„Учете од мене“
„Земете го мојот јарем на себе и учете од мене, зашто јас сум со благ нарав и понизен во срце, и ќе најдете освежување за своите души“ (МАТЕЈ 11:29).
1. Зошто може учењето од Исус да биде пријатно и збогатувачко?
ИСУС ХРИСТОС секогаш размислувал, поучувал и постапувал складно. Времето што го поминал на Земјата било кратко, но тој уживал во наградувачка и задоволителна кариера, и останал среќен. Собрал ученици и ги поучил како да го обожаваат Бог, да го сакаат човештвото и да го победат светот (Јован 16:33). Им ги исполнил срцата со надеж и ‚фрлил светлина врз животот и нераспадливоста преку добрата вест‘ (2. Тимотеј 1:10). Доколку се вбројуваш меѓу неговите ученици, што значи според тебе да се биде ученик? Ако разгледаме што вели Исус за учениците, можеме да научиме како да го збогатиме својот живот. Тоа вклучува да го усвоиме неговото гледиште и да примениме некои основни начела (Матеј 10:24, 25; Лука 14:26, 27; Јован 8:31, 32; 13:35; 15:8).
2, 3. а) Што значи ученик на Исус? б) Зошто е важно да се запрашаме: ‚Чиј ученик сум станал?‘
2 Во Христијанските грчки списи зборот преведен со „ученик“ во основа значи оној што го насочува својот ум кон нешто, односно оној што учи. Сроден збор се појавува во стихот за нашата тема, Матеј 11:29: „Земете го мојот јарем на себе и учете од мене, зашто јас сум со благ нарав и понизен во срце, и ќе најдете освежување за своите души“. Да, ученик е некој што учи. Евангелијата обично го применуваат зборот „ученик“ на Исусовите блиски следбеници, кои патувале со него додека тој проповедал и кои биле поучени од него. Некои луѓе, пак, можеби едноставно ги прифатиле Исусовите учења, правејќи го тоа дури и тајно (Лука 6:17; Јован 19:38). Евангелските писатели исто така се осврнале на „учениците на Јован [Крстител] и учениците на фарисеите“ (Марко 2:18). Затоа што Исус ги предупредил своите следбеници да „се чуваат . . . од учењето на фарисеите“, можеме да се запрашаме: ‚Чиј ученик сум станал?‘ (Матеј 16:12).
3 Ако сме Исусови ученици, ако сме учеле од него, тогаш другите треба да се чувствуваат духовно освежени во наше присуство. Тие треба да увидат дека сме стекнале поблаг нарав и дека сме станале попонизни во срцето. Ако на нашето работно место имаме раководни одговорности, ако сме родители или имаме пастирски должности во христијанското собрание, дали оние што се под наша грижа чувствуваат дека постапуваме со нив како што постапувал Исус со оние што биле под негова грижа?
Како Исус постапувал со луѓето
4, 5. а) Зошто не е тешко да дознаеме како постапувал Исус со луѓето што имале проблеми? б) Какво искуство имал Исус кога бил на ручек во куќата на еден фарисеј?
4 Треба да знаеме како Исус постапувал со луѓето, особено со оние што имале сериозни проблеми. Тоа не треба да биде тешко да се научи; Библијата содржи многу извештаи за средби на Исус со луѓето, од кои некои се наоѓале во неволји. Да го забележиме и начинот на кој верските водачи, особено фарисеите, постапувале со луѓето што имале слични проблеми. Контрастот ќе биде поучен.
5 Во 31 година н.е., додека Исус бил на проповедничко патување низ Галилеја, ‚еден фарисеј постојано го молел [Исус] да руча со него‘. Исус не се колебал да ја прифати поканата. „Затоа влезе во куќата на фарисејот и прилегна до масата. И гледај, една жена која во градот беше позната како грешница, дозна дека тој е прилегнат за оброк во куќата на фарисејот, и донесе еден сад од алабастер со мирисливо масло, и сместувајќи се одзади кај неговите нозе, таа плачеше и почна да му ги натопува нозете со солзи и да му ги брише со косата од својата глава. Исто така, нежно му ги бакнуваше нозете и му ги мачкаше со мирисливото масло“ (Лука 7:36-38).
6. Зошто можеби се наоѓала во куќата на фарисејот жената што била грешница?
6 Можеш ли да си го претставиш тоа? Еден прирачник тврди: „Жената (ст. 37) ги искористила општествените обичаи што им дозволувале на сиромашните луѓе да посетат една таква гозба за да добијат од остатоците“. Тоа можеби е објаснување како некој можел да влезе непоканет. Можеби таму имало и други што се надевале да присоберат нешто на крајот од оброкот. Меѓутоа, однесувањето на оваа жена било необично. Не гледала отстрана, чекајќи ручекот да заврши. Таа била на лош глас, била позната „грешница“, така што Исус рекол дека знае за нејзините „гревови, иако [биле] многу“ (Лука 7:47).
