј 13:55, 56). Меѓутоа, овие деца биле зачнати по природен пат.b
Марија била духовно настроена личност. Иако според Законот жените не морале да присуствуваат на прославата на Пасхата, Марија редовно одела со Јосиф во Ерусалим за тој празник (Лука 2:41). Ова значи дека секоја година поминувала пат од околу 300 километри — и тоа со семејство кое станувало сѐ побројно! Но, без сомнение, сите во семејството се радувале на тие патувања.
Многу жени денес се угледуваат на убавиот пример на Марија, работејќи трудољубиво и несебично за да ги исполнат своите библиски обврски. Колку често овие самопожртвувани сопруги покажуваат голема стрпливост, истрајност и понизност! Тоа што ќе размислуваат за ставот на Марија ќе им помогне да ги стават духовните работи пред своите лични желби за удобност и задоволство. Тие знаат, како што несомнено знаела и Марија, дека, ако заеднички му служат на Бог со сопругот и децата, се зајакнува и се обединува семејството.
Еднаш, кога Марија и Јосиф се враќале од еден празник во Ерусалим — а веројатно веќе имале неколку деца — сфатиле дека 12-годишниот Исус не бил со нив. Можеш ли да си замислиш колку се вознемирила Марија додека три дена избезумено го барала својот син? Кога таа и Јосиф конечно го нашле во храмот, Исус рекол: „Зарем не знаевте дека морам да бидам во домот на мојот Татко?“ Извештајот повторно ни открива дека Марија ‚внимателно ги чувала сите овие зборови во своето срце‘. И ова ни покажува колку духовно настроена личност била Марија. Таа внимателно размислувала за сите случки поврзани со Исус. Со години подоцна, веројатно им ги раскажала на писателите на евангелијата своите живи сеќавања за овие и за други настани од детството на Исус (Лука 2:41-52).
Истрајна и покрај страдањето и загубата
Што се случило со Јосиф, очувот на Исус? Откако накусо се спомнува во тој настан од детството на Исус, за Јосиф повеќе не е кажано ништо друго во евангелијата. Некои сметаат дека тоа покажува дека Јосиф умрел извесно време пред Исус да почне со својата служба.c Како и да е, изгледа дека Марија била вдовица кога Исус завршил со својата служба. Кога умирал, тој му ја доверил на апостол Јован грижата за својата мајка (Јован 19:26, 27). Сигурно не би го направил тоа ако Јосиф сѐ уште бил жив.
Марија и Јосиф поминале заедно низ многу работи. Им дошле ангели, бегале од тиранин, неколку пати се селеле, и основале големо семејство. Сигурно многу вечери си седеле заедно и си разговарале за Исус, прашувајќи се низ што сѐ ќе мора да помине во животот и дали тие го воспитуваат и го подготвуваат како што треба. И наеднаш, Марија останала сама.
Дали и тебе ти починал брачниот другар? Дали сѐ уште ја чувствуваш болката и празнината што ги предизвикува таа загуба, дури и ако веќе поминале многу години? Без сомнение, Марија нашла утеха во својата вера и во надежта за воскресениеd (Јован 5:28, 29). Меѓутоа, тие утешни мисли не им ставиле крај на проблемите на Марија. Како и многу други самохрани мајки денес, се соочила со предизвикот да се грижи за своите деца без помошта од својот сопруг.
Логично е да заклучиме дека Исус ја презел улогата на хранител на семејството кога умрел Јосиф. Кога браќата на Исус пораснале, сигурно можеле и самите да придонесат во грижата за семејството. Кога имал „околу триесет години“, заминал од дома и ја започнал својата служба (Лука 3:23). Повеќето родители имаат измешани чувства кога нивниот израснат син или ќерка ќе си замине од дома. Толку време, труд и емоции се вложени во децата што се чини дека останува огромна празнина кога ќе си заминат. Дали и твојот син или ќерка заминале од дома за да ги постигнат своите цели? Дали се гордееш со нив, но во исто време, дали понекогаш посакуваш да ти беа поблиску? Тогаш, сигурно можеш да сфатиш како ѝ било на Марија кога Исус заминал од дома.
Неочекувани тешкотии
Марија веројатно никогаш не очекувала дека ќе се соочи и со еден друг проблем. Додека Исус проповедал, многу луѓе го следеле — но не и неговите браќа. „Всушност, неговите браќа не веруваа во него“, пишува во Библијата (Јован 7:5). Без сомнение, Марија им кажала што ѝ рекол ангелот — дека Исус е „Син Божји“ (Лука 1:35). Сепак, за Јаков, Јосиф, Симон и Јуда, Исус бил само нивниот постар брат. Така Марија се нашла во семејство со различни верски гледишта.
Дали Марија се обесхрабрила и кренала раце од своите деца? Во никој случај! Еднаш, додека проповедал во Галилеја, Исус отишол на гости во една куќа, и се собрало мноштво луѓе за да го слушаат. Кој дошол да го побара? Марија и неговите браќа. Значи, кога Исус бил во близина на својот дом, таа отишла и очигледно ги повела со себе и другите деца, надевајќи се дека ќе го променат своето мислење за него (Матеј 12:46, 47).
Можеби и ти си соочен со сличен предизвик — сакаш да го следиш Исус, но другите во твоето семејство не сакаат. Не обесхрабрувај се и немој да се откажуваш! Како Марија, многумина стрпливо и со години ги охрабрувале членовите на своето семејство иако не гледале речиси никаква промена во нивниот став. Таквата истрајност е скапоцена во Божји очи, сеедно дали другите еден ден ќе реагираат позитивно или не (1. Петрово 3:1, 2).
