ПЕТНАЕСЕТТО ПОГЛАВЈЕ
„Му падна жал“
1-3. а) Како реагирал Исус кога двајца слепи просјаци го молеле за помош? б) Што значи изразот „му падна жал“? (Види ја фуснотата.)
ДВАЈЦА слепи луѓе седат крај патот, недалеку од Ерихон. Секој ден доаѓаат на ова прометно место и бараат милостина од минувачите. Но, овој ден ќе им се случи нешто што ќе им го промени животот од корен.
2 Одеднаш овие просјаци слушаат врева. Бидејќи не можат да видат ништо, едниот од нив прашува што се случува. „Поминува Исус Назареќанецот!“ — му одговараат. Исус за последен пат оди кон Ерусалим. Но, не е сам — по него оди мноштво луѓе. Откако дознаваат кој поминува, просјаците на сет глас извикуваат: „Господару, смилувај ни се, Сине Давидов!“ Мноштвото налутено се обидува да ги замолчи, но тие се очајни и не престануваат да викаат.
3 И покрај сета врева од мноштвото, Исус го слуша нивното викање. Што ќе направи? Многу работи му се вртат низ главата и му тежат на срцето. Само што не почнала последната седмица од неговиот живот на Земјата. Тој е свесен дека во Ерусалим го чека страдање и свирепа смрт. Сепак, не се прави дека не го слуша ова упорно викање на просјаците. Застанува и заповеда да му ги доведат. Тие го молат: „Господару, нека ни се отворат очите“. ‚На Исус му паѓа жал‘, па им ги допира очите и тие прогледуваат.a Веднаш потоа тргнуваат по него (Лука 18:35-43; Матеј 20:29-34).
4. Како Исус го исполнил пророштвото дека „ќе се сожали на бедниот“?
4 Ова не бил единствениот ваков случај. Во многу ситуации и во најразлични околности, Исус покажувал сочувство затоа што бил длабоко трогнат од нечие страдање. Во Библијата е проречено дека тој „ќе се сожали на бедниот“ (Псалм 72:13). Исус навистина бил таков — тој бил свесен за чувствата на другите. Освен тоа, презел чекори да им помага на луѓето. Неговата сомилост го терала да проповеда. Да видиме како евангелијата ни го откриваат длабокото сочувство што стоело зад зборовите и постапките на Исус, и како можеме и ние да покажеме такво сочувство кон другите.
Имал обѕир кон чувствата на другите
5, 6. Кои примери покажуваат дека Исус бил многу сочувствителен човек?
5 Исус бил многу сочувствителен човек. Тој се соживувал со оние што страдале и имал разбирање за нивните чувства. Иако не бил во сосема исти околности како нив, тој навистина ја чувствувал нивната болка во своето срце (Евреите 4:15). Кога излекувал една жена која 12 години страдала од крвавење, рекол дека нејзината болест била „мачна“, и така покажал дека сфаќа низ какви маки и болки мора да поминала во животот (Марко 5:25-34). Кога ги видел Марија и луѓето околу неа како плачат за починатиот Лазар, нивната тага го потресла до дното на душата. Иако знаел дека набрзо ќе го воскресне својот пријател, сето ова толку го погодило што очите му се наполниле со солзи (Јован 11:33, 35).
6 Во една друга прилика, еден лепрозен човек му пристапил на Исус и го молел: „Ако сакаш, можеш да ме исчистиш“. Што направил Исус кој, како совршен човек, никогаш не бил болен? Му паднало многу тешко кога го видел овој човек што страдал од лепра и ‚го сожалил‘ од срце (Марко 1:40-42). Потоа направил нешто многу необично. Исус добро знаел дека лепрозните биле нечисти според Законот и дека не смееле да се мешаат со другите (3. Мојсеева 13:45, 46). Тој сигурно можел да го излекува овој човек без да го допре (Матеј 8:5-13). Сепак, ја испружил раката и го допрел, велејќи: „Сакам, исчисти се!“ Во истиот миг, ја снемало лепрата кај човекот. Колку длабока сомилост покажал Исус!
7. Што може да ни помогне да станеме сочувствителни, и како можеме да ја покажуваме оваа особина?