7, 8. а) Како би можеле да реагираме под околности слични на оние запишани во Лука 7:36—38? б) Како реагирал Симон?
7 Замисли да си живеел во тоа време и да си бил на местото на Исус. Како ќе си реагирал? Дали ќе си се чувствувал непријатно кога ќе ти пристапела оваа жена? Како ќе влијаела врз тебе таквата ситуација? (Лука 7:45). Дали ќе си бил шокиран, дали ќе те обзел ужас?
8 Да си бил меѓу другите гости, ќе било ли твоето размислување барем донекаде слично на мислењето на Симон фарисејот? „Кога го здогледа тоа фарисејот кој го повика, во себе си рече: ‚Да беше овој човек пророк, би знаел која е и каква е оваа жена која го допира, дека таа е грешница‘“ (Лука 7:39). За разлика од него, Исус бил човек со длабоко сочувство. Тој ја сфатил тешката ситуација на жената и ја почувствувал нејзината мака. Не се кажува како таа западнала во грешен живот. Ако навистина била проститутка, мажите од градот, предадените Евреи, очигледно не ѝ помагале.
9. Како реагирал Исус, и каков можеби бил резултатот?
9 Но, Исус сакал да ѝ помогне. Тој ѝ рекол: „Простени ти се гревовите“. Потоа додал: „Твојата вера те спаси; оди си во мир“ (Лука 7:48-50). Овде извештајот завршува. Можеби некој ќе приговори дека Исус не сторил многу за неа. Во основа, тој ја испратил со благослов. Мислиш ли дека таа веројатно се вратила на својот жалосен начин на живот? Иако не можеме да кажеме со сигурност, забележи што вели понатаму Лука. Тој раскажал дека Исус патувал „од град до град и од село до село, проповедајќи и објавувајќи ја добрата вест за Божјето царство“. Исто така, Лука известил дека „некои жени“ биле со Исус и со неговите ученици, ‚служејќи им со својот имот‘. Не е исклучена можноста дека сега меѓу нив била и оваа жена, која се покајала и била полна со ценење, и го прифатила побожниот начин на живот со чиста совест, со обновено чувство за смисла и многу подлабока љубов кон Бог (Лука 8:1-3).
Разликата меѓу Исус и фарисеите
10. Зошто е корисно да го разгледаме извештајот за Исус и за жената во куќата на Симон?
10 Што можеме да научиме од овој жив извештај? Тој ги побудува нашите емоции, зарем не? Замисли дека си во куќата на Симон. Како би се чувствувал? Дали ќе си реагирал како Исус, или ќе си се чувствувал нешто слично на неговиот домаќин, фарисејот? Исус бил Божји Син, така што не можеме да се чувствуваме и да постапуваме во сѐ како него. Од друга страна, можеби не сме баш желни да мислиме за себе дека сме како Симон, фарисејот. Малкумина би се гордееле ако се фарисејски настроени.
11. Зошто не би сакале да бидеме ставени во категоријата на фарисеите?
11 Од проучувањето на библиските и на световните докази можеме да заклучиме дека фарисеите имале превисоко мислење за себе како за чувари на општото добро и на благосостојбата на нацијата. Тие не биле задоволни со тоа што Божјиот закон бил суштински јасен и лесно разбирлив. Секаде каде што им се чинело дека Законот не е доволно конкретен, гледале да ги затворат наводните празнини давајќи дефинирана примена со цел да ја отстранат секоја потреба од совест. Овие верски водачи се обидувале да измислат пропис што ќе раководи со однесувањето во сите спорни прашања, па дури и во ситници.a
12. Какво гледиште имале фарисеите за себе?
12 Еврејскиот историчар Јосиф од првиот век јасно става до знаење дека фарисеите се сметале себеси за љубезни, благи, праведни и сосема погодни за својата задача. Несомнено, некои од нив доста се доближувале до тоа. Би можел да ти дојде на ум Никодим (Јован 3:1, 2; 7:50, 51). Со текот на времето, некои од нив го прифатиле христијанскиот пат (Дела 15:5). Христијанскиот апостол Павле пишувал за некои Евреи, како што биле фарисеите: „Имаат ревност за Бог; но не според точно спознание“ (Римјаните 10:2). Меѓутоа, евангелијата ги претставуваат како што ги гледал обичниот народ — горди, арогантни, самоправедни, лица што наоѓале маани, критизерски настроени и што понижувале.
