Угледајте се на нивната вера
„Еве ја Јеховината робинка!“
МАРИЈА зачудено гледа во непознатиот гостин кој штотуку влегол во собата. Не ги бара ниту татко ѝ ниту мајка ѝ. Тука е заради неа! Сигурна е дека не е од Назарет. Во нивното мало гратче сите се познаваат, а овој ѝ е непознат. И веднаш се забележува дека е туѓинец, зашто ѝ се обраќа на начин што е сосема невообичаен кај нив. Тој вели: „Здраво, со милост обдарена, Јехова е со тебе!“ (Лука 1:28).
Библијата на овој начин нѐ запознава со Марија, ќерката на Или од градот Назарет во Галилеја. Во тој период од животот, Марија ја чекале важни одлуки. Била свршена за дрводелецот Јосиф, кој не бил богат човек, но имал силна вера во Бог. Значи, можеби ѝ изгледало јасно каква ќе ѝ биде иднината — ќе живее скромно и ќе му помага на својот сопруг да ги одгледаат дечињата што ќе им се родат. Но, потполно неочекувано се појавил овој посетител, кој ѝ дал задача од нејзиниот Бог, одговорност што сосема ќе ѝ го смени животот.
Можеби ќе се изненадиш, но Библијата не ни кажува многу за Марија. Во неа пишува малку за нејзиното потекло, уште помалку за нејзината личност, а не пишува ништо за нејзиниот изглед. Сепак, она што Божјата реч го кажува за неа ни открива многу работи.
За вистински да се запознаеме со Марија, треба да ги тргнеме настрана мислењата што ги создале за неа разните религии. Затоа, да заборавиме на безбројните слики и кипови направени од боја, мермер или гипс. Исто така, да ја оставиме комплицираната теологија, како и учењата што на оваа понизна жена ѝ дале возвишени титули како „Богородица“ и „Кралица на небото“. Да видиме што вели Библијата за неа. Така ќе добиеме скапоцени информации за нејзината вера и ќе можеме да се угледаме на неа.
Доаѓа ангел
Како што можеби знаеш, непознатиот гостин што дошол кај Марија не бил обичен човек. Тоа бил ангелот Гавриел. Кога ѝ рекол дека е „со милост обдарена“, таа ‚се уплашила‘ од неговите зборови и се запрашала што може да значи тој необичен поздрав (Лука 1:29). Кој ја обдарил со милост? Марија не очекувала луѓето да ја обдарат со милост. Но, ангелот зборувал за милоста со која ја обдарил Јехова Бог. А тоа ѝ било важно. Сепак, таа не си мислела горделиво дека веќе ја има Божјата милост. Ако и ние се трудиме да ја имаме Божјата милост наместо вообразено да си претпоставуваме дека веќе ја имаме, ќе извлечеме една важна поука што младата Марија многу добро ја разбрала. Бог им се спротивставува на вообразените, но ги сака и им помага на скромните и понизните (Јаков 4:6).
Ваквата понизност многу ќе ѝ користи на Марија, бидејќи ангелот ѝ кажал дека ќе добие чест каква што не можела ни да си замисли. Тој ѝ објаснил дека ќе роди дете кое ќе стане најзначајниот човек во светот. Гавриел рекол: „Јехова Бог ќе му го даде престолот на Давид, неговиот татко, и тој ќе царува во домот на Јаков засекогаш, и неговото царство ќе нема крај“ (Лука 1:32, 33). Марија сигурно знаела за ветувањето што Бог му го дал на Давид повеќе од илјада години пред тоа — имено, дека еден од неговите потомци ќе владее засекогаш (2. Самоилова 7:12, 13). Значи, нејзиниот син требало да биде Месијата што Божјиот народ го очекувал со векови!
Згора на тоа, ангелот ѝ рекол дека нејзиниот син ќе биде „наречен Син на Севишниот“. Како би можела една обична жена да роди Божји Син? Впрочем, како можела Марија воопшто и да роди син? Таа била свршена со Јосиф, но сѐ уште не биле венчани. Затоа Марија отворено прашала: „Како ќе биде тоа, кога уште не сум легнала со маж?“ (Лука 1:34). Забележи дека таа воопшто не се срамела што сѐ уште била девица. Напротив, многу ја ценела својата морална чистота. Денес, многу млади едвај чекаат да ја изгубат невиноста и брзо ги исмеваат оние што не го прават истото. Светот навистина многу се сменил. Но, Јехова не се сменил (Малахија 3:6). Исто како во времето на Марија, тој и денес ги цени оние што се држат за неговите морални мерила (Евреите 13:4).