7 Од нас како христијани се очекува да покажуваме сочувство кон другите исто како што покажувал Исус. Библијата нѐ поттикнува да бидеме сочувствителниb (1. Петрово 3:8). Можеби не ни е секогаш лесно да ги разбереме чувствата на оние кои страдаат од хронична болест или кои се во тешка депресија — особено ако самите не сме поминале низ такво нешто. Но, не заборавај дека сочувството не зависи од тоа дали и ние сме биле во иста ситуација. Исус се соживувал со болните иако самиот никогаш не бил болен. Тогаш, како можеме ние да бидеме сочувствителни? Така што стрпливо ќе слушаме кога некој што е потиштен ќе ни го отвори срцето и ќе ни каже како се чувствува. Би можеле да се прашаме: ‚Како би се чувствувал јас да сум во негова кожа?‘ (1. Коринќаните 12:26). Ако секогаш се трудиме да видиме и да разбереме како се чувствуваат другите, ќе можеме подобро да ‚ги тешиме потиштените души‘ (1. Солуњаните 5:14). Понекогаш, можеме да покажеме сочувство не само со зборови туку и со солзи. „Плачете со оние што плачат“, стои во Римјаните 12:15.
8, 9. Како Исус покажал обѕир кон чувствата на другите?
8 Исус бил внимателен кон другите и ги земал во обѕир нивните чувства. Спомни си за приликата кога му донеле еден глув човек што едвај можел да зборува. Исус, кој по сѐ изгледа почувствувал дека овој човек се срами, направил нешто што обично не го правел кога ги лекувал другите: ‚Го тргнал настрана од мноштвото‘. Насамо и далеку од погледите на луѓето, тој го излекувал (Марко 7:31-35).
9 Исус на сличен начин покажал обѕир кога луѓето му донеле еден слеп човек и го замолиле да го излекува. ‚Го зел слепиот за рака‘ и ‚го извел надвор од селото‘. Потоа го излекувал постепено. Веројатно на тој начин мозокот и очите на човекот постепено можеле да се приспособат на силната светлина и на разните облици и бои во светот околу него (Марко 8:22-26). Колку голем обѕир покажал Исус!
10. На кои начини може да покажеме обѕир кон чувствата на другите?
10 Бидејќи сме следбеници на Исус, од нас се очекува да покажуваме обѕир кон чувствата на другите. Затоа внимаваме што зборуваме и не забораваме дека, ако зборуваме непромислено, може да ги повредиме оние околу нас (Изреки 12:18; 18:21). Меѓу христијаните, кои се обѕирни кон чувствата на другите луѓе, нема место за остри зборови и за понижувачки и зајадливи забелешки (Ефешаните 4:31). Старешини, како можете да покажете обѕир кон чувствата на другите? Кога давате совет, омекнете ги своите зборови со љубезност и помогнете му на оној што го советувате да го задржи своето достоинство (Галатите 6:1). Родители, како можете да бидете обѕирни кон чувствата на вашите деца? Кога ги карате, трудете се да го правите тоа на таков начин што нема да ги посрамите (Колошаните 3:21).
Презел чекори да им помага на другите
11, 12. Кои извештаи од Библијата покажуваат дека Исус не чекал да биде замолен за да покаже сочувство кон другите?
11 Исус не чекал секогаш некој да го замоли, па да покаже сочувство кон другите. Всушност, сочувството воопшто не е пасивна, туку активна особина која нѐ тера да правиме нешто. Тогаш, не е ни чудо што длабокото сочувство го терало Исус да преземе чекори да им помага на другите. На пример, кога едно големо мноштво луѓе останале три дена со него и немале што да јадат, никој не морал да му каже на Исус дека луѓето се гладни, ниту да му предложи да стори нешто во врска со тоа. Во извештајот се вели: „Исус ги викна кај себе своите ученици и им рече: ‚Жал ми е за народот, зашто веќе три дена се со мене, а немаат што да јадат. Не сакам да ги распуштам гладни, зашто би можеле да премалат по патот‘“. Потоа, без никој ништо да му каже, со чудо го нахранил тоа мноштво (Матеј 15:32-38).