Исусовото гледиште
13. Што имал да каже Исус за фарисеите?
13 Исус ги искритикувал книжниците и фарисеите нарекувајќи ги лицемерни. „Врзуваат тешки товари и ги ставаат врз плеќите на луѓето, а самите не сакаат ниту со прст да ги помрднат.“ Да, товарот бил тежок, а јаремот наметнат врз луѓето бил суров. Освен тоа, Исус ги нарекол книжниците и фарисеите „будали“. Будала човек е опасност за средината. Исто така, Исус ги нарекол книжниците и фарисеите „слепи водачи“ и тврдел дека тие ‚ги занемариле потешките работи од Законот, имено, правдата и милосрдноста и верноста‘. Кој би сакал да биде од Исус сметан за фарисеј? (Матеј 23:1-4, 16, 17, 23).
14, 15. а) Што откриваат Исусовите постапки со Матеј Леви за начинот на однесување на фарисеите? б) Кои важни лекции можеме да ги научиме од овој извештај?
14 Речиси секој читател на евангелските извештаи може да ја види критизерската природа на повеќето фарисеи. Откако бил повикан од Исус да стане ученик, Матеј Леви, даночникот, приредил голем прием за него. Извештајот вели: „Тогаш фарисеите и нивните книжници почнаа да мрморат против неговите ученици, велејќи: ‚Зошто јадете и пиете со даночници и грешници?‘ Одговарајќи, Исус им рече: . . ‚Не дојдов да ги повикам на покајание праведниците, туку грешниците‘“ (Лука 5:27-32).
15 Самиот Леви сфатил нешто друго што кажал Исус во таа прилика: „Затоа, одете и научете што значи ова: ‚Милосрдност сакам, а не жртва‘“ (Матеј 9:13). Иако тврделе дека веруваат во записите на хебрејските пророци, фарисеите не ги прифатиле тие зборови од Осија 6:6. Ако згрешеле, се труделе да изгледа дека тоа го прават од послушност кон традицијата. Секој од нас би можел да се праша: ‚Дали сум на глас како човек што инсистира на извесни правила, како што се оние кои одразуваат лично мислење или општоприфатен став кон извесна работа? Или, пак, другите ме сметаат, пред сѐ, како милосрден и добар?‘
16. Каков бил фарисејскиот начин, и како можеме да избегнеме да бидеме како нив?
16 Барај маани, барај маани, барај маани. Тоа бил фарисејскиот начин. Фарисеите барале секаков недостаток — вистински или замислен. Ги терале луѓето да заземат одбранбен став и ги потсетувале на нивните пропусти. Фарисеите се гордееле што давале десеток од најситните растенија, како што биле нане, копра и кимин. Ја рекламирале својата побожност со своето облекување и се обидувале да ја водат нацијата. Секако, за нашите постапки да бидат во согласност со Исусовиот пример, мора да ја избегнуваме склоноста секогаш да ги бараме и да ги истакнуваме мааните на другите.
Како се справувал Исус со проблемите?
17-19. а) Објасни како се справил Исус со една ситуација што можела да има многу сериозни последици. б) Што ја направило ситуацијата стресна и непријатна? в) Како ќе си реагирал да си бил таму кога жената му пристапила на Исус?
17 Исусовиот начин на справување со проблемите бил многу поинаков од начинот на фарисеите. Разгледај како се справил Исус со една ситуација што можела да биде многу сериозна. Се работело за една жена што 12 години страдала од крвавење. Извештајот можеш да го прочиташ во Лука 8:42-48.
18 Извештајот на Марко вели дека жената била ‚уплашена и треперела‘ (Марко 5:33). Зошто? Несомнено затоа што знаела дека го прекршила Божјиот закон. Според Левит 15:25-28, жена со неприродно крвавење била нечиста сѐ додека траело тоа, плус една седмица. Сѐ што ќе допрела и секое лице со кое ќе дојдела во контакт станувало нечисто. За да му пристапи на Исус, оваа жена морала да се пробие низ мноштвото. Кога гледаме на тој извештај по 2000 години, чувствуваме сочувство за нејзината непријатност.
19 Да си бил присутен тогаш, како ќе си гледал на таа ситуација? Што ќе си рекол? Забележи дека Исус постапил со оваа жена на љубезен, полн со љубов и обѕирен начин, не ни алудирал на некој проблем што таа можеби го предизвикала (Марко 5:34).
20. Ако Левит 15:25-28 е барање денес, со каков предизвик би се соочиле ние?