Иако верно му служела на Бог, Марија била несовршена. Според тоа, како можела да роди совршен потомок, Божјиот Син? Гавриел објаснил: „Светиот дух ќе дојде врз тебе и силата на Севишниот ќе те засени. Затоа детето што ќе го родиш ќе биде свето, Син Божји“ (Лука 1:35). Свет значи „чист“, „неизвалкан“. Природно, родителите им ја пренесуваат несовршеноста на своите деца. Но во овој случај, Јехова имал намера да направи чудо што дотогаш не се случило. Сакал животот на својот Син да го префрли од небото во утробата на Марија и потоа да ја употреби својата сила, односно светиот дух, за да ја „засени“ Марија со што ќе спречи детето да биде извалкано и со најмала трага од гревот. Дали Марија поверувала во ветувањето на ангелот? Како одговорила?
Одговарот на Марија
Скептиците, меѓу кои има и теолози од христијанството, не можат да поверуваат дека е можно девица да роди дете. Иако се многу образовани, тие не можат да сфатат една едноставна вистина. Како што кажал Гавриел, „за Бог ништо од она што ќе го каже, не е невозможно“ (Лука 1:37). Марија ги прифатила зборовите на Гавриел како факт бидејќи имала голема вера. Но, таа не верувала слепо. Како и секој разумен човек, на Марија ѝ бил потребен доказ на кој ќе ја темели својата вера. Гавриел бил спремен да ѝ даде уште повеќе докази од оние што веќе ги имала. Ѝ кажал за нејзината постара роднина Елисавета, за која сите знаеле дека не може да има деца. Бог преку чудо овозможил таа да забремени!
Што ќе направи Марија сега? Добила задача од Бог и имала доказ дека тој ќе стори сѐ што рекол Гавриел. Но, не треба да си мислиме дека оваа голема чест не ѝ донела никакви стравови и грижи. Како прво, помислила на свршувачката со Јосиф. Дали тој сѐ уште ќе сака да се ожени со неа кога ќе дознае дека е бремена? Како второ, самата задача претставувала огромна одговорност. Ќе требало да го носи животот на најскапоцената Божја творба — неговиот сакан Син! Ќе требало да се грижи за него додека е беспомошно бебе и да го штити од расипаниот свет. Навистина сериозна одговорност!
Во Библијата има примери што покажуваат дека дури и силни, верни мажи понекогаш не сакале да прифатат некоја тешка задача од Бог. Мојсеј приговорил дека не би можел да биде Божји гласноговорник затоа што не бил речовит (2. Мојсеева 4:10). Еремија се жалел дека уште бил дете, односно дека бил премлад за да ја изврши задачата што му ја дал Бог (Еремија 1:6). А Јона избегал наместо да си ја заврши задачата! (Јона 1:3). Што направила Марија?
Нејзините понизни и послушни зборови се паметат до ден-денес. Таа му рекла на Гавриел: „Еве ја Јеховината робинка! Нека ми биде според твоите зборови!“ (Лука 1:38). Меѓу слугите на еден господар, робинката имала најниска положба; нејзиниот живот бил потполно во негови раце. Токму тоа го чувствувала Марија за својот Господар, Јехова. Знаела дека била безбедна во неговите раце, дека тој е лојален кон оние што му се лојални нему и дека ќе ја благослови затоа што прави сѐ што може за да ја исполни оваа тешка задача (Псалм 18:25).
Понекогаш Бог бара од нас да сториме нешто што ни изгледа тешко, па дури и невозможно. Но, во својата Реч тој ни дава безброј причини да му веруваме, да ги оставиме работите во негови раце, како што направила Марија (Изреки 3:5, 6). Ќе го сториме ли тоа? Ако да, тогаш тој ќе нѐ награди, а тоа уште повеќе ќе ја зајакне нашата вера во него.
Марија оди кај Елисавета
На Марија многу ѝ помогнало тоа што Гавриел ѝ го кажал за Елисавета. Ниедна друга жена не би можела да ја разбере подобро нејзината ситуација! Затоа брзо тргнала на пат кон јудејските планини, патување што веројатно траело три-четири дена. Кога влегла во куќата на Елисавета и свештеникот Захарија, Јехова ѝ дал на Марија уште цврсти докази што ѝ ја зајакнале верата. Кога Елисавета го слушнала поздравот на Марија, почувствувала како детето во нејзината утроба потскокнало од радост. Се исполнила со свет дух и ја нарекла Марија „Мајката на мојот Господар“. Бог ѝ открил на Елисавета дека синот на Марија ќе ѝ стане Господар, Месијата. Освен тоа, водена од светиот дух, ја пофалила Марија за нејзината верна послушност, со зборовите: „Среќна е онаа што поверувала“ (Лука 1:39-45). Навистина, сѐ што Јехова ѝ ветил на Марија ќе се исполнело!