12 Размисли и за еден друг извештај. Во 31 год. од н.е., додека се приближувал кон градот Наин, Исус наишол на тажна глетка. Од градот излегувала погребна поворка, која веројатно се движела кон гробиштата на блискиот рид. Тие биле на пат да го погребат ‚синот единец на една вдовица‘. Можеш ли да си замислиш каква болка чувствувала оваа мајка во срцето? Таа одела да го закопа својот единец, а немала ни маж со кого би можела да ја сподели тагата. Од сите луѓе во поворката, Исус ‚ја здогледал‘ токму вдовицата која останала без своето чедо. Она што го видел длабоко го трогнало и ‚се сожалил на неа‘. Никој не морал да го моли да стори нешто. Сомилоста во срцето го навела на тоа. Тој ‚се приближил, ја допрел носилката‘ и го оживеал момчето. Што се случило потоа? Исус не побарал од младиот човек да му се придружи и да патува заедно со него и со големото мноштво што го следело. Наместо тоа, ‚го предал на мајка му‘ за повторно да бидат заедно како семејство и да има кој да се грижи за вдовицата (Лука 7:11-15).
13. Како можеме да им помагаме на другите следејќи го примерот на Исус?
13 Како можеме да бидеме како Исус во овој поглед? Се разбира, не можеме со чудо да направиме храна или да ги оживееме мртвите. Но, ќе бидеме како Исус ако изнаоѓаме начини да им помогнеме на оние на кои им треба помош. Некој соверник може да ја изгуби работата или да се најде во тешка финансиска криза (1. Јованово 3:17). Можеби е потребно итно да се поправи домот на некоја вдовица (Јаков 1:27). Можеби знаеме некое ужалено семејство на кое му треба утеха или практична помош (1. Солуњаните 5:11). Ако некој навистина има потреба од нешто, не треба да чекаме да нѐ замоли, па да му помогнеме (Изреки 3:27). Сочувството ќе нѐ натера да направиме нешто за него, се разбира, колку што ни дозволуваат околностите. Никогаш не заборавај дека со една љубезна постапка или со неколку утешни зборови кажани од срце можеме да покажеме дека навистина сочувствуваме со оние што страдаат (Колошаните 3:12).
Проповедал поттикнат од сочувство
14. Зошто проповедањето на добрата вест било најважно за Исус?
14 Како што видовме во вториот дел од оваа книга, Исус дал извонреден пример со тоа што ја проповедал добрата вест. Тој рекол: „Морам да... ја објавам добрата вест за Божјето царство, бидејќи за тоа сум испратен“ (Лука 4:43). Зошто ова дело било најважно за него? Главно затоа што го сакал Бог. Но, Исус имал и друг мотив: тој искрено сочувствувал со другите, и тоа го терало да стори нешто за нивните духовни потреби. Иако покажал сочувство на најразлични начини, сепак најважно му било да го задоволи духовниот глад на луѓето. Да разгледаме два настана кои откриваат што чувствувал Исус кон луѓето на кои им проповедал. Ова ќе ни помогне да се преиспитаме од кои причини ние ја вршиме службата.
15, 16. Опиши два настана кои откриваат што чувствувал Исус кон луѓето на кои им проповедал.
15 Во 31 год. од н.е., откако речиси две години несебично се трошел во службата, Исус почнал да проповеда уште повеќе. Тргнал „да ги обиколува сите градови и села“ во Галилеја. Она што го видел го допрело до срце. Апостол Матеј известува: „Штом ги виде мноштвата, се сожали на нив бидејќи беа измачени и расеани како овци без пастир“ (Матеј 9:35, 36). На Исус му било жал за обичниот народ. Тој бил свесен за бедната духовна состојба во која се наоѓале тие луѓе. Знаел дека се малтретирани и крајно запоставени токму од оние што требало да се грижат за нив — од верските водачи. Затоа, поттикнат од длабока сомилост, Исус давал сѐ од себе да им ја пренесе пораката на надеж. Добрата вест за Божјето Царство било она што најмногу им било потребно на луѓето.
16 Нешто слично се случило неколку месеци подоцна, околу Пасхата во 32 год. од н.е. Во таа прилика, Исус и неговите апостоли влегле во чамец и отпловиле кон другата страна од Галилејското Море за да најдат осамено место и да се одморат. Но, мноштво луѓе побрзале пеш по брегот и стигнале на другата страна пред да пристигне чамецот. Што направил Исус? „Кога излезе, виде многу народ, па се сожали на нив, зашто беа како овци без пастир. И почна да ги поучува за многу работи“ (Марко 6:31-34). Значи, Исус повторно ‚се сожалил‘ на луѓето поради нивната лоша духовна состојба. Како „овци без пастир“, тие биле духовно изгладнети и препуштени сами на себе. Тој им проповедал од сочувство, а не само затоа што се чувствувал должен да го прави тоа.