20 Можеме ли да научиме нешто од овој настан? Претпостави си дека си старешина во едно христијанско собрание денес. Исто така претпостави си дека Левит 15:25-28 е христијанско барање денес и дека една христијанка го прекршила тој закон, чувствувајќи се избезумено и беспомошно. Како ќе реагираш? Дали јавно ќе ја понижиш со совет во тој критичен момент? „Ох“, велиш, „јас никогаш не би го сторил тоа! Следејќи го Исусовиот пример, ќе вложам секаков напор да бидам љубезен, полн со љубов, промислен и обѕирен.“ Многу добро! Но, предизвикот е да се стори тоа, да се имитира Исусовиот образец.
21. Што ги поучувал Исус луѓето за Законот?
21 Во основа, луѓето се чувствувале освежени од Исус, издигнати и охрабрени. Таму каде што Божјиот закон бил јасен, го имал тоа значење што стоело во него. Ако изгледал обопштен, повеќе во игра влегувала нивната совест и со своите одлуки можеле да ја покажат својата љубов кон Бог. Законот им давал простор да живеат и слободно да дишат (Марко 2:27, 28). Бог го сакал својот народ, работел постојано на нивното добро и бил спремен да биде милосрден кога се спрепнувале. Исус бил таков (Јован 14:9).
Резултати од Исусовите учења
22. Какво расположение создавало кај учениците тоа што учеле од Исус?
22 Оние што го слушале Исус и станале негови ученици ја ценеле вистинитоста на неговата изјава: „Мојот јарем е благ и мојот товар е лесен“ (Матеј 11:30). Тие никогаш не се чувствувале натоварени, вознемирувани или наговарани од него. Биле послободни, посреќни и посигурни во врска со својот однос со Бог и во меѓусебните односи (Матеј 7:1-5; Лука 9:49, 50). Од него научиле дека за да се биде духовен водач, потребно е да се биде освежување за другите, да се покажува понизност на умот и срцето (1. Коринќаните 16:17, 18; Филипјаните 2:3).
23. Каква важна лекција научиле учениците од тоа што биле со Исус, и до какви заклучоци им помогнало тоа да дојдат?
23 Освен тоа, на многумина им била длабоко врежана важноста на тоа да останат во заедница со Христос и да го усвојат духот што тој го покажувал. Тој им рекол на своите ученици: „Како што Таткото ме љубеше мене и јас ве љубев вас, останете во мојата љубов. Ако ги држите моите заповеди, ќе останете во мојата љубов, како што јас ги држев заповедите на Таткото и останувам во неговата љубов“ (Јован 15:9, 10). За да можеле да бидат успешни како министри и слуги на Бог, морале марливо да го применуваат она што го научиле од Исус, како во проповедањето и јавното поучување за Божјата прекрасна добра вест така и во постапките со семејството и со пријателите. Како што братството прераснувало во собранија, тие секогаш одново требало да се потсетуваат дека неговиот пат бил исправниот пат. Она за кое поучувал тој било вистина, а животот што го гледале отелотворен во него бил навистина живот по кој требало да се стремат (Јован 14:6; Ефешаните 4:20, 21).
24. Кои работи од Исусовиот пример треба да ги земеме при срце?
24 Додека сега размислуваш за некои од работите за кои дискутиравме, дали гледаш во кои погледи можеш да се подобриш? Дали се сложуваш дека Исус секогаш размислувал, поучувал и постапувал складно? Тогаш, собери смелост. Неговите охрабрувачки зборови до нас се: „Ако го знаете тоа, среќни сте ако го извршувате“ (Јован 13:17).
[Фуснота]
a „Суштинската разлика [меѓу Исус и фарисеите] станува јасна само од гледна точка на двете спротивни разбирања на Бог. За фарисеите, Бог е оној што, првенствено, поставува барања; за Исус тој е љубезен и сочувствителен. Се разбира, фарисејот не ја негира Божјата добрина и љубов туку за него тие се изразени во дарот на Тората [Законот] и во можноста да се исполни она што се бара во неа . . . Фарисејот гледал на придржувањето кон усната традиција, со нејзините правила за толкување на Законот, како на начин на исполнување на Тората . . . Исусовото издигање на двојната заповед за љубовта (Мат. 22:34-40) на степен на норма за толкување и неговото отфрлање на ограничувачката природа на усната традиција . . . го довеле до конфликт со фарисејската казуистика“ (The New International Dictionary of New Testament Theology).
Како одговараш?
• Што значи за тебе да се биде ученик на Исус?
• Како постапувал Исус со луѓето?
• Што можеме да научиме од начинот на кој поучувал Исус?
• Како се разликувале фарисеите од Исус?
[Слики на страници 18 и 19]
Колку само се разликувал ставот на Исус кон луѓето од ставот на фарисеите!