Потоа и Марија кажала нешто. Овие нејзини зборови се внимателно зачувани во Лука 1:46-55. Од сите места во Библијата каде што е спомната Марија, таа овде најдолго говори и ни открива многу за себе. На пример, можеме да видиме колку била благодарна по природа, затоа што го фалела Јехова за честа што ѝ ја дал да му биде мајка на Месијата. Исто така, се гледа дека имала силна вера, затоа што го опишала Јехова како Бог кој ги соборува вообразените и моќниците, а им помага на безначајните и сиромашните кои сакаат да му служат. Очигледно е и дека имала големо знаење. Според една проценка, таа се осврнала на повеќе од 20 стихови од Хебрејските списи!
Јасно е дека Марија длабоко размислувала за Божјата реч. Сепак, останала понизна и повеќе сакала да го користи Светото писмо отколку да зборува сама од себе. Синот што тогаш растел во нејзината утроба еден ден ќе го покаже истиот став, велејќи: „Она за кое поучувам не е мое, туку доаѓа од оној што ме испрати“ (Јован 7:16). Добро е и ние да се запрашаме: ‚Дали покажувам такво почитување кон Божјата реч? Или повеќе ги сакам своите идеи и учења?‘ Одговорот на Марија е јасен.
Марија останала со Елисавета три месеци, и притоа сигурно си биле поткрепа една на друга (Лука 1:56). Тие нѐ потсетуваат на тоа калку е важно пријателството. Ако имаме пријатели кои вистински го сакаат нашиот Бог, Јехова, сигурно ќе напредуваме во духовен поглед и ќе се зближиме со него (Изреки 13:20). Но, дошло време Марија да се врати дома. Што ќе каже Јосиф кога ќе дознае за нејзината состојба?
Марија и Јосиф
Марија не чекала да ѝ порасне стомакот, па тогаш да му каже на Јосиф дека е бремена. Знаела дека мора веднаш да зборува со него. Можеби претходно се прашувала како овој чесен, побожен човек ќе реагира на она што ќе му го каже. И покрај тоа, му пристапила и му објаснила што ѝ се случило. Како што можеш да си претпоставиш, Јосиф бил многу вознемирен. Сакал да ѝ верува на девојката што му била мила, но таа му кажала нешто што никогаш порано се немало случено. Библијата не кажува какви сѐ мисли му минувале низ главата. Но, во неа читаме дека тој одлучил да се разведат, бидејќи тогаш на свршените двојки се гледало како да се во брак. Сепак, не сакал јавно да ја осрамоти или да биде казнета, па одлучил да се разведат тајно (Матеј 1:18, 19). Марија сигурно многу ја болело кога гледала како овој љубезен човек се измачува поради оваа необична ситуација. Сепак, не била огорчена поради тоа што Јосиф не ѝ верувал.
Јехова не му дозволил на Јосиф да го направи она што му изгледало како најдобро решение. На сон, Божји ангел му кажал дека Марија навистина забременила преку чудо. На Јосиф сигурно многу му олеснило! Сега тој го сторил она што Марија го сторила уште од почетокот — постапил во склад со водството од Јехова. Се оженил со Марија и се подготвил да ја преземе извонредната одговорност да се грижи за Јеховиниот Син (Матеј 1:20-24).
Брачните парови — како и оние што планираат да стапат во брак — можат многу да научат од овој млад пар кој живеел пред 2.000 години. Додека Јосиф ја гледал својата млада сопруга како ги исполнува своите мајчински обврски, сигурно бил многу среќен што Јеховиниот ангел му дал водство. Јосиф секако увидел колку е важно да се потпира на Јехова кога донесува важни одлуки (Псалм 37:5; Изреки 18:13). Тој несомнено останал внимателен и љубезен кога донесувал одлуки како поглавар на семејството.
Од друга страна, пак, што можеме да заклучиме за Марија од нејзината спремност да се омажи за Јосиф? Иако нему отпрвин му било тешко да го прифати тоа што му го кажала, таа му оставила време да размисли и продолжила да му верува, како на поглавар на семејството. Сигурно сфатила колку е важно да биде стрплива, а тоа е добра поука и за христијанките денес. А освен тоа, овие настани веројатно многу им помогнале на Јосиф и Марија да научат колку е корисно искрено и отворено да разговараат.
Без сомнение, оваа млада двојка го основала својот брак на најдобар темел. Двајцата го сакале Јехова Бог над сѐ и имале голема желба да го радуваат со тоа што ќе бидат одговорни, грижливи родители. Се разбира, ги очекувале уште поголеми благослови — но и уште поголеми предизвици. Пред нив стоела можноста да го воспитуваат Исус, кој станал најголемиот човек што некогаш постоел.
[Слика на страница 17]
Љубовта кон Бог е најдобриот темел за брак