17, 18. а) Зошто проповедаме? б) Што ќе ни помогне да имаме сочувство кон другите?
17 Што нѐ мотивира нас, како следбеници на Исус, да проповедаме? Како што видовме во деветтото поглавје од оваа книга, ние имаме налог, односно должност да проповедаме и да правиме ученици (Матеј 28:19, 20; 1. Коринќаните 9:16). Но, не треба да го вршиме ова дело само затоа што должноста нѐ тера на тоа. Љубовта кон Јехова е главната причина поради која ја објавуваме добрата вест за Неговото Царство. Освен тоа, проповедаме затоа што сочувствуваме со оние што имаат поинакви верувања од нашите (Марко 12:28-31). Што ќе ни помогне да имаме такво сочувство кон другите?
18 Треба да ги гледаме луѓето како што ги гледал Исус — „измачени и расеани како овци без пастир“. Замисли дека си нашол едно беспомошно јагне кое се изгубило. Кутрото животинче е гладно и жедно бидејќи нема пастир кој ќе го води на зелени пасишта и на поило. Зарем нема да ти падне жал за тоа јагненце? Зар нема да сториш сѐ што можеш да му дадеш храна и вода? Многу луѓе кои сѐ уште не ја чуле добрата вест се како тоа јагненце. Запоставени од пастирите на лажните религии, тие се гладни и жедни во духовна смисла, и немаат никаква надеж за иднината. Ние го имаме она што им е потребно — здравата духовна храна и освежителните води на вистината од Божјата реч (Исаија 55:1, 2). Кога размислуваме за духовните потреби на луѓето околу нас, ни паѓа жал за нив. Ако и ние, како Исус, сочувствуваме со другите, ќе направиме сѐ што можеме да им ја пренесеме надежта за Царството.
19. Што можеме да сториме за да поттикнеме некој интересент, кој ги исполнува условите да проповеда, да започне со службата?
19 Како можеме да ги поттикнеме другите да го следат примерот на Исус? Да речеме дека сакаме да поттикнеме некој интересент, кој ги исполнува условите да проповеда, да започне со службата. Или, пак, сакаме да му помогнеме на некој неактивен објавител повторно да почне да проповеда. Како можеме да го сториме тоа? Треба да најдеме начин да им допреме до срцето. Сети се дека Исус најпрво ‚се сожалил‘ на луѓето, а потоа ги поучувал (Марко 6:34). Според тоа, ако можеме да им помогнеме да развијат сочувство, тогаш нивното срце сигурно ќе ги поттикне да бидат како Исус и да им зборуваат за добрата вест на другите. Би можеле да ги прашаме: „Како ти се подобри животот откако ја прифати добрата вест? Зарем таа вест не им е потребна и на луѓето што уште не слушнале за неа? Како можеш да им помогнеш?“ Се разбира, најсилен мотив за да проповедаме е љубовта кон Бог и желбата да му служиме.
20. а) Што значи да се биде следбеник на Исус? б) Што ќе разгледаме во следното поглавје?
20 Како вистински следбеници на Исус, ние не треба само да ги повторуваме неговите зборови и да постапуваме како него, туку мора и да размислуваме ‚како што размислувал‘ тој (Филипјаните 2:5). Колку треба да сме благодарни што Библијата ни ги открива мислите и чувствата што стоеле зад зборовите и постапките на Исус! Ако постојано го запознаваме „Христовиот ум“, ќе чувствуваме уште поголема сомилост и искрено сочувство, а тоа ќе нѐ поттикне и да постапуваме со другите исто како што постапувал тој (1. Коринќаните 2:16). Во следното поглавје ќе видиме на кои сѐ начини Исус покажувал љубов, особено кон своите следбеници.
a За грчкиот збор што е преведен со „му падна жал“ се вели дека е еден од најсилните зборови за сочувство во грчкиот јазик. Во една книга пишува дека тој „не означува само болка што некој ја чувствува кога ќе види дека друг страда, туку и силна желба која го тера да му го олесни и да му го отстрани тоа страдање“.
b Грчката придавка што е преведена со „сочувствителни“ дословно значи „страдаат заедно со (некого)“.