Најтешките моменти
Последната неволја на Марија, за која пишува во Светото писмо, несомнено сосема ѝ го распарала срцето. Таа морала да гледа како нејзиниот сакан син умира во невидени маки откако бил отфрлен од својот народ. Се вели дека смртта на сопственото дете претставува „најголема загуба“, „најтешка болка“, сеедно дали детето е мало или возрасно. Како што било проречено неколку децении пред тоа, Марија се чувствувала како да ја пробол меч! (Лука 2:34, 35).
Дали дозволила тој последен испит да ја скрши емоционално или да ѝ ја ослабне верата во Јехова? Не. Следниот пат кога се спомнува во Библијата, Марија е со Исусовите ученици и ‚истрајува во молитва‘ со нив. И не е сама. Со неа се и нејзините други синови, кои дотогаш веќе почнале да веруваат во својот постар брат. Тоа сигурно многу ја утешило!e (Дела 1:14).
Марија водела исполнет живот како побожна жена, сопруга и мајка. Доживеала многу убави работи затоа што му служела на Бог. Успешно се справила со многу испити и неволји. Кога се соочуваме со неочекувани предизвици или кога сме вознемирени поради семејните проблеми, сигурно можеме да научиме многу од нејзиниот пример на верна истрајност (Евреите 10:36).
Но, дали е во ред тоа што во многу религии на Марија ѝ се оддава посебна чест? Дали библискиот извештај за исклучителната улога на Марија дава основа да биде обожавана?
[Фусноти]
a Една од птиците се принесувала како жртва за грев (3. Мојсеева 12:6, 8). Со тоа што ја принела, Марија покажала дека е свесна дека таа, како и сите други несовршени луѓе, наследила грев од првиот човек, Адам (Римјаните 5:12).
b Види ја рамката „Дали Исус имал браќа и сестри?“
c Се смета дека тоа што Јосиф повеќе не се спомнува во извештајот за службата на Исус е важен показател дека умрел, затоа што другите членови на Исусовата потесна фамилија — мајка му и неговите браќа и сестри — и понатаму се спомнуваат. На пример, гледаме дека Марија била прилично ангажирана на свадбата во Кана, но Јосиф воопшто не е спомнат (Јован 2:1-11). При една друга случка, луѓето од Христовиот роден крај не го спомнуваат Исус како син на Јосиф, туку како „синот на Марија“ (Марко 6:3).
d Нешто повеќе за библиското ветување за воскресение можеш да прочиташ во 7. поглавје од книгата Што навистина учи Библијата?, издадена од Јеховините сведоци.
e Види ја рамката „Таа имала храброст да направи промени“, на 7. страница.
[Рамка/слика на страница 6]
Дали Исус имал браќа и сестри?
Да, имал. Некои теолози се обиделе да го побијат овој факт, иако е неколкупати јасно потврден во евангелијата (Матеј 12:46, 47; 13:54-56; Марко 6:3). Меѓутоа, библиските изучувачи истакнуваат две работи во врска со теориите дека Марија немала други деца. Прво, тие теории се наметнуваат со одредена цел — да се поткрепи едно учење што се појавило многу подоцна, односно тврдењето на црквата дека Марија останала девица до крајот на својот живот. Второ, ниедна теорија не може да се одржи ако се испита подобро.
На пример, една таква теорија вели дека „браќата“ што се спомнуваат му биле полубраќа на Исус, т.е. синови на Јосиф од неговиот претходен брак. Ова тврдење нема никаква основа бидејќи со него би се негирало дека Исус е првороденец кој има законско право да го наследи царството на Давид (2. Самоилова 7:12, 13).
Друга теорија е дека овие браќа му биле, всушност, братучеди на Исус, иако во Грчките списи се користат различни зборови за „брат“, „братучед“ и „роднина“. Затоа, изучувачот Френк Е. Гејбелин вели дека овие теолошки теории се неуверливи. На крајот, тој додава: „Најлогично е дека зборот ‚браќа‘... се однесува на синовите на Марија и Јосиф, односно на Исусовите браќа по мајка“.
[Рамка на страница 7]
Таа имала храброст да направи промени
Марија била родена во еврејско семејство, што значи дека ѝ припаѓала на еврејската религија. Одела во локалната синагога, како што се нарекуваат местата во кои Евреите го обожаваат Бог, и патувала во храмот во Ерусалим. Меѓутоа, кога дознала нешто повеќе за Божјите намери, сфатила дека Бог повеќе не ги одобрувал традициите на нејзините прататковци. Еврејските верски водачи го убиле нејзиниот Син, Месијата. Пред тие настани, Исус им рекол: „Еве, вашиот дом се напушта и ви се остава вам“ (Матеј 23:38). Бог повеќе не го одобрувал верскиот систем во кој била воспитувана Марија (Галатите 2:15, 16).
Кога било основано христијанското собрание, Марија веројатно имала 50-тина години. Што направила? Дали сметала дека треба верно да се држи за традицијата на своите прататковци затоа што од раѓање ѝ припаѓала на еврејската религија? Дали рекла дека е премногу стара за да се менува? Се разбира дека не! Марија сфатила дека сега Бог го одобрува христијанското собрание, па затоа имала вера и храброст да ги направи потребните промени.
[Слика на страница 5]
Бегство во Египет
[Слика на страница 8]
Најтешките моменти за една мајка